Недела 26. по Педесетница

Example Super-Admin User · 2 months ago

    8 minutes, 7 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Многу често денеска во животот помеѓу луѓето, се пројавува една многу лоша карактеристика. Тоа е предрасудата во свеста на човекот. Човекот денеска постојано, ирационално ја мрази својата околина. Живее и го мрази светот околу себе, без конкретни причини. Омразата кон светот луѓето ја изразуваат постојано во секојдневното однесување кон општиот живот. Огорченоста која ја има денеска во свеста кај луѓето е застрашувачка појава, која го деградира животот. Често се сретнуваме со различни луѓе, кои се преполни со нетрпение и тензија кон другите луѓе, во секојдневието, во сите сфери на животот.

Оваа појава е страшно деструктивна психолошка болест, која на некој чуден начин сè повеќе се проширува. Денеска сè повеќе се говори во јавноста поради сè поголемата депресивност кај луѓето. Депресијата се повеќе се шири насекаде во светот, а омразата е поврзана со незадоволството. Кога сме незадоволни, тогаш се пројавува и љубомората и омразата. Деструктивните појави како некаква епидемија го обземаат човештвото. Човекот се изгубил во својот живот и не знае кон што треба да се фокусира и да тежнее, за да се избави од незадоволството, кое пројавува многу нетрпение околу себе.

Често, луѓето сакаат да ги согледуваат другите преку сопствените критериуми. Стандардите на критериумите се секогаш превисоки кон другите луѓе, додека пак, нормата за личното однесување е на ниски граници. Многу е тажно кога луѓето кои се верници, исто така ги осудуваат постојано другите луѓе. Верниците имаат високи принципи поставени во својата перцепција и тие ги мерат другите со своите мерила и анализи. Како банален пример, можеме да наведеме, дека за себе верникот смета дека е номинативно верник, припадник на една верска опција, та тој по своите мерила смета дека го исполнува потребниот услов за спасение. Условот е самата декларативна припадност, со некои општи, традиционални исполнувања.

Сепак, често говориме дека, самото формално, декларативно, автоматско и механичко исполнување на определените законски правила, нема да не воведе во Царството Божјо. Она што е потребно е чисто срце, чиста мисла, чиста желба, чиста вера. Вера полна со чиста љубов. Чистотата ќе ја здобиеме како подарок од Бога во нашите души, во нашите срца, во нашата свест. Бог нè прочистува со Неговата Благодат, но поради нашата желба, поради нашата волја. Додека не посакаме искрено, скрушено, смирено и покајно, нема како да се оствари очистувањето. Очистувањето на нашата перцепција ќе се случи, преку нашата волја која упорно ќе жеднее и ќе ја бара Божјата интервенција.

Сојузот кој треба да го оствариме со Бога, е взаемен однос помеѓу човекот и помеѓу Бога. Ние треба да се трудиме, да се насочуваме со личната желба кон Него, да се бориме со нечистите мисли и нечистите дела, за да Му покажеме на Господа дека сакаме да бидеме очистени. Господ секогаш нè прашува дали сакаме да бидеме очистени? Дали сакаме да бидеме трудољупци во верата? Дали сакаме да бидеме постојани во нашата мисла? А кога ќе бидеме упорни кон љубовта, тогаш Благодатта Божја ќе ни биде подарена, која ќе нè очисти за да бидеме чисти луѓе, достојни да го наследиме Царството Божјо. Но, од нас зависи дали сакаме да се очистиме, дали сакаме да се трудиме, дали сакаме да се бориме со лошите навики, со тешките перцепции, да се бориме со негативноста која како темна магла сака да нè задуши во злото и конечно да нè фрли во очај. Очајот е потполна негативност која го доведува животот во вечната пропаст.

Спротивност на депресијата е радоста и благодарноста. Човекот во радоста, живее постојано благодарејќи за сè. Но најмногу, човекот кога е радосен, Му благодари на Бога за Божјите добрини кои ги прави Господ кон него. Човекот во Божјата радост кога пребива, тој секако се кае за својот живот, но никако не е во депресија на незадоволство. Човекот секојдневно треба да Му благодари на Бога за возможноста која ја добил, да биде жива личност, која е разумна. Најдоброто благодарење на човекот кон Бога е преку светата Литургија. Самата света Литургија, се нарекува уште и Евхаристија, а овој грчки збор ја означува нашата суштина за која денеска говориме, зборот Евхаристија значи благодарење. На светата Литургија ние Му благодариме на Бога за Неговата љубов која ја пројавил пред сè преку создавањето на светот, а конечно и преку овоплотувањето на Својот Единороден Син. Синот Божји се раѓа во светот, станува човек, станува дел од светот, станува иста материја како и светот. Тој станува еден од нас, за да нè воздигне и прими во Неговата вечност.

Нашето благодарење е постојано во својот црковен живот, затоа што нашата мисија поради која сме создадени, треба да се оствари преку нашето осветување и обожување на нашата природа. Па така, преку Христа ќе постанеме осветени во својата природа преку сопричестувањето со Богочовекот Исус Христос, а потоа ќе станеме и охристовени души коегзистирајќи во Благодатта Божја. Милоста која ни ја укажува Господ е совршена, спасувајќи нè, прибирајќи нè во Неговата вечна прегратка, во бесконечноста. Затоа ние, постојано Му благодариме за Неговата милост и за Неговиот домострој на спасението кое Го пројавува преку икономијата на делување во светот.

Денешното свето Евангелие кое го прочитавме на светата благодарствена Литургија, се однесува точно за конкретниот аспект на човечкото благодарење кон Бога, кое го согледавме во претходно кажаното. Имено, кога Господ Исус поминувал меѓу Самарија и Галилеја, кога влегувал во едно село, го сретнале болни, лепрозни луѓе. „Со силен глас повикаа: Исусе Учителе, смилувај ни се!“ (Лука 17, 13). Тие луѓе, многу пателе од неизлечива болест во тоа време, немало лек за таа болест. Така намачени, кутри и соочени со смртта, се обраќаат кон Христа. Тие го признаваат за поголем од обичен човек, го сметаат за учител, за господар, за некој кој има некаква власт над животот.

За нив се појавува светлото во темнината на својот очаен живот, надежта за спасението од болеста се појавила, нивното исцелување е возможно, доколку го измолат од Господа, и затоа во својата мака повикале со силен глас. А како да не викаат луѓето кои се пред самата смрт, знаејќи дека часот нејзин само што не стигнал. Во нивниот последен период од животот, единствено им останало само да се молат. И во тагата и очајот, силно викаат кон Господа во својата молитва.

„Штом ги виде, им рече: Отидете и покажете им се на свештениците! И тие уште додека одеа, се очистија“ (Лука 17, 14). Господ многумилостив, човекољубив, полн со добрина и сострадување, штом ги видел им рекол да отидат да им се покажат на свештениците. Во тоа време, секој кој пател од оваа тешка болест, доколку бивало да заздравува, ќе одел кај свештениците да го погледнат за да дадат мислење дали болеста започнува да се лечи. Свештениците ја имале во тоа време улогата на сведоци кои потврдувале дали е некој здрав или болен. Затоа Господ ги праќа да отидат кај свештениците за тие да потврдат дека овие десетмина болни, ќе станат здрави. Со тоа што ги праќа Исус кај свештениците, значело дека тие ќе бидат исцелени. Секако овие десетмина болни, биле послушни и ја исполниле Христовата заповед. Уште додека оделе, тие оздравеле. Ете колку е голема моќта Божја, да оздравува и чисти неизлечиви болести. Само со збор, Исус ги излечил овие болни луѓе. А тие напатени луѓе, со својата молитва ја добиле милоста Божја.

„А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно; и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин“ (Лука 17, 15-16). Но, ете сега од десетмината дојде само еден човек да Му заблагодари на Бога. Другите деветмина, ја заборавиле маката, ја заборавиле тагата, ја заборавиле болеста. Но, најлошо, ја заборавиле милоста Божја, ја заборавиле Божјата љубов кон нив, како кон непознати страдалници. Но, пак, уште полошо, тие луѓе биле Израилци, оние кои го исполнувале правилно Законот Мојсеев. Тие кога имале потреба се молеле, ама кога го добиле она што им требало, го заборавиле својот Спасител, својот Лекар. Па така и денеска, луѓето бараат милост од Бога, а после откако ќе ја добијат милоста, молскавично Го забораваат Бога. Таква нестабилност и варијабилност во човечкото битие се пројавува многу често кај луѓето.

Самарјанинот, пак, човек кој не го исполнувал добро Мојсеевиот Закон, имал чисто срце исполнето со благодарност кон Спасителот. Тој се вратил за да Му благодари на Бога. Паднува ничкум, скрушен, молитвен, благодарен, Го прославува Господа. Ете ја суштината на денешната поука. Нашето благодарење кон Господа треба да биде наш темел во верата. Ние треба да бидеме благодарни постојано во својот живот, затоа што сме го добиле како подарок од Бога. Да Му благодариме и тогаш кога сме радосни, кога сме среќни, кога сме весели. Да Му благодариме за тоа што имаме воопшто прилика да живееме.

Предрасудите за кои говоревме на самиот почеток од нашата беседа, се однесуваат токму кон Самарјаните. Тие биле отфрлани во општеството кај Јудејците само поради непрецизното исполнување на Законот. Но, Јудејците пак кои го исполнувале прецизно Законот, им фалело чистото срце, полно со добрина. Додека, пак, Самарјанинот по јудејскиот автоматизам бил отфрлан од самодекларираните чисти Израелци, па така тој како грешник во тој автоматски контекст „за чистите“, го покажал своето искрено срце, полно со благодарност и така ја покажал правата вистина за да ја сознаеме сите ние. Господ милува кога сме Му благодарни. Она пак што изгледа пред луѓето свето, за Господа е несвето! А тоа што изгледа несвето пред луѓето, за Господа е свето!

„Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец? И му рече: Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“ (Лука 17, 18-19). Спасението е возможно за секого. Господ тука преку овој пример покажал дека и за туѓинците има спасение. Дека и оние кои припаѓаат на некакви други групи, имаат возможност да бидат утешени. Но, секако дека Господ ги гледа срцата на луѓето. Господ ги согледува сите тајни нешта во душата на човекот, Господ го гледа човекот потполно откриено во целокупното негово битие. Доколку човекот има чисто срце ќе биде спасен. Но, чистотата се бара и кај декларираните верници. Затоа да се трудиме што почесто да го согледуваме животот околу нас со чистата љубов. Само единствено со љубовта, ќе се очистиме потполно, за да бидеме спремни за Господа.

Светиот апостол Павле во денешното свое послание кон Ефесјаните, на самиот почеток вели: „Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живејте како деца на светлината!“ (Ефес 5, 8). Апостолот потенцира дека треба да се трудиме да живееме во Богочовекот Исус Христос. Затоа што Господ е Светлина, а ние треба да станеме чеда на Таа Светлина. Просветлувајќи се, ние ја сведочиме Светлината, а тоа е Бог. Некогаш бевме во темнина, во богпротивност, но откако ја здобивме Светлината, сега треба да останеме во Неа, трудејќи се.

Апостолот нè подучува како треба да живееме, за да не отпаднеме од доброто. Вели дека плодот на светлината се состои во сè што е добро, праведно и вистинито. Вели почесто да се состануваме помеѓу себе и често да се подучуваме во верата, пеејќи ги псалмите, песнопенијата, тропарите, славословијата, духовните песни. Така да Го прославуваме сите заедно Господа. Благодарејќи Му секогаш за сè на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-26-po-pedesetnica/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
8 months ago

Секој ден е благословен од Бога и ние сме повикани да му ја дадеме вредноста што ја заслужува!

 Секој ден е благословен од Бога и ние сме повикани да му ја дадеме вредноста што ја заслужува!Има моменти во нашите животи кога се чувствуваме беспомошни, па дури и безнадежни. Секој ден, сепак, е благословен од Бога и ние сме повикани да му ја дадеме вредноста што ја заслужува. Колку и да се чувст...

Image Description
6 months ago

Секогаш да го почиваме нашиот товар на плеќите на нашата Дева Марија

Секогаш да го почиваме нашиот товар на плеќите на нашата Дева МаријаДобрата совест има за свој принцип и основа смирението, а лошата совест гордоста и непослушноста.Внимавајте на твојата совест да не биде едно во твојата уста, а друго во твоето срце;Покајанието го обновува човекот. Ова беше дадено з...

Image Description
8 months ago

Недела на Самарјанката - Светиот праведник Алексиј Мечев

 Недела на Самарјанката - Светиот праведник Алексиј МечевНашиот Господ Исус Христос неуморно ги поучувал Своите ученици и слушатели. Затоа, огромни толпи луѓе постојано Го следеа, желни да го слушнат Неговото свето учење.И сега Тој проповеда кај бунарот. Беше уморен по долго патување и топол ден. Са...