Title : А.И.Осипов: Создавање и/или еволуција

А.И.Осипов: Создавање и/или еволуција

Example User · 8 months ago

    0 minutes, 0 seconds


design-creation1_resized

Христијанската вера во создавањето на светот од Бога не го решава прашањето за карактерот на настанувањето на светот – креационистички (сè што постои е резултат на творечкиот акт на Бог) или еволуционистички (светот се развивал од првоматерија според од Бога дадени закони)?

Светото писмо говори за „шестдневно“ создавање, т.е. за појава на светот во тек на шест последователни степени од пониски форми кон повозвишени, завршувајќи со човекот. Дали ова сведочи за еволуционистички развој на светот? Само по себе, шестдневното создавање на светот не е доволен доказ за еволуционистичкиот карактер на развојот на светот, иако многумина западни богослови на тоа настојуваат. Зашто, дадениве шест „дена“ можат да се гледаат и како временски периоди и како вонвременски акти на последователно создавање на нови видови на битие од страна на Бога.

Секако, признавањето на Бог Творец не го исклучува еволуционистичкиот развој на светот, при услов Бог да е неговата движечка сила. И некои свети отци ја допуштале оваа мисла. Така, св. Григориј Ниски пишувал: „Уште од првиот творечки импулс, сите твари постоеле во својата зададеност како некоја плодотворна сила, внедрена во тварта за породување на сите нешта; но ниту една сè уште немала свое посебно и реално постоење.“

Блажени Августин ја развива истата мисла на следниов начин: „Чинам дека Бог на почетокот наеднаш ги создал сите суштества, едните веднаш, а другите во својата првооснова… Како што во зрното невидливо се содржи сè што е потребно за со време да се развие во дрво, така и ние треба да си претставиме, дека и светот, во моментот кога Бог одеднаш ги создал сите нешта, во себе ги содржел сите нешта што земјата ги произвела, како можност и причина, уште пред тие да се развијат во времето онакви какви што ги знаеме.“ Слична мисла се среќава и во расказот на Мотовилов за неговата беседа со преподобниот Серафим Саровски, кога преподобниот Серафим вели: „Господ не го создал само телото на Адам од земја, но со него ја создал и душата, и духот на човекот: но до моментот, кога Бог во него го вдахнал животниот дух, Адам бил сличен на останатите животни.“

Светителот Теофан (Говоров) Затворник искажал слична мисла: „Имало човекообразно животно, со душа на животно. Потоа Бог во него Го вдахнал Својот Дух – и од животното настанал човекот.“

Сепак, сосема поинаков карактер придобива идејата на еволуцијата, доколку се исклучува творечкото дејствие на Бога, па постоењето на светот и сите различни форми на живот се доживуваат како резултат на саморазвитокот на вечната материја. Во таков случај, даденава идеја претставува само мечта, макар интересна, но многу далеку од она што може да биде наречено научна теорија. Би можеле да укажеме на неколку сериозни научни факти коишто, на пример, не се вклопуваат во концепцијата на биолошката еволуција.

1.Науката не познава закон, според кој неорганската материја (атомите и молекулите) би можеле да се организираат во жива клетка и згора на тоа да породат разум. Познатиот канадски професор биолог М. Рјуз, агностик по своите убедувања, говорејќи за идејата на т.н. природно настанување на човечкиот разум по пат на еволуција, напишал: „Сепак, и за тоа би можело цврсто да се тврди, биолошката теорија и екперименталната практика решително сведочат против тоа. Во современата теоретска биологија нема ништо такво што би дозволило да се допушти несомнената неизбежност на појавата на разумот.“

2.Веројатноста на појавата на животот од случајно соединување на молекули е ништожно мала и еднаква, според некои пресметки, на 10-255, од што, според зборовите на американскиот научник Кастлер, „се заклучува фактичката невозможност за појава на живот“; „претпоставката за тоа дека живата структура би можела да настане во еден акт како последица на случајно соединување на молекули треба да се отфрли“. Еден друг американски биолог Бен Хобринк приведува ваква споредба: „…веројатноста за тоа, дека клетката се појавува самопроизволно, во најмала рака, е еднаква на веројатноста некој мајмун 400 пати да го напише потполниот текст на Библијата без ниту една грешка!“

3.Атеистичкиот еволуционизам доживува особена тешкотија при решавањето на прашањето за настанокот на видовите кај повисоките животни и непреодолива потешкотија во решавањето на најголемата задача – потеклото на човекот. До денес, антропологијата успеала само да го востанови приближното време на појавата на човекот (пред 40-50 илјади години). Но, како тој настанал и дали некој е негов биолошки предок, за неа останува неразрешлива загатка, иако хипотезите се многубројни.

Главната теза на теоријата на еволуцијата за преминот од еден вид во друг под себе нема фактички основи, барем по однос на сите високоорганизирани форми на живот. На пример, уште во средината на 20 век, професорот В. Зенковскиј пишувал: „Не е помалку важно рушењето на идејата на непрекинатост во биологијата – во проблемот на развој на едни видови животни од други. Првично – после работата на Дарвин – идејата на непрекинатост имала голем успех, но повнимателното изучување на фактите покажало дека е невозможно да се изгради генеалошко дрво на развојот на животинските ’видови‘ од едни во други: цели групи на видови се покажуваат сосема неповрзани со други.“

4.Самиот поим на животот до денешно време излегува вон границите на научното знаење. Животот, се чини, дека не е особено соединение на одредени материјални елементи, туку нештопринципелно поинакво. Конечно, прашањето за природата на сознанието и личноста на човекот останува тајна.

Но, за православното богословие едно нешто останува принципелно неизменливо, а тоа е дека Творец и Законодавач на целата твар е Бог. Притоа, како Он ја привел неа во битие: дали создавал по „денови“ наеднаш во завршен вид цели пластови на битија или ги произведувал постепено во тек на „денови“, од пониски форми кон повозвишени од водата и земјата (1Мојс 1,20.24) со силата на законите заложени од Него во природата – нема никакво сотириолошко значење.

Бидејќи, доколку „онаму каде што сака Бог, се надминуваат законите на природата“, тогаш и самите „закони на природата“ Он ги твори онакви какви што сака. Затоа останува неразбирливо, како би можело откривањето на законите на настанувањето и развојот на животот од страна на природните науки, како што тврди атеизмот, да го побие христијанскиот светоглед?

По прашањето за потеклото на светот, Христијанството по својата логика останува длабоко оправдано гледиште, коешто ја исклучува слепата вера во чудото на саморазвиток на Универзумот, самонастанување на животот, самопојава на разумот и сличните на ова „чудеса“. Христијанството говори за разумната Причина на битието на овој прекрасен свет. Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.

професор А.И.Осипов

Извор: Путь разума в поисках Истины

Подготвил: Георгиј Глигоров

Source: http://mistagogia.mk/a-i-osipov-sozdavanje-ili-evolucija/

Related Posts

Image Description
8 months ago

Библиската археологија како аналитичка дисциплина

Од средината на 19 век, кога започнале систематски археолошки истражувања во Палестина и библиските земји на Блискиот исток, пред библиската археологија стоеле две задачи: прво, теренски експедиции и ископувања за откривање на нови артефакти; второ, осмислување на најдените артефакти во врска со рас...

Image Description
8 months ago

Религија и наука (9): За инквизицијата (6)

А тие митови, имено, теософите ги распространувале. Ќе приведам цитат од Е. Рерих: „Инквизицијата била востановена не за гонење само на кутрите вештерки и маѓепсници, поголем дел – медиуми, но и за уништување на неистомислениците. И помеѓу таквите непријател, пред сè, се вбројувале сите најпросветен...

Image Description
5 months ago

Отворен Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први”

Отворен Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први”На отворањето, присутните ги поздрави и министерката за култура Ирена Стефоска, која истакна дека овој форум има бесценета задача – преку размена на академски аргументи да го покаже најдоброто од минатото и како поглед да ѝ го прене...