Неговото Блаженство Даниел, Патријархот на Романската Православна Црква, говореше на отворањето на Меѓународниот богословски симпозиум „Првиот вселенски собор во Никеја (325): Православната вера – основа на црковното единство“, одржан во Патријаршиската палата во Букурешт, Романија од 14-ти до 17-ти мај.
Во продолжение неговиот говор го пренесуваме во целост.
Првиот вселенски собор во Никеја (325) ја формулирал првата вселенска соборна исповед за божествената природа на Исус Христос, против аријанската ерес
Меѓународниот богословски симпозиум „Првиот вселенски собор во Никеја (325): Православната вера – основа на црковното единство“, што го организира Романската патријаршија во соработка со Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ на Универзитетот во Букурешт, со поддршка на Државниот секретаријат за религиозни прашања, ја одбележува 1700-годишнината од свикувањето на Вселенскиот собор во Никеја, во 325 г. Истовремено, оваа академска средба претставува еден од главните настани што се случуваат во Романската православна црква како дел од прославите за Стогодишнината на Романската патријаршија (1925-2025).
Сесиите на симпозиумот се одржуваат од 14 до 17 мај 2025 г., во Патријаршиската палата и на Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ во Букурешт, на кои учествуваат претставници на државни институции и на други христијански деноминации, архијереи, свештеници, професори по теологија и специјалисти од Романија и од странство. За успешната организација на овој настан придонесоа повеќе оддели на Патријаршиската управа: Канцеларијата на Светиот Синод, Богословско-просветниот оддел и Одделот за христијански и меѓурелигиски односи и за надворешните романски заедници.
Предавањата и научните презентации што се одржуваат во текот на симпозиумот ги истражуваат релевантните теми во врска со историскиот контекст на Првиот вселенски собор во Никеја, троичното и христолошкото учење на Никејскиот Символ на верата, литургиското прифаќање на Првиот вселенски собор од 325 г. и неговата канонска важност денес. Така, симпозиумот има за цел да ги продлабочи теолошките, историските, културните и духовните димензии на Првиот вселенски собор во Никеја, како и значењето на неговите догматски и канонски одлуки за современиот свет. Истовремено, овој академски настан е покана за дополнително истражување на теологијата на Света Троица и преземање на мисионерска одговорност за силно сведочење на вистината за Исус Христос, Воплотениот Син Божји, во светот кој бара смисла, единство и духовна светлина.
Првиот вселенски собор во Никеја од 325 г. не бил само епизода од доктринарното соочување со тогашните ереси, туку и основен и неопходен чекор во догматското формулирање на православната вера и нејзиното исповедање како спасоносна вистина. Тоа било извршено по три векови жестоки прогонства и непријателство кон христијаните во Римската империја, како и во контекст обележан со интензивни теолошки контроверзи. Загрижени за зачувувањето на црковното единство, Светите отци од Никеја, во соборен и свечен амбиент, го формулираа првиот Символ на верата на Црквата, со универзална, трајна и обврзувачка вредност, дефинирајќи ги суштинските и спасоносни вистини на христијанската вера. Никејскиот Символ на верата ќе стане стандард и почетна точка за другите догматски одлуки, што ги донеле следните Вселенски собори против ересите.
Под влијание на логиката на античката грчка филозофија, еретиците верувале дека Едниот Бог (Отецот) или Божеството е вечна осаменост (Синот и Светиот Дух се сметаат за созданија, творби), додека православните христијани ја исповедале вистината каква што ја открил Исус Христос во Неговото Евангелие, дека Божеството е вечна заедница на трите еднакви Личности. Поточно, Едниот Бог е Отец, од кого вечно е роден Синот и вечно происходи Светиот Дух. Отецот е единствениот извор на божественото битие и ова битие е целосно присутно во секоја од трите божествени Личности. Затоа, вистинскиот Бог е Еден по суштина и Троичен во Личностите, односно е Пресвета Троица.
Во Никејскиот Символ на верата (325) Светите Отци исповедаат дека целта на воплотувањето на вечниот Син Божји е спасението на човештвото: „Заради нас луѓето и заради нашето спасение, (Синот) слезе од небото, се воплоти, стана човек, страдаше и воскресна на третиот ден, се вознесе на небесата, и повторно ќе дојде да ги суди живите и мртвите“[1].
Спасението на луѓето значи добивање на простување на гревовите и нивно соединување со Бога, Изворот на вечниот живот.
Затоа, Светите Отци од Никеја тврделе дека, ако Исус Христос не е целосно Бог, човештвото не може да добие спасение или вечен живот[2].
Така, целта на исповедањето на верата во Христовата божественост е спасението на луѓето, кое е остварено преку нивното соединување со Христа во Крштението и Евхаристијата, за да добијат простување на гревовите и вечен живот. Во оваа смисла, исповедањето на вистинската вера во Исус Христос, Синот Божји, е спасоносно дело што дава вечен живот (сп. Јн 11, 25-26).
Меѓународниот богословски симпозиум во Букурешт не е само повод да се потсетиме на еден клучен историски настан во историјата на христијанството, туку и можност за длабоко нурнување во чинот на црковната свест и догматската одговорност пред ликот на ариевската ерес. Преку овој чин, Црквата во заедница свечено ја формулирала и исповедала апостолската вера на Црквата, имено, целосното божество на Воплотениот Син Божји, како „светлина од светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, несоздаден, едносуштен на Отецот“[3]. Оваа исповед на Светите никејски Отци е основата на христијанската вера и, заклучно, на единството на соборната Црква.
Во време кога единството на верата често е соочено со бројните идеологии на современиот свет, со агресивниот секуларизам и со сè подоминантниот морален релативизам, длабокото разбирање на изворите на светоотечката мисла и на главните настани во историјата на Христијанството, кои силно и авторитативно ја потврдија спасоносната вистина на Евангелието на Господ Исус Христос, е постојана теолошка потреба и пастирска и мисионерска должност на сите служители на Црквата, да ги водат верните по патот на спасението.
Во секуларизираното општество, окарактеризирано со фрагментација, криза на институционалниот авторитет и доктринална конфузија, Првиот вселенски собор во Никеја нуди сигурен критериум за силна православна вера, а и за длабок духовен, морален и заеднички христијански живот. Одлуките на отците на Вселенскиот собор во Никеја беа донесени преку советување и соработка, во дух на молитва и заедништво, а подоцна беа бранети со многу жртви од многу свети отци на Истокот и на Западот, како што се свети Атанасиј Велики и свети Илариј Пиктависки, од Кападокиските отци на Вториот собор во 381 г. и од други.
Организирањето на овој симпозиум по повод Стогодишнината на Романската патријаршија ја изразува желбата на Романската православна црква да ја промовира верноста на вистината на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос, чија божествена природа (divinity) свечено и соборно ја исповедаа Светите Отци собрани во Никеја, во 325 г.
Им честитаме на организаторите и ги благословуваме сите учесници на Меѓународниот богословски симпозиум „Првиот вселенски собор во Никеја (325): Православната вера – основа на црковното единство“, со надеж дека овој настан ќе придонесе за зајакнување на одговорноста за зачувување на православната вера и на единството на Христовата Црква.
† Даниел
Патријарх на Романската православна цркваБелешки
[1] Hotărârile dogmatice ale Sinoadelor Ecumenice [The Dogmatic Decisions of the Ecumenical Councils], Fr. Sorin Șelaru (ed), Viorel Coman, George Gherga, BASILICA Publishing House, Bucharest, 2018, p. 49.
[2] The Oxford Dictionary of BYZANTIUM, art. NICAEA I, volume 2, Oxford University Press, 1991, p. 1465.
[3] Hotărârile dogmatice ale Sinoadelor Ecumenice [The Dogmatic Decisions of the Ecumenical Councils], Fr. Sorin Șelaru (ed), Viorel Coman, George Gherga, p. 49.
Source: https://liturgija.mk/aktuelno/pravoslavni/megjunaroden-teoloshki-simpozium-govorot-na-patrijarhot-daniel-za-prviot-vselenski-sobor-vo-nikeja/