Протоереј Алексиј Червјаков

 

Тишина од свештен трепет во храмот. Топол мирис од восочни свеќи и темјан, чиј дим полека се издига кон сводовите на стариот храм, во кој, мајското сонце како иконописец црта рајски слики. Многу сум радосен и спокоен, како што можам да бидам само после Евхаристијата. Откако последен пат со поглед го проверив олтарот дали е сè прибрано и на место, ја отворив вратата од олтарот и од страв веднаш ја затворив… Мене ми беше страшно. Се разбира, јас сум читал како демонот ги искушувал древните подвижници, но зарем така нагло ќе ме нападне и мене, млад свештеник на крајот од XX-тиот век?!

Јас се прекрстив и смело ја отворив вратата. Jа отворив смело вратата зашто причината за мојот страв не исчезна. Вториот пат вратата ја затворив уште побрзо од првиот пат. Се охрабрив во душата, решив да го прекрстам ТОА преку малку отворената врата. Пробав и повторно бев посрамен! Тоа стоеше, воопшто не вознемирувајќи се, и вртеше со главата, гледајќи по страните и наеднаш… самото се прекрсти! Поточно, самата.

Таа девојка, за која јас помислив дека е суштество од пеколот, беше едноставна девојка, иако изгледаше сосема необично дури и за девојка од крајот на XX век. Таа, поради само нејзе познати причини, облекла појас, но не и сукња, облекла маица, но заборавила да ја облече блузата. А можеби, додека ги нанесувала сите фарби, сенки, кармини и црвенила од својата кутија, снемала сили за да се облече. Во тоа време беа модерни силно светли бои. Дури бојата на косата, за која и до ден-денес не можам конкретно да ја опишам, мислам дека беше зелена. Во овој изглед беа додадени дали обетки, дали прстени на папокот, носот и усните.

Пречекуваме според облеката?

Треба да се забележи дека девојката имаше среќа што одбрала да го посети имено Благовештенскиот манастир во Нижни Новгород. Во друг храм таа не би можела ни до вратата да дојде. А овде никој не ја допре. Настојателот на манастирот, тогаш уште игумен Кирил (Покровски) – кој денес е Ставрополски митрополит, секогаш го обраќаше вниманието на соработниците а посебно на нас, младите свештеници и професори во Семинаријата, дека треба широкоградо да ги примаме сите луѓе кои доаѓаат кај нас.

Тој често повторуваше: „Луѓето не доаѓаат кај нас, но кај Бога, и ние треба само да им помогнеме да Го слушнат“.

Сфаќајќи ја ситуацијата и спомнувајќи си за зборовите на настојателот, јас решително тргнав кон девојката. Сепак, повторно не можев многу да поминам, затоа што кога девојката ме виде, почна да плаче. Така искрено и горко, како што само дете може да плаче за нешто што е многу важно и свое. Јас не можев да ја одминам, а да не ѝ кажам некој утешителен збор, и ние почнавме да разговараме. И дури ја исповедав. Таа вети дека ќе дојде повторно. Таа се викаше Светлана, доаѓаше уште многу пати, и секој пат имаше повеќе облека на неа, а помалку шминка. После два месеца таа изгледаше апсолутно како сите други вернички.

Јас не знам како понатаму продолжил нејзиниот живот, затоа што црковната потреба ме испраќаше да служам во различни парохии и со многу луѓе изгубив контакт. Дури мислам дека тешко ќе си спомнам со увереност за нејзините маки и несреќи. Но имено тогаш јас разбрав како може да измами надворешниот изглед и колку бил прав игуменот (сега митрополит) Кирил. Во храмот никого не смееме да го пречекуваме според облеката, надворешниот изглед или однесувањето.

Метафизиката на светот

Надворешниот изглед или однесување можат да бидат како „благочестиви“, но и сосема обратно.

Суштината е во тоа што во храмот ние се судираме со метафизиката на светот и на самите себе. Овде, освен физичкото и моралното, активно се пројавува и духовното, како добрата духовност, така и (за жал), лошата духовност. Што преовладува во душата на човекот, тоа и се покажува активно.

Ова е исто како во болница. Човекот само да го премине прагот на болницата и веќе почнува да се сомнева дали е тој здрав или можеби порано бил здрав, а сега фатил некоја зараза, или пак, се смета себеси за многу здрав, а наоколу гледа само болни, со сите нивни слабости. Додека пак, болниот, кој стои пред смртта, може да смета дека кај него сè е добро и дека лекарите грешат, а тој знае како треба да се излечи самиот, каков здрав начин на живот треба да се води, а и дури знае како да ги излечи сите наоколу и каде се кријат тајните лекови. На луѓето кои го опкружуваат, а некогаш и на него самиот не му е јасно што прави тој во болница. Но него не го напушта увереноста дека тој не е попусто дојден овде, а дека е дојден за нешто многу важно.

Најглавното е редот!

Ете такви „пациенти“ ние често сретнуваме и во храмовите. Не забележувајќи ја гредата во своето око, тие со посветеност ја вадат раската од окото на ближниот. Нема да биде несреќа ако во овој процес ближниот може да го изгуби окото – важно е да се најде раската. Таквите луѓе поучуваат со дрскост и нагло укажуваат на пропустите, заборавајќи на елементарната тактичност и почит. Ним им е најважно да воведат ред. Се разбира, редот во нивното разбирање нема ништо заедничко со црковната традиција.

Ваквите „лекари на болните“ не ги вознемирува фактот што после разговорот со нив, укорениот човек долго време оддалеку ќе го одминува храмот. Исто така, нив не ги плаши ни евангелското предупредување: „Тешко на оној кој ќе соблазни еден од овие помали“ (Лука 17, 1-2). Навистина, тешкотијата во животот на овие „лекари“ секој ден сè повеќе и повеќе расте, но тоа тие го припишуваат на демонското искушение, на одмазда од нечистата сила, зашто сметаат дека го прават најважното во светот – воведуваат ред во храмот и во душите на блиските, подзаборавајќи за себе. Овие луѓе го љубат човештвото и го мразат човекот, ги исповедаат гревовите на блиските, а не своите, и ги спасуваат сите, освен себеси, заборавајќи дека преподобниот Серафим Саровски повикувал пред сè, да се спасуваме себеси…

Тие, како правило, се многу искрени во својот порив, затоа што се ослепени. Ослепени од нечиста сила, која не може да го одведе човекот од патот на духовното барање, но може да го поттурне да го измени векторот од позитивна во негативна насока. Тие затоа се толку решителни, поради тоа што не тие самите ќе го повредат ближниот, а демоните ќе го направат тоа. Но, ним тоа им е многу слатко! Оваа состојба светите отци ја нарекуваат „прелест“, и тоа е навистина опојно за душата. Не случајно ние често го нарекуваме прелест и она што ја поразува нашата световна фантазија. Но како во духовното, така и во световното, за прелеста треба скапо да се плати.

Се разбира, секој судир е болен за нас. И дури знаејќи, дека злото нам ни го прави не самиот човек, но демонот кој дејствува преку него, сепак ние од тој факт не добиваме олеснување. Со ова е сложено да се смириме. А и всушност не треба. Со ова не треба да се бориме, но не со зло да одговараме на злото, а злото да го победуваме со добро и со вера.

Помните за погоре кажаното дека ние се сретнуваме со метафизиката? Еве, ѓаволот сака нас да нè навреди или наведе на зло, за ние, доаѓајќи во храмот со цел да поразговараме со Бога, да не Го слушнеме Небесниот Отец, а да го слушаме таткото на секое зло. Затоа, ние цврсто треба да помниме за што и кај Кого сме дошле во храмот, и на секое искушение да реагираме христијански, а во тоа ни помага и православното богослужение преку полнотата на символи и свештенодејства.

Зошто да се кадат грешниците?

Како пример, да го обратиме нашето внимание на кадењето. Свештеникот го кади олтарот и работите во него, ги кади светите икони кои ги претставуваат светиите, и одеднаш се свртува кон луѓето и ги кади нив. Како е тоа можно?! Разбирливо е кадењето на светињата и на светиите, но овде има полно грешници! А свештеникот ги кади… Тој ги каде затоа што во овој момент тој ги соединува земниот и небесниот свет. Од лицето на луѓето ја кади светињата, затоа што принесува благодарствена жртва, а од лицето на Бога ги кади луѓето во означување на верата и надежта.

Ние така се навикнавме на мислата дека треба да веруваме во Бога, што знаењето за тоа дека и Бог верува во нас, некако се затемни во нашата душа. А Он верува во нас.

Он толку многу верува во нас, што дури и Својот Единороден Син го даде на страдање и смрт заради нас. Он верува. И помеѓу планините од гревови во нашите души, Он може да ги најде и најмалите зрнца на добро и светлина. И ако ние сме живи, Он не само што верува, а знае дека од тие зрнца може да се разгори огнот на благочестие и праведност, кој што ќе ги изгори сите гревовни планини. Затоа свештеникот од лицето на Бога го кади и тоа малку добро што останало во душата на човекот. А согледувајќи го доброто во душата на ближниот, многу е лесно истиот да биде оправдан и да му се прости.

Ние го поминуваме прагот на храмот во потрага по духовното, ја бараме благодатната помош, заштита и добро за нас. Но сето ова е невозможно да се најде, ако не се бориме со злото во својата душа. Нас можат да нè туркаат, навредуваат… Но само ние самите решаваме како ќе реагираме: дали ќе се стремиме кон уподобувањето во Бога и ќе гледаме на другите луѓе како што Бог гледа на нас, барајќи го и најмалото добро во нив, или, пак, ќе правиме како што тоа го сака лукавиот: гледајќи го злото кај ближниот и истото зголемувајќи го во нашата душа. Достоевски пишувал дека во светот ѓаволот се бори со Бога и полето на битката е срцето на човекот. И во срцето на човекот, во неговиот живот, ќе биде тоа што тој го бара и кон кое тој ја насочува својата волја.

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски