Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Сите сме чеда на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Апостолска е нашата Црква, затоа што е втемелена во апостолската силна и непоколеблива вера. Верата во Исуса Христа ја втемелуваат Светите Апостоли како директни ученици на нашиот Господ Исус Христос. Светите Апостоли прочистени преку покајанието, осветени преку Светиот Дух, како први свети примери на Божјата благодат, ни ја втемелуваат нашата вера, толкувајќи ја во посланијата и Евангелијата кои ги напишале. Но, тие, учениците, живееја со Господа. Тие го сведочат нивното лично доживување на Спасителот, Кој се Роди во овој свет за да стане човек, да поживее со луѓето, да страда, да биде убиен како жртва без осуда и причина, и да се принесе како беспрекорна и совршена жртва во Наднебесниот Божји Жртвеник, победувајќи ја смртта. Господовата жртва е спасоносна за секого кој ќе поверува во Него, кој ќе го исповеда Неговиот крстовоскресен чин на спасението и не само да го исповеда, туку и да го прифати со радост, како единствен начин прифаќајќи го на себе, сообразувајќи се со Исуса Христа.
Жртвата Господова во смртта се остварува преку совршената и вечната љубов Божја. Љубовта Божја е квалитетот Божји. Љубовта Божја е својството Божјо. Љубовта Божја е името Божјо. Љубовта Божја е единствената Негова сила со која Тој делува.
Силата Божја не е некаква моќна деструктивна негација и дејство на казна која ќе се оствари поради атеизмот кој е негирање на Божјото постоење. Силата Божја никако не смееме да ја перцепираме како бесконечна стихија на гневот. Затоа што, гневот е земска категорија. Гневот е несовршена деструкција на извитоперената лична слобода кај човечките индивидуи. Човекот, пак, често живеејќи надвор од благодатниот Божји покров, станува безблагодатно битие на деструкцијата. Господ е позитивноста, а непартиципирањето во таа позитивност, ќе резултира со партиципирањето во негативноста. Силата Божја единствено се пројавува во љубовта. Човекот кој Го негира Бога, самиот ќе се самоосуди во оддалечувањето од изворот на совршеноста.
Суштината на човечкото постоење е во остварувањето на љубовта. Но, бидејќо човекот е несовршено битие, тој самиот не може по своите човечки сили да ја изразува љубовта. Љубовта е дар Божји. Затоа партиципирајќи во Божјата заедница, коегзистирајќи во благодатта Божја, ние ја остваруваме целта. Суштината на нашиот живот е да бидеме во љубовната заедница со Господа. Господ поради совршената љубов Го жртвува Својот Син Исус Христос, покажувајќи ни, дека оваа жртва е света и непорочна. Света и безгрешна. света и апсолутна. Никаква друга жртва не може да биде поголема од оваа Божја жртва. Оваа жртва постојано, секојдневно се остварува и во светата Литургија, во која се даруваат светите Тајни на верниците како залог за вечен живот.
Луѓето, кога слободно и свесно ја прифаќаат оваа жртва, ја исповедаат својата вера во Совршениот Господ. Но, секако, треба и да учествуваме со нашите животи во оваа совршена и тешка жртва. Учествуваме така што се сораспнуваме и ние со Исуса Христа во нашите животи. Секој ученик е должен да ја прифати совршената и тешка жртва поради долгот кон љубовта. Љубовта не може да се претстави, доколку не ја докаже количината на страдањето. Страдањето во љубовта е мерката на совршеноста.
Жртвата, пак, е тешка, затоа што страда телесноста во материјализмот. Страда и душата која пати. Страда потполно целото човечко битие во својата материјална и духовна природа. Страдањето е пресудно за да се докажеме. Парадоксот е навистина присутен за оние кои не ја согледуваат љубовта како сострадално дело на човечката волја. Очигледно за неверникот оваа цел е бесмислена. Неверникот живее во својот егоизам, пронаоѓајќи некаква автосугестивна цел на индивидуалниот живот во своето безумие.
Нашата Црква е соборна во заедничкото исповедање на верата. Сите верници во светот, верувајќи во Господа, исповедајќи ги нормите и догматите на вистинската вера, стануваат соборно Тело Божјо. Соборноста на Телото го подразбира и Причестувањето на луѓето со Телото и Крвта Христови. Христос е нашиот Бог; јадејќи Го нашиот Бог Исус Христос, ние стануваме членови на Неговото Тело. Оваа мистична Тајна на Божијот Домострој на спасението е светотаинска и спасоносна. Причестувајќи се, исповедајќи ги вистинските догмати, сите луѓе насекаде во светот постануваат единствено Тело Божјо. Како е навистина чудесна оваа Тајна Божја. Сите различни по раѓање, различни во различните аспекти на нашето постоење насекаде во светот, ние стануваме единствени и сплотени, еднакви и без никакви разлики. Нема никакви разлики помеѓу луѓето во светот во заедницата на Телото Божјо. Разликите исчезнуваат и благодатта Божја ги надополнува сите евентуални недостатоци на човечноста. Господ е Велик и чудесни се Неговите дела.
Светите Апостоли втемелувајќи ја својата вера, преку поставувањето на основните постулати на верата, ни го пренесоа нивното доживување во нивните Евангелија, посланија, писма и текстови. Нивните доживувања се усовршени преку директната инспирација на Светиот Дух кој делувал во нив. Светиот Дух ги просветлувал и поучувал во Тајните Божји. Затоа што, човекот сам не може да го достигне спознанието, но, со делувањето на Светиот Дух, човекот се усовршува и ги контемплира Тајните Божји. Апостолите се нашите учители. Преемството на Апостолската вера и поука, до денеска е запазено преку вековниот континуитет во ракополагањето на Епископите во светот.
Апостолот Павле ни говори во своето послание до Римјаните, дека, според дадената благодат Божја, нам ни се даруваат и различни дарби. Дарбите се награда за нашата вера во Господа. Господ нè усовршува преку силата на Неговата љубов. Апостолот понатаму ни укажува: „Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто“ (Рим. 12, 9). Како е можно во еден извор да постои блага и горчлива вода? Доколку Господ нè наградува исклучиво поради љубовта, тогаш и ние сме должни уште повеќе да ја шириме таа бесплатна подарена љубов кон сите. Должноста не е задолжителна и нужна, должноста е слободна волја на благодарноста. Доколку сме благодарни, ќе бидеме волни да се докажеме во светата должност која ќе ја оствариме.
„Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.“ (Рим. 12, 10). Натпреварувањето наше треба исклучиво да биде во љубовта. Во возљубувањето помеѓу себе е успехот. Не можеме да го наследиме Царството Божјо, доколку сега не ја потврдиме љубовта помеѓу себе. Не можеме да Го љубиме Бога, а да го мразиме човекот и светот. Великиот Павле вели да бидеме усрдни и неколебливи во служењето на Господа. Но, секако, и прво – служејќи си еден на друг. Свети Павле во посланието ја опишува нашата обврска кон светиите и кон луѓето. Ги реди и опишува добродетелите со кој треба да им служиме на луѓето, вели: радувајте се во надежта, бидете трпеливи, молитвени, гостопримливи, благословувајте, немојте да колнете, сострадувајте, бидете едномислени во сè помеѓу себе, бидете скромни, немојте да бидете одмаздољубиви, имајте мир во себе. За жал ние денеска, си пронаоѓаме разни причини преку кои си се оправдуваме за да постапуваме спротивно од добродетелниот начин на делување. Доколку некој ни направи некакво зло, ние со радост и сласт, едвај чекаме да му вратиме и тоа со двојна мерка. Уште повеќе, што го колнеме со страшни клетви. А нели рековме, дека е невозможно да бидеме добри луѓе, кога имаме зло во себе. Злото е желбата да му го загрозиме животот на другиот. Запомнете, доколку зло чиниме, на злото му служиме.
Светиот Апостол Павле во првата посланица до Коринтјаните, во деветтата глава, го објаснува своето апостолство во светот. Го објаснува своето проповедање пред луѓето со одговорноста која ја има кон сите, но дека говори како слободен човек кој Го видел Господа Исуса Христа, кој бива просветен од Господа преку чудото кое му се случило на патот кон Дамаск. Вели дека и тој како човек има право да биде слободен во изразувањето на својата вера исто како и сите други луѓе. „Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието“ (Кор. 9,14). Секако Павле вели дека тој не сака полза за себе од тоа што го прави од својата вера, туку дека е слободен, иако не е дека нема право. Има право да јаде и да пие и да живее како сите други. Но, тој ја има должноста да проповеда, и доброволно се труди во светот да ја шири Божјата порака на спасението. Вели, ако доброволно врши, тогаш ќе има награда. На дар добиваме милост – доброволно и да подаруваме. На дар добиваме, на дар да даваме без да очекуваме на земјата исплата. Исплатата нека биде од Господа, на Небесата.
Во Светото Евангелие прочитавме и за болниот кој беше донесен пред Исуса за да биде излечен. Болниот бил парализиран, но со помошта од некои луѓе тој бил донесен пред Христос. Христос пак, кога ја видел нивната голема вера, на тие луѓе кои му помагале на човекот, му вели на човекот да не се плаши и дека му се простуваат гревовите. Многу пати гревовите како последица оставаат деструктивност на човечките тела. Па така, и во овој пример, оваа парализа, оваа болест, била од гревовите на овој човек. Господ му ги простува гревовите и така човекот бива излечен. Но, важно е и тоа што се вели во Евангелието, дека Исус Христос ја видел големата вера и сострадувањето на тие луѓе кон овој човек, на кого му помагале да биде излечен така што го донеле пред Исуса. Секако дека сите ние љубовта вистински ја докажуваме тогаш кога им помагаме на другите. Треба како и овие луѓе кои му помагале на овој болен човек, и ние така да си помагаме помеѓу себе во љубов и сострадување, молејќи Го Господа не само за себе, туку најпрвин за сите други, а на крај – за себе. Секогаш да ги поставуваме другите пред себе во љубовта, а на крајот – себеси. Во Црквата треба да ја изразуваме верата преку љубовта во взаемната помош кон сите во сите потреби.
А Кога слушнале книжниците Тој да вели дека Ги простува гревовите на овој човек, тие се возбудиле и негодувале. Тие велеле дека Исус богохулствува. Тие не Го препознале Исуса како Син Божји, па затоа и не Го прифаќале Неговото простување на гревовите. Но Христос, ги видел нивните помисли и ги укорил. Господ сега веќе, го дава новиот морален закон кон сите луѓе и нè подучува и нас дека не само извршениот грев е грев, туку не смееме никако да ги прифаќаме помислите кои ни се појавуваат во нашиот ум. Мораме да се бориме и против помислите. Затоа што, првиот степен на злото се помислите. Коренот на гревот е кога ќе ги прифатиме помислите како свои и кога ќе започнеме да ги обработуваме како идеа. Секогаш треба да ги препознаеме и да ги карактеризираме како туѓи. Да си кажеме во себе: Господи, овие помисли не се мои, ова се демонски помисли. Така ние се бориме. Борбата е постојана. Гревот не е грев само кога ќе го направиме, туку тој е грев и додека постои во нашите помисли, чекајќи да го направиме. Исус Христос уште еднаш докажува дека има Божјата моќ, преку читањето на помислите и со исцелувањето. Исус – Син Човечки, со Својата моќ, ги простува гревовите и ги лечи неизлечивите болести. Тоа го може единствено Господ семоќниот. Исус Христос е Богочовек.
Исус проповедал на многу места, по разни градови и села ја ширел Својата наука. Го благовестувал Царството Божјо. Тој Кој го познава Своето Царство, Тој кој живее во тоа Царство, единствено Него може да го проповеда и објавува. Никој претходно од пророците пред Него, не можеле да го проповедаат Царството Божјо, затоа што не го виделе. Никој друг претходно не можел да го проповеда она трансцедентното што било сокриено од луѓето. Единствено Синот Божји, со Својата власт Го сведочи местото на вечната радост. Христос дошол за да проповеда и сведочи што повеќе, и тоа не само на Јудејците, туку и на сите други луѓе кои живееле во другите религии. Преку примерот на Христа и ние можеме да ја проповедаме Христовата вера насекаде. Да не се двоумиме и да не се плашиме. Да не ги проповедаме земските принципи, норми и правила, туку да ги проповедаме принципите на Небеското Царство. А принципите Божји се фузирани во љубовта.
Во Светото Евангелие по Јована, пишува: „Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, Тој е над сите“ (Јован 3, 31). Исус Христос е Небесен Бог Кој доаѓа од Небото за да ни ја проповеда лично Тој љубовната наука. Но Јудејците, иако го изучувале законот Божји, не Го препознале Оној Кој доаѓа од небото. Жално е навистина кога сме окаменети. Исто и денеска луѓето, не го препознаваат законот Божји. Денеска најмногу луѓето го препознаваат законот на земната моќ. Законот на силата и деструкцијата. Денеска, како и во древните времиња, во безбожништвото на светот, луѓето ја обожаваат моќта на владеењето. Моќта на заканата.
Исуса Христа Го следеле неговите ученици, но и ученичките. Имало и жени кој го следеле во Неговите проповеди насекаде каде и да одел. Една од тие жени е и Марија Магдалина која била исцелена. Била демонизирана, а Господ ги истерал демоните од неа. Светата Марија го следела Бога и несебично му служела поради својата бесконечна благодарност. Светата Марија е една од жените мироносици кои рано отишле на гробот, да го помазаат „мртвото” Тело на Исуса Христа.
Навистина нашата вера е суптилна вера. Вера во која учествува нашата совест. Учествува нашата душа, нашето срце, нашата свест. Сè што правиме да правиме искрено и со полна доверба во Господа. Никако да не деламе формално и бездушно, само исполнувајќи ги правилата. Туку да се вежбаме во доброто. Правејќи добро, да се надеваме на добро. Правајќи милост, да се надеваме на милост. Немој да го правиш она што не сакаш и тебе да ти го прават. Трудите се, и не се одвојувајте од доброто. Доброто е Совршен и единствен вечен принцип. Злото е само отсуство на доброто. Како што темнината е отсуство на светлоста, така и злото не постои како вечен принцип. Вечноста е совршена и позитивна категорија која постои единствено во Божјата Премудрост.
The post Недела 6. по Педесетница appeared first on Литургија.мк.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-6-po-pedesetnica/