Еден старец секојдневно јадеше по три кутичиња мармелад. Еднаш му дојде на посета еден брат, и кога седнаа да јадат, извади и за братот три кутичиња мармелад.

Старецот виде дека братот има потреба повеќе да јаде и му донесе уште три.

Откако се најадоа и станаа, старецот го осуди братот и му рече: „Не треба, брате, да му служиме на телото“. Братот му направи метанија на старецот и си замина.

Следниот ден кога дојде времето за јадење, старецот извади пак три мармелади за себе.

Но, откако ги изеде, пак почувствува глад, ама се воздржа. Следниот ден истото му се случи и почна да се чувствува истоштено.

Тогаш старецот сфати дека Бог го напуштил и паѓајќи пред лицето Божјо, почна со солзи да го моли заради богооставеноста.

И виде еден ангел кој му рече:

„Тоа ти се случи, затоа што го осуди братот. Да знаеш дека оној кој може да се воздржи или да направи нешто друго добро, не го прави тоа со својата сила, туку добрината и благодатта Божја е таа која му дава сила на човекот“.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев