Последниве неколку години, со доаѓањето на Благодатниот оган во Македонија, како и во другите цркви, и кај нас се појавија суеверија и ритуали околу овој оган. Благодатниот оган слегува во Ерусалим, во храмот на Воскресението Христово, и првите неколку минути тој гори а не изгорува, може да го ставите под раката и да не ве изгори, но по неколку минути станува обичен оган. Стана некаква „мода“ во црквите да се донесува тој благодатен оган, па луѓето доаѓаат и палат свеќи и кандила од тој оган и ги носат во своите домови. Оваа година се појави некое ново суеверие, измислено од нецрковни луѓе, и нема никаква основа во црковното учење и пракса. Имено, некои луѓе делат таков пламен, и тоа, секој што ќе земе од него, мора да го подели на уште тројца. Чудно е што сето ова се шири кога веќе е поминат и Велигден, и Спасовден и Педесетница. Бидејќи неколкумина веќе ми се обратија за совет околу ова прашање, решив да напишам кратко објаснување и да им препорачам на верниците, да не примаат таков оган, ниту да го шират, доколку веќе земале. Во Православната вера нема ништо без смисла, и не треба да наседнуваме на такви ритуали, кои се случуваат без благослов од Црквата. Огнот се зема на Велигден, се пали кандилото со него, и толку. Ништо повеќе од тоа не ни треба. За христијаните е најважно да го менуваат својот живот на подобро, да постат, да се молат, да се исповедаат и со благослов од свештеникот-духовник да се причестуваат. А благодатниот оган и пет години да го чуваме неизгасен во кандилото, попусто е, ако не се причестиме, ако не Го најдеме Христос во путирот. Да го бараме Христос и Неговото Царство и сѐ друго ќе ни се придодаде. А таквите празни ритуали да им ги оставиме на површно религиозните и суеверните. Свештеник Јани Мулев (Повеќе информации за чудото на Благодатниот оган може да прочитате на линкот)
Онаму каде што нема здрава вера, природно е да се појави нездрава религиозност. Таму каде што Православието е слабо, таму се јавуваат суеверија, бајачи и секташи. Пред 20 години се појави на Балканот (најпрво во Србија, па оттаму и во Македонија) некој „Хиландарски колач“, „Острошки колач“, кој има посебен рецепт и ритуали на подготвување, а доколку го направиме ни гарантира некаква среќа. И нормално, тоа стана хит меѓу жените. Секоја домаќинка требало да подготви таков колач, и од тестото да извади дел и да го даде на друга жена, за да се фати „маѓијата“. Од манастирот Хиландар излегоа со официјално соопштение дека се работи за лажно име, дека од манастирот Хиландар нема такво нешто.
Source: https://crkvaveles.wordpress.com/2020/07/06/blagodaten-og/