Недела на Православието

Example Super-Admin User · 3 hours ago

    8 minutes, 39 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа.

Радувајќи се во Господа, трудољубиво, мирно и спокојно, го започнавме велигденскиот пост, и ете сега веќе, една седмица откако сме во посниот период. Овој период е благословен од многу аспекти. За нас, еден од значајните аспекти во постот, е во нашата желба и слободна волја, внимателно да се трудиме во воздржувањето, за да го воспоставиме животниот егзистенцијален сојуз со Господ. Со секој наш грев, ние себеси се деградираме, така што се оддалечуваме од животот и полека духовно умираме. Кога, пак, духовно започнуваме да живееме без Бога, тогаш нашата личност ќе доживее ерозија на битието. Оддалечувајќи се од Господа, ние ја губиме смислата, и така нашето битие умира без Бога. Бог е животот, та кога грешиме, се оддалечуваме од животот, и секако во спротивноста, умираме без Бога.

Господ е нашата животна и вечна егзистенција, Господ е нашата онтолошка суштина. Словесното битие, човекот, ја има единствената причина за своето постоење во Логосот Божји. Живеејќи во Бога, ќе живееме вечно, живеејќи со Творецот, ќе ја оствариме вечната и прекрасна совршена заедница, која ни е наменета за нас, на дар. Тој совршен бенефит, за нас е прекрасен подарок кој ни го дарува Исус Христос.

Ние сме создадени за да живееме во Царството Божјо, но тоа ќе го добиеме како дар од Господа. А дарот, пак, се добива со исполнувањето на Божјата Волја. Доколку дарителот Бог ја бара од нас послушноста, тогаш поради љубовта, јас ќе сакам да го исполнам тоа што треба. Исто како што родителите нè поучуваат и советуваат, така и Отецот Небесен, нашиот Творец нè советува. Доколку на своите телесни родители им ја докажуваме нашата љубов кон нив исполнувајќи ги нивните совети, тогаш веќе сигурно ја поимаме верната љубов, која се докажува преку делото на послушноста.

Верноста се докажува преку делата на љубовта. Љубовта верува – верата љуби. Љубовта исполнува. Љубовта не се конфронтира. Љубовта не спори. Љубовта не се расправа. Љубовта не се лути. Впрочем љубовта ја исполнува волјата на тој што го љубиме. Па така, во нашиот случај, кога зборуваме за постот, сакаме да потенцираме, дека ние љубиме да се воздржуваме за да ја исповедаме верноста кон Бог.

Личносниот љубовен однос се негува. Не можеме да се однесуваме индиферентно и бесчувствително кон Творецот Кој нè создал единствено од љубов. Ние, секако, и во нашиот земен живот се однесуваме со потполно внимание кон другите луѓе кои ги љубиме. Та колку повеќе треба да го исполнуваме тоа што ни го заповедал Бог поради нашето спасение. Кога внимаваме да не згрешиме, ние внимаваме да не Го разочараме Господ, затоа што доколку Го љубиме, тогаш ќе внимаваме на нашите постапки, преку кои ја докажуваме нашата вера во Творецот. И преку благословените и добри постапки ја здобиваме Божјата доверба и Неговата закрила и помош. Со гревот, пак, ја кинеме животната нитка со совршеноста и се оддалечуваме дијагонално од Него, на спротивната страна, а таа страна е во смртта, во не животот.

Оваа Недела е посветена на православната наша вера. Нашата вера е навистина прекрасна, заедно со нашата света Православна Црква, која пак имала безбројни искушенија во својата историја на постоењето. Светата Православна Црква во својата историја од самиот почеток, па сè до денеска, се борела со разни предизвици и тешкотии. Учењето на нашата вера било постојано предизвикувано од разните философии и религии, но и од кривите учења во самото ткиво. Ткивото на Црквата Божја е жив организам кои е постојано под притисок на разни вируси кои му се закануваат и претендираат да го разболат.

Верниците ја сочинуваат светата Црква Божја, која е возглавена од Светиот Господ, Кој ја прави Црквата света. Кога ќе се разболи некој член од телото, тоа го чувствува целиот организам, но секако дека со помошта Божја, Црквата добива имунитет од Господа и добива лек за спасение, а тоа е благодатта Божја.

Денеска се сеќаваме на времето во историјата, кога ткивото на живиот организам страдаше под сатанското лудило на прогонителите на светите икони. Ја обвинуваа Православната Црква дека е почитувач на идолите. Ја обвинуваа Црквата пред светските власти за идолатрија, за идолопоклонство. Додека, пак, светската власт, потпадната под заблудата за идолатрија, го започнала страшното прогонство кон верниците. Но, за самиот организам е најтешко тогаш кога се појавува болест на искривено верување кај самите членови на тој жив организам. Тогаш искушението постанува многу тешко, претендирајќи да го уништи телото.

Во периодот од осмиот до деветтиот век, се распламтил огнот на пеколот, та започнала борба против почитувачите на светите икони. Иконите биле уништувани на разни начини, а почитувачите на светите икони биле немилосрдно казнувани, или пак убивани. Светогрдието се распламнало како страшна закана за вистинската вера. Светите предмети и самите икони, биле уништувани, со образложение дека тоа се бездушни идоли на коишто им се поклонуваат луѓето. Пеколот ја покажал својата сила над верата која била сквернувана и уништувана.

Во нашето православно учење, светите икони се облагодатени ликови на светите луѓе, кои го посветиле целото свое битие на Богочовекот Исус Христос. Благодатта Божја која ги осветила личностите на мачениците, страдалниците, преподобните и сите свети луѓе во нашата Црква, ги преобразила во вистински небески светила, кои ни светлат нам грешните и кои ја покажуваат и докажуваат својата вера во Господа. Како просветени луѓе, тие се вистински живи икони Господови. Секој човек е создаден за да ја облагодати својата личност и да ја обожи во Господа. Светителот постанува жив прекрасен сад, путир, на Божјата благодатна енергија. Живата икона го претставува својот небесен Господ во себе и го репрезентира кон светот. Секој човек облагодатен со Духот Божји, постанува син Божји, постанува бог по дарот Божји, по благодатта Божја.

Светата икона ја почитуваме поради изобразениот лик на тој којшто го посветил својот живот на Господа и кој се здобил со вечноста. Материјата на светата икона за нас ништо не значи, за да ја почитуваме како предмет на идолопоклонство. Впрочем, иконизираниот лик на таа материј, е нашата вредност. Ние ја почитуваме личноста која добила дар Божји. Кога живиот човек ја претставува живата икона Божја во себе, тогаш и после неговата смрт, насликаниот Божји пример, е за нас утеха и радост, затоа што таа негова претстава на неговиот лик, е впрочем, наш благослов. Ние воопшто не се поклонуваме на самата материја на иконата, туку, го почитуваме насликаниот човек, кој се здобил со Царството Божјо.

За да докажеме дека светите икони се благословени од Господа, треба само да се сетиме на чудото Божјо кое Исус Христос го направил за царот Авгар. По светото предание, сирискиот цар Авгар, имал тешка неизлечлива болест – губа, но имал единствена надеж во Исус Христос и верба дека доколку го види ликот на Богочовекот, веднаш ќе оздрави. Царот поверувал во Исус, и имал силна вера во Него, иако Го немал никогаш претходно сретнато. Та испратил некој сликар Ананија, во Палестина со писмо, во кое што Го молел Господа да дојде и да го исцели. Но, доколку Исус не можел да отиде кај него, тогаш сликарот Ананија да го наслика Неговиот лик и да го однесе кај царот Авгар.

Ананија стигнал во Ерусалим и отишол и Го пронашол Господа опкружен со мноштво луѓе. Оддалеку застанал на висок камен и се трудел да го наслика Христовиот Божји лик. Христос го здогледал и го повикал, та Ананија му Го предал и писмото од својот цар. Господ Исус Христос му рекол на Ананија дека ќе му прати Свој ученик на царот за да го излечи. Но сепак, Исус Христос побарал чиста вода и пешкир, та го измил Своето прекрасно, Божјо лице и со пешкирот Го избришал. Сите биле вчудоневидени од тоа што се случило во тој момент: од чистата и безбојна вода, пешкирот се обоил, чудесно се насликал Христовиот лик на пешкирот. Ананија ја земал неракотворената Христова икона и ја однел кај царот Авгар; а кога ја земал царот Божјата икона, тој добил исцеление. Силата Божја се пројавила преку самиот лик Божји и го излечила царот, а на сите нас, Господ ни оставил пример, дека изобразувањата на Неговиот лик, и изобразувањата на сите просветени и божествени луѓе, се благословени.

Во историјата на нашата вера има многу други чудесно пројавени, насликани, неракотворни икони на многу светители. Или пак, самите икони на разните светители кои добиле вечно спасение во Царството Божјо, чинат разна чуда, која пак не можат да се опишат со логиката на земното искуство.

Светите предмети на кои се изобразени фрагментите од Христовиот живот, исто така се осветени од Духот Божји, светотаински благословени, поради спасоносното дело на Богочовекот Исус Христос. Христос пострада обесен на дрвениот крст, та истиот крст беше долги години фрлен на ѓубриште, над кое пак после бил подигнат идолски храм во Ерусалим. Царицата Елена и царот Константин, го срушиле идолскиот храм, трпеливо го барале и го пронашле Светиот, Животворен и Спасоносен Крст Господов. Дрвениот Крст Господов има Божја моќ и сила, та таа сила се пројавила уште веднаш, откако го пронашле крстот. Имено, Светиот Крст, бил положен над еден мртовец кој бил носен со поворка за да го погребат, та откако материјалниот Господов Крст бил допрен до мртовецот, тој веднаш оживел.

Светите предмети, не се свети поради земната пропадлива материја, таа секако пропаѓа. Но Божјата моќ и сила, ги осветува изобразувањата на Божјиот Лик, а исто така и ликовите на Божјите светители. Благодатта Божја со својата бесконечна моќ и сила, ја осветува создадената материја. Бог е неограничен, та Неговата сила како бесконечна Негова категорија, не може да биде во некаква ограничена форма и врамена во некакво логично правило, впрочем, бесконечноста не подлежи на земниот и пропадлив закон на природата. Како што и Неговите свети Тело и Крв во Црквата Божја се даваат телесно, се принесуваат од телесната материја, од пченицата и грозјето, та на Светата Литургија, со силата на Светиот Дух на чудесен начин, се претвораат  во Негово Нетлено Тело и Нетлена Крв.

Исус Христос е предвечен Бог, трансцедентен, та со Неговата вечна Личност, се отелотворува и постанува Човек од создадената природа. Со Божјата сила, таа пропадлива земна материја постанува вечна, бесмртна и безвременска. Та со Божјата сила, материјата постанува осветена. Материјата е создадена од Господа и Неговиот Божји печат е втиснат во структурата и кодот на целата природа.

Материјата учествува во спасението Божјо, затоа што личностите на земјата постојат во својата полнота како материјално-духовни битија. Ние не ѝ се поклонуваме на материјата како на бездушна форма, никако и никогаш! Впрочем, материјата ја почитуваме како создадена Божја творба која учествува во спасението, преку волјата на човечката душа.

Личноста е стожерот на битието и преку личноста се осветува материјата. Материјата не е носител на животот, туку, личноста претходи на материјата. Нешто за да постои, мора да има единствена личност, која со својата душа слободно пристапува заедно со својата телесна материја, како суштинска полнота на битието, кон остварувањето на спасението.

Нашиот Бог постои во вечноста, метафизички, трансцедентно, но и материјално со Своето бесмртно Тело Кое го стекнал и го возљубил, преку Крстното страдање. Исус Христос, страдаше, за да ја прибере и земната материја кон Себе и во Себе. Целата материја се осветува во личноста на Синот Божји и преку Него постанува вечна и бесмртна.

И покрај сите искушенија со кои се соочувало Православието во својата историја, тоа секако победува со неговите прави догматски вредности. Денеска исто така, Светата Православна Црква, го повторува чинот на анатемисување на сите противници Божји кои ја искривувале правата вера и кои внесувале раздор и немир во нејзиното ткиво, преку разни ереси и криви учења.

Возљубени, бидете благословени во Господа. Бидете мудри и внимателни, за да не дојдете во ситуација, да ја искривите вистинската православна наша вера. Молете се на Господа, Господ да биде наш патеводител и заштитник од разни лицемерни и подмолни влијанија.   

За многу години!

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedelata-na-pravoslavieto/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
1 month ago

„Се е во ред!“

 „Се е во ред!“Колку пати, кога некој ќе не праша: „Како си?“, ние автоматски одговараме: „Се е во ред!“.Фраза-маска, автоматски одбранбен механизам, кој ја покрива вистината што ја засенува нашата душа.Како да го кажеме тоа за да не изгледаме слабо?Зарем немаме доверба во другите?Зошто се плашиме д...

Image Description
5 months ago

Покајанието има благородност, а не беда

 Покајанието има благородност, а не бедаСте направиле грешка. Тоа што сте разбрале е многу добро.Но, не го тренирајте премногу. Не почнувајте да го анализирате. Не влегувајте во процесот на дискусија со вашата пресметка.Направивте грешка и знаете. Сега тие одат понатаму. Не останувајте во вашата гре...

Image Description
1 month ago

Живееме во името на Господа Исуса Христа!...

 Живееме во името на Господа Исуса Христа!   Кога велиме, во името на Христос, на овој начин кажуваме кои сме, чии сме и од кого сме испратени. Секој на овој свет се претставува во името на некој поголем и попознат.  Вака ние христијаните се претставуваме во името на Христос.Кога велиме, во името на...