Сѐ е информација, на почетокот од сè е информацијата – Ипостасното Слово Божјо. На тоа ме потсетува евангелието што го слушнавме. Бог сѐ преку Своето Слово создаде и сѐ преку Неговото воплотено Слово се спасува.
Ние самите себе се осудуваме, ако со своите дела отпаднеме од Оној преку кого сме создадени и Кој е смисла на нашето постоење, од Богочовекот Христос. Сѐ е информација, нашиот проблем е во тоа како ја прифаќаме и дали разликуваме од кого е таа информација – Божја, ангелска, демонска или човечка.
Разликата е во тоа што кога ја прифаќаме Божјата информација преку ангел, човек или директно, истовремено ја прифаќаме и Божјата несоздадена енергија, а кога ја прифаќаме демонската информација преку човек или директно, не ја прифаќаме демонската енергија, туку остануваме без Божјата – што за нас значи смрт, пред сè, духовна.
За нас е многу битно лично да ја усвоиме таа Божја несоздадена енергија, а не да ја добиваме вонредно и времено; да може да кажеме дека Божјата енергија е и наша. Тоа ни го потврдува и Самиот Господ кога вели: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот“.
Митрополит Струмички Наум
Божествена Литургија во манастирот ,,Св. Архангел Михаил" во Берово.
Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/27780-e-2