Христос воскресна од мртвите,
со смртта смртта ја победи,
и на оние во гробовите живот им подари.
(тропар на Христовото Воскресение)
Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Богочовекот Исус Христос Воскресна и ни ја подари вечноста. Вечниот Бог постана човек, се унижи, се самоиспразни за да се отелотвори; во Својата лична кеноза, постана учесник во животот со човекот, ги прими нашите гревови на Себе и умре за нас. Тој е безграничен и моќен Бог, Кој постана човек, слободно посакувајќи да постане она што е Неговото мало создание; создание кое немаше во себе вечност. Битие кое е создадено без ништо, од ништо, не од нешто; составено и оформено во нова и создадена смртна материја, која не е совршена. Ова Божјо мало создание, кое е смртно и пропадливо, Бог го воздигна повисоко од ангелите и го направи Свој син, бог по Благодатта, жител на Царството Божјо. Го направи да биде Свое тело, Свое сопство, Свој идентитет, Своја природа, Свој дел, Своја полнота. Го направи да биде прославено во Себе и преку Себе, да коегзистира со Бог Света Троица во вечноста.
Ова Божјо дело е величествена и неискажлива добрина докажана на човекот. Добивајќи ја на дар оваа бесконечна слава, ние сме неискажано радосни поради возможноста да бидеме Синови Божји и богови по Благодатта Божја. Бог доаѓа во светот, за да се саможртвува за нас лошите и не совршени луѓе, та нашата благодарност е неизмерна поради Божјата љубов која ни ја подарува и тоа бесплатно, во бесконечната Своја полнота.
Синот Божји, Логосот Божји, Кој во Себе и за Себе го создава човекот, подготвувајќи ја Својата креација за ова денешно спасоносно дело на вечната радост. Логосот Божји го создава словесниот човек, за да го земе во Себе и да го принесе во есхатонот, во метафизичкиот свет на вечноста. Трансцедентниот Господ се унижува и се раѓа во смртната природа, за да ја преобликува во вечна и совршена природа. Вечниот Бог не губи ништо поради Неговиот кенозис, поради Неговото унижување, напротив, ја зема во Себе и создадената смртна природа, со единствената намера за да постане создадената Негова творба, вечна и совршена. Тој е апсолутна полнота, та не Му треба дополнување, Тој е совршен. Единствено по сопствената бесконечна љубов, Тој прв нè возљубува и нас нè усовршува. Божјата идеја е вечна и совршена за нашето спасение.
„Но сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст“ (Филипјан. 2, 7-8).
Христос е крајното смирение. Тој е крајното трпение. Тој е крајното страдание. Тој е вечноста, Тој е славата, Тој е убавината. Тој е нашата суштина.
Крсната смрт е Воскресна радост за нас, затоа што Неговиот крст е за нас суштината на спасението. Човекот е словесно суштество, а впрочем е создаден така да физички на себе, со своето тело го обликува симболот на спасението, а тоа е крстот. Човекот стоејќи, ширејќи ги своите раце, го формира прекрасниот спасителен и животворен крст. Во крстот е смислата, преку крстот се спасуваме, крстообразно сме вообличени.
Главата на нашето тело е поставена највисоко, упатувајќи се себе си кон Небото, кон Господа. Највисокиот дел од нашето тело е високо воздигнат гледајќи и поврзувајќи се со Небесата. Господ на Небесата е нашата суштина, која ја контемплираме преку миропомазувањето на нашата глава осветувајќи го целото наше тело. Како што е Господ глава на Својата црква која ја осветува, а таа е Неговото Тело, така и нашата глава, го држи исправено нашето тело воздигнувајќи го кон вечноста. Додека пак нашите широко раширени раце, ја опфаќаат целата творба и целото човештво. Сите луѓе се иста земна материја. Од едниот до другиот крај на космосот, сите сме создадени за да ја оствариме заедницата на спасението. Сепак пресекот во нашето тело е срцето кое е точката и центарот каде што се пресекуваат вечноста и сегашноста.
Нашето срце е местото и централната точка на крстот каде што се остварува небоземниот однос со Господ. Во срцето ја остваруваме еклисиолошката личност на заедницата, за да постанеме есхатолошка личност. Човекот се раѓа за да се оствари како обожена личност, преку директниот, слободен однос со Господ, преку Причестувањето со Воскреснатиот Богочовек Исус Христос, прифаќајќи го крстовоскресното Негово дело, за да ја доживее и тој како смртен човек, конечната и вечна радост.
Светот е крстообразно конципиран во Логосот Божји. Светот во својата историја, постоејќи притиснат со минливоста на времето, во својата ширина од едниот до другиот крај, ги претставува краците на крстот; се пресекува и преплетува во една централна точка која всушност го претставува Богочовекот Исус Христос; Синот Божји Кој слегувајќи од Небесата на земјата го остварува столбот на крстот од врвот горе до доле стоејќи на земјата, пресекувајќи ја ширината на краците; та на тој начин се остварува Божјото спасение. Моментот на спасението е Христовиот Крст, Христовата жртва на Крстот. Крстот е силата и спасението. Преку Крстот ќе го доживееме и нашето Воскресение.
За да ја здобиеме вечноста, во секој случај потребна е нашата слободна волја. Со слободното прифаќање на Божјата икономија во светот, ние слободно ќе учествуваме во радоста. Божјото целокупно Откровение, е за нас прекрасно, кое треба слободно да го прифатиме. Божјата вечна идеја за создавањето на светот и вечниот Божји домострој на спасението, ќе се остварат единствено со слободната волја на човекот.
Богочовекот Исус Христос е нашата животна егзистенција. Животот вечен ќе го здобиеме единствено преку Него. Тој Воскресна од мртвите како човек, и ни го покажа патот по кој ќе го здобиеме вечниот живот.
Онтолошкото перцепирање на стварноста во која што учествува словесното создадено битие, се втемелува во спасоносното и суштинско дело на Спасителот. Тој ја воздигна смртната и пропадлива природа на вечниот пиедестал, во Него, преку Неговото искупително дело.
Неговата смрт беше за радост и за спасение на човечкиот род. Неговата смрт беше страшна од аспект дека луѓето го мразеа без причина и го предадоа на страдање во нивната демонска изопаченост; го осудија на смрт радувајќи се и навлекувајќи го вечното проклетство над себе и над своите поколенија. Навистина демонската злоба се изли во тој момент кон Спасителот, та сите оние луѓе, кои го славеа претходните денови, кога Тој влезе торжествено во Ерусалим, после неколку дена го предадоа на смрт.
„И одговарајќи целиот народ, рече: Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ (Матеј 27, 25)
Ова е ужасна клетва која самиот народ си ја изрекол за себе. Толкава голема демонска омраза, која потполно го помрачила разумот на луѓето. Човекот дрско застанува пред лицето Божјо и директно Му се спротивставува. Неразумниот озлобен човек, помислува дека може да Го повреди Господа и дека тој како мало создание, може да Го уништи неуништливиот Господ. Човекот ја прифаќа сатанската омраза и директно се конфронтира со Господ. Трагедија навистина!
Исус Христос е новиот Адам. Стариот погреши и отпадна од прегратката Божја, додека новиот Адам се воздигна и ја оствари целта. Стариот се посомнева во Божјата вистина, додека пак новиот Адам, се предаде на Божјата послушност до смрт. Смрт која оживотворува, смрт која обожува, смрт која победува.
Христос е Победител! Христос е ветувањето Божјо! Христос е нова творба; творба преобразена и редефинирана. Христос е Љубов! Љубов која се понижи и се жртвуваше, умирајќи, пребивајќи во смртниот гроб, влегувајќи во пеколот.
Христос во Себе оживотворува ! Христос е светлината !
Вечниот очај – пеколот со своето зло, не можеше да ја издржи чистата дојдена љубов во него, та се затресе од основите, се скршија вратите на злото и омразата, та се отвори патот за да излезат нашите покајани прародители Адам и Ева, водени за рака од бескрајната љубов, од Богочовекот Исус Христос. Спасителот ја уништи вратата на пеколот и ја отвори вратата на Рајот. Спасителот ги подигна Своите чеда од пеколот, сите праведници кои го чекаа Него, избавувајќи ги од понорот на смртната казна, ги воздигна во Своето Царство, ги внесе во Својата вечност, им ја подари совршената радост и ги утеши еднашка за секогаш, во вечните векови.
Чеда Божји, Господ нè љуби! Позитивно да одговориме на Божјата љубов и ние да Го возљубиме без интерес. Браќа и сестри, да се возљубиме и ние помеѓу себе, да не се мразиме, да нема зло помеѓу нас! Народе Божји, да се Причестиме со Љубовта Божја за да ја примиме во себе таа љубов. Но не само себично да ја чуваме во себе, туку да ја шириме кон секого. Љубовта Божја се преумножува кај тој кој што ја добива, како квасец кои чини да расте тестото. Тој кој што ја добил на дар таа прекрасна љубов, не може да ја сокрие, не може да ја заклучи, не може да ја заборави, впрочем посакува да ја дели со другите, со секого, со тој кој има потреба од Божјата љубов.
Вољубени во Господа. Нека ни е честит Велигден ! Господ да нè помилува и спаси !
Христос Воскресна !
Навистина Воскресна !
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/voskresenie-na-gospod-isus-hristos-veligden/