Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Почитувани браќа и сестри.
Господ после создавањето и оживотворувањето на првите луѓе Адам и Ева, веднаш им го подарува Рајот. Овој подарок е безусловен после создавањето на луѓето. Господ го создава човекот единствено поради Својата бесконечна и совршена љубов, та Неговата прекрасна креација ја наменува веднаш да живее во вечната и прекрасна, незамислива убавина. Рајот е незамислив поради тоа што не може да се мери со никаква земска убавина, која ние луѓето можеме да ја доживееме во светот. Во Рајот има прекрасна атмосфера која царува во него. Таа прекрасна атмосфера како што ја нарековме, е во суштина љубовта Божја која владее во прекрасното Царство Божјо. Љубовта е бескрајна Божја енергија со која е напоен Рајот Божји. Господ е Изворот од Кого истекува прекрасната вечна радост, која се излева кон сета Негова творба.
Човекот уште на самиот почеток од неговото постоење, го добива Божјиот дар. Но сепак, во самиот живот на човекот, постои еден многу важен сегмент. Човекот е личност, која во себе го репрезентира принципот на сопствената волја. Додека пак волјата, го подразбира најважниот фундамент на личноста, а тоа е всушност слободата на волјата. Човекот како слободна личност, откако го добива безусловниот Божјиот дар, треба веќе да ја докаже слободно својата волја и да го оствари личносниот однос со Творецот. Творецот веднаш докажал дека го љуби своето создание, но сега пак, созданието треба да ја докаже својата вистинска љубов кон Творецот.
Постот е нашата основна форма со која го остваруваме личносниот однос со Господ. Постот е средство на Божјата волја, средство наменето за нас, преку кое ја докажуваме нашата вера кон Творецот. Исто како што ја докажуваме нашата посветеност кон телесните родители со нашата послушност кон нив, на таков начин, ја докажуваме својата љубов кон Творецот со послушноста кон Него.
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Битие 2, 16-17).
Преку сопствената наша волја се остваруваме како битија. Доколку слободно не сме послушни, ја покажуваме својата дрскост кон Творецот. Кога пак слободно грешиме, имаме искривена мисла дека на тој начин ја остваруваме слободата која ни е дадена. Но, слободата не смееме да ја презентираме преку конфронтацијата со Творецот, туку слободата е нашиот благослов да го одбереме вистинскиот пат на вечната радост во Царството Божјо, сопостоејќи со Света Троица во вечните векови. Послушноста е нашата вистинска определба, со која го докажуваме сопствениот избор. Слободата вистински се остварува преку слободното прифаќање на заповедта Божја, затоа што на тој начин добиваме вечна слобода во Царството Божјо, коегзистирајќи со Света Троица, поради слободното исполнување на заповедта Божја. Ослободувајќи се од гревот, ние постануваме вистински слободни.
Оваа петта недела на светиот велигденски пост, посветена е на светата Марија Египетска. Таа светителка е примерот на Божјата милост и љубов кон грешниците. Нејзиниот живот во разврат и блуд ја отсликуваат како многу грешно битие. Таа го одбрала гревот во нејзиниот живот, по нејзината слободна волја, но таа нејзина слобода на избор никако немало да и донесе живот вечен, туку напротив, таа нејзина слободна искривена волја, ја водела кон вечна погибел. Но прекрасниот Господ не ја посакува смртта на грешникот и посакува, сите луѓе да дојдат во самосвесното спознание да го одберат вистинскиот пат кон спасението.
Во гревовниот живот на Марија Египетска, во еден момент, таа водена од својата похот и нагон, тргнала со луѓето кои се упатиле кон Ерусалим. Но сепак, и покрај лошите намери на поединецот, возможно е да има останато во душата на човекот некакво добро, длабоко потиснато, преку кое може да се разгори грешната душа, како со искра на жар и да се распали огнот на покајанието, кое пак ќе ги изгори грешните дела.
Марија Египетска, кога пристигнала во Ерусалим, се упатила со толпата на луѓето, кон храмот Божји, кон Господовиот Свет Гроб. Но кога посакала да влезе во храмот Божји, некаква чудна и невидлива преграда, не ѝ дозволувала да може да го прејде прагот на храмот. Таа многу пати се трудела да влезе, но секој пат бил безуспешен. Но во еден момент, во нејзината грешна душа, се пројавила чистата свест, и таа ја осетила тежината на своите гревови во душата своја. Таа решила да постане покајана подвижница која ќе го продолжи својот живот во тешките услови на египетската пустина. Сама живеејќи, во тајните свои подвизи, умртвувајќи ја својата грешна волја и своето осквернето тело, преку тешките услови за живот во самата пустина. Таа побегнала во пустината и никој повеќе не знаел за неа 48 години, живеејќи во самотија, единствено пред лицето Божјо.
Господ, пак, сакал да го прослави делото на покајанието, та по Неговата света волја, тоа што било сокриено, Тој го објавил. Освен што Господ ја објавил оваа велика тајна, тој пак сакал да го претпази и светиот Зосим од гордите помисли кои започнале да му се пројавуваат. Во ова прекрасно Божјо дело, преку оваа Божја грижа кон света Марија и свети Зосим, и на сите нас денеска, ни се дава поуката како да живееме и како да постапуваме. Имено, светиот Зосим како строг подвижник, помислил дека нема поголем подвижник од него, во строгоста на аскетскиот живот. Но Бог, не ја сакал загубата на Зосим поради гордоста, та го испратил Својот ангел, да му каже дека треба да оди во Јордан, во еден манастир да го искуси начинот на подвигот во тој манастир. Секако воден од ангелот, свети Зосим го исполнил благословот и отишол во тој определен манастир. По тамошниот манастирски типик, во периодот на велигденскиот пост, браќата се подвизувале по пустината во самотија. Па така и свети Зосим тргнал кон благословениот подвиг во пустината.
Во пустината свети Зосим на чудесен начин ја сретнува света Марија. Таа му се приближила и го повикала по име. Свети Зосим бил вчудоневиден од подвижницата која ја здогледал пред себе, која била само коски и кожа од тешкиот подвиг. Таа му го раскажала својот грешен живот и му го раскажала подвижничкиот живот во покајание. Му ја сведочела и милоста Божја и љубовта Божја која ја пројавил Бог кон нејзе. Таа сведочела дека се хранела од Божјата храна, со која ја хранеле ангелите Божји кои ја посетувале повремено. Таа ја докажала милоста Божја кон нејзе, го посведочила Божјото спасение кое е наменето и за грешниците, но преку своеволното покајание.
За секого има спасение во Божјата милост. Бог е многумилостив и човекољубив, извор на добротата и на љубовта. Како вечен извор, Тој во Себе има бесконечно исчекување кон грешниците, за да го пројават личното покајание. Преку спомнувањето на големата светителка Марија Египетска, Светата Црква ни потпомага да се присетиме дека имаме пример на покајанието кое се покажува во сопствената лична волја на секој поединец.
Квалитетниот процес на самоиницијативното редефинирање на грешното човечко битие, преку покајанието, ќе создаде потполна промена во истото создание. Радикалното самоволно и слободно одрекување од претходниот живот, со храброто одлучно решение, кое е често болен процес на волјата во сопственото самоодрекување, ќе придонесе кај човечкиот субјект ново перцепирање во самоспознанието. Секако дека, со Божјата конечна одлучност како конечна инстанца, да го прифати битието кое самоиницијативно го започнало процесот кон промената, ќе се оствари потребната метаноја во свеста на создадената личност.
Свесното битие потполно ќе биде преобразено и обновено, со директното влијание на Божјата благодат и во битието ќе се потполни секој недостаток, ќе се исцели секоја рана од гревот, та со полнотата на силата Божја која ја преобразува секоја несовршеност, ќе се редефинира во совршеност. Па така од грешно и пропаднато словесно битие, кое е во дефицит од животот; битие кое западнало во елементарна ерозија и криза во сопственото битисување, поради губење на личносниот однос со Творецот; во конечното повторно создавање на животворен сојуз со вечниот живот, во тоа сега оживотворено битие, ќе започне процесот на закрепнување и лекување на целокупниот организам од распаѓањето поради претходната сопствена грешка.
Битието во животворниот сојуз ќе биде во суфицит, во благосостојба со вечен квалитет, која ќе го преисполни човекот со совршеноста, која пак ќе се прелева од обоженото битие кон светот, поради штедриот Божји дар. Па така, поради претходно погрешната свесна и извитоперена перцепција на сопствената вистинска цел, која направила ужасна загуба и пропаст, сега веќе, возобновено и втемелено во Божјата волја, ќе се оствари вечната идеја на Божјиот домострој за спасувањето на тварта.
Онтолошкото самоспознание на словесното битие, ја води личноста до изворот на нејзиното создавање и постоење. Личноста преку фундаменталното согледување и набљудување на своето битисување во реалноста околу себе, анализирајќи се себеси и целокупниот живот, достигнува до конститутивни сознанија за суштината на животот. Преку темелното согледување и поимање на севкупното постоење, ќе се започне реализацијата за подобрување и закрепнување на оштетената падната природа, која секако ќе девалвира во неживот, доколку го загуби во себе Бог Животот. Но, со насушната потреба за остварување на личносен однос со Творецот, се произведува повторно поврзување со фундаменталниот вечен извор, Кој ќе подари и донесе вечен бенефит, вечна перспектива и вечно спасение.
Секако дека слободата на личноста, ја одигрува најголемата суштина кај битието. Доколку човекот посакува, тогаш ќе се труди; доколку се труди, ќе се жртвува, а доколку ја покажува сопствената добра волја да се редефинира преку сопственото покајание; Господ ќе му помогне на човекот. Господ го исчекува човечкото реално покајание, кое треба да се докаже преку сопствените дела, делата на покајанието. Не е возможно, единствено да се посакува, без да се докаже вистинската желба. Господ го наградува секого, кој се труди, и кој ја докажува својата вера преку покајанието, преку добродетелите, и на самиот крај, преку причестувањето со Животот, преку причестувањето со Богочовекот Исус Христос на Светата Литургија.
Браќа и сестри, човекот како создадено битие во одредениот момент на неговото зачнување во утробата на својата мајка, човекот го започнува својот личен живот кон вечноста. Од човекот зависи каква ќе биде неговата вечност: дали ќе биде во радоста или во тагата. Секој човек во себе го има животниот потенцијал да биде обожен и охристовен, но од личната волја зависи, дали ќе го искористи позитивно животниот потенцијал, или пак ќе го искористи потенцијалот за да ја одбере спротивноста и грешноста. Не постои космичка предодреденост за личноста на човекот. Бог му подарува на човекот слобода, но сепак, самиот човек себе се остварува во изборот. Целта на секој човек е прегратката Божја; вечниот живот на радоста; Царството Божјо; Рајот. Но човекот самосвесно ќе го изрази сопствениот избор. Господ нема да влијае на слободниот избор на човекот.
За многу години.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-posvetena-na-sveta-marija-egipetska/