Title : Митрополит Методиј: Велигденско послание 2020

Митрополит Методиј: Велигденско послание 2020

Example User · 1 month ago

ometodij2

„Жалоста ваша ќе се претвори во радост…

и радоста ваша никој нема да ви ја одземе“

(Јован 16,20 и 22)

Најмили мои духовни чеда,

Велигден е срцевината на нашата христијанска вера, затоа што нејзин темел и суштина е токму настанот на Христовото Воскресение. Зашто, нашата вера не е некаква утешна идеологија или философска претпоставка, којашто прави хуманистички обид да му помогне на човекот некако да го преброди животот сѐ до моментот на неизбежната смрт. Напротив, нашата вера се заснова на реален историски факт, кој се случил пред околу две илјади години, и посведочен е со саможртвата љубов на светите апостоли и безбројните христијански маченици низ вековите. Веќе две илјади години, Црквата благовестува дека Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им даде. Веќе два милениума, Црквата возвестува дека Бог во Христа не само што вистински се соочи со најголемиот човечки проблем, проблемот на смртта, кој ја става под прашање смислата на човековото постоење, туку ни донесе и триумф над неа. Христос ја прими човечката природа и доброволно се подложи на последиците од првородниот грев, страдањето, па и можноста да умре со насилна и срамна смрт, за со самото тоа да ги преобрази сите аспекти на паднатото човеково постоење, преобразувајќи ги бесмислените страдања во средство за спасение, а ќорсокакот на смртта во „врата“ кон вечниот и бесмртен живот. Затоа Велигден е, бил и секогаш ќе биде – празник на радоста, на вистинската радост, која на човекот му дава вечна смисла!

Браќа и сестри во Воскреснатиот Господ,

Победата над смртта што Воскреснатиот Христос ја извојува за сите луѓе, како и радоста која произлегува од тоа, се Божји дар којшто објективно е даден на Црквата Христова, но дар што треба субјективно да се прими и да се живее од секој од нас. За вистински да се прими и живее новиот живот што Христос ни го дава, самото тоа бара труд, и токму затоа мораме, според зборовите на светиот апостол Павле, постојано да се бориме против стариот човек во себеси, против гревот и страстите во нас, против нашата природа којашто е потчинета на стравот од смртта. За жал, нашиот христијански живот во пракса покажува дека таа воскресенска радост, драги мои, која треба да биде неодделива од нашиот секојдневен живот, ако воопшто ја имаме, многу често ја губиме и понекогаш живееме како Христос воопшто да не воскреснал од мртвите. Затоа Црквата, познавајќи ја оваа човечка немоќ и склоност кон заборавност, покрај катанеделниот спомен, го востановила и катагодишното литургиско прославување на Воскресението Христово, заради неопходноста постојано да ја преоткриваме и обновуваме воскресенската радост.

Возљубени духовни чеда на нашата Македонска православна црква,

Оваа година, светите велигденски денови, наместо заедно во храмовите, ги поминуваме со своите најблиски, во своите домашни цркви, и макар што сме физички разделени, сепак преку духот сите сме обединети во верата и молитвата кон Воскреснатиот Господ. Божјите патишта понекогаш се многу чудни, како што вели библискиот писател, но секогаш возвишени и полни со смисла, макар воделе и низ неочекувани ситуации и неволји. Затоа, да не подлегнуваме на искушението на стравот, „зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста(2Тим 1,7). Мили мои, сѐ што ни се случува во овој живот има потенцијал да ни даде духовна поука и, во таа смисла, дури и негативните искуства имаат нешто да ни кажат, под услов да сме отворени да ја примиме поуката што Господ преку нив ни ја дава. Овие денови, милостивиот Господ ни дава можност да го успориме брзиот живот, во којшто немавме време за ништо и за никого, ни за Бога ни за своите блиски, оттуѓувајќи се еден од друг и не успевајќи да ги цениме оние „мали дарови“ што Господ секојдневно ни ги даруваше, а чијашто вистинска вредност дури сега почнуваме да ја откриваме. Овие денови, ни се дава можност да се оттргнеме од вревата и метежот на световниот живот и вистински да погледнеме во себеси и да се соочиме со себеси, проверувајќи дали нашиот духовен живот бил граден на камен или на песок (сп. Матеј 7,24-27). Ни се дава можност да разбереме дека без Божјиот благослов, не можеме ниту најмалото нешто да го исполниме; можност да сфатиме дека не треба нашите надежи да ги полагаме во некаква неизвесна иднина, туку само во Бога, дека животот е сега, и не само овој привремениот, туку дека и вечниот живот започнува сега и овде, за што Господ јасно укажа кога рече:Царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17,21).

Мили мои во Христа Распнатиот и Воскреснатиот,

Исто како на апостолите пред две илјади години, и денес Христос ни се обраќа нам: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои“ (Јован 14,27) „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16,33).Гледате ли, браќа и сестри, дека Христос на луѓето не им ветува живот со гарантирано спокојство и благосостојба овде на земјата. Она што Тој ни ветува е небесен мир, кој произлегува од Неговата победа над смртта, и тој мир Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа (Фил 4,7).Овој внатрешен мир што Христос ни го дава е неразделно придружен со радоста на Воскресението, којашто не е од овој свет. И како што Христовиот мир не може да биде нарушен од никакви надворешни околности, така и воскресенската радост не може да биде надвладеана од никакво надворешно искушение: „Вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост… и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе“ (Јован 16,20 и 22). Затоа дури и сега, во овие необични денови, светлината на Светата Пасха продолжува да ја растерува темнината околу нас, затоа дури и сега Велигден не престанува да биде „Празник над празниците и Торжество над торжествата“.

Возљубени празникољупци,

Светата Пасха Христова е празник на духовна пролет, време за нов почеток, нова надеж. Неслучајно таа се совпаѓа со почетокот на пролетта, кога природата и целото создание околку нас се буди и воскреснува од мртвилото на зимата, за со својот нем глас да го објави и прослави Христовото Воскресение. Ние, пак, словесните созданија Божји, ја прифаќаме оваа победоносна песна на целиот космос, и обновени преку небесниот Христов мир и воскресенската радост, која никој и ништо не може да ни ја одземе, се радуваме и воскликнуваме:

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!  НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!

 

МИТРОПОЛИТ

НА АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА

МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА

† МЕТОДИЈ

Source: http://mistagogia.mk/mitropolit-metodij-veligdensko-poslanie-2020/

Related Posts

Image Description
2 weeks ago

Празник на полагање на чесниот појас на Пресвета Богородица!

Празник на полагање на чесниот појас на Пресвета Богородица После своето успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна беше пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија....

Image Description
1 month ago

Свети Кирил Александриски

СВЕТИ КИРИЛ АЛЕКСАНДРИСКИ ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА Многу се светилниците на верата и благочестието, на правомислието и поборништвото во православниот Исток – еден од нив е и свети Кирил, архиепископот Александриски. Животописните податоци за овој столб на православието се многу ограниче...

Image Description
1 month ago

Митрополит Методиј: Божиќно послание (2018)

Возљубени духовни чеда, Денес Светата Православната Црква го празнува најскапоцениот Дар кој човекот го прими од својот Создател – телесното раѓање на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Кога се исполни времето, старозаветното пророштвото искажано преку устата на пророкот Исаија се оствари токму...