Јеротеј Влахос: ГОСПОДОВИТЕ ПРАЗНИЦИ - ПЕДЕСЕТНИЦА

Example Super-Admin User · 2 years ago

    24 minutes, 59 seconds


Слегувањето на Светиот Дух – фреска во Марков манастир


ПЕДЕСЕТНИЦА


Христос пред да се вознесе на Небесата им даде заповед на Своите Ученици по Неговото Вознесение да се вратат во Ерусалим и да останат даму додека не се облечат со сила од Небото. Така, значи, им го даде ветувањето дека ќе Го примат Светиот Дух, за Кого зборуваше за време на Својот живот.
Ова Христово ветување се оствари кај Учениците педесет дена по Пасха и десет дена по Неговото Вознесение на Небесата. Така, во Црквата го празнуваме празникот Педесетница, кога ја чествуваме Светата Троица, а следниот ден Го прославуваме и славословиме Светиот Дух. Значи, празникот Педесетница е празник на Светата Троица.
Нема детално да се осврнеме на третата Личност на Светата Троица, т.е. на Светиот Дух, туку ќе ги нагласиме само оние факти и оние учења на Светото Писмо и на светите Отци кои се однесуваат на Христа. Следствено, ќе ги нагласиме повеќе христолошките факти во однос на Светиот Дух. Бидејќи Христологијата е незамислива надвор од Тријадологијата, затоа ќе се осврнеме и на догмата за тајната на Светата Троица.
Во таканаречениот од Црквата Додекаеортион (дванаесетпразничие) е содржан и празникот Педесетница, затоа што е последниот празник на Божјиот Домострој. Христовото вочовечување за цел ја имаше победата над смртта и доаѓањето на Пресветиот Дух во срцето на луѓето. Впрочем, познато е дека цел на црковниот и духовниот живот е да станеме членови на Телото Христово и да Го примиме Светиот Дух. Овие две нешта се меѓусебно нераскинливо поврзани.
Свештениот химнограф ја нарекува Педесетницата последен празник од аспект на повторното создавање и обновувањето на човекот. Така, ако Благовештението на Пресветата Богородица е почетокот на воплотувањето на Логосот и на Божјиот Домострој, тогаш Педесетницата е крајот, бидејќи тогаш, преку Светиот Дух, човекот станува член на воскреснатото Тело Христово.
Во оваа рамка можеме да ја сместиме и Педесетницата, а исто така и она што е во врска со Светиот Дух и со Христа, бидејќи не може да се замисли Христологијата надвор од Пневматологијата, ниту Пневматологијата надвор од Христологијата.

А

Слегувањето на Светиот Дух се случило во Недела. И во ова се гледа значењето на Неделата, бидејќи во тој ден се случиле големите Господови настани. Според светиот Никодим Светогорец, во првиот ден, т.е. во Недела, започна создавањето на тварта, бидејќи тогаш беше создадена светлината, во Недела започна обновувањето на тварта со Христовото Воскресение, и во Недела се случи восовршувањето на тварта со слегувањето на Светиот Дух. Создавањето на тварта се случи од Отецот со содејство на Синот и на Светиот Дух, обновувањето се случи од Синот со благоволение на Отецот и со содејство на Светиот Дух, а восовршувањето на тварта се случи од Светиот Дух, Кој исходи од Отецот и се испраќа преку Синот.
Секако, кажувајќи го ова им даваме значение на Личностите кои биле претстатели во создавањето, обновувањето и во восовршувањето на тварта, но, како што сме научени и како што веруваме, заедничко е дејството на Троичниот Бога и никогаш не може да се оддели и да се изолира една Личност од другите Личности на Светата Троица.
Христијанската Педесетница во која го празнуваме слегувањето на Светиот Дух совпаѓа со Јудејската Педесетница. Значи, во денот кога Јудејците ја празнувале Педесетницата слезе Светиот Дух врз Апостолите и ги направи членови на Воскреснатото Тело Христово.
Педесетницата е втор по важност празник на Јудејците после Пасха, и според преданието, го празнувале предавањето на Божјиот закон на Мојсеја. Значи, четириесет дена од првиот празник на Пасхата, Мојсеј се искачил на Синајската гора и го примал Божјиот закон. Меѓутоа, истовремено Јудејската Педесетница била израз на благодарност на Јудејците заради собирањето на плодовите. Бидејќи совпаѓал со периодот на жетвата бил наречен празник на жетвата и Јудејците во Храмот ги принесувале првините од плодовите. Празникот Педесетница, кој Јудејците многу блескаво го празнувале, се нарекувал празник на седмиците (види Исход. 34, 22; Левит. 24, 15, 16, 17; Броеви. 28, 26, 31; Повт. Зак. 16, 9 - 10).
Краткиот осврт на Јудејската Педесетница покажува дека таа била образ на Новозаветната Педесетница. Ако Мојсеј го примал Старозаветниот закон, тогаш во денот на Христијанската Педесетница Учениците Го примиле Светиот Дух и така го доживеале Новозаветниот закон, односно законот на Божјата благодат. Ако во Стариот Завет невоплотениот Логос го дал законот на Синај, тогаш во Новиот Завет Воскреснатиот воплотен Логос им Го испратил Светиот Дух на Учениците, кои се наоѓале во горната соба, и тие станале членови на Неговото прославено Тело. Ако на Педесетница во Стариот Завет ги принесувале првините од плодовите на жетвата, тогаш на Педесетница во Новиот Завет биле принесени првините на словесните плодови од жетвата што ја направил Самиот Христос, т.е. Му биле принесени Апостолите на Бога.
Секако, постои јасна разлика помеѓу Божјото откровение на Синај и Божјото откровение во горната соба во Ерусалим. Синајската гора целата беше во дим, затоа што Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ (2. Мој. 19, 18). Беше дадена заповед никој да не се доближи кон гората, затоа што ќе умре: Секој кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт (2. Мој. 19, 12). Меѓутоа не се случило истото на денот на слегувањето на Светиот Дух во горната соба. Учениците се исполниле со радост и се преобразиле и од плашливи станале неустрашливи, и од смртни луѓе станале богови по благодат.
Разликата помеѓу Синај и горната соба во Ерусалим се гледа во разликата помеѓу Старозаветниот закон и Новозаветниот закон. Тогаш беше даден законот на камени плочки, а сега законот се запишува во срцата на Апостолите. Апостолот Павле вели: вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето (2. Кор. 3, 3). Со слегувањето на Светиот Дух се исполни пророштвото на Пророкот Еремија, како што го опишува Апостолот Павле: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ (Евр. 8, 10).


Б

Празникот Педесетница е празник на Светата Троица, бидејќи со слегувањето на Светиот Дух учиме дека Бог е Троичен. И претходно како во Стариот Завет, во сенка, така и во Христовото учење луѓето учеле за Троичноста на Бога, но опитно искуство на Неговите три Ипостаси стекнале на Педесетница. Така, Педесетницата е празник на православната Теологија.
Зборувајќи за православна Теологија велиме дека едно е словото за Бога (Богословие-Теологија), а друго е словото за воплотувањето (Домострој - икономија). Следствено, на денот на Педесетницата богословствуваме православно, затоа што учиме дека Бог е Троичен: Отец, Син и Свети Дух. Согласно со православното богооткриено учење Отецот е беспочетен, без причина и нероден, т.е. од никого ја нема причината за Своето постоење. Синот произлегува од Отецот со раѓање, а Светиот Дух произлегува од Отецот со исходење. Термините нероденост, раѓање и исходење ни се откриени од Христа и не можеме да ги сфатиме логички (со разумот), затоа пак остануваат тајна. Факт е дека Синот и Духот произлегуваат од Отецот на различен начин, т.е. имаат посебно ипостасно својство, односно начин на постоење, но ја имаат истата суштина со Него.
Покрај овие нивни посебни својства, Отецот и Синот и Светиот Дух сепак ја имаат истата природа (суштина) и слава (енергија). И трите Личности на Светата Троица се единосуштни, единославни, единосилни, и ниедна не е поголема од другата. Значи, Синот и Светиот Дух не се со помало значење и вредност од Отецот. А кога зборуваме за Прва, Втора и Трета Личност на Светата Троица, тогаш не ги вреднуваме според значењето, возвишеноста и силата, туку според начинот на нивното постоење (св. Василиј Велики). На крај, логиката (разумот) на човекот, но и човечките поими и зборови се немоќни да ја формулираат тајната на Троичниот Бог.
Светите Отци ја живееле оваа тајна, колку што било возможно, при богооткриениот опит. Светиот Григориј Богослов зборува за три светлини кои го озариле при откровението што го имал. Тој пишува: Не стигам едното да го појмам, а веќе сум озарен од трите...
Тајната на Светата Троица ни ја откри Самиот Христос, Кој зборувајќи им на Своите Ученици рече дека Светиот Дух исходи од Отецот и се испраќа од Него Самиот (Јован. 15, 26). Тоа значи дека Синот Божји не учествува во исходењето на Светиот Дух, туку учествува во Неговото испраќање во светот, а тоа испраќање е објавувањето на Светиот Дух по енергија. Така, како што објаснува светиот Григориј Палама, Духот Свети исходи од Отецот, но можеме да кажеме дека се испраќа преку и од Синот, само според енергијата и според Неговото објавување во светот, а не според Неговото суштинско постоење. Едно е постоењето на Светиот Дух, а друго е Неговото објавување по енергија.
Отецот пред сите векови, беспочетно, Го раѓа Синот еднаков со Себе Бог, и Го исходи Светиот Дух еднаков со Себе Бог, без да се подели Божеството со поделбата на Личностите, туку е неслиено соединето со избројувањето на Троицата. Тоа што Синот е роден од Отецот, а Светиот Дух исходи од Отецот не значи дека се помлади од Него, бидејќи не се вметнува време помеѓу нероденоста на Отецот и раѓањето на Синот, како и исходењето на Светиот Дух. Личностите на Светата Троица се предвечни, собеспочетни и единочестни (Леон Мудри).

В

Создавањето и пресоздавањето на светот е заедничко дејство на Троичниот Бог. Токму оваа богословска вистина нé доведува до тоа да кажеме дека не е едно делото на Христа, а друго делото на Светиот Дух. Го велиме ова затоа што постои веројатна и сериозна опасност да зборуваме за Христов домострој, како да се случува независно од Светиот Дух, и за домострој на Светиот Дух, како да се случува независно и автономно од Христа.
Логосот Божји стана човек со благоволението на Отецот и со содејството на Светиот Дух. Христос беше зачнат во утробата на Пресветата Богородица од Духот Свети. Потоа Христос, по Неговото Воскресение, а секако на денот на Педесетницата Го испрати Светиот Дух, затоа што Светиот Дух се испраќа преку Синот. И Он (Светиот Дух) кога дојде во Апостолите Го изобрази Христа во нивните срца, т.е. ги направи членови на воскреснатото Тело Христово. Поради таа причина не можеме да зборуваме за разлика помеѓу делото на Синот и делото на Светиот Дух.
Тоа се гледа јасно во Светото Писмо. Христос за време на Својот живот ги исцели и ги очисти срцата на Апостолите со Неговото учење, со откровенијата на Неговите тајни, со Неговите чуда, па затоа на крај рече: Веќе сте чисти преку словото што ви го кажав (Јован. 15, 3). Во друга прилика кажа дека ако некој Го љуби и го пази Неговото слово, тогаш него ќе го возљуби и Неговиот (на Синот) Отец, при што како што кажа: при него ќе дојдеме и живеалиште во него ќе направиме (Јован. 14, 23).
Тоа што Отецот и Синот ќе живеат во очистениот и осветен човек не значи дека ќе бидат лишени од присуството на Светиот Дух или дека Светиот Дух се оттуѓува од делото на осветувањето. Затоа што во друг момент Христос им вети на Учениците дека ќе Го испрати Светиот Дух, Кој исходи од Отецот, Кој е во вас и во вас ќе биде (Јован. 14, 17). Човекот кој ја прима благодатта на Троичниот Бог станува член на воскреснатото Тело Христово,  живеалиште на Бога Отецот и храм на Светиот Дух, односно живеалиште на Троичниот Бог.
Светиот Јован Дамаскин во еден тропар од Канонот на Педесетница ја употребува фразата Духот е признак на од Отца родениот Логос. Светиот Дух се нарекува признак на Логосот, бидејќи Он Го открива и Го објавува Логосот Божји, затоа што без Духот Единородниот Син е непоимлив (св. Григориј Ниски). Впрочем, Апостолот Павле вели дека никој не може да Го нарече Исуса Господ освен преку Светиот Дух (1. Кор. 12, 3). Исто така, Светиот Дух се нарекува признак на Логосот, затоа што Он ги научи Учениците согласно со она што беа поучеи и ги потсети за сé што им кажал Христос. Затоа и стана признак, т.е. преку Него се објави дека Христос е вистински Син и Логос Божји, а од општото учење се докажа единосуштноста и единославноста на Синот со Светиот Дух (св. Никодим Светогорец).
Синот и Логос Божји со Своето вочовечување Го прослави Отецот. На денот на Педесетницата Светиот Дух слезе врз Апостолите, и така и Он Го прослави Синот (Лав Мудриот). Со овој повод можеме да кажеме дека Отецот Го прослави Синот со тоа што Го нарече возљубен Син; Синот се прослави со сзето она што го направи со содејството на Светиот Дух. Синот Го прослави Отецот со целото дело на спасението на човечкиот род. Истовремено Синот Го прослави Светиот Дух, затоа што им Го објави и им Го откри на Учениците, но и Светиот Дух, Кој богато дејствува во Црквата, Го прославува Отецот од Кого произлегува, и Го прославува и Синот, бидејќи оние кои Го примаат стануваат членови на Телото Христово.
Од сето ова се гледа дека не е едно делото на Синот, а друго на Светиот Дух. Спасението на човекот е заедничко дејство на Троичниот Бог. Токму ова важно прашање, оваа голема богословска вистина, ќе се покаже подобро со она што ќе го кажеме во продолжение.

ГPedesetnica.Markov.jpg

Многу имиња Му се дадени на Светиот Дух. Едно од нив, кое го покажува делото што го врши во Црквата, но и во животот на луѓето, е името Утешител. Со овој збор Самиот Христос Го нарече Светиот Дух, кога им кажа на Своите Ученици малку време пред Своето Страдање: Јас ќе Го помолам Отецот и ќе ви даде друг Утешител,Духот на вистината, Кој ќе биде со вас довека (Јован. 14, 16 - 17). И малку подолу Христос Го нарекува Светиот Дух Утешител, Кој ќе ги научи Учениците и ќе им напомни за сé она што Самиот им го кажал за време на Својот живот. Утешителот, пак, Духот Свети Кого што Отецот ќе ви Го испрати во Моето име, Он ќе ве научи на сé и ќе ви напомни за сé што Сум ви кажал (Јован. 14, 25). Имајќи сигурност дека Светиот Дух е Утешител, Му се молиме: Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината...
Светиот Дух го утешува човекот кој се бори против гревот, трудејќи се да ги запази Христовите заповеди во својот живот. Таа борба е сурова, затоа што битката е против лукавите духови. Затоа, Светиот Дух е Утешител. Бидејќи утешувањето на луѓето е особен карактеристичен признак Божји, затоа со овој термин Светиот Дух се карактеризира како Бог.
Она што има значение во христолошките проучувања што ги правиме овде е дека Светиот Дух од страна на Христа се нарекува Утешител, но истовремено се вели дека е друг Утешител. Он е другиот Утешител, затоа што и Христос е Утешител Кој ги утешува луѓето. Евангелистот Јован Богослов, во неговото соборно послание им советува на Христијаните да не грешат. Меѓутоа во продолжение вели дека ако направат грев не треба да очајуваат, затоа што кај Отецот имаме застапник (утешител), Исуса Христа, праведникот (1. Јов. 2, 1 - 2). Така, Христос и Светиот Дух се двајцата Утешители во светот. Секако, и Бог Отецот е Утешител на луѓето, бидејќи утешувањето е заедничка енергија (дејство) на Троичниот Бог.
Фразата друг Утешител  укажува дека Христос и Светиот Дух се различни Ипостаси (Личности), но имаат заедничка природа, суштина и енергија. Светиот Григориј Богослов, толкувајќи ја фразата друг Утешител, вели дека тоа го претставува и го карактеризира совладетелството и единосуштноста на двете Ипостаси. Тоа што Христос вели дека ќе испрати друг Утешител, значи дека и Он е Утешител. На тој начин можеме да ја видиме еднаквата чест на Христа и на Светиот Дух.

Д

Светиот Дух е единосуштен со Синот и со Отецот, затоа што и трите Личности на Светата Троиица имаат заедничка суштина (природа) и заедничка енергија или слава. Затоа каде што е Христос таму е и Духот, и каде што е Духот таму е и Христос.
Претходно нагласивме дека Личностите на Светата Троица не се разделуваат, ниту нивното дело се автономизира. Светиот Максим Исповедник вели дека во сите дејствува Светиот Дух, но на различен начин во секого. Дејствува без исклучок во сите луѓе, бидејќи се Божји созданија, како одржител, промислител и обновител на природните семиња. Во оние кои се наоѓаат во периодот на законот дејствува како укажувач на престапувањето на заповедите и како просветлител на Христовото ветување. Во оние кои живеат во Христа дејствува восиновувачки, бидејќи со дејството на Светиот Дух стануваат синови Божји. Во обожените, т.е. во оние кои станале достојни за божественото живеење и за вселувањето на Неговата обожителна сила, дејствува творејќи мудрост. Така, во сите дејствува Светиот Дух, но различно во секого, аналогно со духовната состојба во која се наоѓа.
Со оваа перспектива разбираме дека Светиот Дух дејствувал и во Стариот Завет, во Пророците, бидејќи со Неговите сила и дејство Пророците Го гледале невоплотениот Логос и пророкувале за воплотениот Логос, односно за Христа. Од православната теологија многу добро знаеме дека сите Божји откровенија во Стариот Завет биле откровенија на Втората Личност на Светата Троица, односно на Невоплотениот Логос. Бидејќи присуството на Логосот не се случува независно од Светиот Дух, затоа Светиот Дух на Пророците им Го објавувал невоплотениот Логос и преку Него им се откривале идните тајни.
Светиот Василиј Велики вели дека Светиот Дух доаѓал во умот на Пророците и тие ги пророкувале идните блага. Карактеристичен пример е случајот на Јован Крстител, кој се исполнил со Свети Дух, додека се наоѓал како шестмесечен ембрион во утробата на неговата мајка, и, како што вели светиот Григориј Палама, со Светиот Дух го прима совршенството на идниот век во утробата на својата мајка и богословствува за Христа. И, секако, како што видовме на празникот Сретение, праведниот Симеон со Светиот Дух Го препозна Христа.
Следствено, Светиот Дух дејствува и во Стариот Завет на различен начин од она како дејствува во Новиот Завет, односно во Црквата. Затоа што, како што рековме претходно, во Стариот Завет на Пророците им укажувал на престапот на заповедите и им го откривал Христовото доаѓање, а во Новиот Завет ги прави луѓето синови Божји и енови на Телото Христово, и ги воид во обожување.

Ѓ

Вочовечувањето на Синот и Логос Божји и целото дело на Божјиот Домострој не се случува независно од Светиот Дух. Светиот Василиј Велики во однос на ова е многу изразителен. Тој вели дека, кога Христос доаѓа во светот, Светиот Дух претходи, бидејќи Он го објавува Неговото доаѓање и го открива Неговото присуство. Со воплотеното присуство на Христа во светот и Духот Свети е неразделен. Дејствата на силите и даровите на исцеленијата се случуваат со дејството на Светиот Дух. Демоните излегуваат од луѓето преку Духот Божји. Ѓаволот се отфрла со соприсуството на Светиот Дух. Отпуштањето на гревовите се случува со благодатта на Светиот Дух. Воскреснувањето на мртвите се случува со дејството на Духот.
Ако Светиот Дух дејствувал во Пророците и во старозаветните праведници укажувајќи им и објавувајќи им Го Христа, тогаш многу повеќе дејствувал и во Христовите Апостоли и Ученици. Меѓутоа, бидејќи Светиот Дух дејствува аналогно со состојбата на човекот и во соодветно време, затоа дејствувал во нив на три начини и во три времиња. Дејствувал нејасно пред Христос да се прослави во Страдањето, дејствувал појасно по Неговото Воскресение, и дејствувал посовршено по Неговото Вознесение на Небесата (св. Григориј Богослов). Впрочем, Светиот Дух ги усовршува и ги осветува луѓето, а Самиот не се усовршува, бидејќи Он е совршен Бог. Светиот Дух е Оној Кој усовршува, а не се усовршува (св. Григориј Богослов). Затоа, и Апостолите кои биле несовршени ги усовршил.
Невоплотениот Логос, Синот и Логос Божји, преку Пророкот Јоил, кажал: И, ете, по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа (Јоил. 2, 28). Овде јасно станува збор за доаѓањето на Светиот Дух и за дарувањето на пророчкиот дар, кој беше даден на денот на Педесетницата. Според светиот Кирил Александриски, пророштвото се однесува на настаните кои се случиле на Педесетница, бидејќи тогаш Учениците зборувале пророкувајќи, т.е. ги проповедале тајните Христови кои беа пророкувани од страна на Пророците. Значи, тогаш Учениците со силата на Светиот Дух разбрале дека сите пророштва кои постојат во Стариот Завет се однесуваат на Христовата Личност. На тој начин се усовршиле во познанието и во откровението.
Со силата и дејството на Светиот Дух човечката природа се враќа во претходната и древна состојба, бидејќи го стекнува пророчкиот дар што го имал Адам во Рајот (св. Никодим Светогорец). Навистина, гледајќи го животот на Адам во Рајот, пред падот, сфаќаме дека имал чист ум и пророкувал. Бог ја создал Ева од неговото ребро, додека Адам спиел. Меѓутоа кога се разбудил од сонот и ја видел Ева се просветлил, со дејството на Светиот Дух, и исповедал дека таа произлегла од неговото тело: Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот (1. Мој. 2, 23).
Тоа значи дека оние кои Го примаат Светиот Дух и се членови на Црквата не само што се воспоставуваат во претходната состојба во која се наоѓал Адам, туку се издигаат уште повисоко, соединувајќи се со Христа. Имајќи Го Светиот Дух стануваме пророци, стекнуваме пророчки дар, како што го гледаме тоа во животот на светителите, ги познаваме тајните Христови, го гледаме и го доживуваме Царството Божјо. Со силата и дејството на Светиот Дух пророчкиот дар станува природна состојба во човекот. Умствената молитва е индикација на тој дар и на дејството на Светиот Дух.

Е

Начинот на кој дејствувал Светиот Дух како во Стариот така и во Новиот Завет јасно се гледа во темата на Црквата. Проучувајќи ја оваа тема можеме да видиме неколку интересни страни, кои ја покажуваат тесната врска и поврзаност на Христологијата со Пневматологијата.
Според светите Отци Црквата постоела и пред Христовото вочовечување, бидејќи создавањето на ангелите и на луѓето го сочинува почетокот на Црквата. Со падот на Адам го имаме падот на Црквата, но Црквата се сочуввува во личностите на Пророците и општо во личностите на Старозаветните праведни мажи. Покрај постоењето на Црквата, сеуште има сила моќта на смртта, па затоа, иако Старозаветните праведници достигнале во обожување и Го спознале невоплотениот Логос, сепак врз нив имала власт моќта на смртта. Така праведниците слегувале во Адот.
Христос со Неговото вочовечување, кое се случи преку Духот Свет, го зеде телото на Црквата (св. Јован Златоуст), односно ја зеде чистата и неизвалкана човечка природа и ја соедини со Божјата природа во Својата Личност. На тој начин Црквата сега прима Глава и станува Тело Христово. Климент Римски ќе рече дека во почетокот Црквата беше духовно и беше создадена со јавувањето на ангелите, но подоцна со Христовото вочовечување се јави во Христовото тело, т.е. стана телесна, односно Тело Христово. Бидејќи воплотувањето на Логосот Божји се случи и со содејството на Светиот Дух, и сé што се случува во Црквата се случува со дејството на Светиот Дух, затоа Педесетницата е поврзана со Црквата.
Христос во една прилика му рекол на Апостолот Петар: Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Мојата Црква, и вратите на адот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18). Тоа се оствари со Христовата смрт на Крстот и со Неговото слегување во Адот. Христовата душа заедно со Божјата природа слезе во Адот, а Неговото Тело заедно со Божјата природа остана во гробот. На тој начин беше победена моќта на адот, односно на смртта. Така, значи, смртта не завладеа ниту може да завладее над Црквата, која е Тело Христово.
На денот на Педесетницата се востанови Црквата, од аспект дека Апостолите станаа членови на Телото Христово. Така, иако претходно имаа заедница со Христа, сега со силата и дејството на Светиот Дух стануваат членови на Телото Христово. Црквата од духовна станува телесна. Светителите, обожените, немаат однос и заедница само со невоплотениот Логос, туку со воплотениот Логос, односно со Богочовекот Христос. Теологијата дека Црквата е Тело Христово, а светителите се членовите на Телото Христово ја развива Апостолот Павле (1. Кор. 12, 1 - 31). Значи, се вели дека Црквата не е религиозна организација, туку таа е Телото Христово. Уште се вели дека поделбите на даровите се вршат со дејството на Светиот Дух. За да дојде до следниов заклучок Апостолот Павле: Вие сте тело Христово, а поодделно членови (1. Кор. 12, 27).
Треба да се додаде дека во учењето на светите Отци се забележуваат две вистини кои го покажуваат заедничкото дејство на Личностите на Светата Троица. Христијаните се членови на Телото Христово (1. Кор. 12, 27), но истовремено се и храмови на Светиот Дух (1. Кор. 6, 19). Едното не го одзема другото.

Ж

Слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата не значи дека претходно отсуствувал од земјата и од луѓето, туку дека, како што наведовме претходно, дејствува на различен начин. Можеме да прикажеме два моменти кои го толкуваат слегувањето на Светиот Дух и Неговото различно дејство.
Првиот момент е дека на денот на Педесетницата Апостолите разбрале дека Светиот Дух е една посебна Ипостас (Личност), а не обична Божја енергија. Светиот Дух, Кој во Стариот Завет се објавувал нејасно како вдахнување, како глас, како глас на ветрец, како вдахновение на Пророците, на Педесетница се објавува како посебна Ипостас. Така, кога завршиле настаните кои ја објавувале Личноста на Синот, почнале да се извршуваат настаните кои ја објавуваат Личноста на Светиот Дух (св. Григориј Палама).
Вториот момент со кој може да се протолкуваат фактите во врска со слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата е дека Светиот Дух ги направи Учениците членови на Телото Христово и им ја даде силата да учествуваат во Христовата победа над смртта.
Светиот Никодим Светогорец, толкувајќи ги фактите во врска со слегувањето на Светиот Дух, употребува цитати од преподобниот Никита Ститат и од светиот Василиј Велики, согласно со кои Светиот Дух не слегол како слуга, туку како владика и самовласно. Како што Синот и Логос Божји со Својата волја, доброволно, се вочовечи, така и Светиот Дух со Својата волја ги направи Апостолите членови на Телото Христово. Впрочем, волјата на Отецот е и волја на Синот и на Светиот Дух, и обратно. Заедничко е дејството и волјата на Троичниот Бог.
Самовласноста (слободата) се употребува различно за Бога, за ангелите и за луѓето. Бог не може да се спореди со човечките дадености. Ангелите ја имаат природно самовласноста, но ја употребуваат непречено, т.е. она што го сакаат веднаш го реализираат, затоа што немаат пречки во реализирањето, бидејќи не ги попречува телото ниту некоја друга спротивставена сила. Луѓето се самовласни и имаат слобода, но нивната самовласност е ранета и не можат лесно да го реализираат тоа што го посакуваат. Тоа се должи на нападите на ѓаволот, на тежината на телото и на страстите под кои доброволно се потчинија. Затоа и треба волјата и самовласноста да ги зајакне Бог. Апостолот Павле пишува: Бидејќи Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговото благоволение (Фил. 2, 13).
Тоа значи дека Светиот Дух слегол во срцата на Апостолите и дејствува во луѓето со Неговата волја, а не како слуга. Но луѓето треба да одговорат на дејството на Светиот Дух со својата волја, бидејќи Бог не ја прегазува нивната слобода. Меѓутоа волјата и самовласноста треба да ги зајакне Бог, затоа што во состојбата на падот човекот е заробен и е едно зависно битие.
Општо, кога зборуваме за слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата, не можеме да го подразбираме како вочовечување, бидејќи само Синот и Логос Божји се вочовечи, туку како Негово ипостасно објавување во светот кое ги преобрази Учениците и од смртни луѓе ги направи живи членови на Телото Христово.

З

Со светото Крштение човекот станува член на Црквата, односно член на Телото Христово. Токму денот на Педесетницата за Апостолите беше ден на крштение, затоа што станаа членови на Телото Христово. Така, Христос не е само учител, туку е нивна Глава.
Христос им кажа на Своите Ученици веднаш по Неговото Воскресение: Бидејќи Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес ќе бидете крстени со Светиот Дух (Дела. 1, 5). Кога слезе Светиот Дух во Учениците ги крсти и затоа целата куќа каде што се наоѓаа очекувајќи го ветувањето на Отецот, се исполни со Светиот Дух Кој куќата ја направи духовен Купел (св. Григориј Палама).
Доаѓањето на Светиот Дух во горната соба се случи со силен ветар. Евангелистот Лука пишува: И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа каде што седеа (Дела. 2, 2). Овој силен ветар беше предобразен и предвезтен во Стариот Завет во многу случаи. Тоа е гласот за кој мајката на Пророкот Самуил рече: дека Господ се вознесе на небесата и загрме. Тој глас го предвозвести Пророкот Илија, кога Го видел Бога со глас на тивок ветрец. На тој глас укажа Христос кога извика: кој е жеден нека дојде при Мене и да пие, бидејќи со овие силни зборови мислеше на Светиот Дух, Кого ќе треба да Го примат оние кои ќе поверуваат во Него. Исто така се предукажува со Христовото дување во Учениците по Неговото Воскресение, давајќи им Свети Дух да простуваат гревови.
Јавувањето на Светиот Дух како силен ветар има значење, затоа што покажува дека Светиот Дух победува сé, ги надминува ѕидовите на лукавиот, ги уништува градовите и секоја крепост на непријателот. Истовремено ги смирува гордите, ги издигнува смирените по срце, го поврзува она што не треба да биде одврзано, ги раскинува врските на гревовите и ги уништува задржаните (св. Григориј Палама). Со силата на Светиот Дух човекот може да стане жив член на Црквата и да ги победи сите сили на непријателот, да ја надмине и самата смрт.

Ѕ

Тоа дека делото Христово не е различно од делото на Светиот Дух и обратно, се гледа и од начинот на кој се јави Светиот Дух на денот на Педесетницата. Евангелистот Лука, кој е и писателот на Делата Апостолски, пишува: И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети (Дела. 2, 3 - 4).
Светиот Григориј Палама, анализирајќи го овој настан, прави прекрасни богословски забелешки кои треба да ги забележиме овде, затоа што ги покажуваат единочесноста и единославноста на Светиот Дух со Христа.
Најпрво, видното објавување на Светиот Дух се случи во вид на јазици за да се покаже соприродноста со Логосот Божји, затоа што ништо не е посродно со словото од јазикот. Така со тоа покажа дека Светиот Дух не врши различно дело од она што го изврши Логосот Божји. Истовремено, се објавува видливо со јазик, за да покаже дека учителот на вистината има потреба од облагодатен јазик.
Јазиците со кои се објави Светиот Дух беа огнени. И тоа има големо значение. Ја покажува единосуштноста на Светиот Дух со Отецот и со Синот, бидејќи Бог е оган кој гори. Со ова јавување покажува дека Светиот Дух ги има истата природа и дејство со Отецот и со Синот. Огнените јазици уште го покажуваат и двојниот начин на дејство на Апостолската проповед. Огнот осветлува  и изгорува. Исто и Христовото учење ги просветлува оние кои се послушни, а ги изгорува оние кои не веруваат. Секако, тој оган со кој Светиот Дух се јави не беше тварен, туку нетварен, па затоа светиот Евангелист не кажал огнени јазици, туку како огнени јазици.
Огнените јазици се расподелија врз главите на Апостолите. И тоа си има свое значение, затоа што сака да покаже дека само Христос ја има целокупната Божја сила и енергија, бидејќи Он ја има истата природа со Отецот и со Светиот Дух. Благодатта што ја примаат светителите не е природата, туку енергијата Божја, која на секој човек му дава различни дарови. Никој друг ја нема целокупната Божја благодат освен Христос, Кој телесно ја има сета полнота на Божјата благодат.
Тоа што огнените јазици седнаа врз главите на Апостолите го објавува владичкото достоинство, но и единственоста на Божествениот Дух. Не станува збор за некое тварно дејство, туку за Божјата нетварна енергија, па затоа и се прикажува како да седи, што е показател на царска слава. Истовремено, иако благодатта и дејството на Светиот Дух се разделува, сепак останува единствено. Навистина, Светиот Дух се наоѓа и дејствувва неразделно разделувајќи се и сите учествуваат во него, според образот на сончевиот зрак. Значи, додека сите го примаат сончевиот зрак, истовремено ја примаат и сончевата енергија, без да се поделува. Кога човекот се причестува со пречистите Тајни, т.е. со Телото и Крвта Христови, не се причестува со дел од Владичкото Тело, туку со целокупното Тело Христово. На Божествената Литургија свештеникот вели: се раздробува и се разделува Агнецот Божји, Кој се дели и не се разделува...
Следствено, дејството на Светиот Дух е дејство и на Логосот и на Отецот, односно тоа е дејство на Троичниот Бог. Спасението на човекот е учество во нетварните енергии на Светата Троица.

И

Христос, ветувајќи им на Своите Ученици дека ќе Го испрати Светиот Дух, им даде јасна заповед: вие останете во градот Ерусалим додека не се облечете со сила одозгора (Лука. 24, 49). Учениците ја запазија оваа заповед и останаа единодушно во горната соба во Ерусалуим со тихување (исихија) и молитва, очекувајќи го излевањето на дарот на Светиот Дух. Затоа, светиот Евангелист Лука потврдува: и беа постојано во храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога (Лука. 24, 53).
Ќе треба овде малку да ја прокоментираме фразата додека не се облечете со сила одозгора, затоа што е доволно карактеристична. Христос не зборува за тоа дека само ќе Го примат Светиот Дух, туку дека ќе се облечат со Него, како со некакво духовно сеоружие, за да војуваат со непријателот. Не станува збор за просветлување на интелектот (разумот), туку за преобразување на нивното целокупно битие. Нема да постои ниту една точка на телото и ниту едно дејство на душата што би останале непокриени од дејството на Светиот Дух.
Познато е дека со Светото Крштение, кое се смета за воведна Света Тајна затоа што преку него се воведуваме во Црквата и стануваме членови на Телото Христово, се облекуваме со Самиот Христос: вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3, 27). Меѓутоа, истовремено се облекуваме и со Светиот Дух, според Христовото изречено ветување. Впрочем, таа цел ја имаат двете Свети Тајни на Крштението и Миропомазанието, кои се меѓусебно поврзани.
Облекувањето на Христијанинот со Светиот Дух не е надворешно и површно, туку е внатрешно, според примерот на соединувањето на железото со огнот. Вжештеното железо се зажарува целото, а не еден негов мал дел. Така, оние кои Го примаат Светиот Дух Го чувствуваат како го исполнува нивното срце, ги просветлува очите, го осветува слухот, ги смирува помислите, ги извира поимите (смислата), дарува мудрост, ги исполнува со благодат лицата. Се случува истото како и со архиѓаконот и првомаченик Сте

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost-2/zhitija/10167-jerotej-vlahos-gospodovite-praznici-pedesetnica

Share:

Example Super-Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Игумен Трифун: Поднесување испитанија

 (Обновено) Поднесување испитанија Поднесување испитанија: Без страдање, не може да се прифати КрстотВо споредба со вечноста, испитанијата преку кои страдаме во овој живот се само една цртичка на метарот. Многумина претрпуваат губење на работата, болести, запленување на имотот и разни други пре...

Image Description
3 years ago

ОТКРИВАЊЕТО НА ПОМИСЛИТЕ И ИСПОВЕДТА НА ВЕРНИЦИТЕ

  Дали е задолжително да се исповеда кај свештеник пред секоја Причест? Што да се направи, за исповедта да не стане формална? Кои настани од животот на верникот треба да бидат осветени со благослов од свештеник? Зошто не треба да се брза со изборот на духовник? Како да се одбегне духовната „под...

Image Description
3 years ago

Амин! (Александар Шмеман)

Така се вративме таму од каде што почнавме, од каде што почнува самата Евхаристија, на благословувањето на царството Божјо. Што значи тоа да се благослови Царството? Тоа значи дека го признаваме и го исповедаме како наша највисока и крајна вредност, предмет на нашата желба, на нашата љубов и надеж,...