Title : Мера на се - архимандрит Софрониј (Сахаров)

Мера на се - архимандрит Софрониј (Сахаров)

Example User · 4 months ago

    0 minutes, 22 seconds


 3.angeli.so.truba

Мера на се - архимандрит Софрониј (Сахаров)  
 
     Очајанието претставува губење на свеста дека Бог сака нам да ни дарува вечен живот. Светот живее во очајание. Луѓето самите себе се осудуја на смрт. Треба да се бориме против духовната немарност и отсуството на грижа за сопственот спасение. Луѓето станаа рамнодушни во врска со спасението. Не го бараат боженствениот живот, ограничувајќи се само на животната форма, на телесните и секојдневните потреби, на навиките и страстите на овој свет. Бог нѐ создал нас од небитие според Неговиот образ и подобие. Ако тоа откровение е вистинско, отсуството на грижа за спасението не претставува ништо друго освен смрт.
       Целиот овоземен живот се организира околу извесни човечки страсти, додека духовниот е истиснат на маргините. Ние мораме да ја промениме таа состојба и духовниот живот да го ставиме во самото наше срце. Мудроста од овој свет не може да го спаси светот. Парламентите, владите, сложените организации на совремите држави кои се најпрогресивни - овде се немоќни. Човештвото страда бескрајно. Единствениот излез е во себе да ја пронајдеме мудроста и решеноста да не живееме според замислите на светот, туку да го следиме Христос.
      Како да го најдеме својот пат? Според Евангелието Христос е нашиот пат. Многу е важно да имаме свест за Христос како Бог. Оној кој го љуби вечно ќе биде покрај Него каде што е Он.
   Единственото што нѐ привлекува е Христос и Неговата личност, и ние мора да го доживуваме Христос како мера на сите работи, боженствени и човечки. Во Христос го имаме Бог, Создателот наш.
      Во Христос имаме пример на Божјо откровение. На Бог не треба да гледаме како рефлексија на интелект, бидејќи Бог ни се открива преку своите дела. Ние го живееме сопствениот живот во Христа. Христос рекол Јас сум патот. Ако Он е патот ние мораме да го следиме. И мораме да се сеќаваме дека Христос се борел против сите во Гетсиманија и Голгота.
     Понекогаш, кога ја почувствуваме љубовта Божја, ја чувствуваме вечноста. Тоа не треба да го разбираме чисто разумно. Бог делува на начин кој Му е Нему својствен, кој го надминува нашиот разум. Во нашиот живот не треба да бараме некакви знаци кои ќе ни помагаат да измериме на која оддалеченост од Бога се наоѓаме, туку да го следиме Евангелското слово за да достигнеме совршенство, односно да имаме љубов кон целиот свет, не разликувајќи ги пријателите од непријателите.
    Јас не познавам Христос кој е грчки, руски, англиски, арапски... Христос за мене е сѐ. Во Светото Писмо често се вели дека Христос умрел за целиот свет и за неговите гревови. Затоа, кога ја ограничуваме личноста на Христос по прашање на националноста, ние се губиме и паѓаме таму. Тогаш е отворен патот за омраза помеѓу нациите и за непријателство на социјалните групи...
    Читајте го светиот Силуан. За него секој во светот си има своја улога: еден е крал, друг патријарх, некој е професор, некој е физички работник. Тоа нема значење. Да бидеш крал или работник - тоа за светиот старец е сеедно. Бидејќи секој кој го љуби Христос ги „има чувствата кои ги имал Господ Христос“, го доживува светот како Адам и се моли за целиот Адам. Тоа е вистинското христијанство. Мораме да бидеме крајно чувствителни кон потребите на нашите ближни. Така ќе бидеме едно со нив и благословот Божји ќе биде врз нас. Секој од нас е должен кон ближниот да има мајчинска љубов. Не може да се љуби без страдање. Најголемиот бол е да се љуби до крајот.
    Христос нас толку нѐ возљубил што се предал на најстрашна смрт. Исто така и светителите. Рајот и пеколот секогаш ја имаат таа цена. Молитвата за целиот свет е плод на најдлабокото страдање.
      Нема ништо по болно од тежнеењето за здобивање на Христовата љубов кон себе во овој свет. Тоа е борба со космичка димензија. Како се оди кај Бога? Кога човекот ќе се стреми кон исполнување на таа единствена цел, се друго станува извор на страдања и бол. Но, го носиме тој крст тивко.
     Кога одлучуваме да го следиме Христос, секој ден од нашиот живот станува исполнет со страдања, солзи и болка. Понекогаш знаеме и да се запрашаме: „Господи, зошто си нѐ создал, зарем мораме да трпиме и да поминуваме низ толку страдања?“ - тогаш не успеваме да разбереме дека тој негативен пат е патот на спасението. Земниот живот на секој човек е исполнет со бескрајни страдања. Зошто поднесуваме сѐ? Затоа што Творецот дошол кај нас и ние лично го познаваме.
     Христос го дал својот живот за оние кои се создадени според Неговиот образ, но за возврат добил само омраза. Денес, после две илјади години од постоењето на христијанството што гледаме? Современиот свет се повеќе и повеќе го губи Христос и вечниот живот. Длабоката темнина на гревовните страсти, омразата, доминацијата, војните го сочинуваат нашиот земен живот. Затоа Христос ја дал заповедта на сите оние кои сакаат да Го следат: „Љубете ги своите непријатели.“
    Зошто светот се плаши од таквиот Бог? Може ли да се најде подобра заповед од онаа да ги благословуваме оние кои што нѐ колнат и да ги љубиме своите непријатели.

    Теологијата (богословието) е состојба на духот под влијание на Божјата благодат. Во тоа се состои и разликата помеѓу теологијата и философијата, помеѓу вистинската и интелектуалната теологија.
    Бог може да го допре човековото срце и на непосреден начин да му даде богопознание. Постои голема разлика помеѓу таквото знаење и она што се стекнува во теолошките училишта. Човек може сериозно да се занимава со теологијата, а притоа да нема егзистенционално искуство и живот во Христовиот дух. Постои ризик да се студира теологијата во апофатичка форма, како што се студира философија или книжевност. Постои можност да се завземе погрешен став и човекот да има мислење сам за себе дека е супериорен и тоа е доволно да се загуби. Вдаховението треба да го бараме во животот во Христа.
   Теолошката наука која се предава во училиштата и која станала интелектуална специјалност, отворена за сите, не му го пружа богопознанието на човекот. Познанието доаѓа од животот во Бога, кој се раѓа во длабочината на човековото срце. Може да се случи да станеме жртви на духовно застарување и да почнеме да го цениме она што го носи теолошкото знаење повеќе од светоста на животот.
      Некој може да биде и најголем научник, да има академски дипломи, а апсолутно ништо да не знае за патот на спасението. За да ја разбереме науката Христова немаме потреба од читање на стотици книги. Мојот духовен отец ме советуваше да не читам повеќе од неколку страници дневно, петнаесеттина минути или пола час, но да настојувам во животот да го применам она што сум го прочитал.
      Не треба само свештениците да го имаат во своето срце страдањето за светот кој е веќе во канџите на гревот и смртта. Академската теологија не е доволна за спасение. Читајте ги подвижниците. Тука ќе ја запознаете вистинската теологија и потребното држење на разумот и срцето кон Бога. Работата или социјалната положба не треба да има никакво значение во односите помеѓу личностите. Оној кој го сака Бога, кој се моли, кој ги запазува заповедите ќе биде близу до Господа. Тоа е многу значајно. Ослободете го духот од секаква мисла во врска со кариерата. Нема кариера во духовниот живот. Ако спасението во Христос е цел на нашиот живот, се што правиме постанува Литургија.


TVITer

Превод: јереј Димитар Арсовски

Јануари 2021 лето Госпооо

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/23817-na-se-arhimandrit-sofronij-saharov

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 months ago

Ретроспектива (2005-2020): Убавината ќе го спаси светот

    Убавината ќе го спаси светот ( Предавање на Епископ Атанасиј Јефтиќ одржано за време на Театарските денови во Требиње, 13 мај 2001 година, во неделата на Самрјанката) Вечерва посакав да говорам на тема која е секогаш актуелна, а е поврзана и со театарските денови на Требиње кои се нас...

Image Description
2 weeks ago

Поука на денот (23.04.2021)

“Живeј така какo да нe пoстoиш на oвoј свeт и ќe имаш мир”. Така му гoвoрeл св. Антoниј на свoјoт учeник. Чудна, нo вистинита пoука. Најмнoгу бeда и нeмир навлeкувамe на сeбe сo тoа штo сакамe штo пoвeќe да сe oсeтимe и прeпoзнаeмe вo oвoј живoт. Кoлку пoвeќe eдeн чoвeк сe пoвлeкува oд свeтoт, кoлку...

Image Description
2 months ago

СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА

  СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА Архимандрит Јустин (Поповиќ)(беседа на Велики Петок изнесена во Сремски Карловци 1926 година)  Никогаш во човекот Го немало Бога помалку, драги браќа, отколку денес; никогаш Го немало помалку, отколку денес! Денес ѓаволот се овоплотил во човекот да го “разовоплоти”...