Title : Недела на Светите Отци од Шесте Вселенски собори

Недела на Светите Отци од Шесте Вселенски собори

Example User · 1 month ago

vselensk_sobor_431НЕДЕЛА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ОД ШЕСТЕ ВСЕЛЕНСКИ СОБОРИ

(Неделниот ден од 13-19 јули ст. ст.)

„Оној, што ќе ги исполни (заповедите) и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно“

(Матеј 5: 19)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Христијанската Црква, во првите три века од своето постоење, била постојано гонета и водела борба со своите надворешни непријатели, кои се труделе на сите можни начини да ја уништат. Тие надворешни непријатели биле евреите и јазичниците. Со доаѓањео на власт на императорот Константин Велики, христијанството добило слобода, но веднаш било принудено да води борба со своите внатрешни непријатели, кои биле против нејзиното правилно учење и уредување. Тоа биле еретиците и расколниците. Против овие внатрешни непријатели, кои биле многу пострашни од надворешните, Црквата водела тешка и долга борба, но, сепак, на крајот излегувала како победителка. Оваа борба Црквата ја водела преку развивањето на богословската наука и книжевност, преку делата на светите Отци и учутелите на Црквата. Освен овој начин на борба против еретиците, Црквата водела и колективна борба преку одлуките на сите собори, а особено преку одлуките на вселенските собори. Токму на овие собори искристализирано е учењето на Православната Црква, дефинирани се догмите кои треба да ги исповедаат христијаните, но дадени се и одредени карактеристики на православното христијанско богословие.

Православната Црква е жив двеилјадигодишен сведок на историјата. Како таква таа има скапоцени вредности, кои никогаш не губат од својот сјај. Таквите вредности, но и одредените карактеристики, можеби некогаш од наша страна се подзаборавени, но наша света должност е да ги негуваме, сочуваме и предадеме на нашите идни поколенија. Токму денес, кога го славиме споменот на светите Отци од шестве вселенски собори, имаме убав повод да се потсетиме на тие вредности.

Најпрво што треба да ја краси нашата Црква е безусловната православност. Пулсот и дишењето на нашата Црква безусловно треба да се православни, односно, сè да е натопено со православен дух и да црпи животочна вода од непресушната река на православното предание. Црквата треба да биде библиска и светоотечка, а не формална, туку длабоко суштинска. Христовиот збор треба богато да пребива во неа, а богоносните Отци да бидат нејзини животни водители.

Понатаму, нашата Црква не треба да биде сува, рационална и схоластичка, туку жива и суштинска. Таа не треба да се губи во безначајни ситници, туку исклучиво да се занимава со животни теми, кои ја го водат човекот до вечниот живот. Ова го сведочат и тројцата еминентни свети Отци, кои од светата Црква биле удостоени да го понесат епитетот „богослови“ – свети Јован, свети Григориј и свети Симеон. Овие прекрасни учители засекогаш го запазиле православното богословско предание и засекогаш ѝ го предале на Црквата.

Црквата треба да биде украсена и со молитвеност. Само во една топла молитвена атмосфера и постојана заедница со Бога може вистински да се изгради вистински жив и православен сојуз со Црквата. Тоа не смее да биде манифестирано само со индивидуалната молитва, туку, пред сè, со заедничкото служење на Бога. Учеството во литургиската молитва на Црквата е она вистинското, кое ја храни и вдахновува нашата душа. Вистинските богослови на Православието не биле само живи органи на Христовото тело, туку, обично, биле свештеници и монаси, кои секојдневно живееле преку богослужбите и преку хранење од Лебот на таинствената Трпеза.

Безусловно, Црквата треба да е света. Сите нејзини големи служители, богомудрите Отци на Црквата, биле преподобни и свети. Во нивниот живот секогаш е присутна полнота на нивното учење, но и во учењето – полнота на нивниот живот. Во нив се исполнила првосвештеничката желба на Господа Исуса Христа, упатена кон Бог Отец: „Освети ги со Својата вистина“ (Јован 17: 17). Токму затоа тие биле првокласни богослови. Секој верник во животот на овие луѓе ќе пронајде едно јасно изложување на нивниот живот, еден жив богословски потсетник. И денес, многу повеќе од сите други епохи, богословите треба да бидат свети, ако сакаат на Црквата постојано да ѝ даваат слава и чудотворна моќ. А светител за Црквата не е само оној, кој стигнал до врвот, туку секој еден кој тежнее за светоста, кој е вистински подвижник и аскет во широка смисла на зборот. Без неопходното акцентирање на светоста, Црквата би се претворила во анемична и безживотна, во спора и слаба.

Вистинското богословие, онака, како што го запазиле Отците од вселенските собори, треба да биде уста и орган на Црквата, слуга и служител на таинственото Христово Тело, во кое се продолжува Христовото воплотување. Богословието треба да ги изразува догмата и богослужението на Црквата, да ги вдахновува канонското право и подвижничкиот живот. Црквата, пак, на богословието му дава една гаранција за вистинитоста на неговото учење и го држи во оние рамки, без кои тоа би забегало во зломислие и заблуда. Од друга страна, пак, православното богословие не е автономно или субјективно, како протестантските измислици, туку секогаш е во служба на мајката Црква. Тоа му служи на Бога и на човекот во боготаинствената „гостоприемница“ – Црквата. Невозможно е богословието да се замисли надвор од осветувачкото место и надвор од животворната атмосфера на мајката Црква. Само ако е засадено во Домот Господов, тоа „ќе даде многу плод“ (спореди: Јован 15: 5).

Бидејќи Црквата е во служба на човекот и работи на делото на нашето спасение, нормално е таа постојано да се подвизува. Сите светители биле и подвижници. Секоја епоха од постоењето на Црквата должна е да се подвизува, да се бори за Вистината, за Преданието, за богословието. Учењето на Црквата никогаш не смее да остане заклучено во некаква канцеларија, зашто тоа не е некакво професорско умување, туку жива сила која умее да излегува и на боиште, но да постанува и херојско и маченичко, ако за тоа има потреба. Ова е вака, зашто богословието на Црквата секогаш памети дека има своја возвишена апостолска мисија, но и своја огромна одговорност. Тоа чувствува дека извршува свештено дело на просветување. Заради тоа, православните Отци на Црквата, кои апсолутно ја докажале својата генијалност на вселенските собори, биле апостоли и пророци, исповедници и маченици, подвижници и преподобни.

Православната Црква е жив организам, кој својата сила и благодат непрекинато ја добива од Светиот Дух. Светите Отци ова многу убаво го знаеле, зашто категорично верувале во нелажното тврдење на Господа дека: „Духот на вистината ќе ве упати во секоја вистина“ (Јован 16: 13). Сесветиот Дух е Оној, Кој го просветува умот и го распламтува срцето. За православниот христијанин не е доволно само идеолошкото и интелектуално развивање. Тоа е недоволно, а честопати и многу опасно. Ако Божјиот Дух не пребива во нашите срца, ние не можеме да богословиме, односно, да говориме за Бога и да живееме со Бога. Православниот христијани треба да биде сад на Духот и харфа на Духот, духоносец и исполнет со Светиот Дух. Само од неисцрпните длабочини на Светиот Дух потребно е да ги црпиме ризниците на мудроста.

Богословието, кое светите Отци му го објавиле на светот на вселенските собори во текот на свештената историја, претставува клечење пред божествената тајна. Тоа е долгогодишно духовно искуство и свештенослужење на Божјото Евангелие, а пред сè, тоа е Литургија, усвојување, живеење и заедница со Бога, а истовремено и објавување на Божјите чуда. Само едно такво вистинско православно богословие може да нè сочува од лизгавиот пат на „нечистите и празни разговори и од расправии на лажната наука“ (1. Тим. 6: 20), од „философијата со празна измама според човечкото предание“ (Кол. 2: 8), која не престанува да постои како една огромна опасност и во оваа наша епоха. Само чувањето на вистинското светоотечко учење, дефинирано на светите вселенски собори, може да ги зачува и нашите души од замките на овој свет и да ги доведе до вечното спасение. Амин!

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2015/07/26/%d0%bd%d0%b5%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%be%d1%82%d1%86%d0%b8-%d0%be%d0%b4-%d1%88%d0%b5%d1%

Related Posts

Image Description
1 month ago

Научи сe да ги пoчитуваш и да ги сакаш малитe и прoститe луѓe

Научи сe да ги пoчитуваш и да ги сакаш малитe и прoститe луѓe. Такви има најмнoгу на зeмјата, а има најмнoгу и вo Бoжјoтo царствo. Кај нив нeма гoрдeливoст, т.e. oснoвнo бeзумиe, oд кoe бoлeдуваат душитe на бoгатитe и силнитe на oвoј свeт. Тиe чeстoпати ја извршуваат свoјата дoлжнoст вo вoј свeт с...

Image Description
2 weeks ago

На рјеках Вавилонских…!

обновување на лозинка враќање на лозинка вашата е-мејл А лозинка ќе ви биде испратено до вас.