На 14 / 1 октомври 2024 година, на големиот празник Покров на Пресвета Богородица, во величествениот храм на манастирот Ѓунис, во нишката епархија на Српската православна црква, поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Српската православна црква, Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и Светејшиот Патријарх Српски г.г. Порфириј, отслужија света архијерејска Литургија, во сослужение со Високопреосвештените Митрополити: Преспанско-пелагониски г. Петар, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Бачки г. Иринеј и Нишки г. Арсениј, како и со Преосвештените Епископи Хераклејски Климент и Јенопољски Никон.
– Таму каде што се пројавува силата и љубовта Божја, ние имаме чудо, Божје чудо. И затоа, бидејќи целото создание е потврда, показател и израз на Божјата сила и љубов, сето создание е своевидно непоимливо чудо за човечкиот ум. Но, чудото над чудата е самиот човек, бидејќи тој е најголемиот израз на Божјата љубов и сила затоа што е создаден по лик и подобие на Бога. Чудо е и чудесен е и внатрешниот свет на човекот. Затоа, сè што гледаме, но и она што не го гледаме, нè упатува на Бога, бидејќи тоа е можност и прилика да Го запознаеме Бог, да ја препознаеме Неговата сила, Неговата љубов и Неговата величина – рече патријархот Порфириј по читањето на евангелското зачало.
По осветувањето на славските дарови, што ги подготви Високопреподобната Игуманија на Ѓунишкиот манастир, монахиња Марија со нејзиното сестринство, Архиепископот Стефан се заблагодари за поканата да учествува во величественото одбележување на манастирскиот празник и му подари на митрополитот Арсениј икона на Пресвета Богородица.
Во знак на молитвено сеќавање и спомен на историската посета на манастирот, Митрополитот Арсениј им подари икони на Покровот на Пресвета Богородица на Патријархот Порфириј и Архиепископот Стефан.
– Ваша Светост, Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства, во радоста на денешниот празник во светата обител на Покровот на Пресвета Богородица, ми претставува голема чест што можам, во име на моето свештенство, монаштвото и благоверниот народ на Богоспасуваната Епархија на Ниш, најискрено да ви посакам топло добредојде во нашата Епархија, во оваа света обител, и од сè срце да ви се заблагодарам за татковската и братската љубов и што од татковската и братската грижа најдовте време да ја посветите на нашата Епархија и на оваа света обител – порача митрополит Арсениј и нагласи:
– Токму тука, во оваа света обител под Покровот на Мајката Божја, пред две и пол години се водеа братски разговори за воспоставување на канонското и литургиското единство меѓу Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. И токму тука, во љубов, во братско разбирање, почит и уважување, беше постигнат тој долгоочекуван договор кој донесе радост и за српскиот и за братскиот македонски народ и ги исполни нашите срца со радост. Уште тогаш беше речено дека ќе служиме една заедничка Литургија во братска љубов и единство овде, во оваа света обител, за да Му се заблагодариме на Бога и на Пресветата Мајка Негова, која со своето застапништво и молитвите го направи возможно остварувањето на ова долгоочекувано единство.














Извор: https://spc.rs/68944-2/
Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/arhiepiskopot-stefan-i-patrijarhot-srpski-porfirij-sluzhea-vo-pokrovskiot-manastir-vo-gjunis/