Недела на светите отци од Првиот вселенски собор

Example Super-Admin User · 2 months ago

    5 minutes, 31 seconds


„Животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог,
испратениот од Тебе Исуса Христа“
 (Јован 17: 3)

Секој човек, па дури и најнесреќниот, жеден е за животот и постојано бега од смртта. Бог го создал човекот не за да умре и да се претвори во прашина, туку за да живее вечно. Дури и нехристијаните тежнеат кон бесмртноста, иако не знаат по кој пат да стигнат до неа. Човекот е предназначен за живот вечен. Но, злото во светот, гревот и смртта водат постојана борба со живите луѓе, за да ги умртват нивните души и тела. Луѓето се предназначени вечно да живеат, иако сите не го заслужуваат тоа, па затоа и многумина и не ја достигнуваат таа цел.

До пред неколку дена светата Црква низ молитвени песни го славеше и воспеваше воскреснатиот Спасител, Кој е извор на вечниот живот. Но, светата Црква и понатаму не престанува да нè потсетува на единствениот достоен идеал – вечниот живот. Секој од нас треба да знае кој е патот, кој води кон вечниот живот, на каков начин можеме да ја победиме смртта, што треба да правиме и што треба да одбегнуваме за да не постанеме мртви за вечноста.

Во денешното евангелско четиво Спасителот на најкус можен начин ни кажува во што се состои вечниот живот: Во познавањето на Единиот вистински Бог и испратениот од Него – Исуса Христа. Што значат овие зборови? Зарем само учените богослови, кои со својот разум ги изучиле Божјите својства и детално го изучиле Христовиот живот, ќе го наследат вечниот живот? Апсолутно не, зашто Христос немал намера да каже вакво нешто во Својата молитва. Апостолите, кои ја слушале оваа Христова молитва, го наследиле вечниот живот, но не заради тоа што со својот ум тие разбрале што сакал да каже Христос со овие зборови, туку затоа што Го познале вистинскиот Бог и испратениот од Него Исуса Христа. Едно е да знаеме и да разбираме нешто, а сосема друго е да го познаваме тоа нешто. Едно е изучувањето и знаењето на богословските книги и разбирањето на комплицираните дефиниции, а сосема друго е чувствувањето на Божјото присуство во своето срце и сознанието дека Бог ни е познат и близок и дека и ние за Него сме познати и блиски. Или, со други зборови, тоа веќе е кажано во светото Евангелие дека со целата душа и со целото тело треба да почувствуваме дека Бог е нашиот небесен Отец, а ние сме Негови возљубени чеда. Не треба да познаеме колку Бог е силен, како го создал светот и како со него управува, зашто човечкиот разум никогаш не може тоа да го сфати, туку треба да познаеме и да веруваме дека „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3: 16).

Да се запрашаме, се трудиме ли и ние некогаш да стекнеме такво познавање? Нашата денешница и деновите во кои ние живееме со прави ги нарекуваат време на техниката и науката, време на научните достигнувања, време на знаењето и напредокот. Денес има сè повеќе учени специјалисти од сите области на животот и науката. Денес постојат податоци за сè и сешто, речиси да нема ништо скриено, зашто сè се набљудува преку сателитските антени; денес е измерено дури и земјата колку тежи, колкаво е растојанието од земјата до ѕвездите и што уште не. Денес секој родител се грижи што да изучат неговите деца и одвојува колку што е можно повеќе средства, сè со цел колку е можно повеќе да бидат совладани земните науки. Но, за познавањето на Бога малкумина се грижат и малкумина тоа си го поставиле за животна цел. Денес многу луѓе, занесени и заслепени од земниот живот, забораваат дека тој наскоро ќе заврши, па упорно не се подготвуваат за вечниот и вистински живот. Во многу земји во светот постојано се прават статистики со кои се докажува дека средниот човечки живот за последните 40 години се зголемил за 10 – 15 години. Но, не за 15, туку нека направат да се зголеми ако треба и за 100 години, сепак, за човечкиот живот ќе настапи крај. Убаво и пофално е да се грижиме за надминувањето и совладувањето на болестите и тешкотиите кои нè снајдуваат за време на земниот живот. Но, неразумно е од нас ако заборавиме дека ние сме предназначени за вечниот живот, а не за овде. Нашата татковина не е земјата, туку небото. Ако го заборавиме тоа свое предназначување, тогаш нашиот живот ќе заприлега на кораб во морето, кој има сè друго што е потребно за пловење, но е лишен од покажувачот на правецот, од компасот, кој ја покажува насоката по патот, по кој треба да врви животниот кораб, за да пристигне безбедно онаму, каде што треба да отиде.

За вечниот живот, за Единиот вистински Бог, за Неговиот Единороден Син Исус Христос, не можеме да научиме многу во нашите училишта. За жал, за Бог и за вечниот живот во нашето образование не се учи воопшто, зашто тоа некој намерно го спречува, а со тоа сака од нашите поколенија да направи духовни инвалиди. Но, ако таму не можеме да Го познаеме Бога преку науката кој се стекнува во училиштата, сепак, ние имаме можност да Го познаеме Бога овде, во Божјиот храм. Токму овде секојдневно се чита Божјото Слово и секојдневно Му се служи на Единиот Вистински Бог и Неговиот Син Исус Христос. Затоа, потребно е што почесто да си спомнуваме дека, ако сакаме да го наследиме вечниот живот, треба секојдневно да се усовршуваме во личното познанство со Бог Отец и Неговиот Син Исус Христос. Зашто вечниот живот е познавање на Бога, онака, како што и светите апостоли и сите светии Го познале Бога преку Исуса Христа. Тие Го исповедале Него за Син Божји и на таков начин објавиле дека во Христа гледале пројава на животот на Отецот Небесен. Токму и овде, во овој свет храм, главен Учител е Самиот Христос Спасителот. Овде, во храмот и од свештеничките проповеди нема да научиме колку е далеку небото од земјата, но затоа, пак, ќе научиме кој е вистинскиот пат по кој се стигнува до небото и до вечниот живот, кој е Создателот и Спасителот на светот. Овде нема да научиме како да влеземе во утробите на планините, за да вадиме од нив злато и сребро, ниту како да се спуштиме во морските длабочини, за оттаму да вадиме бисери и богатства. Но, овде, преку Божјото Слово, ќе научиме како да влеземе и да се задлабочиме во сопственото срце и како треба да го очистиме од гревот и да го отвориме за во него да влезе Божјата благодат. Во Божјиот храм не се учи граматиката и разните странски јазици, но овде ќе се научиме да го разликуваме јазикот на лагата од јазикот на вистината и ќе научиме како да разговараме со Бога преку молитвата, како да Го славиме и како во секоја прилика, било да сме нажалени или исполнети со радост, да Му се обраќаме Нему, како кон свој небесен Родител и Заштитник. Само за момент да се потсетиме како секташите ја спроведуваат својата секташка агитирачка дејност и со каква ревност ги изучуваат нивните заблуди. А колку повеќе треба ние да го изучуваме Божјото Слово и да ги исполнуваме Христовите заповеди.

Ако ние сакаме да бидеме вистински Христови ученици, тогаш, нашите посети во црквата не смеат да бидат бескорисни дела, како што честпопати се случува, туку секое доаѓањето во црквата треба да претставува чекор напред во нашата средба со Бога. Само тогаш нашиот живот нема да биде залуден. Секој поминат ден треба да биде наш нов чекор кон Бога. Токму така треба да живееме, зашто само на таков начин можеме да издржиме во исполнувањето на светите заповеди. Значи, да издржиме, а не да паднеме. Зашто, сепак, сè зависи од нас. Според Божјата милост, постојано треба да се трудиме времето од земниот живот да не го минуваме залудно и напразно, туку постојано да пребиваме во духовен труд, така што ни часот, ни денот, ни месецот да не ни поминат напразно и залудно, туку во стекнување на вечниот живот и Царството небесно.

Протојереј Златко Ангелески

The post Недела на светите отци од Првиот вселенски собор appeared first on Литургија.мк.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-svetite-otci-od-prviot-vselenski-sobor/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
1 week ago

Душата на секој од нас е како светилка

 Душата на секој од нас е како светилкаДушата на секој од нас е како светилка, која како масло ја има доблеста и наместо фитил има љубов, на која почива наместо светлина благодатта на Духот.Кога ќе исчезне ова масло, т.е. милосрдието, љубовта, која постои во душата како фитил, се гаси.Така светлинат...

Image Description
2 months ago

Кога некој не обвинува, некој не озборува...

Кога некој не обвинува, некој не озборува... Колку пати, кога ќе се сретнеме со личноста со која сме вознемирени или сме скарани, затоа што нè обвинувал, нè озборувал, нè издавал и уште многу повеќе, се правиме дека не разбираме, дека не го гледаме, за да не го поздравиме!Светите отци и пустинските...

Image Description
2 months ago

Петнаесет духовни поуки од Свети Јустин Поповиќ

  Петнаесет духовни поуки од Свети Јустин Поповиќ1. Гревовите се земјотреси кои ја вртат целата душа, и ум, и срце и во нив формираат карпести клисури, расцепи, карпи.  И ние талкаме низ нив, низ нашите внатрешни урнатини без дно.  Во исто време, секој грев е болест на умот, болест на срцето, болест...