Свети Кирил Александриски

Example User · 2 years ago

    12 minutes, 20 seconds


кирил александрискиСВЕТИ КИРИЛ АЛЕКСАНДРИСКИ

ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Многу се светилниците на верата и благочестието, на правомислието и поборништвото во православниот Исток – еден од нив е и свети Кирил, архиепископот Александриски. Животописните податоци за овој столб на православието се многу ограничени и релативни – особено до неговото возвисување како првоерарх на славната Александриска Црква. Древното мнение смета дека, свети Кирил е роден во Александрија околу 70-та година на четвртото столетие; дека е рожба на виден, благороден, богат и благочестив род; дека е внук по мајка на прочуениот архиепископ Теофил Александриски – жалосен непријател на свети Јован Златоуст; дека од рано детство по потекло, средина и склоност е поучен во верата и насочен кон црковно поприште; и дека од млада возраст, домашни наставници и црковни учители го вовеле успешно во мудроста на Евангелието и во придобивките на човечкиот разум. Според истиот извор, свети Кирил на млади години се упатил во пустината, саканата школа на многу знаменитости во Црквата и духовната мајка на многу поборници и светии во Христа. Пустината ја збогатила неговата душа и ја калела неговата волја – кон светските знаења и духовна мудрост, придобиени во светот, тој дополнил творечки, мистична култура и аскетски опит. Тука тој заприлегал на среќна и трудољубива птичка, што свила гнездо за живот врз гранка на силен ливански кедар – тој постанал послушник во еден Нитриски манастир, во кој игумен бил преподобниот Исидор Пелусиот: големото светило на верата, добродетелите, знаењата и подвизите во Православната Црква. Под раководството на тој знаменит учител и необичен аскет, свети Кирил се задлабочил во вистините на битието и калел дух и волја за повисоко и умно служење на Бога, на ближниот и на татковината! По зборовите на Христа Исуса: „Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи“ (Мат. 5, 15). По Божја промисла, таленти како свети Кирил ретко останувале до крај во пустината, за да тлеат и згаснат во неа – таа ги примала, таа ги оформувала, таа ги умудрувала, таа ги запалувала како светски светилници и ги праќала во светот за да бидат кормилари на црковниот кораб, да светат во мракот на гревот, да бидат светлина во житејското море, да ги привлекуваат луѓето кон пристаништето на вистината и спасението – и тие се покорувале на тој глас Божји и глас народен, го напуштале огништето на осаменоста, осознавањето и спокојот, се враќале во светот и животот, за да се посветат „со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли“ во служба на Бога и ближниот (Лука 10, 27)! Така се случило и со свети Кирил – и тој се потчинил на тоа правило во животот на древната Христијанска Црква.

Високата положба на Александрискиот архиепископ, неговите сложени служебни задолженија и особената состојба, воопшто, во Црквата, биле тешки само за едни плеќи, та колку и силни да биле – архиепископ Теофил имал потреба од способни и верни сотрудници. Во бројот на тие сотрудници требало да стапи и свети Кирил, и да постане десна рака на својот вујко во просветувањето, устројството, раководството и добротворството на опширната Египетска Црква. Теофил го ракоположил даровитиот пустиник за ѓакон и му ја поверил проповедничката катедра на својот престолен град – кога се случило тоа, историјата молчи. Подготвен сестрано – со одлично познавање на Светото Писмо, кое го знаел дури напамет; со опширни знаења од богословските области; со прекрасно владеење на класичните писатели; со редовен и добродетелен живот – свети Кирил започнал една ревносна проповедничка дејност, што привлекувала илјади искрени слушатели и му создала име сред клирот, и целосна почит меѓу христијаните и туѓинците. Таа е претпоставката за неговото подоцнежно издигнување до врвот на црковното служение. Како млад духовник, тој го придружувал својот вујко Теофил во Цариград, во јуни 403 година кога бил свикан собор при селото Даб, крај Халкидон, против свети Јован Златоуст. Се знае за односите меѓу Златоуст и Теофил – тој „способен, смел, итар, нескромен, расипан, крвожеден и властољубив“ човек! Тие односи не биле без одраз врз свети Кирил – тој ја држел ревносно страната на својот вујко. Подоцна, по смртта на Теофил, тие чувства стивнале во свети Кирил под влијанието на преподобниот Исидор Пелусиот – учител и сограѓанин на александрискиот светител, и редок ученик и почитувач на свети Јован Златоуст!

На 12 октомври 412 година починал првоерархот на Александрија – неоспорен заменик бил неговиот внук Кирил: не по крв и роднинство, а по дарби и заслуги – тоа било еднодушно мнение и желба на круната, клирот и народот; и тоа го искачило достојно на Александрискиот апостолски престол. Свети Кирил бил светител не само со вера и благочестие, со дарби и знаења – тој бил и смел, и решителен „човек на борбата“, тој бил првосвештеник со неисцрпна ревност, со зачудувачка енергија и со гранитна волја; тој не отстапил пред никого за ништо во заштита на авторитетот на Црквата, вистините на верата и своето лично достоинство; тој карактер и позиција е црвена нишка през целиот негов живот – особено, пак, за време на 32 годишното бурно светителствување. Во она време, првоерарсите на централните градови и големите диецези, па речиси и сите епископи, имале широки граѓански полномоштва од административен и судски карактер – тоа често го дразнело честољубието на повисоките светски администратори и создавало бразди меѓу Црквата и државата: ги имаме предвид односите на александрискиот префект Орест кон свети Кирил. Новиот архиепископ на Александрија, по своето стапување на катедрата, употребил најсурови мерки кон оние кои различно мислеле – ги затворил храмовите на новацијаните, им ги одзел парите и судовите, и ги изгонил од градот, заедно со нивниот епископ Теопемат. Ползувајќи се од правото, дадено од императорот на Александрискиот архиепископ да ги смирува со свои мерки бранувањата во Александрија, Кирил строго ги казнил Евреите, виновни за убивање на христијани – едни предал на смрт, други изгонил од градот, ги разрушил нивните синагоги, им ги разорил домовите, а имотите им ги конфискувал во полза на државната каса. Воопшто, по сознание и карактер, тој бил непомирлив кон непријателите на верата и Црквата – како внатрешни, така и надворешни. Оддалечени мошне многу од оние особени древни времиња, ние можеби ќе паднеме во смут пред такво едно поведение и дело – едвај ли не, ќе си ги приспомнеме зборовите на светиот апостол Павле: „Тие имаат ревност за Бога, но не по разумот“ (Рим. 10, 2). Таков еден однос кон внатрешните фанатизирани штетници на верата, и кон надворешните грабливи напаѓачи на Црквата, било не само природно за она време, но дури и неизбежно – така што, за дејноста и методите на свети Кирил поскоро би соодветствувале зборовите на свети пророк Илија: „Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет…“ (3. Цар. 19, 10)!

Богословските познавања, високото благочестие, писателскиот талент, полемичкиот дар, пастирската ревност, непокорната волја и необичната енергија на свети Кирил се пројавиле со сета своја сила и блесок, слава и победа, најмногу во неговата најдолга и славна борба со несторијанството! Околу средината на неговото светителствување, од Цариград почнале да излегуваат искри за нов пожар во Црквата – кога с# уште не биле истлеани пепелиштата на аријанството. Престолниот архиепископ Несториј постанал непростив проповедник на нова рационалистичка христологија – популарен израз, врз основа на кој: света Дева Марија не е Богородица, не е и Христородица, а човекородица; нејзината, пак, догматска определба била: Исус Христос не е Богочовек, а нешто како натчовек, во кого божеството присуствувало благодатно, а не по природа! Искрите на пожарот брзо надошле и во Александрија – со слово и перо Несториј го заразил Истокот со својата ерес. Будниот црковен стражар Кирил енергично ја оградил својата диецеза од поплавата на тоа ново лукавство – за мирот и единството, пак, во Црквата, тој му пишувал на Несториј: „Исправи го својот начин на мислење; уништи ја соблазната; наречи ја света Дева Богородица; инаку, биди уверен дека за верата Христова готов сум да претрпам с#: вериги, дури и смрт. Така започнал еден страшен духовен двобој меѓу двајцата првенци на Црквата – двобој со страшни потреси и вековни последици!

Несториј бил способен богослов и красноречив проповедник, но крајно самонадежен човек и предизвикувачки горд клирик. Свети Кирил, пак, бил прочуен догматичар и голем полемичар, силен карактер и ретко честољубив. Тие карактерни особини во природите на двајцата не биле без одраз врз борбата – тие биле нешто како масло за пожарот. Спогодба и мир меѓу двајцата биле незамисливи и покрај мирољубивото посредништво од страна на нивните пријатели. Спорот од искра станал пламен, и од личен се претворил во догматски. Борбата се разгорела и разликите се усложниле – двобојот го опфатил клирот и народот, раздвижил врвови и долини, растресол Црква и империја. Жални учесници во таа трагедија биле: лукавството на Несториј, безволието на императорот, спекулативната поза на Рим, колебливоста на некои источни епископи, а можеби, некако и понекогаш, изнасилената позиција на свети Кирил. Работата стигнала до Вселенски собор – Црквата и државата биле во многу опасен метеж и тоа било последна мерка за излекување на раната. Познати се тажните перипетии на соборските денови, дела и решенија околу Ефес, Цариград, Халкидон, Тарс и Антиохија през летото и есента од 431 година. Свети Кирил, во еден од своите говори, произнесени во Ефес, ја карактеризира својата дејност на Соборот како „борба со свиреп и многуглав змеј“. Најголемиот товар од борбата се натоварил врз плеќите на Александрискиот првосветител – и со право свети Кирил рекол за себеси: „Јас го извадив духовниот меч и излегувам против него. Јас се борам за Христа со ѕвер. Вистината победила и правдата се наложила – православието повторно восторжествувало и во Ефес: Соборот врз несторијанството го ставил печатот на анатемата, а Несториј бил протеран во арабиската пустина, каде го завршил својот живот во трагично искупување. На 31 октомври 431 г., свети Кирил се вратил во Александрија – клирот и народот триумфално го пречекале и го примиле својот Првосветител „истоштен во борбата, но овенчан со ореолот на исповедник!“ Со таа ревност, дејност и победа, свети Кирил достојно се вброил во редот на големите поборници за православието: свети Атанасиј Велики и свети Василиј Велики. Останатите години од својот живот тој ги поминал во релативен мир, но сепак, ревносно и плодоносно во проповедничка дејност, во богословско творештво, во црковно устројство и во пастирска грижа над својата милионска паства – во 444 година го предал на Бога духот „заштитникот на вистинската и непорочна вера“, според решението на светите Отци од Халкидонскиот собор.

Од краткото изложување на животот и дејноста на свети Кирил, мислам дека, се изложени основните контури за духовниот образ на овој голем црковен деец – јасно е, дека имаме пред себеси даровит човек, солиден богослов, смел пастир и идеален монах! Богатата мисла, красноречивото слово и плодоносното перо на свети Кирил засегаат многу страни на богословската материја – тој напишал 31 богословски труд; само она, што се сочувало до нас, образува 14 обемни трудови; пишувал егзегетски, догматски, апологетски, полемички, проповеднички и поучни состави. Неговото пишување започнува од првите години на неговото клиричко служење – првата половина од тоа трудбеништво се простира до појавата на несторијанството; през тоа време тој е со слово и перо егзегет, омилитичар и наставник; втората половина започнува од борбата со Несториј и се простира до неговата смрт, речиси – за време на овој период тој е догматичар, апологет и полемичар; воопшто, свети Кирил е класичен егзегет и знаменит догматичар – истовремено со тоа и мошне виден проповедник. Првиот дел од неговото творештво е плод на задлабочен дух и спокојно време – тоа носи печат на академски труд; вториот, пак, дел е, рожба на бурни години и засегната душа – борбата во Црквата ги диктира темите, го инспирира духот, го движи перото и го насочува словото. Свети Кирил по живот и дејност, по творештво и заслуги е централна личност за својот век – животот на Црквата во првата половина на петтото столетие, па и останатото време од векот, се сосредоточува околу овој прославен првоерарх.

По светоглед во верата и по метод во богословието, свети Кирил е класичен александриец – за него првоизвори на вера, познание и размисли се само Божественото откровение и светите Отци пред него; тој ја подвлекува со голема острина ограниченоста на човечкиот разум и оскудноста на духовните средства во откривање и изразување на Бога, човекот, светот и животот – во нивните суштини и заемни односи. Тој вели: „Расудувањето за највисоката Суштина и за Нејзините тајни, вистински се покажува како дело опасно и за мнозина не 6езвредно. 3а него разумот не е вдахновител, не е помошник, не е строител, туку соблазнител и пакостник. Поради тоа, во областа на егзегетиката, тој е типичен алегорист – дури со некои крајности, а во материјата на догмите – традиционален мистик. Во многу од своите толкувачки писма, свети Кирил посветува обично страница, две или три содржини, односно буквалната смисла и историското значење на дадената тема или текст – другото е, опширни алегориски размисли врз моралниот елемент и мистичната основа на предметот. Дијалогот како литературна форма и педагошки приод, има широка примена во неговите дела. Неговата херменевтика се вдахновувала од следното негово основно правило: „Отстрани ја неполезноста на историјата, симни ја кората на буката, и вникни во самата срцевина на растението, т. е. внимателно иследувај го внатрешниот плод на заповеданото и употреби го како храна“. Воопшто, богатото богословско творештво на свети Кирил се родило и оформило во рамките на библиско-традиционалниот метод. Како највидни негови дела се посочуваат: 1 – од егзегетиката: толкувањата врз „Песна над песните“ и Евангелието од свети Лука; 2 – од догматиката: делото за Света Троица, познато под името „Ризница“, и 5 книги против Несториј; 3 – од апологетиката: творбата „За светата христијанска религија – против безбожниот Јулијан“ и книгата „Против антропоморфитите“ и 4 – од проповедите: пасхалните посланија и морално-поучителните беседи.

Од свети Кирил не достигнале до нас многу проповеднички трудови. Познати се само неговите „Пасхални посланија“ – односно „празнични слова“ за Пасха, кои содржат: астрономски податоци за датата на празникот, догматски размисли за Велигден и морални поуки за празнувањето. По задолжение од Никејскиот собор и по востановена традиција, Александриските првоерарси испраќале такви посланија пред секој Велигден – плод од тоа се и спомнатите „пасхални посланија“, прекрасни лекции по христијанско благочестие и учителски размислувања врз разни црковни и житејски пројави. Реченото за неговите проповеди некако бледнее пред другите гранки од неговото творештвото – тоа е само формално, зашто и за свети Кирил проповедта е рамка за неговата богословска мисла и труба за неговото поучително слово. Освен тоа, никој нема да поверува дека, од вселенскиот учител се изречени и пишувани само споменатите проповеди. Во полза на тоа мислење, доаѓаат зборовите на древниот писател Генадиј Масилијски: „Свети Кирил составил многу беседи; наредено било на епископите во цела Грција да ги научат и произнесат в црква“. Тоа историско сведоштво и тоа богословско мислење се јасна и доволна карактеристика за проповедничкиот дар и благовестничкото творештво на свети Кирил. Од формите на проповедта, големиот наставник ги претпочитал словото и беседата – тоа е карактеристично и за проповедниците пред него, зашто и педагошките причини го диктирале тоа, како што го диктираат и во наше време. За методот на неговата проповед излишно е да се зборува – доволно е погоре напишаното по ова прашање. По техника, јазик, стил и уметност, неговите проповеди се во кругот на угледните. Авторот го претпочита сложениот збор – речникот му е разнобоен по содржина и многу е близок до умственото ниво на слушателот или читателот. Очигледно е, дека по дар, знаења и ревност, авторот многу се залагал за внатрешното достоинство и надворешната убавина на своите проповеди.

Луѓе, искусни во археолошките испитувања, пишуваат дека посетувањето и проучувањето на древните христијански катакомби е дело, многу интересно и мошне опасно. Влегувањето и излегувањето во тие подземни, длабоки и сложени мистично-таинствени обиталишта не може да биде без опитен водач, но и без специјално клопче од метална врвца, што се одмотува по истражувачите, за да не навлезат опасно и да се вратат сигурно – инаку, заблудата и смртта се неизбежни, трагични! Ние мислиме дека, и животот за сите луѓе и за сите времиња е една духовна, морална и материјална катакомба – и таа е многу интересна за испитување, но, исто така и многу опасна за разгледување: и тука има потреба, и тоа многу поголема од водач и клопче… Божјата промисла не н# лишила од водачи во катакомбата на битието – еден од нив е и свети Кирил; не сме лишени и од клопче за влез во катакомбата – тоа се творбите на мудриот наставник: да ги побараме, за да не ги окајуваме своите денови во житејската катакомба!

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2017/06/22/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d0%ba%d0%b8%d1%80%d0%b8%d0%bb-%d0%b0%d0%bb%d0%b5%d0%ba%d1%81%d0%b0%d0%bd%d0%b4%d1%80%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%b8/

Share:

Example User

Sit illo et occaecati blanditiis minus. Explicabo quia eius porro earum quis. Et nesciunt et nobis autem aut quod dolorem. Cumque est quas provident nemo nihil. Perferendis sequi in ipsa consequatur voluptatibus voluptatem. Sed assumenda ut cupiditate. Saepe et fuga maiores optio. Doloribus ea iusto dolore. Sed deserunt suscipit reprehenderit magni voluptatibus dicta. Unde aliquam sunt deserunt itaque. Nesciunt tempore molestiae qui et distinctio. Dolor quae aliquam nobis minus.

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Свети Мало, првиот епископ на Сен-Мало

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ МАЛО, ПРВИОТ ЕПИСКОП НА СЕН-МАЛО И ЕДЕН ОД ЛЕГЕНДАРНИТЕ ОСНОВАЧИ НА БРЕТАНИЈА,[1] ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 15 НОЕМВРИ (487-565; велшки: Mach Lou; бретонски: Malou; латински: Maclovius) Свети Мало е келтски светител, еден од легендарните основачи на Бре...

Image Description
2 years ago

Свети бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи…!

СВЕТИТЕ БЕСРЕБРЕНИЦИ И ЧУДОТВОРЦИ КОЗМА И ДАМЈАН УТРЕНА Тропар, глас 8. Свети бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи; бесплатно примивте, бесплатно давајте ни. Седален, глас 4. Откако во светот стекнавте богоугоден живот, богосветли Козмо и Дамјане, нам, кои се научивм...

Image Description
2 years ago

Отец Стефан Санџакоски: Образ на кроткоста

Денес, слава Му на Бога, се собравме со радост да го прославиме празникот на гораздиот отец и учител на светата Црква Христова свети Николај, архиепископ мирликиски и чудотворец. Свети Николај бил едноставен, прост човек, совршен во евангелска смисла на зборот. Затоа е славен во целиот свет. Бил син...