Недела посветена на светиот Григориј Палама

Example Super-Admin User · 1 week ago

    6 minutes, 34 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Денеска, втората недела од велигденскиот пост, посветена е на светиот Григориј Палама. Минатата недела беше посветена на Православието, но и оваа недела е посветена на православната вера и на нејзиното учење. Светиот Григориј Палама во 14 век, е заслужен за формулирањето на богословското поимање и созерцание во православната вера. Тој како богосозерцател ја објаснил вечната вистина која постои мистично и трансцедентно, но која ни се објавува на нас луѓето во создадениот свет, по мерката на Божјата волја. Тој како апологет ги објаснил разликите на стварноста и пројавеноста Божја во светот, и Божјата метафизичка несоздаденост со Неговите вечни својства и сили. Богословски го изразил Божјото делување во светот и Божјото предвечно својство на Неговата суштина. Свети Григориј Палама бил светогорски монах. Тој е православен учител и тајноводител, кои ни ги открива сокриените вистини.

Човекот во својата ограниченост, не може да ги сфати самостојно тајните на Божјото делување, затоа што Божјата благодат Господ му ја подарува на човекот. Човекот не може да ја стекне со својот труд, единствено треба да сака да го оствари новозаветниот сојуз со Бог. Преку аскеза, трудољубие во подвизувањето, со практикувањето на исихазмот, човекот започнува да живее живот во исклучителна борба со телесните страсти и постанува сличен со ангелскиот живот. Човекот, за да ја поими тајната на духовниот свет, мора да се одвои од земниот свет. Одвојувањето не е во физичка смисла, впрочем, тоа одвојување е во личната волја за умното насочување кон Бога. Доколку се самоиспразниме од светот, доколку ја оставиме грижата за овој свет, доколку ја насочиме својата волја кон Творецот, доколку единствената наша преокупација ќе биде нашето поврзување со Господа, тогаш ние ќе жеднееме за остварувањето на небоземниот сојуз со Вечниот Бог. Нашиот Творец е нашиот егзистенцијален и суштински животен извор. Ние трудејќи се докажуваме дека Го љубиме, а Господ нам ни се подарува поради Неговата безгранична љубов.

Светиот Григориј бил исихаст. Тој ја практикувал постојано умносрдечната молитва во својот живот. Умносрдечната молитва има два начини на практикување, едниот е учеството на умот со својата прецизна концентрација, и вториот начин е телото на поединецот кое учествува во ова делање. Исихазмот е наречен и уште „паламизам“, по светиот Григориј Палама и тесно е поврзан со него. Ова умносрдечно делање е молитвена практика, со најкратката молитва кон Синот Божји, а таа молитва е: Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот. Оваа практика на духовно-телесни подвиг, е сублимат на теолошкото православно учење, контемплирано во монашкиот аскетски живот. Во ова практично делување, човекот ги исклучува телесните сетила и се фокусира на името Божјо, и ги перципира, мистично, духовните тајни Божји енергии. Во ова делување, учествува и телото со неговата положба и со специфичноста на дишењето. Ова мистично, тајновито делување на монахот е мотивирано од личната желба за одвојување од светот, самоиспразнувајќи се од целокупниот претходен земен дух на постоењето, сокриено во својата душа молејќи се тајно, поврзувајќи се со вечната вистина, со трансцедентниот Бог.

Исихазмот значи тихување. Мир и тишина се двата концепти на тихувањето. Во немирниот свет на човекот, мирот е изгубен и не е реален. Денеска гледаме само немир околу нас и постојано сме опкружени со стрес. Светот во себе го носи гревот, а тоа е раздор на природата. Раздорот и деструкцијата се случуваат поради човечкото отпадништво од вечната поврзаност со Творецот, Кој е суштината на нашето битисување. Во светското море на немирот, брановите се издигаат високо по морската ширина и рушат сè што ќе им се најде на патот. Така, постојано, светот се самоуништува во своето лудило. Нечовечноста е постојано изразена во светот во целата историја на постоењето. Човекот свесно посакува мир и спокој, но пак несвесно, со своето алтер его, преполнет со своите комплекси и гревови, не сака да биде смирен и кроток. Постојано секој секого го уништува, па така светот ја губи човечноста во човечките битија. Та човечките битија по создавањето како разумски, словесни битија, самосвесно, постануваат неразумски битија. Доколку прецизираме, човекот се снижува на нагонските вредности, и свесно посакува да се сведе на безличносниот животински свет. Навистина трагедија!

Монахот, бегајќи од метежот на хаосот, бегајќи од светот, сокриено и тајно, го започнува своето тихување, барајќи го Божјиот мир. Бог го исчекува секој човек, да пристапи кон Него и да го побара Неговиот мир. И навистина, со секоја Божја пројава во светот, Тој ни го подарува Својот мир и спокој. Сепак од нас зависи дали го посакуваме Божјиот мир. Господ на сила нема да нè натера. И секако дека секој човек е повикан да се насочи кон Господа; но не се повикани само монасите, туку секој човек треба да го оствари егзистенцијалниот сојуз со Бог.

Човекот по создавањето е наменет да биде икона Божја. Секој човек е Божја креација. Тоа пак значи, дека нема предодредени луѓе кои задолжително треба да ја исполнат својата специфична и вечна обврска. Впрочем, секој човек е повикан да биде човек по личната своја слобода која му припаѓа како карактеристика во личноста на битието! Та повторуваме и нагласуваме, дека човекот е вистински човек, кога е во сојуз со вечниот Бог, кога ја остварува иконата Божја во себе, преку добродетелноста и трудољубивоста во подвигот. Човекот е создаден за да се обожи, охристови, да постане вистински Божји репрезент.

Светиот Григориј ја објаснувал таворската Божја светлина, кога Христос се преобрази пред Своите ученици и се објави и пројави со Својата нестворена енергија. Тоа што го видоа светите Апостоли во Богочовекот Христос беше преобразената човечка природа во нетварната светлост Божја. Таа светлост беше неземна и вечна енергија Божја. Апостолите Го видоа Господа во Неговата Божја Слава. Со таква неземна енергија се обожува материјалната природа и се спасува. Христос се отелотвори во смртната и пропадлива материја ја преобрази, прослави и возвелича. Од смртна и пропадлива, ја прослави во вечна и славна. Светлината која ја откри Богочовекот Исус Христос во Себе, зрачи од суштината на Света Троица. Суштината Божја е за нас луѓето сокриена, мистична, тајновита, неспознаена, но преку пројавувањето на Благодатната Божја енергија, ние до некаде, колку што можеме како ограничени луѓе да примиме, скромно ја согледуваме славата Божја и учествуваме во неа, преку Личноста Божја.

Оваа пројавена енергија Божја е дејство и сила на Светиот Дух, сила и дејство на едносуштественоста Божја во Три Лица. Света Троица има Три вечни Ипостаси: Отец, Син и Свет Дух. Бог Отецот е Личноста и носителот на Света Троица, Која е неслиена и Едносуштна.

Во Христовото Преобразување, се докажува дека човекот со целокупната материјална природа ќе биде обожен и ќе учествува во домостројот на спасението Божјо. Впрочем, сè што создал Бог Го создал со намера да биде прибрано и сопричесно со Него во вечноста. Секако дека материјата ќе биде принесена и спасена преку личноста. Единствената личност на спасението е Христовата ипостас, преку која се излива Божјата енергија во Црквата на спасението. На човекот му е овозможено единството со Бог, преку Божјата Благодат.

Христос е архетипот на светот, главата на Црквата Божја, аголниот камен; апостолите се четирите носечки столбови на верата наша; светите отци на Православната Црква се многуте стожери и потпори на целокупното наше теолошко богословско учење. А светиот Григориј Палама со неговото учење, ги спојува сите претходни столбови на богословието и потполно ја систематизира православната доктрина. Тој е средишниот столб, оската, која ги поврзува сите во центарот на сублимираниот концепт на теолошко-богословското учење, кое пак најдобро се поима преку мистичното, тајновито богосозерцување.

Светата наша Црква е светотаинска, мистична заедница на верниците. Сè што се остварува во светата Црква, се остварува преку благодатта Божја која не е некаков симбол, или пак некаква философска дефиниција; впрочем, благодатта Божја е реална енергија Божја, која се пројавува во светот, како дар Божји. Иако многу биле противници кои спореле со Црквата, дека тоа е само симболично и нереално да се пројавува, тоа секако го демантира лично Синот Божји, Кој се отелотворува во светот, и постана човек со Својата Божја личност. Енергијата Божја на Неговата личност, делувала директно и реално во создадениот свет, во Богочовекот Исус Христос. Денеска пак, Светиот принос на Светата Литургија, таинствено, чудесно, се претвора од материјален залог, во чудесно спасоносен, светотаинско претворен, во Негови Тело и Крв.

Благодатта Божја е делотворна и вистинска сила Божја, која им се подарува на луѓето во светот. Божјата енергија е бесконечна и може да делува насекаде, без ограничување. Бог е бесконечен и Неговото делување е бесконечно. Ништо не е невозможно за Бога. Бог е семоќен и сеопфатен, Тој е смислата на сè што постои, затоа што Тој Го создал сето тоа.

Возљубени, нека ни биде благословен денешниот ден и да го прославувавме Бога во вечните векови. 

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-posvetena-na-svetiot-grigorij-palama/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
9 months ago

... Колку мизерија е предизвикана од суетата и ароганцијата, желбата да се појавиме подобри од она што сме...

 ... Колку мизерија е предизвикана од суетата и ароганцијата, желбата да се појавиме подобри од она што сме... Пред да почнеш да ме осудуваш за мојот живот, земи ми ги чевлите и оди по мојот пат!Шетајте по улиците, ридовите и долините.Почувствувајте ја болката и среќата.Поминете низ годините низ кои...

Image Description
3 months ago

Како Свети Спиридон ја оживеа својата мртва ќерка...

Како Свети Спиридон ја оживеа својата мртва ќерка   Како што знаеме, Свети Спиридон рано останал вдовец.  Неговата единствена ќерка Ирина, која го водеше неговото скромно домаќинство и се грижеше за куќата, му помагаше во секојдневните задолженија и грижи.  И така, кога Светителот беше на соборот во...

Image Description
9 months ago

Тешкотиите се чекори

Тешкотиите се чекори Сакаме Царство Небесно без мака, болка и труд.Ние ги обожаваме иконите на светителите, но веројатно тоа го правиме формално. Меѓутоа, во моментот на поклонување, ние во суштина мораме да го прифатиме не само Светото лице, туку и светиот живот што тој/таа го одеше на земјата со ц...