Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Браќа и сестри.
Денеска служиме света Литургија, во третата недела од светиот Пост. Оваа недела е средината од светата Четириесетница во која се воздржуваме од блажната храна, но не само од храната, туку се воздржуваме и од секакво лошо дело кое можеме да го помислиме и да го направиме. Постот е сублимиран концепт на воздржување, каде што учествуваме со целото свое битие. Доколку се воздржуваме единствено од блажната храна, а не внимаваме на своите мисли и на личните дела, тогаш нашиот пост би се нарекол диета. Воздржувањето мора да биде насочено против страстите, нагоните, гневот, омразата, огорченоста, злото, лукавоста, лицемерноста, пцовките, расправиите, лутината, клетвите, пороците и т.н.
Какво ли ќе биде нашето воздржување доколку ги мразиме луѓето?
Каква ли е смислата на постот од храната, доколку го мразиме светот?
Постот е средство со кое си помагаме да се реорганизираме како битија, од лоши и грешни, во добри и квалитетни. Постот ни помага да се промениме, да се бориме свесно со својата слобода, да ја самоконтролираме својата грешна желба. Во постот треба со голема концентрација да внимаваме на своите помисли. Постот е постојана вежба во битието на поединецот. Помислата која се појавува како идеја треба да биде филтрирана за да можеме да се заштитиме од евентуалните грешки кои можат да ни се случат. Но запомнете, дека постот треба да постане наша постојана алатка преку целиот живот. Постот треба да постане наш секојдневен начин на духовна, внатрешна, лична борба. Постојано самоанализирајќи се себе си, ние ќе постанеме трудољупци во верата.
Запомнете браќа и сестри дека, верникот го препознаваме во љубовта. Времето на постот е времето на љубовта. Во постот ја изразуваме љубовта кон Бог. Во постот ја изразуваме и љубовта кон светот. Постот е средството со кое што се докажуваме во љубовта. Затоа што доколку се воздржуваме од храната, а го мразиме светот, за нас тој пост нема да има никаква корист. Но преку љубовта која ќе ја покажеме на дело кон светот и кон Бога, ќе бидеме вистински Божји чеда. Љубовта не може да биде тајна и лична. Љубовта не може да биде вистинска доколку ја подаруваме исклучиво поради личен интерес.
Љубовта е вистинска тогаш кога сме ја добиле од Господа, на дар, и ја шириме кон секого, општо, без интерес. Да се потрудиме ова добро да го запомниме, за да го подражаваме Богочовекот Исус Христос Кој претрпе понижување, страдање, распнување и смрт, поради сите луѓе, поради нас, единствено поради совршената и бесконечна љубов. Неговата бесконечна љубов е за нас спасение.
Денешната Недела е посветена на светиот, спасоносен, животворен и славен Крст Божји. Денеска оваа Недела се нарекува Крстопоклона, затоа што се поклонуваме на Светиот Крст. За нас крстот претставува живот и радост, претставува страдање и смрт. Страдањето кое треба да го посакуваме е во нашата лична волја да се бориме единствено против себе си. Да се бориме против своите страсти и нагони, за да се промениме, та да се преумиме. Бог кога ќе ја види нашата волја, нашата борба, тогаш Тој ќе ни помогне во нашиот труд. Постот за нас е нашето покајание, нашата метаноја, нашето преумување. Метаноја е нашата преобразба од грешни во добри. Секако дека ние самовласно не можеме да се преобразиме, но со Божјата помош, преку Богочовекот Исус Христос, ние ќе се поправиме и промениме.
Денеска е средината на великата Четириесетница, средината од постот. За да го издржиме подвигот на постот кој сме го започнале, потребна ни е Божјата помош. Затоа, имаме потреба од духовна сила во овој период. Се поклонуваме на светиот Крст, кој е нашата потпора и сила за понатамошниот наш подвиг. Се радуваме на тоа знамение, на тој спасоносен симбол. Крстот е нашата сила, нашата мотивација со која храбро се бориме во тегобниот наш живот. Животот е полн со искушенија и со предизвици, но со силата на светиот Крст, ние одлучно чекориме во бурниот живот, за да стигнеме до тивкото пристаниште на мирот. Денеска ја пееме прекрасната песна која е наменета на светиот Крст, со која го прославуваме Господа:
Спаси ги, Господи, луѓето Твои и благослови го Твоето наследство, победа на Православниот благоверен народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој пазејќи го Твоето население.
(Тропар на Светиот Крст)
Господ Го прослави симболот на најстрашната човечка смрт, симболот на страдањето, симболот на злото. Крстот во тоа време беше симбол на отплатата за најлошите сторени дела. Римјаните ги распнувале нај лошите луѓе и ги убивале на ужасен начин. Но Христос кој немаше никаков грев, немаше никаква кривица, го зеде мирно крстот на Себе како јарем, кротко како јагне, ја прифати осудата без збор, го прифати гревот на светот, се натовари со тескобата и ужасот на ѓаволот, и дозволи да биде распнат на крстот. Та во Себе, преку Својата безгрешна и совршена личност Божја, го прослави Крстот, и преку него, симболот на човечкото зло, постана симбол Божји, симбол на човечкото спасение.
„На Твојот крст се поклонуваме, Христе, и Твоето свето воскресение го воспеваме и го славиме; зашто Ти си Бог наш, освен Тебе, друг не знаеме, и со Твоето име се именуваме. Дојдете сите верници, да се поклониме на светото Христово воскресение, зашто, ете, преку крстот дојде радост за целиот свет. Постојано, благословувајќи Го Господа, да го воспеваме Неговото воскресение, зашто Он, откако претрпе распнување, со смрт, ја разруши смртта.“
На овој начин, со ова песнопение, свештенослужителот го прославува Исус Христос на светата Литургија, изговарајќи ја оваа величествена песна во олтарот. Крстот се прославува во Христово Воскресение. Преку крстот, смртта ја изгуби силата, гревот беше опростен, а ѓаволот беше победен; Христос страдаше за луѓето, умре поради љубовта, и Воскресна од мртвите прославувајќи Се и воедно спасувајќи го човекот.
Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. (Марко 8, 34)
Богочовекот Исус Христос говори во светото Евангелие дека животот на секој човек, е неговиот личен крст. Животот со своите непредвидливи искушенија и проблеми, заедно со целокупната човечка борба во својата душа, борејќи се со сите свои лични проблеми, го конципираме и сублимираме во личниот крст на страдањето. Секој човек го носи на себе својот живот, а тоа е неговиот личен крст. Исто како што Богочовекот го носеше на Својот грб крстот на Својот земен живот, така и ние треба да го носиме својот крст на своите рамена. Секако со Божја помош, ќе чекориме храбро кон Господ. Често ние сме немоќни со своите слабости да го носиме своето тешко бреме на маките, но Господ знае како е да се страда, та и нам ни помага да бидеме храбри и смели, да не ја прекинеме добрата борба која не води кон спасението.
Отецот Небесен се ужаснуваше пред злото кое се појави во светот. Тој го создаде светот поради љубовта, та се ужасуваше од омразата на луѓето кон Него, и кон Својот Единороден Син Кого Го прати во светот, единствено поради љубовта, и единствено да твори љубов помеѓу луѓето. Богочовекот Исус страдаше, гледајќи ја омразата и злобата во луѓето. Но кротко го прифати Своето страдање, за да ја оствари конечната спасоносна цел. Љубовта го победи злото. На Крстот, е победен ѓаволот. Со Крстот е победена смртта. И Бог Свети Дух ја гледаше страшната сатанска, пеколна омраза, која мислеше дека може да Го уништи Господа. Тоа зло, со својата дрскост, извитопереност, и гордост, помисли дека дошол моментот за да Го уништи Неуништливиот и Вечниот. Синот Божји со Своето Воскресение, го воздигна Крстот за симбол на нашата вера, и на луѓето им го подари оружјето на победата.
Возљубени, да имаме постојано во своите срца молитва. Затоа што молитвата е нашиот духовен разговор со Бог. Во постот, во воздржувањето и во борбата е потребна молитвата. За да бидеме борци, потребна ни е силата Божја, а за да ја добиеме помошта Божја, ние треба да се молиме. Кога некого ќе го возљубиме, тогаш ние постојано го имаме во нашата мисла, во нашето срце. Кога некого го љубиме, ние разговараме со неговата личност, во нашата душа иако тој не е близу нас. Исто така, на тој начин, кога Го љубиме Господа, ние постојано сме во духовна комуникација со Него, преку молитвата.
За многу години празникот.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-krstopoklona/