Недела на Мироносиците

Example Super-Admin User · 1 hour ago

    8 minutes, 55 seconds


Возљубени во Господа.

Денеска, оваа недела, светата Православна Црква ја посветува на жените Мироносици. Светата Црква ја посветува ова недела, на најхрабрите луѓе кои не биле уплашени за своите животи. Тие храбри и верни луѓе се светите жени кои биле постојано околу Господ Исус Христос. Тие биле постојано околу Него додека Тој проповедал, додека одел од едно место на друго, тие Го следеле и Му помагале заедно со Неговите ученици. Тие биле поред Богочовекот Исус Христос и тогаш кога Тој страдал; кога Го распнале на Крстот, тие жените биле тука, под крстот, под Неговото страдање, под Неговата тешка, страшна и ужасна судбина, не плашејќи се за своите животи.

Тие страдале во своите души, во своите срца, заедно со Утешителот на човечките души; страдале со Него – Милоста Која се изливала во човечките срца; без причина страдаше Тој Кој се подарува Себеси во срцата на тажните и напатени луѓе. Тој Кој ги теши и милува сите луѓе, Тој Прекрасниот и Совршениот, страдаше за сите луѓе, страдаше послушен до смрт. Тие храбрите жени, го следеа до смртта и Го погребаа заедно со Неговите тајни ученици, со Јосиф од Ариматеја и со Никодим угледниот учител член на јудејската синагога.

Жените Мироносици го помазале Телото Христово со миро и мириси, го повиле Телото Христово заедно со Јосиф и Никодим кои пак го положиле во нов гроб, во Неговиот проклет затвор во кој што Го затворија луѓето. Луѓето грешници, огревовени, демонизирани, Го осудија, Го убија и му Го запечатија Телото во смртниот и одвратен гроб. Го убија Животот! Ја убија Љубовта! Го истераа Бог од светот!

Бог рече во Своите проповеди, додека им проповедаше на луѓето, во една Своја парабола за лозарите и Божјото имање, објаснуваше што ќе направат со Него во овој свет, та рече: „Лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово. Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија“ (Матеј 21, 38-39).

Учениците Христови се разбегаа од страв, откако Римјаните Го фатија Учителот и Го предадоа на смрт, учениците се уплашија, и побегнаа; освен светиот апостол Јован Богослов, најмалиот од сите ученици, кој беше мил и кроток, кој стоеше заедно со храбрите жени под крстот, гледајќи Го љубениот свој Учител како пати и како умира во најстрашни страдања. Страдања за смрт, а смрт која ќе ја победи смртта. Страдања за вечна радост! Смрт за вечен живот!

Светите жени храбри вернички, апостоли Божји, се достојни да се прославуваат во Божјата Црква во сите векови, поради нивната одлучност и бестрашност во верата. Тие свети жени се:

1.Марија Магдалена

2.Марија, мајката на Јаков

3.Марија, жената на Клеопа

4.Марта Витаниска, сестрата на четвородневниот воскреснат Лазар од Витанија

5. Марија Витаниска, сестрата на четвородневниот воскреснат Лазар од Витанија

6.Јоана (Јована), жената на Хузан, чувар на домот на царот Ирод

7.Саломија, ќерката на светиот Јосиф обручник

8.Сосана (Сузана)

Светите Евангелисти ги споменуваат само овие неколку храбри жени, но имало и уште повеќе. Секако дека Господ ги познава и признава сите свои чеда во нивните храбри дела, делата на верата и љубовта. Господ никогаш нема да заборави никого, впрочем доброто дело на добриот човек Тој го запишува во книгата на животот во вечниот олтар Божји, во Светоста Божја.

Ние пак суетни луѓе, полни со гордост и себељубивост, ги истакнуваме своите имиња во храмовите и на разни места, посакувајќи да здобиеме вечна почест и убавина, очекувајќи спасението преку материјализацијата на даровите; на некој начин сугерирајќи Му на Бог да го види нашето име. Нема вечна вредност пред Господ доколку ние самите се истакнуваме и си го запишуваме нашето име тука на земјата.

Секој од нас треба да се труди да остварува добри дела, дела полни со милост и љубов. Љубов која никако и никогаш не смее да биде мотивирана од материјализмот и да се подарува како сатисфакција со единствена цел за стекнување на некаква благосостојба. Никако не смее целта да ни биде насочена кон некакви убавини и земски категории кои не постојат во вечноста, а манифестирајќи ги околу нас.

Целта наша треба да биде стекнувањето на Божјата прегратка, здобивањето на Божјата љубов од Богочовекот Исус Христос. Во Личноста на Богочовекот се надеваме, дека единствено и само преку Него, ќе ја здобиеме радоста и убавината, за која постојано копнееме тука на земјата. Едно нешто што е најмногу потребно во светот е љубовта, и за неа постојано копнееме. Доколку денеска постанеме охристовени икони Божји, ние уште сега ќе ја здобиеме љубовта, која ќе се распламтува се повеќе приближувајќи се кон Него, кон вечноста.

За совршената љубов копнееме, и за неа живееме – за Господа копнееме, за Него живееме!

Господ е нашиот Создател Кој нè познава уште во зачнувањето на ембрионот во нашата мајка, затоа што Тој нè дарил со постоење и со живот. Тој ја вметнал личноста во материјалниот зачеток на животот, Тој е нашиот вечен, егзистенцијален и животен Извор. Тој е нашиот архетип и принцип на создавањето, преку Него сме создадени, ние сме во Него, и единствено преку Него можеме да го здобиеме спасението. Тој Кој вечно нè создава, вечно и нè познава, та затоа секое наше дело е потполно откриено за Него.

Тој е нашиот почеток, но Тој е и нашиот бескраен крај. Тој Кој е бесконечен и моќен, нè познава потполно откриено, Тој нè познава во вечноста и ретроспективно од нашиот крај на бескрајот кон нашиот временски почеток. Од нашиот сегашен аспект на постоењето во времето, ние спекулативно ретроспективно ја поимаме и согледуваме таа вечна Божја перцепција, која е сепак несфатлива и недостижна Божја моќ за нас луѓето. Та Тој е апсолутен Бог, Кој постои безвременски во вечноста, во која нема периоди и движења. Додека пак ние вечноста, не можеме уште да ја осознаеме потполно, додека потполно не ја доживееме.  

За Господ е возможно, самовласно и потполно, да го согледува и гледа животот од самиот крај во бескрајот, кон самиот почеток на вечниот без почеток!

Секое човечко добро дело е вечно дело кое е запишано во Богочовекот Исус Христос, во Синот Божји, во Логосот Божји, во Второто Лице на Бог Света Троица.

Но, сепак да ја знаеме и трагедијата, и дека секое човечко лошо дело е „вечно дело“, кое ќе биде вечно познато и откриено на Бога, и никогаш нема да биде заборавено! Затоа и вечната одговорност на грешниците ќе биде тешка и страшна, затоа што никогаш нема да мине и застари во вечноста. Времето е земска и минлива категорија. А вечноста е вечна совршена, бескрајна, безвременска категорија.

Минатата недела после Велигден, беше Томина недела, неделата на човечката колебливост, поради натприродното чудо што човекот во светот тешко може да го поими како возможно. Но, сепак преку апостолот Тома, и нам ни се откри вистината за Христовото страдање и Воскресение. Христос страдал со Своето Тело, умрел со Своето Тело и Воскреснал со Своето Тело. Да не го посведочеше светиот Тома лично со својот допир воскреснатото Тело на Богочовекот Исус Христос, ние денеска немаше да бидеме сигурни во телесното Воскресение.

На апостолот Тома му била потребна Божјата поддршка во верата, за да се избори со човечката колеблива природа, за да се избори со своето изненадување. Но, светиот Апостол Тома е секој од нас. Сите ние сме непостојани и колебливи во својата човечка и не совршена природа. Сите ние сме деца на кои им е потребна Божјата помош. Исто како малото дете на кое му е потребна мајчината поддршка, така и на нас луѓето ни е потребна Божјата помош со делувањето на Божјата Благодат со Која Господ се Открива во нас и во светот. Господ на сите Свои ученици им помагал во одредениот момент кога тие се колебале. Апостолот Петар се посомневал и уплашил, одејќи по морето, па пропаднал и почнал да се дави. Господ никого нема да го остави и секогаш секого ќе го поткрепи во најтешките и колебливи моменти. Господ е нашата потполна закрила, Тој е нашата совршена мајка која нè подучува, која нè трпи и љуби безрезервно и совршено. А ние секако треба да живееме трезвеноумно, покајно исповедајќи ја својата маловерност.

Оваа денешна недела е посветена на истрајноста во верата, на бестрасната љубов на жените Мироносици и нивната искрена вера со која Го следат прекрасниот Господ и страдаат во душата за Него до гробот. Тие не се плашеле и кога сите се соблазниле и побегнале. Кога настапил сомнежот, тие не се сомневале. Тие љубеле и страдале. Тие ја докажале својата љубов кон Творецот. Жените Мироносици ја испишаа својата прекрасна љубовна историја кон Господа. Тие рано сабајле, во првите мугри на изгрејсонцето, итаат кон гробот, тивко, жално, искрено, молитвено, за да го помазат Исусовото Тело. За да Го оплакуваат повторно и понатаму својот љубен Учител. Да се молат на Господа на гробот на нивниот возљубен пријател. Тие итаат кон гробот, знаејќи дека тука ќе ја најдат пред гробот и римската стража.

На Јудејците и Римјаните, не им беше доволно што Го мачеа и убија Безгрешниот, што Го видоа мртов и безживотен, туку во демонската омраза, опиени од бесот и злото, го запечатија Христовиот гроб, плашејќи се да не стане од мртвиот и безживотен гроб. Се плашеа во својот демонски страв, претчувствувајќи ја Божјата сила и моќ.

Го проценија Непроценетиот; Го убија Животот; Го запечатија Вечниот во гробот, во создадената и смртна материја; поставија стража ограничувајќи Го безгранично Моќниот. Ова е трагедијата на човечкото лудило. Човекот кога отпаднува од животворниот Творец, тогаш свеста се помрачува, душата умира и човекот наместо да постане Богопросветена личност, тој постанува помрачено, обезблагодатено, демонско суштество, кое е спремно да се спротивстави на својот Творец.

Денешната недела можеме да ја посветиме и на сите жени кои знаат да го ценат вистинскиот живот и живеат во Црквата Божја, во љубовта Божја. Храбрите жени, ги посрамија сите кои се поколебаа во својата вера и нè научија како да живееме за Христа. Тие се собраа и отидоа рано сабајле кај Христос, на Неговиот гроб. Тие не се откажале од својата љубовна заедница со Господ и во моментите на очај. Тие љубовта која ја добиле на дар од Учителот, Му ја возвраќале и тогаш кога Тој бил мртов и во гробот. Нивната посветеност е исклучителен пример за сите нас новозаветните членови на верата.

Од верата и љубовта не смееме никако да се откажеме. Доколку се откажеме од Божјата љубов, тогаш ќе останеме без основата. Божјата љубов во нас е солта која го дава вкусот, која ни дава суштина. Богочовекот Исус вели во Евангелието: „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се осоли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето“ Матеј 5, 13), „Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5, 14).

Мироносиците дојдоа на гробот, и кога погледнаа видоа дека каменот е тргнат од гробот, та влегоа во гробот. „Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија. А тој им рече: Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што го положија“ (Марко 16, 5-6).

Жените први се удостоија да го посведочат Воскресението, поради својата непоколеблива и бестрашна вера. Тие беа првите прекрасни ѕвона кои ѕвонеа и јавија за Христовото Воскресение. Секогаш на Велигденската служба, на самиот почеток после трикратниот опход околу храмот Божји, пред самиот почеток на утрената воскресна служба, се чита Евангелието според Евангелистот Матеј, каде што се објавува Воскресението Божјо, каде што Ангелот Божји, Го објавува Воскреснатиот Христос на Мироносиците, на храбрите жени, апостоли на радоста, апостоли на љубовта. Ангелот Божји ги праќа жените да бидат проповеднички и апостоли на Воскресението, да Го објават живиот Исус Христос.

Браќа и сестри, да се соединиме помеѓу себе во духот на љубовта. Да се љубиме помеѓу себе во прегратката на Телото Божјо. Да нема помеѓу нас раздори и непријателства. Да нема помеѓу нас омраза и нетрпеливост. Во смртта Христова скапо сме платени, но исплатени со Неговата Крв и со бесконечната љубов, та затоа и во нас треба да пребива таа Христова љубов која ќе се преумножува се повеќе кон секого. Сите сме како луѓе колебливи, не постојани, не совршени, грешни, но нашата љубов да биде кон сите луѓе потполна и без сомнеж, да биде искрена и чиста, да биде силна и непоколеблива, во љубовта ќе се препознаваме, затоа што сме Божји чеда.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-mironosicite/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Молитвена целина на живот...

 Молитвена целина на живот Животот е патека по која секој од нас чекори самостојно, но никогаш вистински сам. Во најдлабоките тишини на нашите срца, додека го носиме нашиот товар, некаде во далечниот агол на светот, нечија молитва веќе кружи околу нас. Тивко, тивко, но силно како невидлива нишка што...

Image Description
11 months ago

Трансформирајте сè што ви се случува во нешто добро...

 Трансформирајте сè што ви се случува во нешто доброДуховната борба е оваа: да го трансформираш она што ти се случува во добро.Ако си тажен, дај се на молитва. Малку по малку ќе можете да ги излекувате сите ваши слабости.Твојата тага станува радост.Ова што ти го кажувам не е бајка: се случува. Сега,...

Image Description
6 months ago

И ако се изморам во мојата молитва...

И ако се изморам во мојата молитва... И ако се изморам во мојата молитва, во моето појавување пред Бога, и ако го запоставам Бога, и ако заспијам или не разбирам или ако зборовите од молитвата ми избегаат или живеам во темнина, сигурен сум дека тоа е во моето незнаење, во мојата невидливост, во оваа...