Панихида по повод 122-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев

Example Super-Admin User · 36 minutes ago

    3 minutes, 55 seconds


На 4 мај 2025 година, по повод одбележувањето 122-годишнината од загинувањето великиот македонски револуционер Гоце Делчев, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенослужители на Скопската епархија, отслужи Панихида пред Гоцевиот гроб, во дворот на храмот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“), крај Скопско кале.

На молитвеното застапништво за овој велик син на Македонија, Архиепископот ја произнесе следнава беседа:

Учителот и идеологот на благородното родољубие

Љубовта кон својот народ и кон својата Татковина е богоблагословенo дело. За неа се говори и во Стариот и во Новиот Завет од Светото Писмо. Така, кога Четвртата Божја заповед нѐ учи да ги љубиме своите родители, таа, всушност, нѐ учи да го љубиме и нашето поопшто семејство, да ги љубиме нашите заеднички предци – оние коишто ни ги дале и верата, и културата и јазикот; оние коишто нѐ задоиле со љубов кон Татковината и кон сѐ што е наше. Во Новиот Завет, пак, кога Христос поучува да го возљубиме својот ближен како себеси,[1] зашто нема поголема љубов од тоа да ја положи некој својата душа за своите пријатели,[2] Тој, со самото тоа ни ја обзнанува потребата да ги љубиме нашите ближни со коишто ги споделуваме родот, Татковината и историјата.[3] А животот на Војводата Делчев е токму тоа – возљубување на својот народ до степен на потполно оддавање на себеси за неговата слобода и достоинство.

Патриотизмот во својот вистински облик, каков што тој е кај Гоцета, е благородна појава и носи со себе почит кон сите народи, вери и култури. Знаејќи дека нашето сеопшто последно жителство е на небесата [4] и дека секој човек е создаден по образот и подобието Божјо, вистинските родољупци не сакаат да го завладеат другиот, туку, трагаат по рамноправно место за својот народ во заедницата на народите. Гоцевото родољубие е токму такво. Тоа е дел од неговата целокупна визија, која е визија „за светот на слободните народи, проткаена со длабок хуманизам и возвишеност“.[5]

И навистина, светогледот на Гоце е светоглед на личност којашто гради мостови, а не ѕидини, и којашто промовира мир меѓу народите, а не војни. Но, затоа што од најрана возраст гледал дека неговиот народ, иако трудољубив – живее во беда, иако добар – страда, иако мирољубив – трпи насилство, тој дозволувал само едно насилие, имено: „насилие против насилието“.[6] Затоа смело и пред сите извикувал: „До кога ние ќе им робуваме на овие бегови и аги… Зошто македонскиот народ е должен да води таков живот, да ги храни тие крлежи, што се впиле во снагата народна! Зарем Македонците не се храбри и јуначни? Кој смее да каже дека Македонците не се способни да ја извојуваат својата слобода, да ги урнат тираните, да се очистат од крлежите“?[7]

И покажувајќи пример, Гоце и својата младост и својот живот ги дал за слободата, доброволно себе принесувајќи се за својот народ, во чин на национален хероизам, но и на подражавање на Христа и на Неговите светии. Имено, учителот Гоце го дал својот живот за, како што семето коешто кога ќе биде фрлено на земјата – умира, за да роди многу плод,[8] така и неговата смрт да послужи како семе за раѓање на нови јунаци за македонската слобода.

Затоа, никогаш и никако да не дозволуваме да ни избледат сеќавањата за Гоцевите дела и за делата на сите коишто низ вековите се дадоа себеси за Македонија. Тие наши светли херои да ги имаме пред очи како светило во ноќта, та да ни го осветлуваат патот и да ни покажуваат дека Татковината се чува со дела, а не со празни зборови; да ни покажуваат дека таа се љуби преку совесно и словесно постапување во сите сегменти на животот: преку непоколебливо запазување на правото и правдата, преку активно учество во битовите општествени процеси; преку придонесување за укрепување, а не за распаѓање на неговите темели; преку подавање рака на секој од нашите ближни кога тоа можеме да го сториме; преку непоштедна борба за својата слобода; преку урнување на сите тирани и крвопијци…  

Затоа, возљубени, почитувајќи ги и прославувајќи ги Гоцета и неговите соборци, треба секој од нас поединечно и сите ние заедно, во нашиот контекст, да соучествуваме во нивната борба за создавање на слободно, праведно и напредно општество; да учествуваме во нивната битка за место на Македонија под Сонцето, за нејзино учество во културниот натпревар меѓу народите, и во зачувувањето на нашите вера, култура и јазик. Гоце и сите богољубиви, слободољубиви и добротољубиви наши предци да ги прославуваме така што ќе водиме живот по кој ќе бидеме препознаени како нивни достојни наследници; живот кој ќе им се уподобува во дејноста за одолевање на секаков непријател и противник и за восторжествување на националната и духовна слобода.

Гоце, учителу, војводо и идеологу наш, вечен нека ти е споменот во Бога, а ние, твоите сонародници, додека векуваме на земјата ќе го пренесуваме споменот за тебе на сите идни поколенија слободољубиви Македонци!  Амин!

Бог да го прости!

Христос воскресе!


[1] Сп. Мк 12, 31.

[2] Јн 15, 13.

[3] Сп. Јн 11, 15.

[4] Сп. Фил 3, 20.

[5] Христо Андонов Пољански, Гоце Делчев и Неговото време, Култура, Скопје 1972, 217.

[6] П. К. Яворов, Гоце Делчев, София 1904, 180. (Цит. според Христо Андонов Пољански, Гоце Делчев и Неговото време, 217.)

[7] К. Христов, Гоце Делчев, София 1955, 229. (Цит. според Христо Андонов Пољански, Гоце Делчев и Неговото време, 193.)

[8] Сп. Јн 12, 24.

Извор: https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/120-godini-od-upokojuvanjeto-na-goce-delcev-122/

Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/panihida-po-povod-122-godishninata-od-zaginuvanjeto-na-goce-delchev/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Светилиштето на семејството: Мирот и љубовта како начин на спасение...

 Светилиштето на семејството: Мирот и љубовта како начин на спасение Бракот не е само формален договор, туку Света Тајна во која мажот и жената заедно со Бога создаваат мала Божја куќа - мала црква.  Семејството не е место за барање права, туку за служење.  Тоа е повик за љубов, трпение и пожртвуван...

Image Description
8 months ago

Како да се живее денес? - Совети од Игумен Никон Воробјев

 Како да се живее денес?Како да се живее денес? - Совети од Игумен Никон Воробјев:- Никогаш не кажувајте лоши работи или иронично за никого. Вашите зборови можеби дури и не се пренесени од злоба или непријателство, туку едноставно од невнимание или како шега - и сега, сте стекнале непријател за себе...

Image Description
8 months ago

Како смртта и болката дојдоа во светот...

 Како смртта и болката дојдоа во светотБог не нè создал за да бидеме во болка. Од Светото Писмо ни е познато дека Бог кога го создал човекот го сместил во Рајот.Не само што го стави на убаво место, туку го стави во Рајот на задоволството на уживањето.Во Рајот човекот уживал во својата радост и среќа...