Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Почитувани браќа и сестри, Христос се роди!
Во денешното свето Евангелие кое што го прочитавме на светата Литургија, слушнавме дека се говори за бегството во Египет на Јосиф и Марија, заедно со малиот Исус. Слушнавме за многу тешки и ужасни збиднувања кои се случиле поради човечката лудост и поради злото. Човекот, служејќи му на сатаната, потполно се извитоперува, постанува демонизиран и тогаш во таквиот човек исчезнува човечноста. Затоа често нагласуваме дека човекот е човек, единствено само кога твори љубов. Човекот е човек само кога љуби и кога пројавува љубов кон другите. Човекот за да биде нормална и здрава личност, единствено треба да ја пројавува Благодатта Божја, која всушност се пројавува во својството на љубовта.
Богочовекот Исус Христос со Своето раѓање им подарува мир Божји на луѓето. Но исто така, паралелно со овој Божји мир кој му се дарува на светот, се пројавува и лудилото на обезбоженоста. Извитопереноста во обезбожените луѓе пројавувала кај нив ужасна беспоштедност и крвожедност. Тие кои не Го познавале Бога во своите срца, тие ја изразувале омразата кон Творецот. Противникот Божји, ѓаволот, го возбудил и возмутил светот против Спасителот, против Месијата, против малиот Исус. Противникот Божји ги помрачил луѓето и постанувајќи му негови слуги, демонизирајќи се во своите души, сакале да војуваат против Бога и да Го убијат Неговиот штотуку отелотворен, очовечен и роден Син во светот, а нероден во вечноста.
Со раѓањето на Богочовекот Исус, на земјата се создава фрапантна разлика помеѓу Доброто и злото. Раѓајќи се, Исус донел раздор, донел страдања, донел мака, донел ужас. Но Бог тоа не го посакува по Својата Волја, туку ѓаволот ги возбудува грешните и злобни луѓе, да постанат негово оружје, оружје на деструкцијата. Под влијанието на сатаната, човекот постанува чудовиште. Човекот без Бога се обезличува и постанува искривена, грешна, лажна, расипана икона Божја. Од богодолично создадена личност, човекот без Бога, постанува страшна слика на злото. Човекот со својата несовршеност, маленкост и минливост, помислува во своето лудило дека може да Му наштети на Бога, па дрско, лудачки помислува дека тој може да влијае на животот, преку деструкцијата.
Ангелот Божји му се јавува на сон на Јосиф и му вели: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет“ (Матеј 2, 13). Да се замислиме сите, колку му било тешко на праведниот Јосиф да ја прифати и оствари оваа наредба Божја. Тешко му било да сфати, зошто треба да бега Исус, кога Тој е Син Божји? Зошто треба да се кријат, доколку семоќта Божја е во Исус. Но сепак, стариот и праведен Јосиф, ја прифатил Божјата наредба и тргнал да бега со Исус и со Марија. Сепак се смирил и ја остварил наредбата Божја.
Ангелот Божји му вели на Јосиф, да Го земе Младенецот и Неговата Мајка. Ангелот не му вели на Јосиф дека Исус е негов син, туку дека Исус е Син на Марија. Јосиф му бил единствено старател, кој сепак бил поставен од Бога и како чувар Божји, чувар на Синот Божји. Значи тука на ова место поимаме, дека Исус нема татко на земјата. Марија е осенета, и зачната од Светиот Дух на натприроден начин, кои можеме и да га објасниме како надумен. Тоа значи дека зачнувањето на Девицата Марија, е несфатливо за човечкиот ум. Сепак човекот е создадено, несовршено и ограничено битие кое не може да ги поими Божјите тајни. Па така, човекот не може да го сфати натприродното зачнување.
И ден денес, луѓето се прашуваат зошто Семоќниот Бог бега и се крие? Зошто Бог се плаши пред човечкиот сатанизам? Зошто Бог допуштил да покаже слабост? Но, овде се докажува човечкото битие на Синот Божји. Преку ова бегство, Исус му покажува на светот, дека секој треба да биде смирен и кроток, внимателен и потполно неагресивен кон злото и кон ѓаволот. Бог секако дека немал потреба да се крие, но Тој отишол да се пројави и во египетската земја. Тој ги повикува со Своето присуство и Египтјаните на покајание и им го дарува спасението, доколку го сакаат тоа. Тој ги поканува кон спасението и Вавилонјаните – ѕвездогледачите кои ја следеле Божјата ѕвезда и Му се поклониле на Царот на Вселената. Бог се роди за да проживее со луѓето и Сам Себе да му се објави на светот. Бог се открива и објавува на сите без исклучок. За секого е отворена возможноста да биде спасен.
Бог не се плаши пред злото, но сепак покажува преку Својот пример, дека треба да бидеме скрушени во срцата наши, кротки, незлобиви, миротворци, но и внимателни. Нашата вера е мирна вера, мирољубива вера. Вера полна со милост и со добрина, кои извираат од Господа. Никако Бог не нè подучува да бидеме агресивни проповедници во светот. Фанатизмот пројавува насилство, а нашата вера е вера на мирот, милоста и љубовта. Бог преку својот смирен подвиг, преку Своето бегство им покажува на луѓето дека треба да се повлечат пред ѓаволското зло во светот, да се повлечат во личното, душевно тихување. Во таквото мистично тихување, во молитвената тишина да го пронајдеме Божјиот глас, кои ќе нè води мирно и спокојно во животот преку сите турбуленции, колку и да бидат тешки. Ние како верници не сме повикани од Бога за да бидеме насилни бранители на нашиот став и нашето мислење. Не сме ниту повикани да бидеме Негова војска која треба да Го штити Бога од оние кои ќе Му се спротивстават.
Ние треба да станеме единствено духоносни икони Божји, икони Христови. Нашиот Бог донесе мир и љубов во светот, и наша мисија е да шириме мир и љубов во светот. Тој се роди како кроток и смирен, и ние треба да бидеме кротки и смирени. Затоа што нашата вера е вера која го очекува животот после смртта, животот во трансцедентноста. Така ние не се бориме за овој несовршен свет, впрочем живеејќи со мирот Божји во себе во светот, ние се припремаме за вечноста.
Господ сепак им се обраќа на сите луѓе во Евангелието и вели да го оставиме конечниот суд на Господа. Господ сè знае и сè гледа. Господ вели во Своите поуки и беседи, дека треба да веруваме и да живееме со исклучително смирение и кротост, и никако и никогаш да не исполнуваме деструкција бранејќи го својот став, чинејќи некому зло. Насилството ние го толерираме единствено кон нашата падната природа, кон нас самите, борејќи се со личните нагони и страсти.
Секако дека Господ бегајќи во Египет, го исполнил пророштвото на пророкот Осија од Стариот Завет кое вели: „Од Египет Го повикав Синот Мој“ (Матеј 2, 15). Господ дошол во светот исполнувајќи ги сите пророштва кои се однесувале за Него, не отстапувајќи ништо од она што било напишано и најавено. Секако дека Господ се родил тогаш кога било исполнето времето и бива жртвуван по личната Своја волја, точно тогаш кога било исполнето времето. Затоа никој не можел да му направи зло предвреме. Многу помислувале и посакувале, но не се остварувало злото предвреме. Па така и сега гледаме дека светото семејство, бега пред злото во светот, бега пред сатанизмот и се сокрива.
Патувајќи кон Египет, во Светото предание се вели, дека светото семејство имало разни искушенија. Дури во еден момент повторно биле загрозени нивните животи во пустината. Тие налетале во еден момент на разбојници, кои сакале да ги ограбат и да ги убијат. Но кога едниот од разбојниците кои сакал да ги убие Го видел малиот Исус, рекол дека ова е прекрасно дете кое е толку многу убаво; дека доколку Самиот Бог слезе на земјата, Тој би бил исто таков како ова дете. Разбојникот ја осетил и објавил Божјата харизма – дарбата, Божествената моќ која била во малото Дете, во малиот Исус. Разбојникот со своите бандити, сепак го оставиле светото семејство без да му направат зло. Поради тоа, Марија Богородица му вели на тој разбојник, запомни, ова Дете ќе ти се оддолжи во еден момент во твојот живот. И навистина Исус Христос, Му се оддолжува на овој разбојник, и тоа на самиот крај од неговиот живот. Тој разбојникот висел на крстот праведно осуден, поред Господа Кој е неправедно осуден. Но Исус Христос, по ветувањето на Својата Мајка, Му се оддолжува на разбојникот поради неговата пројавена милост и го спасува и воведува во Рајот после смртта.
Ете колку е голема милоста Божја. Божјата милост е бесконечна и беспрекорна. Господ го спасува праведно осудениот разбојник, поради неговата вера и милост. Треба и ние сите да се поучиме од овој пример на грешниот разбојник, кои сепак имал милост и вера. Милоста е исклучителна добродетел, која ни ги отвора вратите на Рајот. Преку добродетелите ние ќе се спасиме. Колку повеќе се трудиме, толку повеќе ќе бидеме поблиску до Царството Божјо.
Откако мудреците, ѕвездогледачите го надитриле Ирод и побегнале, не отишле повторно кај него за да му кажат каде се наоѓа Младенецот, Ирод многу се разгневил. Неговиот гнев постанал чудовиштен, постанува монструозен. Толку многу демонска омраза примил во себе, постанал прав сатана, прав противник Божји. Ирод сакал да Го убие Исуса, но не знаел каде се наоѓа, па според кажувањето на ѕвездогледачите за времето на појавувањето на витлеемската ѕвезда на небото, не знаејќи го точниот датум на раѓањето; но за да биде секако сигурен, дека нема да може да се спаси Исус од неговите сатански раце, тој решил да ги убие сите деца до две години. Тој направил сатанско крвопролевање, сакајќи да Го убие Бога. Ужасот и плачот на убиваните деца и на нивните родители биле страшни. Додека претходниот период во Витлеем бил прекрасен, исполнет со Божјата слава, сега веќе Витлеем вриска и плаче поради лудилото на чудовишниот Ирод. Но злото во човекот чини нечовечки и ненормални нешта.
Дури по смртта Иродова, светото семејство се вратило повторно во Израилевата земја, населувајќи се во градот Назарет, во домот на Неговиот старател Јосиф. Самото име на градот значи: потценет, безначаен и отфрлен, потточно, името на градот се однесувало и на самата Христова Личност, Која била отфрлена и потценета. Па така Исус Христос, се нарекува Назареец – потценет.
Животот на Богочовекот Исус Христос, уште од самиот почеток бил тежок. Неговото воплотување го предизвикало сатанското, пеколно зло. Злото се пројавувало постојано сакајќи да го уништи животот. Но Вечниот Живот – Христос е семоќен Бог Кои секако дошол во светот да го преобрази светот во Себе и преку Себе да го преуми светот.
Денеска, Македонската Православна Црква го празнува споменот на Македонскиот светител Гаврил Велички. Тој беше Епископ на нашата Света Црква, подвизувајќи се во трудољубивоста кон добродетелниот живот, исполнет со монахољубието. Светиот Гаврил Го возљубил Богочовекот Христос и Му го посветил својот живот, замонашувајќи се на Светата Гора Атонска. Тој бил трудољубец во монашките послушанија и неуморен молитвеник пред Господа. Постанал вистински прекрасен сад во кој се налевала Благодатта Божја. Тој се подвизувал како пустиножител, по атонските пештери, молејќи се на Господа во сите телесни неприлики и во сите животни искушениа.
Откако не можел повеќе да обитава на Света Гора Атонска, тој се враќа во својата родна Македонија. Во Македонија, живеел во разни прекрасни и древни манастири на Македонската Црква. Се подвизувал многу строго, и поради трудољубивоста во својата вера и во подвигот, тој се здобил со Божјиот дар на прозорливост. Уште додека бил жив правел чуда. Заедно со својот татко, монахот Кирил, живеат во манастирите, од каде што често полицијата или пак злобните влијателни луѓе ги изгонувале. На самиот крај, светиот Гаврил, живеел во манастирот на светиот Гаврил Лесновски. Но светиот Гаврил, не сакал да биде во контакт со луѓето и често се изолирал и едноставно не сакал да комуницира. Тој сакал да живее во тихување на својата душа, исихастички молејќи се на Господа. Не сакал да го изгуби својот блажен и Божји мир во својата душа, поради расејувањето на својот ум кој пребивал во молитва, та затоа и не сакал да комуницира со луѓето. Уште додека бил на Света Гора го нарекувале „невидлив“. Монасите во манастирите го забележувале дури тогаш кога пристапувал да се причести со Светите Тајни Христови.
Тој се потрудил да го возобнови манастирот на светиот Гаврил Лесновски. Се потрудил и да се обноват и други цркви во тогашната епархија Злетовско-струмичка. Правел често сеноќни бденија и ги собирал луѓето кои имаат потреба за помошта Божја, за да ги утеши со молитвената своја поддршка. Бил и книжевник кој пишувал и објавувал. Имал исклучителна неуморна пастирска дејност. Со своето смирение, прифатил да го воздигнат во високиот степен на Епископската служба. Тој тоа не го сакал, но поради послушание кон светата црква, тој прифатил да биде хиротонисан 1989. година, за викарен Епископ на Македонскиот Архиепископ.
На самата хиротонија, тој им говорел на луѓето, дека денешната хиротонија е всушност негово опело и дека наскоро ќе биде и неговото погребение. И навистина, набрзо тој се упокоил, предвидувајќи ја својата смрт. Тој одредил и подготвил сè за неговиот погреб, што да биде спремено за ручек на неговото погребение, но сепак нагласил јадењето да биде исклучиво на вода, без зејтин. Тој самиот си го ископал својот гроб, зад храмот во Лесновскиот манастир, зад олтарот, покрај гробот на својот замонашен татко, монахот Кирил.
Навистина прекрасен наш бисер и бесценет скапоцен камен на Македонската Црква. Светиот Гаврил е нашата духовна радост, утешувајќи нè и сега со неговите молитви на неговиот гроб. Неговата молитвена заштита е навистина чудотворна како додека бил уште жив, така и после тоа. Господ му подарил прекрасна вечност, исполнувајќи ја неговата душа со прекрасната, духовна, несоздадена, Благодат Божја.
За многу години празникот со благословот на Господ Исус Христос.
Христос се роди! Навистина се роди!
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-po-bozhik-sveti-gavril-velichki/