Вознесение на Господ Исус Христос

Example Super-Admin User · 3 months ago

    10 minutes, 8 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Денес се празнува денот на спасението, овој ден е наречен Спасовден. Богочовекот Исус Христос, се вознесе на небото за да го оствари и исполни целиот план Божји. Божјиот план за вечното спасение на тварта. Тајниот домострој на спасението Божјо денеска се исполнува до последен детаљ, како што им вети Господ на сите луѓе. Господ им вети на Адам и Ева, откако ги истера од Рајот, дека ќе се роди Спасителот Кој ќе го врати човекот во неговото првобитно достоинство, од кое отпадна, од кое беше унижен и понижен поради личната човечка гордост. Човекот се посомнева во Бога и падна. Го раскина сојузот на чистата љубов со Бога. Личната слобода која му е дарувана на Адама требаше да ја искористи за да биде во вечна љубовна заедница со Господа, со својот Творец, но во таа слобода Адам се посомнева и погреши.

Човекот ја добил својата слобода како исклучителен дар Божји, и тој Божји дар треба да се пројавува преку љубовта за да се оствари целта. Човекот, пак, во таа слобода конфузно се избезумил и погрешил. Таа Адамова лична слободна грешка го чинеше него лично, но и сите нас, последователно. Нашите прародители беа изгонети од Рајот. И ден-денес, слободната волја е нашиот најголем дар, но и најголемото искушение. Често луѓето во своето безумие против Бога дрско го поставуваат прашањето: „Зошто сме создадени слободни? Зошто имаме слобода да грешиме, па поради тоа да го носиме бремето на страдањето во смртта и после смртта?“ Човекот кој не се бори против себе и против аномалиите во човечкото однесување, не сака со чиста совест да го сфати проблемот.

Не сакаме да сфатиме дека грешниот живот оддалечен од Божјата љубов, не ни ја подарува правата слобода. Вистинската слобода не е во правење грев, туку во неправење на гревот. Гревот нè поробува. Гревот нè осудува. Гревот кој слободно го правиме – нè загрозува. Гревот нè убива. Гревот ја разболува нашата природа и смртта ќе биде наша судбина. А најстрашна е вечната смрт која ќе ја наследиме, без радост во животот. Бог е живот, Бог е радост, Бог е вечност. Додека со гревот ќе бидеме вечно осудени на антиживот, во вечен неживот, во вечна смрт. Човекот кој слободно со својата лична волја ја избира грешноста, нема како да го наследи животот во вечноста. Денеска во нашиот живот се трудиме додека е ден, додека се гледа, да правиме добра дела и да го возљубиме нашиот Творец, за во иднината да се преселиме во новиот Ерусалим, да живееме конечно со Бога во радост и љубов. Но, доколку со своја волја денес грешиме, живееме богоспротивно, доколку сме го раскинале чистиот љубовен однос на сојузот со Бога, тогаш ќе ја наследиме вечноста на маката, на тагата, на очајот и на смртта. Кој не е во радоста Божја, во Животот, тој ќе пребива во антиживотот, во смртта, во ужасот. Клучот е во нашата слободна волја.

Човекот е создаден како круна на Божјата креативност. Прво е создаден духовниот свет, духовните битија, ангелите. А после е создаден и телесниот свет, со сета постоечка материја. Целиот Космос во кој постоиме е дело на Совршениот Творец, на Совршениот Уметник. Господ е Тој Кој создава. Тој создава поради Својата бескрајна љубов, без да има некаков услов, без да има потреба од создаденото. Љубовта е совршена кога бесплатно се подарува. Љубовта е вечна и бескрајна во безграничноста на апсолутноста. Господ е вечен и совршен и нема никаква потреба од тварта која ја создал. Созданијата, тварта, светот, ние имаме потреба од Господа. Светот постои исклучиво поради Божјата Волја. Господ го создава човекот како круна на целокупното создавање, да биде сличен со Својот Творец. Да биде создаден по лик и по подобие Божјо. Господ му го подарува на човекот она што Тој го има во Себе. И човекот ги добива даровите Божји, да биде личност и да биде вечен.

За да ја сфатиме улогата на личноста и на нејзината слободна волја, ќе дадеме објаснување. Личноста Божја е основата на Божјото постоење. Бог постои како конкретна личност во Својата трансцедентност (вечност и нествореност), постои со Неговата неземска природа. Божјата природа постои со конкретната Личност Божја. Бог е Света Троица, Еден Бог, Една Божја суштина, Една Божја природа која е несфатлива за човечкиот разум. Но, Едниот Бог има три Лица, Кои се пројавуваат како конкретни три Личности, со Своите конкретни три сили на делување во Своите три испостасни пројави. Бог Света Троица е Бог Отец, Бог Син и Бог Свет Дух.

Бог Отецот е конкретна Личност и извор на Едниот Бог во Кого пребиваат Божјите идеи. Тој, Отецот е конкретна Личност Која Го раѓа вечно Својот Син. Бог Отецот е изворот на Божјото постоење. Бог Син е вечен Бог во Својата Божја ипостас, Неговата суштина е иста и единствена со суштината на Бог Отецот. Синот е Вечниот Божји Логос, Кој по Својата волја ги прифаќа идеите на Отецот и ги реализира. Бог Син, Исус Христос, Го сведочи Бога – изворот и ги подучуваше луѓето, обраќајќи Му се на Бога како Отец Небесен.

Исус ни ја подари молитвата „Оче наш“, укажувајќи ја догматската Божја вистина. Бог Логосот, ги реализира Божјите идеи и ги создава семените логоси, ги создава творенијата, го создава невидливиот и видливиот свет.

Бог Светиот Дух вечно исходи од Отецот и Тој е исто така единствена конкретна Личност во Едниот Бог по суштина. Светиот Дух делувајќи со вечната Љубов, го создава и сплотува Телото Божјо, Црквата Божја. Светиот Дух ја преобразува материјата, но во заедницата на љубовната кохезија со Отецот и Синот. Трите Лица на Светата Троица се Три Божји испостаси во Едната и Единствена Божја природа, на Едниот Бог. А Личноста е носителот на Божјата природа. Природата сама по себе не може да постои безлично. Суштината Божја не може да постои без конкретната личност.

Согледувајќи го ова догматско образложување за православното поимање на личноста, согледуваме дека човекот го добил дарот Божји да биде конкретна слободна личност исто како и неговиот Творец. Личноста подразбира слободна волја, која, пак, за да биде совршена треба да биде во кохезија со Апсолутната Љубов. Трите Лица на Светата Троица постојат во постојаната љубов која ја изразуваат преку позитивниот меѓусебен однос. Така и човекот, својата лична слободна волја треба да ја изразува во слободниот сојуз со Бога, со сите луѓе и со целата природа. Човекот е создаден како духовно и телесно битие, да биде жива душа, со своја единствена неповторлива личност.

Но, слободата има и своја инертност која, пак, може да се исполни и како негација на слободниот избор. Доколку не се трудиме, бориме со своите страсти и се стремиме кон Господа, не можеме делотворно да ја покажеме љубовта. Доколку, пак, мислиме дека автоматизмот е добар, тогаш сме погрешиле. Во автоматизмот нема слободен избор, но пак нема ни награда. Наградата е вечен живот за секој човек откако слободно секој ќе го прифати Бога кој ни подарува Спасение.

Адам беше создаден да живее во Рајот. Тој уште при создавањето е предвиден за да живее во Рајот. Адам немал потреба да се труди да го здобие Рајот. Но, сепак, Адам е создадено битие, кое не е совршено, та автоматски да биде вечно живо. Создадената природа не била создадена како совршена. Природата нема вечно прапостоење. Природата е создадена во еден момент во вечноста, од непостоење, од ништо. Бог ја создава материјата, од небитие, во битие. Бог го создава човекот како личност, за преку личната слободна волја да го оствари сојузот со Бога во љубовта. За да постои вечно создадената природа, човекот мора да ја прифати Божјата испружена рака и да го оствари Божијот Домострој на спасението.

Спасението кое денес се остварува со Вознесувањето на Исус Христос е исполнувањето на нашето исчекување. Стариот Адам погреши. Не го оствари позитивно својот избор, не се покажа и докажа како добар и верен. Потребен беше нов Адам за да го исполни ветувањето, и нашето исчекување. Новиот Адам е Самиот Бог, Кој се отелотвори, очовечи, обожувајќи ја материјата која ја создал.

Со слободно прифаќање на Волјата Божја, во личноста на Исус Христос, преку Него, целата човечка природа станува осветена и обожена. Човекот станува Богочовек. Еден Човек, Нов Адам, Богочовек, станува Пример и Спасение за сите други. Еден за сите и сите во Еден. Та тоа е Телото Божјо. Тоа е Црквата Божја. Сите различни луѓе, сите различни личности, со една човечка природа, се сплотуваат преку Светиот Дух, ја остваруваат заедницата на спасението, го формираат мистично, светотаински, Телото Божјо, причестувајќи се со Исуса Христа на Светата Литургија. Се остварува Тајната Божја во историјата на светот. Живеејќи во историјата, вчера, денес и во иднината, до свршетокот на времето, Црквата живее постојано и во вечниот Есхатон. Исус Христос го обожи човекот, и го вознесе на Небото да седи оддесно на Отецот, седејќи заедно и со Светиот Дух. Денес се оствари спасението. Спасението е во Бога. Бог е нашиот живот, Бог е нашата цел. Бог е нашиот пат.

Жално е кога гледаме како луѓето секогаш скитаат во светот и го бараат спасението, но во погрешна насока. Го бараат во материјализмот и во другите луѓе. Пророкот Еремија вели: „Проклет да е човекот кој се надева на човек“ (Еремија 17, 5). Нашата надеж е Исус Христос, Тој, Богочовекот, нè Спаси. Денес се Вознесува на Небото и денес настапува Спасението. Затоа Црквата во првите векови, го сметала овој ден за најважен ден и го именувала како Спасовден.

Исус Христос го принесува човекот, ја принесува човечката природа како Своја и така ја отвара можноста за секој човек да ја наследи вечноста, сопостоејќи во Љубовта Божја со Светата Троица. Од денес целиот свет со својата природа може слободно да прифати и да биде вечен сожител во бесконечноста. Од човекот зависи, преку неговата слободната волја. Старата несовршена твар останува во историјата на времето, а новата твар ќе живее во бескрајот, безвременски. Човекот постана бог.

Исус се појавува одеднаш помеѓу Своите ученици и им вели: „Мир вам“. Господ го подарува она што секоја душа го бара. Го подарува мирот на спасението. Мирот кој Исус го подарува е радоста. Мирот е победата над сите тешкотии и животни искушенија. Она што секој човек го бара е својот мир. Спасението и мирот, спокојот е во Господа. Учениците, пак, се уплашиле што се појавил Исус одеднаш помеѓу нив. А Тој почнал да им зборува и така ги утешил, за да не мислат дека е дух, дека е привид, Тој им бара да јаде и јадел пред нив. Да видат тие дека тој е телесен и вистински човек. Да видат сите луѓе кои се сомневаат во Исуса Христа дека навистина Тој е човек.

Во историјата, во првите векови имало и таква крива учења, во кои се верувало дека Исус не страдал на крстот со Своето тело, дека Тој не Воскреснал, дека Апостолите гледале привидение. Но, тука, во Евангелието, јасно гледаме дека Исус е телесен и вистински човек, кој се појавил со рани на Своето Тело. Тој, пак, откако јадел, ги подучувал учениците и им го отворил умот за да ги разбираат писмата и да ја сфатат Тајната Божја. Преку умот ги перцепираме нештата и доколку умот ни е извалкан со извитоперени согледувања, кои, пак, се производ и рефлексија на натрупаните гревови во душата, тогаш човекот ќе забега и ќе се самоуништи. Но, Господ ни дарува мир и ни го отвара умот за да ги поимаме нештата на прав, светотаински, начин.

Господ им говори на учениците, дека сè што било напишано за Него во времето и во историјата од дамнина, сè она за што пророкувале пророците, сè требало да се исполни. Дека апостолите се сведоците на сето тоа и дека тие ќе продолжат да пророкуваат и да сведочат и понатаму.

Господ им говори да останат и понатаму во Ерусалим, додека не го испрати ветувањето на Отецот врз нив. Господ им вели дека наскоро тие ќе бидат облечени во силата Божја, која ја дава Бог Отецот, а преку Него, преку Синот Божји во светот ќе Го прати Духот Божји, ќе ја излие Благодатта Божја врз луѓето.

Утехата Божја е наша насушна потреба. Денес сè повеќе тагата се шири. Тагата и депресијата владеат со луѓето. Жално е кога луѓето страдаат. Нашите браќа и сестри насекаде во светот пропаѓаат поради обездушувањето на душите човечки. Најмногу е потребна радост во светот. Светот западна во тешка бездушност, во безчувствителност. Цивилизацијата пропаѓа во морална криза. Бездушноста се шири како епидемија. Бездушноста е суштински проблем на цивилизацијата. Кога велиме дека треба да бидеме цивилизирани, се сомневам дека воопшто знаеме што значи да бидеме цивилизирани. Се сомневам дека воопшто знаеме што значи да бидеме луѓе.

А, како да допреме до луѓето и да им ја посведочиме љубовта Божја? Секој човек е повикан да биде икона Божја. Ние сме денеска апостоли на добрата волја, на Божјата волја. Секој човек треба свесно и трезвеноумно да ја сведочи Божјата Благодат. Ние треба да покажеме добар пример. Но, покажувајќи пример на емпатија кон светот, да не очекуваме светска награда за тоа делување. Туку постојано да бидеме полни со сочувство и да ги тешиме натажените. Преку делување, преку пример, ќе нè познаат чии ученици сме. Ученици сме на Исуса Христа, Кој се жртвуваше за сите и на сите им ја отвори можноста на спасение. Еден пример, за сите да се сплотат и постанат едно во тој пример.

Господ Исус Христос е нашето спасение. Тој Самиот се Вознесе на Небото и го вознесе и светот во Себе на Небесата. Навидум се раздели од нас, но, постојано е со нас на разни начини. Првенствено, Спасителот е со нас во Светата Евхаристија, во Светата Литургија, во даровите над даровите, во Светињата, во бесмртната храна која ни ја подарува. Телото Негово го примаме како залог за вечен живот.

Навидум нè остави, но Тој постојано е со нас видливо во Светињата за Причестување, и невидливо присуствува насекаде во светот. Нема место во светот кое е сокриено од Бога. Тој е постојано насекаде, а во исто време седи од десната страна на Отецот во вечноста, во славата Божја. Чудата Божја се насекаде околу нас. Луѓе, погледнете, нашиот Бог Исус Христос е благ и полн со добрина. Пристапете сите да Го прославите Оној кој нè прослави. Тој нè прослави.

Христе, Боже наш, Ти си исполнување на законот и пророците, исполнувајќи ја сета промисла на Отецот, исполни ги и нашите срца со радост и веселба, постојано, сега и засекогаш.

The post Вознесение на Господ Исус Христос appeared first on Литургија.мк.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/voznesenie-na-gospod-isus-hristos/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Брала учителка во добродетелта на трпеливоста! (Свети Јован Касијан Римјанин)

184. За ваквата трпеливост сакам да ви дадам барем два примера. Еден од нив е тој што ни го покажала една побожна жена, која сакала да се усоврши во оваа добродетел, па не само што не бегала од искушенијата, туку сакала да ја навредуваат. И колку повеќе ја навредувале, таа бивала се посилна и потр...

Image Description
2 months ago

Постојат луѓе кои лошо зборуваат против Евангелието, а никогаш не го отворија.

  Постојат луѓе кои лошо зборуваат против Евангелието, а никогаш не го отворија. Постојат луѓе кои лошо зборуваат против Евангелието, а никогаш не го отворија. Тие го отфрлаат Христа, а никогаш не го проучуваа. Тешко на нив на Судниот ден!Еден писател еден ден шеташе со својот пријател покрај Цркват...

Image Description
4 months ago

Не кажувај: „Немам гревови“

Не кажувај: „Немам гревови“Дали би сакале да знаете дали Исповедта е толку потребна?Порано почесто одевте на исповед, но прекинавте затоа што некој ве исмејуваше поради тоа. Не требаше да прекинуваш. Кого не се исмејуваат луѓето?Знаете што рече најпроникливиот од сите: „Тешко вам што се смеете сега,...