СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ГОТСКИ МАЧЕНИЦИ, КОИ ПОСТРАДАЛЕ ВО 375 ГОДИНА, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 26 МАРТ
Светите маченици: презвитерите Батусиј и Верк, со нивните два сина и две ќерки; монахот Арпил; мирјаните Абиб, Агн, Реас, Игафракс, Искус, Силас, Сигник, Сонерилас, Суимбал, Терм, Фил; мачениците Ана, Ала, Лариса, Монко, Мамика, Вирко, Анимаис, Анимиада, заедно со непознатиот маченик со нив; а и готската кралица Гаата и принцезата Дуклида, пострадале во 375 година, во времето на управувањето на Јунгерих, кој ги гонел и убивал христијаните. Древниот Синаксариј на Готската Црква го опишува мачеништвото на овие христијани, кое се случило во времето на императорите Валентинијан, Валент и Грацијан. Историчарот Созомен говори дека, кралот Атанарик, откако не можел да се помири со ширењето на христијанството во готската земја, наредил да се убиваат сите, кои Го исповедаат Христос за Спасител.
Советниците на кралот Атанарик донесле еден од своите идоли пред шаторот, каде што христијаните извршувале богослужби. Оние, кои ќе му принеселе жртва на идолот, биле поштедени, а оние, кои одбивале тоа да го направат, веднаш биле живи запалувани. Јунгерих, пак, наредил да се запалат црквите, и тоа во време, кога во нив се извршувала богослужба. Во тешки маки биле убиени 308 христијани, од кои на 26 им се сочувани имињата во преданието, а останатите се запишани во Божјата книга на вечниот живот.
Во времето на управувањето на Валентинијан и Теодосиј, Гаата, вдовицата на готскиот крал, кој бил православен христијанин, заедно со нејзината ќерка Дуклида, со помош на неколку свештеници и мирјанинот Филас, ги собрале моштите на светите маченици и ги пренесле во Сирија. Гаата потоа повторно се вратила во својата родна земја, каде што била каменувана и умрела како маченичка, заедно со својот син Агатон.
Моштите на мачениците ѝ биле предадени на Дуклида, која заминала за Кизик, во Мала Азија, а дел од моштите ги предала за основање на нови цркви. Света Дуклида починала во мир. Споменот на овие свети маченици, Православната Црква го празнува на 26 март според Јулијанскиот календар.
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/12/11/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B3%D0%BE%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%BC%D0%B0%D1%87%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8/