„Непријателот најдобро се поразува со љубезност“ (19. недела по Педесетница)

Example Admin User · 3 years ago

    7 minutes, 40 seconds


„Туку вие љубете ги непријателите свои…“

(Лука 6, 31 – 36)

Деветнаесетта недела по Педесетница

Лакмусовиот тест на љубовта не е дали ги љубиме своите пријатели, туку дали ги љубиме своите непријатели. Еден голем руски светител прашал:

„Како знаеме дали човек пребива во Бога и е искрен во својата христијанска вера? Нема друг начин да се убедиме во тоа, освен со испитување на животот на тој човек за да видиме дали ги љуби своите непријатели.

Каде што има љубов за непријателите, таму е и Бог“. Тоа е најголемиот испит дали сме усогласени со Бога; зашто тоа го прави и Самиот Бог. Го праќа Својот дожд и на праведните, и на неправедните. Честертон еднаш рекол:

„Љубовта е да се љуби она што не може да се љуби, инаку не е никаква добродетел“.

Непрактично?

Но да се љубат непријателите во свет како нашиот изгледа многу непрактично. Да се љуби својот непријател, приговараат некои, значи да му се дозволи да те искористи. Да се љуби својот непријател, значи да му се дозволи да те гази.

Така мислевме додека не се појавија психологијата и психијатријата и нè научија по нешто за непријателството и непријателски настроените луѓе. Поконкретно, тие ни кажаа дека непријателски настроениот човек мрази затоа што се плаши дека ќе го удриш; и затоа, за да се заштити, удира прв.

Но, зарем Бог очекува да ги љубиме гревот и злото што го прават луѓето? Никако. Очекува да го мразиме гревот, а да го љубиме грешникот. Но, нели е тоа ситничарење?

Како може човек да го одвои гревот од грешникот? Па, ние го правиме тоа секојдневно со самите себеси. Правиме страшни работи; правиме незамисливи глупости.

Ги мразиме глупостите што ги правиме, но продолжуваме да се сакаме самите себе. Правете го истото и со другите, вели Исус.

„Љуби го ближниот свој како себеси“. Мрази го гревот, љуби го грешникот. Некој го изразил тоа вака: „Да се љуби непријателот тоа не значи да се љуби калта во која што лежи бисерот, туку да се љуби бисерот што лежи во калта“.

Зошто?

Зошто мора да го љубам својот непријател? За да можам да бидам дете на Отецот. „Љубете ги непријателите… и ќе бидете синови на Севишниот“.

Бог сака да бидам како Него. Он ги љуби Своите непријатели. Им прави добро на оние што Го мразат. Подготвува зелени пасишта за нас, за кои најправедна награда би била пустината.

Нè води покрај води, кога очекуваме сува и испукана земја. Додека уште бевме грешни, Бог нè возљуби и умре за нас. Кратко пред да умре, Исус им рече на Своите ученици: „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг, како што и Јас ве возљубив“.

„Љубете ги непријателите свои“.

Човекот кому главна цел му е тебе да ти биде лошо, кој ти става сопки на патот, ти поставува стапици пред нозете, ги извртува твоите зборови, секогаш ја покажува мувата во супата, и кој е најсреќен кога ти капе отров во чашата – твојот непријател – љуби го него.

Љуби го заради Мене, вели Исус. Љуби го „како што ве возљубив Јас“. Но љуби го и затоа што твојот непријател си е најголем непријател на себе. Отровот што ти го капе во чашата, претходно веќе ја отрул неговата чаша.

Заборави ја површинската рана што ти ја нанесува и мисли на смртоносната рана што си ја нанесува на себеси. Тебе ти создава горчина, себе се убива.

Како што кажал големиот Руски свештеник отец Јован Кронштадски во своето вдахновено дело „Живот во Христа“.

„Секој човек што прави зло, што ужива во некоја страст, е доволно казнет од злото што го направил, од страста на којашто ѝ служи, но најмногу од тоа што се оддалечил од Бога, па и Бог се оддалечува од него.

Затоа би било лудо и крајно нечовечно да се потхранува гнев против таков човек. Тоа е исто како да давиш човек што веќе се дави, или да туркаш во огнот човек што е веќе опфатен од пламенот.

На таквиот човек, како на личност што може да загине, мора да му покажеме двојна љубов и усрдно да Му се молиме на Бога за него. Не да го судиме, не да се радуваме на неговата несреќа.

Поради мене, вели Исус, но и поради нив, исто така. ’Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве искористуваат со презир и ве гонат‘“.

Треба да ги љубиме луѓето не затоа што се привлечни, туку затоа што им треба љубов. Самото тоа што некому не му се допаѓате, може да значи дека му требате. Неговата душа е обвиткана од омразата кон вас, па само вие можете да го загреете и да го ослободите.

Некој напишал: „Покажете ми закоравен злосторник, малолетен деликвент, психопат или ладен човек и во речиси секој случај ќе ви покажам човек што применува очајнички средства за да привлече емотивна топлина и внимание што не ги добил, но толку многу ги посакува и му требаат.

’Агресивното‘ однесување, кога целосно ќе се разбере, всушност е обична неостварена љубов, техника за принудување на љубов – како и средство на одмаздување на општеството што го разочарало тој човек, го отрезнило, го напуштило и го направило помалку од човек.

Затоа, најдобар начин за пристап кон агресивното однесување кај децата не е со уште поагресивно однесување кон нив, туку со љубов. А, тоа е вистина не само за децата, туку и за луѓето од сите возрасти“.

Значи, двете главни причини поради кои треба да ги љубиме своите непријатели се, прво, затоа што им треба љубов, и второ, бидејќи љубовта е единствената сила што е способна да го преобрази непријателот во пријател.

Третата причина е релативно очигледна. Враќањето омраза за омраза ја умножува омразата. Само љубовта може да го пробие затворениот круг. Еден човек еднаш купил имот и шетал по границите на својот нов имот, кога го сретнал својот наблизок сосед.

„Што ме гледаш?“, рекол соседот, „кога го купи ова парче земја, купи и влечење по судови со мене. Твојата ограда е навлезена три метри на мојата земја“.

Тоа е класичен почеток на расправија што може да трае со векови и да создаде поколенија непријатели. Но, новиот сопственик се насмевнал и рекол: „Мислев дека ќе најдам пријателски соседи тука, и ќе најдам. А, ти ќе ми помогнеш.

Помести ја оградата каде што сакаш да биде и прати ми ја сметката. Ти ќе бидеш задоволен, а јас среќен“.

На крај, оградата воопшто не била поместена, а потенцијалниот непријател веќе не бил истиот. Станал пријателски сосед. Љубовта го изгаснала огнот на омразата.

Крајната причина зошто треба да ги љубиме своите непријатели е изразена во Христовите зборови:

„Љубете ги непријателите свои… и ќе бидете синови на Севишниот“. Сите ние сме потенцијални синови Божји. Преку љубовта тој потенцијал се остварува.

Мора да ги љубиме своите непријатели, затоа што само љубејќи ги можеме да Го познеме Бога и да ја доживееме убавината на Неговата светост.

Како?

Како е можно да се љуби својот непријател?

1.Не е можно, ако човек прво не Го љуби Бога. Исус ни го наговестил тоа кога рекол:

„ Љуби Го Господа, Твојот Бог со сето свои срце, и со сиот свој разум, и со сета своја сила, и со сета своја душа, и својот ближен како себеси“. Ако Го љубиш Бога со сето свое битие, тогаш ќе го љубиш и својот ближен, иако може да ти е непријател. Таквата љубов е дар на Светиот Дух што пребива во нас.

2.„Правете им добро на оние што ве мразат“, вели Христос.

Св. ап. Павле вели: „ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го… победи го злото со добро“ (Рим. 12, 20 – 21).

Направете му нешто добро на својот непријател и ќе се изненадите кога ќе видите колку полесно ќе ви биде да го љубите.

Тоа ќе му помогне да го отстрани отровот од своето срце. Но победувањето на злото со добро, значи дека ние мора да го направиме првиот чекор: мора да почнеме со вршење на некое љубезно дело.

„Непријателот најдобро се поразува со љубезност“.

Еден мудар лекар кажал: „Лечам луѓе веќе триесет години и имам пропишано многу рецепти. Но долгорочно гледано, научив дека за најповеќето болести на луѓето најдобар лек е љубовта“.

„Што ако не дејствува?“, го прашале.

„Дупла доза“, одговорил тој.

3. Исус вели: „Молете се за оние што ве гонат“.

Сетете се на нив кога коленичите. Кажете им ги имањата на најсветото тајно место. Понудете им ја најголемата привилегија што имате власт да ја дадете – привилегијата да бидат спомнати кога сте лице в лице со Бога.

Никој не може да се моли за некој друг, а притоа да го мрази. Еден од најдобрите начини за отстранување на отровите е молитвата за луѓето за кое сме во искушение да ги мразиме.

4. Барајте нешто добро во својот непријател.

Има и добро дури и во најлошите меѓу нас.

Отец Јован Кронштадски пишува:

„Кога братот ќе ти згреши некако, ако на пример, зборува лошо за тебе, или со лоша намера ги пренесува твоите зборови на друг, извртени, или те клевети – не гневи се на него, туку барај да ги најдеш во него добрите работи што несомнено постојат во секој човек, и со љубов држи се за нив, презирајќи ги сите зли клевети што те загрижуваат како отпад, и сметајќи ги невредни за внимание, како илузија на ѓаволот.

Копачите на злато не обрнуваат внимание на количината песок и прав во златната прашина, бараат само грутки злато – и иако ги има малку, го ценат тоа мало количество и го измиваат со купчиња бескорисен песок. Бог дејствува слично со нас, очистувајќи нè со големо и долго трпение“.

5. Правете добро, молете се, барајте го доброто во својот непријател и конечно, развијте ја способноста за простување. Без прошката не е можно дури ни да се почне делото на љубење на своите непријатели. Таа прошка мора да почне со оној кому што му е згрешено. Само повредениот може да ја истури топлата вода на прошката.

„Туку, вие љубете ги непријателите ваши и правете им добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; Зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милостиви, како што е милостив вашиот Отец“.

(Извадок од книгата на Ентони М. Конијарис, „Скапоцености од неделните Евангелија на Православната Црква“, Скопје 2004

Недела деветнаесета
Свето евангелие според светиот апостол Лука

6:31-36

31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!
32. И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив.
33. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа.
34. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото.
35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.
36. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.

Source: https://pokajanie.mk/2020/10/15/24015/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Подготвителни седмици и недели пред Великиот пост

Пред почетокот на Великиот пост, Црквата одредила постепено воведување во постот преку трите подготвителни седмици, во кои си спомнуваме на карактеристични настани од Евангелието, кои, пак, се поврзани со постот и покајанието, и во кои веќе Црквата етапно нѐ воведува во по...

Image Description
3 years ago

Свети Георгиј и змејот во иконографијата

Богатството на образи претставено на светите икони е преголемо, но изгледа само едно нешто ги соединува сите нив. Иако не секогаш се претставува на еден натуралистички начин, тие секогаш имаат за цел да ја претстават реалноста. На иконите од животот на Христос, Неговите светии или други историски н...

Image Description
3 years ago

Свети Сергиј Радоњешки (25 септември/8 октомври)

Во првата половина на 14 век изникнала знаменитата Троице-Сергиева Лавра. Нејзиниот основач Сергиј (во светот, Вартоломеј) бил син на ростовски болјари Кирил и Марија, коишто се преселиле близу Москва во населбата Радоњеж. На седумгодишна возраст, Вартоломеј тргнал на училиште. Тој со сета душа жедн...