Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Example User · 2 years ago

    8 minutes, 7 seconds


 

ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

На денешен ден светата православна Црква празнува едно големо и радосно случување за целиот човечки род: раѓањето на Пресвета Дева Марија.
Со молитвено внимание да ја ислушаме чудната приказна што ни ја раскажува Светото предание, та духовно да се насладиме и спасително да се поучиме!
Чудесни се судбините на израилскиот народ, кому единствено му припаѓа името „Божји народ", „Богоизбран народ". Очекувањето на Месијата било центар на верата на древните Израилци; со Неговото доаѓање Евреите го сврзувале поимот за најславното време од својата бурна историја. Цареви и пророци копнееле да го дочекаат тоа време и умирале без да го добијат саканото. Најдобрите луѓе од еврејскиот народ живееле со упатена мисла кон иднината. Нивни црти на одликување биле: љубовта кон своето потомство, тоа да биде именувано и благоденствено и во него да се исполни Божјото ветува-ње за "Големиот Пророк и Помирувач" - Месијата.
Тогаш чудно ли е што раѓањето на деца кај Израилците се сметало за чест и слава и Божја добра волја, а немањето на деца се преживувало како презир, тешка несреќа и Божја казна?!
Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што Евреите не очекувале оттаму ништо особено и говореле: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет" (Јн. 1:46). Не многу време пред Раѓањето на Христа во Назарет живееле сопружниците - Јоаким и Ана.

Јаоким призлегувал од коленото на Јуда и прадедо му бил Давид, а пак Ана била ќерка на свештеникот Матан, од родот на првосвештеникот Арон. Светата брачна двојка живеела воматеријално изобилие, бидејќи Јоаким имал, слично на израилските патријарси, многу стада. Но не богатството, туку високото благочестие ги одликува-ло тие сопружници меѓу другите и ги направило да бидат достојни за посебната Божја милост. Тие секоја година одделувале две третини од својот приход, од кои, едната третина ја давале во храмот, а другата ја раздавале на сиромасите.

Бидејќи воделе живот во духот на .законот Божји, благочестивите сопружници се насладувале на душевен мир и биле среќни. Но, немале деца! Тоа започнало да им причинува тага и тревога. Нели биле потомци на Давида, а Давидовите потомци можеле да се надеваат дека од нив, според древното Божјо ветување, ќе се роди Спасителот на светот. Но, со немањето деца таа голема и слатка надеж исчезнувала!
Многу и усрдно се молеле сопружниците Бог да им подари чеда. Изминале педесет години брачен живот, а тие се уште немале рожба! Но, без лутење и со смирение го носеле искушението и се труделе со уште поголема ревност да Му служат на Бога, пазејќи го цврсто и неотстапно Неговиот закон и не губејќи надеж дека и во длабоката старост Бог може да ја разврзе неплодната утроба.

Се разбира, при сета своја кроткост и преданост на Божјата волја, светите сопружници не можеле да не се огорчат од навредите што им ги нанесувале нивните сонародници, бидејќи немале деца. За време на еден од големите празници, кога Јоаким сакал да принесе жртва во Ерусалимскиот храм, некој си Рувим тешко го навредил кога му рекол: „Зошто сакаш да ги принесеш своите дарови на Бога? Ти не си достоен за тоа, бидејќи немаш деца!" Таа неочекувана навреда на тоа свето место, како молња го потресла срцето на праведникот. Збунет од мислата дека, можеби, навистина е многу грешен, тој излегол од храмот со длабока тага, велејќи: „Леле, сега за другите е голем празник, а за мене е време на мака и на солзи!"... Јоаким не сакал да се врати дома, туку се упатил во далечната пустина - во планината, каде што паселе неговите стада.
Поминал четириесет дена во строг пост и во молитва кон Господа, повикувајќи го Неговото милосрдие и измивајќи го со горчливи солзи своето незаслужено бесчестие меѓу луѓето. „Боже на отците! - се молел Јоаким - Ти си му дал син на праотецот Авраам во неговата старост: удостој ме и мене со Твојот благослов! Дај му плод на мојот брак, та и јас на старост да можам да се наречам татко!"

Меѓувреме, гласот за она што се случило со Јоаким во Ерусалим допрел до благочестивата Ана, која останала во домот во Назарет. Кога ги дознала поединостите, како и тоа дека Јоаким се оддалечил во планината, таа се предала на неутешна жалост. Сметајќи се себеси за главна виновничка за искушението што ги снашло, на глас редела: „Сега јас сум најнесреќната! Бог ме отфрли, луѓето ме укоруваат, мојот сопруг не е кај мене! За што повеќе да плачам: затоа што немам деца или за осаменоста? За тоа ли што не се удостоив да се наречам мајка или за тоа што сум сама?" Во текот на целото време од разделбата со својот маж таа непрестајно леела солзи, не вкусувала храна и, слично на мајката на Самоил, во маченичка тага Го молела Бога да ја ослободи од неплодноста.

Во таква вознемирувачка состојба на духот Ана еднаш влегла во домашната градина и, воздигнувајќи ги молитвено очите кон небото, меѓу гранките на ловоровото дрво видела гнездо со мали птици. Таа глетка уште посилно го поразила нејзиното натажено срце. „Тешко мене - говорела таа - на што личам јас? Се во природата раѓа и одгледува, сите се утешуваат со рожби, само јас не ја познавам таа радост! Не можам да се споредам ниту со небесните птици, ниту со земните ѕверови, и едните и другите Ти го принесуваат својот плод, Господи, само јас останувам неплодна!" „...Господи - продолжувала таа -Ти на Сара и подари син во староста и и ја отвори утробата на Ана за да го роди Твојот пророк Самоил, погледни и кон мене и чуј ја мојата молитва! Роденото ќе Ти го принесам на дар и преку него да се благослови и да се прослави Твоето милосрдие!" Штотуку ги изрекла тие зборови, пред неа застанал ангел Божји. „Твојата моли-тва е чуена - и рекол небесниот Пратеник - твоите воздишки проникнаа низ облаците и твоите солзи паднаа пред Господа. Ти ќе зачнеш и ќе родиш благословена ќерка, поголема од сите земни ќерки. Заради неа ќе се благословат сите земни родови, преку неа ќе се даде спасение на целиот свет. Таа ќе се вика Марија!" Кога ги слушнала тие зборови, Ана му се поклонила на жителот на небото и рекла: „Жив е Мојот Господ. Ако имам дете, ќе го дадам да Му служи на Господа и нека Му служи дење и ноќе, фалејќи го Неговото свето име преку целиот свој живот!"... Претходната тага на Ана сега се претворила во радост што се прелеала во торжествена благодарност кон Бога. Ангелот, по благата вест, постанал невидлив...
Света Ана брзо се упатила кон Ерусалим за да Му благодари на Бога во светиот храм.
Ангелот Божји му се јавил и на свети Јоаким и му рекол: „Бог милостиво ги прими твоите молитви, жена ти Ана ќе роди ќерка за која сите ќе се радуваат. Еве ти знак за вистинитоста на моите зборови: појди во Ерусалим и таму, пред златните порти ќе ја најдеш својата жена на која и е соопштено истото!"

Побожна радост го исполнила срцето на светиот старец. Тој брзо со богати дарови отишол во Ерусалим и на назначеното место ја нашол својата жена. Тие во подробност си раскажале за јавувањето на ангелот, Му принесле жртва на Бога и се вратиле во Назарет со цврста уверување во вистинитоста на добиеното ветување.
По изминувањето на деновите на бременост, благата вест на ангелот се исполнила: на 8 септември, по наше, света Ана родила ќерка. Радоста на родителите, кои се ослободиле од укорот за бездетни, била неизмерна. Јавното чудо на Божјата милост ги свртело нивните очи, полни со благодарствени солзи, кон небото. Свети Јоаким побожно воскликнал кон Семоќниот Бог: „Ти Кој за непослушните луѓе вадиш вода од карпата, на покорните им даваш плод од неплодната утроба за наша радост!"... А света Ана, во голема радост, издигнувајќи ја кон небото својата душа, смирено размислувала: „Ти, Кој ја затвораш и ја отвораш бездната, ја издигаш водата во облаците и даваш дожд! Ти, Господи, ми даде да израсне пречист плод од неплоден корен!"

Свети Јоаким со најсрдечна благодарност принесол во храмот жртва на Бога. Кога настапил петнаесеттиот ден од раѓањето на девојчето, според јудејскиот обичај, и го дале името Марија, согласно со упатството на ангелот. Таа била чувана и воспитувана со сета нежност и грижа на благочестивите родители. Кога навршила една година, свети Јоаким приредил голема гозба на која што поканил првосвештеници, книжници, старешини и народ. Тој им ја претставил својата ќерка на свештениците и тие ја благословиле со зборовите: "Бог на нашите отци да го благослови тоа дете и да му даде славно и вечно име во сите родови!" Присутните одговориле: „Амин!" - Така нека биде!

Кога Марија наполнила две години, свети Јоаким сакал да го исполни ветувањето за од Бога даруваната му ќерка за нејзиното посветување на храмот. Но света Ана, како заради нежните мајчински чувства, така и заради страв: детето да не чезнее за домот и да не почне да ги бара своите родители, го наговорила својот сопруг да го одложат посветувањето уште за една година. За тоа вре¬ме кај благословеното дете почнале да се развиваат силите на умот и на срцето, што доста ја надминале возраста. Родителите се почесто и почесто го убедувале девојчето дека тоа се родило по нивните долготрајни молитви; дека уште од раѓањето е посветено на Бога и, како Божјо дете, треба да се раздели од нив и да биде кај Бога во храмот; дека таму ќе му биде многу подобро отколку кај нив, и ако Го сака Бога и го следи Неговиот закон, Бог ќе направи за неа многу повеќе отколку татко и и мајка и! Така свети Јоаким и света Ана ја подготвувале својата рожба за посветување на Бога!... Светот долго ја очекувал, претскажаната од пророкот Исаија, Девица, која ќе го роди Емануил (Ис. 7:14). Најпосле, таа се родила! Се појавила на темниот хоризонт на светот „Ѕвездата" на незаодната светлина; се распрснува мракот на темната ноќ и оладените срца на смртните се стоплуваат од зраците на небесната радост! Се отвора „вратата" преку која „Оној, Кој е Бог на сите", облечен во тело, влегува во вселената! Се појавува одушевената „скала" по која Бог слезе на земјата и поживеа со луѓето. На земјата доаѓа благодатната „Агница" преку која Пастирот на овците станува „Агнец". Созрева за земните луѓе најслаткиот „Грозд" што источува питие на вечна радост. Се запалува „Светилникот" на светот, кој го покажува патот кон Господа. Се изградува исцелителна „Витезда" која во себе примила не ангел - дух што служел - туку „Ангелот на Великиот свет" за да го возврати кон здравје и неовенлив живот целото човештво што страда и боледува. Таа е „Патеводителка на животот" и несомнен „Залог за спасение", „Помирителка" преку која непомилуваниот добива милост, отфрлениот постанува возљубен.

„Ти - и вели свети Јован Дамаскин на благодатната - не си родена за себеси! Ти ќе живееш за Бога, преку чијашто благодат си влегла во животот за да послужиш за спасение на целиот свет! Ти ќе израснеш како рајско др¬во на животот при изворните води на Светиот Дух и ќе го дадеш својот плод во предопределеното време!"

Браќа и сестри, сите ние, учествувајќи денес во преголемата радост на Јоакима и Ана, што е радост за целиот свет, од се срце да Му благодариме на Бога затоа што Он го подготви спасението на човечкиот род преку нивната преблагословена ќерка, која сега ја прославуваме со црковната песна: „Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му јави на целиот свет зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата - Христос, нашиот Бог; урнувајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен!" Амин.

Извор:

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/19246-mitropolit-sofronij-propoved-za-rozhdestvo-na-presveta-bogorodica

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Недела на Православието (20.03.2021)  Најпрво сакам да ви обрнам внимание на Филиповиот одговор: „Дојди и види!“, на прашањето на Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“; како и на Натанаиловото прифаќање на повикот. Ова е наједноставен и најсигурен личен метод на проверка на неш...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: СЕКОЈ САКА ДА Е НЕКОЈ, НИКОЈ НЕ САКА ДА РАСТЕ (02.01.2021)

 Секој сака да е некој, никој не сака да расте (02.01.2021 10:54)Многу луѓе се незадоволни од одредени состојби. Тие состојби може лично да ги засегаат, а може да ја засегаат пошироката јавност, како и целото општество.Сите тие сакаат таквите состојби да се променат и мнозина од нив својата жел...

Image Description
2 years ago

Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021 )

     Свадбена облека (25.09.2021 15:59)Свадбата за која ни говори денешното евангелие (Матеј 22, 2–14) е Царството Небесно, чиј предвкус е даруван во Црквата Христова за оние што ќе ја прифатат поканата, за оние што се подготвени, за оние што имаат свадбена облека; не за оние шт...