НЕДЕЛА ПРВА НА СВЕТИОТ ПОСТ – УТРЕНА

Example Admin User · 8 months ago

    5 minutes, 18 seconds


НЕДЕЛА ПРВА НА СВЕТИОТ ПОСТ

УТРЕНА

Тропар, глас 2.

На Твојот пречист образ се поклонуваме, Благи, барајќи прошка на гревовите наши, Христе Боже, оти доброволно си благоволил со тело да се искачиш на крст, за да ги избавиш оние што си ги создал, од ропството на ѓаволот. Затоа благодарствено Ти викамеː Со радост си ги исполнил сите, Спасителу наш, Кој си дошол да го спасиш светот.

И сегаː Сите твои тајни, Богородице, се надумни и преславни. Иако со чистота запечатена и со девство запазено, си станала вистинска Мајка, кога Го роди вистинскиот Бог. Него моли Го да ги спаси душите наши.

Канон. Творение на господин Теофан. Глас 4.

Песна 1

Ирмосː Кога древниот Израил пеш го мина дното на Црвеното Море, како по суво, со прекрстените раце на Мојсеја, силата на Амалик ја победи во пустината.

Скокајќи од радост денес, верни да извикамеː Колку се чудни делата твои и колку е голема силата твоја, Христе, Кој ни го врати нашето едномислие и хармонија.

Дојдете да го прославиме овој радосен и богомудар ден. Сега небото и земјата се веселат, и чиновите ангелски и соборите на луѓето со празнично торжество.

Гледајќи го ова преголемо добро дело, со рацете да заплескамеː распрсканите членови Христови се собрани во единство; и Бога, Кој ни даде мир, да Го похвалиме.

Денес на Црквата ѝ е дадена награда за победата, по вдахновената наредба и согласност на благочестивите и верни цареви наши Михаил и Теодора.

Богородиченː Оружјето на злочестивите ереси јавно исчезна, а ние сега, гледајќи го храмот твој чудесно украсен со икони, свештено се радуваме.

Катавасијаː Кога древниот Израил пеш го мина дното на Црвеното Море, како по суво, со прекрстените раце на Мојсеја, силата на Амалик ја победи во пустината.

Песна 3

Ирмосː Во Тебе се весели Црквата Твоја, Христе, викајќиː Ти си моја крепост, Господи, и прибежиште и утврдување.

Бежбожните еретици повеќе не го креваат челото високо, зашто Божјата сила го крепи православието.

Пророчките облаци денес нека ни ја пуштаат од небото животворната роса, заради воскресение на верата.

Тајните труби на апостолите, богогласно и радосно нека затрубат, заради подигањето на чесните икони.

Да Го воспееме Христа, Кој ни ја покажа благочестивата царица, со нејзиниот боговенчан Син.
Богородиченː Дојдени во твојот свет храм, Пречиста, ние верните се молиме сега, да бидеме озарени со твојата благодат светлообразна.

Катавасијаː Во Тебе се весели Црквата Твоја, Христе, викајќиː Ти си моја крепост, Господи, и прибежиште и утврдување.

Седален, глас 1.

Претставувајќи го на иконата Твојот божествен лик, Христе, јасно ги воспеваме Твоето раѓање, неискажливите чудеса и доброволното распнување. Од тоа и демоните во страв бегаат и безбожните во срам редат, како нивни соучесници.

Славаː Иконите на пророците, апостолите и мачениците, и на сите светии, го красат небесниот Ерусалим, кој блеска со духовната убавина на Младоженецот и на Невестата.

И сегаː богородиченː На оние што со љубов ја почитуваат твојата света икона, Пречиста, и те слават како вистинска Мајка Божја, и кои ти се поклонуваат верно, си се покажала како нивна заштитничка, и моќна застапница, одвраќајќи од нив секое зло, како семоќна.

Песна 6

Ирмосː Гласно ќе Ти принесам похвала, Господи, Ти вика Црквата, очистена од крвта демонска, заради милоста на крвта, од Твоите ребра истечена.

Ја сликаме, ја почитуваме и верно ѝ се поклонуваме на иконата на Господа, а Црквата пак добива смелост Спасителот набожно да Го прославува.

Црквата Христова се ослободува од жалоста и од мракот на ересите, и ја облекува ризата на радоста, и со божествената и светлоносна благодат се покрива.

Православниот народ си ја врати древната слава и сјај, со заповедта на царицата Теодора и на благочестивиот нејзин син Михаил самовласник.

Богородиченː Оној што некогаш заповеда да се направи Скинијата на сведоштвото, во тебе, како во словесна Скинија, живее Најпрославениот, кој го прославува храмот твој, Дево, со чудеса.

Катавасијаː ː Гласно ќе Ти принесам похвала, Господи, Ти вика Црквата, очистена од крвта демонска, заради милоста на крвта, од Твоите ребра истечена.

Кондак, глас 2. Самогласен.

Словото неописливо на Отецот, стана описливо со воплотувањето од тебе, Богородице. И, кога го обнови осквернетиот образ во неговото поранешно достоинство, го соедини со божествената убавина. А ние, исповедајќи го спасението, го изразуваме тоа со збор и дело.

Икосː Оваа тајна на Божјата промисла беше некогаш навестена од боговдахновените пророци. Заради нас, кои достигнавме до крајот на вековите, тие го претскажаа ова просветлување.

Преку него ние стекнуваме познание на Бога – еден Бог и Господ, славен во три ипостаси. Нему единствениот служејќи Му, една вера и едно крштение имајќи, во Христа се облековме. Ние, пак, исповедајќи го спасението, го изразуваме тоа со збор и дело.

Песна 8

Ирмосː Даниил, кога ги рашири рацете, ги затвори челустите на лавовите во јамата; и младите момчиња, љубители на благочестието и препашани со добродетели, ја угасија огнената сила, викајќиː Сите дела на Господа, Благословувајте Го Господа.

Пазејќи ги законите на Светоотечката Црква, сликаме икони и ги почитуваме со уста, со срце и дух иконите на Христа и на Неговите светии, викајќиː Сите дела на Господа, благословете Го Господа.

Оддавајќи му јасно почит и поклонување на првообразот на иконата, го следиме учењето на светите отци и на Христа со вера Му пеемеː Сите дела на Господа, благословувајте Го Господа.

Откако си го озари умот со просвештение на Божествениот Дух, чесната царица, имајќи богомудри плодови, ги возљуби благолепието и убавината на Црквата Христова, благословувајќи Го, заедно со верните, Богочовекот Исуса.

Богородиченː Твојот божествен дом, Богородице, осветлен со зраците на духовната светлина, сега ги осенува сите со облакот на Духот, и ги осветува верните кои пеат согласноː Сите дела на Господа, благословувајте Го Господа.

Катавасијаː Даниил, кога ги рашири рацете, ги затвори челустите на лавовите во јамата; и младите момчиња, љубители на благочестието и препашани со добродетели, ја угасија огнената сила, викајќиː Сите дела на Господа, Благословувајте Го Господа.

Песна 9

Ирмосː Христос, аголниот неотсечен камен, кој од тебе, Дево, несечената гора се отсече, ги соедини разделените природи. Затоа веселејќи се, тебе – Богородице, те величаме.

Гледајќи ја чесната Црква, повторно украсена со свети икони, со набожност сите приоѓаме и на Бога Му пеемеː Трисвети, Тебе Те величаме.

Црквата, имајќи ги како знаци на чест и слава крстот Твој и чесните икони, Владико, весело и со радост Те велича.

Осветли ги со Твојата божествена слава царевите наши, Штедри, и со ангелска заштита и со бедеми огради ги, покорувајќи им ја дрскоста на паганите, Владико.

Богородиченː Се симна осудата на прамајката Ева, Богородице, зашто ти, Чиста, си Го родила Господарот на сите, Чиј лик и сега на иконите го целиваме.

Катавасијаː Христос, аголниот неотсечен камен, кој од тебе, Дево, несечената гора се отсече, ги соедини разделените природи. Затоа веселејќи се, тебе – Богородице, те величаме.

Егзапостиларː

Заиграјте, заплескајте, со радост запејтеː Колку се чудни и необични делата Твои, Христе! И кој би можел да ја изрази Твојата моќ, Спасителе, Кој ја собра Црквата твоја во едногласност и едномислие.

Богородиченː Оружјето го загуби сега непријателската ерес и нејзиниот спомен шумно исчезна.

А, Сечиста, гледајќи го храмот твој, велелепно украсен со благодатта на чесните икони, сите ние со радост се исполнуваме.

Изворː ПОСЕН ТРИОД

Source: https://pokajanie.mk/2022/03/02/26860/

Share:

Example Admin User

Error facere repudiandae qui aut quia. Nihil incidunt at maiores earum voluptates saepe modi. Aut recusandae qui fuga quaerat iure. Doloremque praesentium inventore natus. Aspernatur doloremque iste voluptas placeat. Incidunt qui quia enim ducimus asperiores aliquam doloribus. Aut voluptatem voluptas earum ducimus neque laboriosam sint.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 years ago

Таа жена го исполнувала во живот Евангелието…

Прашав една жена: -Што правиш во животот, се бориш ли, се радуваш ли на својот живот? Таа рече:-Јас, баќушка, не правам ништо. Зошто?-Не се подвизувам како вие. -Т.е. што правиш?-Па, не правам ништо. Имам пет деца, ги пораснав но, не се подвизувам како вас. Ги носев на школо, седев ноќум кога беа...

Image Description
8 months ago

ИЗГУБЕНИТЕ РАДОСТИ НА ДЕЦАТА КОИ СЕ ОСТАВЕНИ НА МИЛОСТ И НЕМИЛОСТ НА ТЕХНОЛОГИИТЕ

 Постои една ваква приказна. Живееел некогаш некој имотен човек, кој можел да купи се на децата, што сакаат (колку грешиме и ние денес, што на децата им даваме сè на готово: телефони, кола, дом; и тие веќе не се учат да го ценат тоа и не распознаваат дека радоста е од трудот). Тој богаташ го испрати...

Image Description
4 years ago

Дали постои молитва за тие што имаат потешкотии да стапат во брак?

  Пoчитувани, прашањата што ги поставувате на нашата страница, секогаш имаат духовна основа во одговорот, бидејќи сите состојби на човекот почнуваат од нивните духовни состојби. Кога зборуваме за брак, ние, никогаш не смееме да го гледаме тоа како што го гледа светот односно бракот како институ...