СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЕРХАРД, ЕПИСКОПОТ НА РЕГЕНСБУРГ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 8 ЈАНУАРИ
(?-700; германски: Erhard von Regensburg)
Свети Ерхард[1] е роден во Ирска. За неговото ракополагање нема зачувано историски податоци, исто како што не е познато ни кога ја напуштил родната земја и започнал мисија во ширењето на христијанството на континентална Европа.
Сепак, според некои претпоставки, мисијата во Европа ја започнал околу 660-670 година. За свој сотрудник во делото на мисионерството го имал свети Хидулф, архиепископот на Трир, за кого се верува дека бил негов роден брат. Скромните житијни податоци говорат дека двајцата браќа основале по седум манастири на територијата на Германија. По смртта на свети Хидулф, Ерхард го напуштил Трир, плашејќи се дека тој ќе биде избран за наследник на епископскиот трон, зашто не се чувствувал достоен за понесување на еден толку голем товар и одговорност. По заминувањето од Трир, неколку години поминал во чести патувања на разни места и проповедање на христијанството низ цела Германија.
Откако достигнал зрела возраст, тој се согласил да биде поставен за епископ на градот Регенсбург (тогашен Ратисборн), на штотуку овдовената епархија, по маченичката смрт на светиот епископ Емерам. Тука тој го основал манастирот Нидермунстер, во подножјето на планината Одилиенберг во Елзас. Токму во овој манастир и денес се чуваат моштите на светителот. На ова место се случиле мноштво чуда, кои монасите внимателно и грижливо ги
запишалe во црковните летописи.
Со епископствувањето во Регенсбург, со ликот на свети Ерхард е поврзано и едно благочестиво предание, според кое, тој еднаш имал видение во сон и му било речено веднаш да замине за Рејн. Светителот не го одолговлекувал патувањето, па воден од Светиот Дух, тој пристигнал во манастирот, каде што се воспитувала Одилија, ќерката на Елзаскиот херцог Атих, која била слепа од раѓање. Одилија била воспитувана од нејзината мајка, подалеку од семејниот дом, во некој подалечен манастир, и тоа тајно од нејзиниот татко, кој се откажал од сопствената ќерка и се заканувал дека ќе ја убие. И покрај манастирското воспитување, Одилија не била крстена. За кусо време, свети Ерхард ја утврдил во православната вера и ја крстил. По неговите молитви, девојката на чудесен начин прогледала, и тоа веднаш откако се допрела до светата вода од купелот, во кој била крстена. Ова чудо било поттик за многумина иконописци да го нацртаат светителот со книга во рацете, од која гледаат две очи. За ова чудо разбрал и нејзиниот татко, кој се смирил и посакал да ја види ќерката. Одилија му простила на својот татко за сите навреди што ги претрпела од него, но не посакала да се врати при татковиот дом, туку примила монашки потстриг, а по нејзината смрт била канонизирана за светителка.
За годината на смртта на свети Ерхард нема сигурни податоци, но се претпоставува дека тоа било во 700 година. Култот кон него, како кон светител, започнал веднаш по неговата смрт, за што сведочат разните мартириолози и месецослови. Неговите мошти биле пронајдени од папата Лав IX во 1052 година, а подоцна бил изработен и прекрасен саркофаг, во кој се чуваат и денес. Споменот на свети Ерхард, Православната Црква го празнува на 8 јануари според Јулијанскиот календар.
[1] Ерхард = со силна волја.
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2022/05/08/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B5%D1%80%D1%85%D0%B0%D1%80%D0%B4-%D0%B5%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D0%B3%D0%B5%D0%BD%D1%81%D0%B1%D1%83%D1%80%D0%B3/