Title : Свети Ѓорѓи Кратовски

Свети Ѓорѓи Кратовски

Example User · 1 month ago

кратовскиСВЕТИ ЃОРЃИ КРАТОВСКИ

Свети Ѓорѓи Кратовски остави вечна порака за Македонецот како се брани својата татковина, како се победуваат човечките страдања, како се здобива човечката храброст и како се добива последната победа на земниот живот со силната љубов и вера во Божјата вечна правда и својот народ. Светот е преполн со неправди, мачења, убиства, гробови и мирис на распадливоста. И кој може сето тоа да го поднесе? Само оној во чие срце престојува и живее Христос.

Денес да си спомнеме за Свети Ѓорѓи и да поучиме од неговата мудрост, со која ни дава одговор на овие дилеми. Македонскиот новомаченик свети Ѓорѓи Кратовски само 18 години му посвети на земниот живот и остана бесмртен и храбар војник Христов, вечен Син на Светлоста, Кој пред нечестивите Турци го проповедаше Светото Тројство, вистински и смел Син на својата родна татковина Македонија.

Во градот Кратово, на крајот од 15 и почетокот на 16 век, живееле две побожни души, маж и жена: Димитриј и Сара. Тие биле здрави, вредни, штедливи и сиромашни, но задоволни со тоа што го имале, а во домот биле весели а во друштвото почитувани. Имале една лична желба која им недостасувала, а која длабоко ја носеле во своето срце и за тоа на Бога Му се молеле. Тоа било желба и молитва Господ да им дарува пород. И таа желба им ја исполнил Бог. Во 1497 година им се родило машко дете, на кое му го дале името Ѓорѓи. Кога малиот Ѓорѓи навлегол во шестата година, родителите го дале на училиште. Во тоа време училиштата работеле и во црквите и манастирите. Кога Ѓорѓи го добил потребното образование, неговиот татко го дал на златарски занает, како би можел самиот да си заработува за живот. Како што Ѓорѓи имал надворешна убавина, тој исто така поседувал и внатрешна интелектуална способност и многу брзо го научил занаетот. Татко му умрел додека Ѓорѓи бил млад, а него го оставил на неговата мајка.

Во турската империја, на секоја петта година, турскиот султан испраќал свои луѓе по земјите христијански, кои ги одбирале најубавите и најумните момчиња, а потоа ги потурчувале, превоспитувале и од нив создавале многу силна армија, позната под името – јаничари. Заради тоа, мајката на Ѓорѓи сакала својот син да го засолни во поголем град, како би можела да го одмине оваа чаша на злото. Златарот Ѓорѓи заминал од Кратово во Софија и таму се настанил кај отец Петар, учен и побожен свештеник, негов вујко, родум од с.Трново, Крива Паланка. Кај него уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова.

Но и таму, младиот Ѓорѓи, многу брзо паднал во очи на мухамеданците, кои сакале ова прекрасно момче да го потурчат. За таа цел избрале еден учен учител да води разговор со Ѓорѓи, да го превоспита, убеди и доброволно да го прими исламот. Лукавиот законик дошол кај Ѓорѓи, божем да порача нешто од занаетот, меѓутоа, неговата намера била сосема друга. Почнал да го убедува да го остави Христа и да помине во исламот, а за возврат ќе се ожени со ќерката на агата, првиот човек на градот, ќе добие и големи богатства и почести, отколку да се измачува со занаетот. Ѓорѓи на сето тоа му заблагодарил и го прашал: “Дали земната слава е вечна?” Учениот законик одговорил: “Се разбира, сѐ што е земно е пропадливо и времено, но Мухамед има ветено рајски задоволства на оние кои ги исполнуваат неговите заповеди”. „Во што се состојат заповедите?“, прашал Ѓорѓи. “Во вистинската вера и телесната чистота: а чистотата бара редовно миење и молитви”, одговорил законикот. „Но ако човек“, прашал Ѓорѓи, „живее блудно и ненаситно, се предава на телесните и стомачни задоволства, дали ќе биде примен во рајот?“ Соговорникот бил приморан да признае дека човек со извалкана совест и нечисто срце не ќе го наследи рајот, туку вечните пеколни маки.

Одговорите и држењето на младиот светител го загрижиле турскиот законик, кој сметал дека тој по секоја цена треба да биде преведен во исламот или погубен. Свети Ѓорѓи пак, исполнет со Божја сила ликувал со своите одговори и прашања. Кадијата ветувал бегатство, убав и развратен живот, но сето тоа Ѓорѓи го осудил дека е од ѓаволот, а не од Бога, и дека се што е на земјата е од привремен карактер.

“Знаете ли вие кога Мојсеј го примил Законот од Бога, дека Синајската Гора се тресела од грмотевици; сиот народ разбрал дека Мојсеј е Божји пратеник, кој предавал на народот не свои, туку Божји пораки и закони. Дали Мухамед има нешто слично на ова, ако е Божји пророк?” Слушајќи го сето ова, мухамеданците постанале нервозни и барале Свети Ѓорѓи веднаш да се затвори оти е многу опасен човек. “Убијте го безбожникот! Тој ја срамоти нашата вера” – извикувале мухамеданците. Тогаш судијата наредил младичот да биде врзан и одведен во затвор. По извесно време дошол свештеникот Петар и ги замолил стражарите да го ослободат. Но, тие му рекле дека ќе го ослободат само доколку се откаже од христијанството и помине во исламот. Тогаш Петар го замолил нивниот старешина, кој покажал милост и го ослободил свети Ѓорѓи на еден ден. Вечерта свештеникот Петар и свети Ѓорѓи разговарале за новонастанатата состојба и свештеникот му рекол: “Ѓорѓи, сега го прослави Господа како првомаченикот Стефан. Биди цврст и во иднина! Мачениците се слават во вселената”. Свети Ѓорѓи му рекол дека се плаши оти нема да го издржи огнот, а свештеникот Петар му одговорил: “А ти помисли дека огнот во пеколот е пострашен. И што значи привременото страдање пред вечноста? Целиот наш земен живот пред вечноста е еден момент”. Утредента свети Ѓорѓи пак морал да се врати во затворот. Турците и натаму инсистирале тој да помине во исламот и да се откаже од Христа. Но, тој не попуштил. Истовремено свештеникот се обидел да го поткупи кадијата за да го ослободи, но без успех.

По една недела пак го извеле пред кадијата, кој дури му ветил дека ќе го направи свој наследник на имотот доколку помине во исламот. Но, Свети Ѓорѓи одговорил дека земните богатства не го интересираат и повторно почнал да го критикува исламот. Тогаш присутните муслимани збеснале, а кадијата одвај успеал да ги запре да не го линчуваат. Кадијата за последен пат го прашал да ги  повлече зборовите, но Свети Ѓорѓи останал на своето. Тогаш присутните го извеле надвор, тепајќи го и плукајќи го. Турскиот жандарм наредил да направат клада и да го запалат. Додека го воделе по улиците на Софија, му пристапил свештеникот Петар и му рекол да ги издржи маките затоа што го чека вечно блаженство.

На плоштадот бил поставен куп дрва што бил запален. Таму му ја соблекле кошулата на светителот и го турнале во огнот. Кога телото му се покрило со пликови, тие го извадиле и пакосно го прашале дали му е топло? Светителот им одговорил: “Верувајте ми дека ништо не чувствувам. А за вас, несреќни, готов е вечниот оган “. Тогаш пак го фрлиле во огнот, а тој се прекрстил и силно извикал: “Господе Исусе Христе, во твоите раце го предавам својот дух!”. Тогаш некој од толпата го удрил со цепаница по главата и Свети Ѓорѓи ја испуштил душата.

Веднаш потоа, иако пред тоа било сончево, се наоблачило и заврнал силен дожд. Христијаните побарале да го земат неговото тело, но Турците не им го дале. Се обиделе да го изгорат докрај, но во тоа не успеале. Истата ноќ еден христијанин кришум го зел изгореното тело и го однел во Соборната црква. Утредента свештеникот Петар отишол кај кадијата и го прашал дали можат да го погребаат телото на Свети Ѓорѓи што некој го донел во црквата. Кадијата му одговорил: “Ѓорѓи е светец. Тие што го чуваа кажуваат дека, иако ставале многу дрва, телото не горело”. Така свети Ѓорѓи бил погребан. На крајот од житието пишува дека тој бил убиен на 11 февруари 1515 година за време на султанот Селим и дека пострадал на 18-годишна возраст. Даден е и опис на неговиот физички изглед: “По раст беше висок и тенок, веѓи густи, нос малку свиткан надолу; прстите му беа долги и тенки; по карактер беше смирен и простосрдечен; никогаш не се смееше напразно и од неговата уста никогаш не излегуваше празен збор; со ништо не се фалеше и никому не завидуваше”. На 26 мај истата година светите мошти биле ископани од гробот и биле ставени во ковчег по што биле внесени во црквата. Поради тоа неговиот спомен се слави двапати – на 11 февруари и на 26 мај (стар стил).

Житието на свети Ѓорѓи Кратовски било напишано уште веднаш по неговата смрт во 1515 година од авторот поп Пејо (Петар). Денес е зачуван препис од 1677 година. Свети Ѓорѓи Кратовски бил канонизиран за светител на Московскиот собор во 1549 година (“Локални хагиографии во Македонија” од д-р Вера Антиќ, Скопје, 1977 година, стр. 195). Постарите Кратовчани тврделе дека остатоци од родната куќа на неговите родители имало се до 1939 година (исто, стр. 202). Историски податок што одговара на вистината е и владеењето на турскиот султан Селим Први (1512 – 1520) во чие време пострадал свети Ѓорѓи Кратовски.

Според кажувањата на постарите Кратовчани сликата на овој наш маченик била пронајдена под циглите при реновирање на куќата за која се верува дека во неа живеел св.Ѓорѓи. На неа според кажувањето пишувало „Ова е мојот син запален, заради Христа во Софија“. Сликата била однесена од жената по име Мара Лопка, која ја купила куќата, во црквата посветена на овој маченик, која се градела во тоа време во Кратово и била предадена на тогашниот архиерејски намесник, свештеникот Никола Јовичевиќ.

Подоцна зографот Димитар Папрадишки сликата ја пресликал во црквата на “Св. вмч. Ѓорѓи” во Кратово на иконостасот,како и во црквата “Раѓање на Пресвета Богородица” во Скопје. На оваа икона Свети. вмч. Ѓорѓи е претставен во староградска облека. Дел од моштите се чува во манастирот Мала Ремета во Србија на Фрушка Гора,во дрвено ковчеже. Во времето кога се родил свети Ѓорѓи, Македонија и Бугарија веќе околу еден век се наоѓале под турско владеење. Со своето мачеништво, кое многу бргу се прочуло среде поробените христијани, тој станал синоним за отпорот против присилното исламизирање. На крајот да кажеме дека и со етничката припадност на овој македонски светител се манипулира во соседните црковни историографии. Така, на пример, во Прологот од монахот Тадија (Белград, 1984, стр. 107) за свети Ѓорѓи Кратовски пишува дека бил Србин. Овде читаме: “Светиот маченик Ѓорѓе Кратовац по потекло бил Србин од градот Кратово”. Во книгата “Житија на светците за месец февруари” приредена од д-р Јустин Поповиќ (Белград, 1973) пишува: “Блажениот Георгије – Ѓорѓе се родил во српскиот град Кратово, на десет часа одење од Штип”. Но, нашиот истакнат научник д-р Вера Антиќ приложува податоци според кои во најстариот препис на житието на свети Ѓорѓи Кратовски, Кратово воопшто не е спомнато како српски град, туку дека таму во оригинал пишувало дека свети Ѓорѓи се родил во “место што се викало Кратово” (д-р Вера Антиќ: “Локални хагиографии во Македонија”, Скопје, 1977 година, стр. 74). Но, тоа не е се со манипулациите за етничкото потекло на свети Ѓорѓи Кратовски. За него во бугарската книга “Житија на светиите” (Синодално издателство, Софија, 1991, стр. 98) пишува дека бил Бугарин. Дури и неговиот прекар „Кратовски“ е заменет со „Софиски“. Овде читаме: “Светиот маченик Георги Софиски Нови се родил од благочестиви родители Бугари Димитар и Сара во гратчето Кратово”. Значи, во согласност со сопствената анти-македонска шовинистичка пропаганда, нашиот македонски светител, едните го прават Србин, а другите Бугарин. Тие прават се само за да не се спомне македонското име! Секако дека ваков е случајот и со други македонски светители. Сепак изјавата на Св. Ѓорѓи дека е христијанин го победува шовинизмот и го обединува православието,затоа што сите ние сме Христови.

Отец Блаже Крстевски

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2016/02/24/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%93%d0%be%d1%80%d1%93%d0%b8-%d0%ba%d1%80%d0%b0%d1%82%d0%be%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b8/

Related Posts

Image Description
3 weeks ago

Само таква молитва Бог слуша!

Молитва за цел свет (05.09.2020 15:38) Еднаш порано ви реков: доколку веруваме и знаеме дека ние сме никој и немаме ништо, а дека Господ Исус Христос ни е сѐ – и што сме и што имаме, тогаш свесноста за оваа наша состојба ја покажуваме единствено со подвигот на постојано собирање и држење на у...

Image Description
3 weeks ago

Митрополит Струмички Наум: Молитва за цел свет (05.09.2020)

Молитва за цел свет (05.09.2020 15:38) Еднаш порано ви реков: доколку веруваме и знаеме дека ние сме никој и немаме ништо, а дека Господ Исус Христос ни е сѐ – и што сме и што имаме, тогаш свесноста за оваа наша состојба ја покажуваме единствено со подвигот на постојано собирање и држење на умот во...

Image Description
1 month ago

Митрополит Струмички Наум: За некои неодговорени прашања (29.08.2020)

За некои неодговорени прашања (29.08.2020 15:44)Секое прашање си има и свое место, и свое време, и свој субјект за одговор. Или, не секое прашање се одговара кога било, каде било и кому било.Некои прашања прво се одговараат во пракса, на дело, а потоа и теоретски или со збор. Некои, пак, никогаш н...