Вознесение Христово (Спасовден)

Example User · 3 years ago

    7 minutes, 11 seconds


ascend06_resized

По 40 дена од Своето Воскресение, Христос ќе се вознесе на небото, и со тој настан се запечатува целото Негово спасително дело. За овој настан, од евангелистите накратко споменува Марко (16,19-20), а најмногу Лука (Лк 24,50-53 и Дела 1,1-11). Исто како и страдањето и воскресението, Христос претходно го најавил и Своето вознесение: Ова ли ве соблазнува? А, ако Го видите Синот Човечки да се искачува таму каде што беше претходно? (Јн 6,62). Христос како Бог секогаш е со Отецот и Светиот Дух: под слегување, се подразбира Неговото Воплотување (кенозис), а под искачување, вознесувањето на Неговата човечка природа (обожението).

Во периодот на 40-те дена, меѓу Воскресението и Вознесението, Христос им се јавувал на учениците и им ги откривал тајните на Царството Божјо. Господ им заповедал да не излегуваат од Ерусалим, додека не им го исполни ветувањето, дека ќе им испрати друг Утешител, односно додека не слегне Светиот Дух врз нив и ги облече со сила одозгора, по што би можеле да го проповедаат Евангелието по целиот свет. Тоа и ќе се случи по 10 дена, за време на старозаветниот празник Педесетница.

Зошто токму 40 дена требало да поминат до Вознесението? Бројот 40 имал големо значење воопшто на древниот Блиски Исток, а особено тој број има големо значење во Библијата: претставува символ на завршено дело, генерација и исполнување. Св. Никодим Светогорец вели дека Христос, според Својата човечка природа, примил три раѓања (1.Воплотувањето од Дева, 2.Крштението од Јован и 3.Воскресението), и во трите раѓања е наречен – првороден (1.од многуте браќа по тело, 2.во новото создание, 3.од мртвите). 40 дена по секое од овие раѓања, се случува нешто многу важно (1.Сретението, 2.победата над искушенијата од ѓаволот, 3.Вознесението).

Во овие 40 дена по Воскресението, тој ги поучувал учениците на тајната на Царството Божјо, коешто веќе е тука, а тоа е Црквата. Неслучајно Црквата порано вршела масовно Крштение на катихумените токму на Велика Сабота (т.е. Велигден), со што тие на мистичен начин учествувале во Страданието и Воскресението Христово. За време на периодот по Велигден, тие поминувале едно особено поучување, т.н. мистагогија (воведување во тајната), кога паралелно учествувале во светите тајни и сето тоа им било објаснувано, т.е. им се разоткривала тајната на Црквата. Затоа што порано, како некрстени, тие не можеле да ги знаат овие нешта, ниту да учествуват во благодатниот живот на Црквата. Гледаме како праксата на раната Црква, го продолжува она што се опишува во Новиот завет. На некој начин, сите ние ги поминуваме сите фази што ги поминале и апостолите. Во денешно време оваа пракса на мистагогија не постои, но некаде веќе започнуваат да ја обновуваат затоа што таа е суштинска за духовниот живот. Кај нас, како традиционално православно општество, таа не постои и тука се соочуваме со еден голем проблем: луѓето не знаат зошто се православни, едноставно го прифаќаат тоа како обичај, бидејќи се родиле тука, како некаква идентификација. Но, верата не е само некаков фолклорен декор, туку таа е осмислување на целиот човеков живот и тука познавањето на верата е суштинско за вечното спасение.

Господовите настани не се изолирани еден од друг, ниту се различни по вредност. Така и Господовите празници се спасителни настани на Божествениот Домострој, бидејќи преку нив се изврши и устрои спасението на човештвото. Христос се вочовечи, поучуваше, пострада, воскресна и се вознесе. Тука постои едно чудесно единство. Кој празник е најголем во таа смисла? Ако Христос не се воплотеше (Божик), немаше да се случат Воскресението и Вознесението. Ако не воскреснеше, залудно ќе беше Воплотувањето. Па така, Вознесението е практично круната, венецот на сите празници (како што главата е украс на целото тело).

Значењето на Вознесението е во тоа што човечката природа, обожена со Воплотувањето, е прославена. Христос седнал од десната страна на Бога, а тоа е еден символичен израз; тука не станува збор за географски поим (место), туку за онтолошка состојба. Седењето оддесно, со јазикот на Библијата, значи да се разделува истата власт и достоинство со оној до кој седиш. Па така, човечката природа со Христа станува учесник во славата и вечноста на Божествениот живот. Се исполнува она, за што беше создаден човекот, а тоа е единството и заедницата со Бога. Кај некои отци постоело мислењето, дека и да не паднел човекот, Бог сепак ќе се воплотел. Затоа што, ако целта на создавањето на човекот била единството со Бога, тоа единствено можело да се изврши преку соединувањето на Божествената несоздадена личност со создадената природа, односно со Воплотувањето на Бога. Преку Христа, човекот е соединет со Бога, но за човекот да учествува во обожената и соединета со Бога природа, треба да биде во единство со таа обожена во Христа природа, т.е. да стане член/орган на тоа Тело Христово, коешто е Црквата. Според древното учење, Бог стана човек, за човекот да стане Бог (по благодат).

Спасението на човечката природа во Христа е извршено, но од секој човек зависи дали ќе го прими тоа спасение, во зависност од слободната волја пројавена во подвигот во Црквата. Така, секој човек на еден личносен план треба да го помине она што Христос го поминал, т.е. да стане соучесник во Христовата тајна. Во животот на Црквата ние напредуваме во согласност со тие фази од Христовиот живот: прво се раѓаме во Христа, потоа страдаме со Него, го победуваме ѓаволот и воскреснуваме, и на крај можеме да го живееме и обожувањето. Токму празникот Вoзнесение, отците го поврзуваат со обожувањето на човекот.

Суштината и смислата на празникот Вознесение се многу големи и возвишени. Ако со Воскресението беше победена моќта на смртта и на ѓаволот, тогаш со Вознесението нашата природа се издигна на престолот Божји и ни се даде можноста да достигнеме и ние во доживувањето на Вознесението, што е обожувањето. Во тој контекст, св. Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението со светиите (спасените). Сите ќе воскреснат во последниот ден, но нема сите да се вознесат: А прво ќе воскреснат мртвите, потоа ние што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците за да се сретнеме со Господа во воздухот (1Сол 4,16-17).

Да ја продлабочиме смислата на Вознесението, набљудувајќи ја иконата на празникот.

voznesenie

Круговите во горниот дел го претставуваат Небото. Христос седи и благословува, а во другата рака држи свиток (Словото што го проповедал). Облеката на Христос е светла/златна (како и на иконите на Воскресението и Преображението), а тоа ја претставува Неговата преобразена и обожена човечка природа, која веќе не е подложна на физичките закони.

Облеката на двата ангела околу Него е како облеката на апостолите, а оние два ангела долу се со бела облека. Горните ангели се сведоци на Страдањето и тие покажуваат дека, иако Христос се вознесува на Небото, тој со себе ги носи и белезите на Распнувањето. Човечката природа, претставена со црвената облека на ангелите што Го носат Исуса – отсега е на Небото. Додека Божјата природа, претставена со белата облека на долните ангелие – отсега е на земјата. На тој начин, оваа икона го прикажува единството на несоздадената и создадената природа што се случило во Личноста на Христос.

Маслиновите дрвја како да ја делат иконата на два дела: Небо и земја. Долу е Мајката Божја со апостолите: таа претставена вака ја претставува Црквата. Околу неа има 12 апостоли (но нели Јуда во тоа време веќе се обесил, а Матиј како замена сè уште не бил избран). Тука е претставен Павле, ама знаеме дека тој дури подоцна станува апостол; тој не Го видел Христа за време на Неговиот живот. Зар не е историска грешка, би рекле. Но, станува збор за тоа дека иконата има есхатолошка смисла. Претставувањето на Павле покажува дека визијата на Црквата не е временска визија: заедницата во верата во Царството на Бога, благодарение на Светиот Дух, ги надминува границите на просторот и времето на овој свет. Евангелските настани со Христос имаат значење за секој член на Црквата, зашто ние всушност на еден мистичен начин сме учесници во сето она што Христос го извршил. Ние не си споменуваме едноставно за некои историски настани, туку ние учествуваме во тие настани.

Облеката на апостолите е зелена и црвена. Зелената боја е боја на надежта и на Светиот Дух. На иконата на Троица од преподобниот Андреј Рубљов, ангелот што Го претставува Светиот Дух е облечен во зелено. Црвената боја не е само символ на земјата и крвта, туку и на љубовта.

Иконата како да е поделена двојно. Еднаш со дрвјата, хоризонтално, а вторпат со Мајката Божја, вертикално, како да се прави крст. Небото и земјата се соединети преку Мајката Божја и Нејзиниот Син при што прават крст.

Но, не треба премногу да ја анализираме иконата, да не дојдеме во ситуација да мислиме дека таа само нешто симболично кажува и да заборавиме да ја почитуваме. Според православниот духовен опит, иконата ја претставува преобразената реалност, во која ние литургиски и мистично стануваме учесници.

Според евангелските сведоштва, Христос благословувал додека се вознесувал, кревајќи ги рацете. Можно е тој да благословувал, како што било обичај во Стариот завет од страна на свештениците, со изобразување на буквата шин (шалом – мир). „Колку чудно дејствие – вели св. Филарет Московски за ова. Господ благословува и сè уште не го завршува благословувањето, туку продолжува да благословува, вознесувајќи се притоа на небото. Што значи тоа? Тоа, дека Тој не сака да го прекрати Својот благослов, туку продолжува без крај да ја благословува Својата Црква и сите верни во Него. Да помислиме, браќа, дека и сега над нас се распространети Неговите раце и Неговото благословение. Каков срам и страв за оние што во светската суета Го забораваат Него. А каква ли радост за оние што Го љубат.“

Апостолите си заминале со радост, бидејќи со своите очи ја виделе славата на Својот Господ и Учител и го очекувале исполнувањето на Неговото ветување за Духот. Исто така, Христос им ветил (а тоа се однесува и нам): Ете, Јас Сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.

 Г.Г.

Source: http://mistagogia.mk/voznesenie-hristovo-spasovden/

Related Posts

Image Description
3 years ago

Старец Силуан Атонски - ЗА БЛАГОДАТТА

  (Обновено)) V ЗА БЛАГОДАТТА Во манастирот дојдов обременет од многу гревови, и незнам, заради што додека бев уште млад послушаник, Господ ми ја дарува благодатта на Светиот Дух, исполнувајќи ми ги и душата и телото. Благодатта беше како онаа кај мачениците, така што моето тело жеднееше од стр...

Image Description
3 years ago

о. Горан Стојчевски: МАЧЕНИЦИТЕ- ХРИСТОПОДОБНИ ОБРАЗИ БОЖЈИ

[unable to retrieve full-text content]„Молете се повеќе за gругите отколку за себе. Кажувајте ги зборовите: Гocпogи Исусе Христе, пoмuлyj ме, но секогаш uмајте ги на ум и gругите.Сите сме gеца на ист Отец, сите сме еgно. Затоа, кога се молиме за gругите, велuме: Гocпоgи Исусе, Христе, помuлyj не,...

Image Description
3 years ago

Отец Харалампиј Пападопулос: Не губи време…

Ќе ти кажам едноставно и човечки, од моето духовно ниво, кое е ниско и земно, зашто се уморив од сложени анализи.Не очекувај животот да те праша дали и колку издржуваш. Тоа никогаш нема да се случи.Не очекувај да се појават совршените услови, за да кажеш: „Ќе живеам!“. Живеј денес и грабни ги можно...