Осветување на храм во с. Волино, Охридско

Example Super-Admin User · 5 months ago

    4 minutes, 28 seconds


„Си се јавила, преподобна Параскево, како друго сонце на Црквата,
осветлувајќи ја со молњите на твоите чудеса,
и просветлувајќи ги оние кои со вера ти викаат:
Милоста Твоја, Христе, на сите подај им ја“
(седален на утрена на празникот на преп. Параскева – Петка).

На 27.10.2024 година, во Осумнаесеттата недела по Педесетница и денот кога го прославуваме празникот на преподобната Параскева – Петка, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј изврши осветување на храмот „Св. Петка“ во с. Волино, општина Дебрца, Охрид.

Храмот започна да се гради во 2010 година, по иницијатива на Ѕвезда Иваноска, а со поддршка на Црковниот одбор од селото. Истиот се изгради со донациите на месното население, на волинската дијаспора и на сите добронамерни верници од пошироката околина.

Откако беше осветен храмот, се отслужи и првата Литургија, на којашто присуствуваше голем број верници од селото и од пошироката околина. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Светата православна Црква денеска прославува една голема подвижница, поточно ја прославуваме св. Параскева – Петка. Оваа слугинка Божја живеела во XII век. Била родена во Епиват, во Силистрија, недалеку од Цариград. Нејзините родители биле богати луѓе и со голем углед и почит. Покрај Параскева – Петка имале и син, кој уште додека биле живи родителите се замонашил, а подоцна постанал и епископ. Света Параскева – Петка уште од младоста копнеела за испоснички живот, но тоа ќе го стори откако ќе починат нејзините родители. Го раздала својот имот на сиромаси и отишла во Цариград и таму се замонашила во „Св. Софија“. Брзо по замонашувањето, бидејќи нејзината душа тежнеела за подвижништво и мирен живот, го напуштила Цариград и се населила во Јорданската пустина, таму каде што живеел и се подвизувал и св. Јован Крстител и Претеча Господов.

Црковната песна наречена тропар во најкратки зборови го опишува животот и карактерните особини во религиозниот живот на Божјите угодници. Така, во тропарот на Параскева, покрај другото се вели: Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала… Овие зборови ни даваат повод да проговориме неколку зборови за една карактерна особина кај оваа Божја слугинка, а тоа е подвигот. Уште старите философи пред Христа имаат речено: запознај се себеси. А тоа значи да се совладаш себеси, да ги победиш сите страсти и слабости во својот живот и да господариш со самиот себе. Тоа мора да го направи секој кој сака да биде доследен на своите определби и да биде следбеник на Христа.

Секој подвиг е тежок и бара сила, храброст, упорност и истрајност за да ги победиме телесните слабости и за да се издигнеме повисоко на духовен план. Сите знаеме колку е сиромашна секоја пустина. Ниту има доволно храна ниту, пак, какви и да се задоволства што ги бара човечкото тело. Покрај тоа, владеат големи горештини преку денот, каде што телото е изложено на дополнителен подвиг и измачување. Ноќите, пак, природно се студени, така што истовремено се претрпуваат неподносливи жеги и студови. Света Параскева – Петка го избрала таквиот пат и се подложила на такви подвизи, не отстапувајќи во ниту еден момент од патот што го избрала. Не треба да заборавиме дека таквите одлики и подвизи на подвижниците Божји се поткрепени од Светиот Дух. Он ги бодри и зацврстува, за да можат да ги издржат тие непријатности и да ги пребродат сите искушенија што вечниот непријател на човекот неминовно ги упатува кон секој човек, а особено кон подвижниците и угодници Божји.

Света Петка, откако поживеала долг временски период во оваа пустина, имала видение. Ангелот Божји ѝ се јавил и ѝ кажал дека треба да се врати во своето родно место и таму да се пресели во вечноста. Таа, како послушна слугинка Божја, се вратила и повторно живеела испоснички живот во родното место. Но, бидејќи долги години била отсутна, а од подвизите веќе и со изменето тело и лице, не била препознаена од своите сожители. Кога починала таа не била погребана на гробиштата каде што се погребувале мештаните туку надвор од нив, зашто ја сметале за туѓинка. По некое време бил погребан и некој морнар во нејзина непосредна близина, а таа се јавила на некои локални луѓе со порака дека не може да ја поднесе смрдеата и побарала да биде откопана. Тогаш почнале да се случуваат многу чуда, лекувања на разни болести, а нејзиното тело е пронајдено нераспаднато. И така е пренесена најпрво во месниот храм, а потоа и во Цариград. Потоа истата ќе биде преселувана на повеќе места во Трново, Бугарија, во Белград, Србија и, на крај, во Романија во градот Јаши, каде што и денеска се наоѓаат нејзините нетлени мошти.

Култот кон оваа Божја угодница е особено почитуван кај балканските православни народи, а таа, пак, со нејзиното застапништво пред Севишниот, на сите кои ѝ се обраќаат со искрена вера и молитва им помага и им дава разни исцеленија. И ние, кои денеска го чествуваме нејзиниот спомен, да се обратиме со искрена молитва, таа да ни ја зацврсти верата и да ни ја умножи љубовта. Одејќи со вера и љубов по вистинскиот Христов пат, да го наследиме Царството небесно и да добиеме спасение на нашите души.

Ние денеска го осветивме овој нов храм, посветен и осветен во чест на св. Петка. Овој дом Божји нека биде место каде што ќе се сретнуваат нашата силна и непоколеблива вера и надеж во Исуса Христа и Неговата безгранична љубов во човечкиот род. Па секој кој ќе влегува со вера и надеж, да најде мир и исцеление, и духовно и телесно. На црковниот одбор од Волино и на сите помагатели кои се потрудија да го возобноват ова светилиште и да направат прекрасна убавина, Семилостивиот Господ да им возврати со голем дар. Пред сѐ, со здравје и мир во душите, а за спасение во вечен и блажен живот во Царството небесно. Нека е честит и благословен ден. Амин.

Митрополит Тимотеј

Осумнаесетта недела по Педесетница и Петковден
Храм „Св. Петка“ с. Волино, Охрид
27.10.2024 год.

Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3703-petkovde

Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/osvetuvanje-na-hram-vo-s-volino-ohridsko/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
10 months ago

Бог чука на вратата на нашето срце

 Бог чука на вратата на нашето срцеМинуваат денови, недели, месеци, години. Помина и годинешниот Велигден и верувам дека сè уште не успеавме да ја разбереме, да ја сфатиме смислата, да навлеземе во суштината на животот.Удавени во секојдневието, во постојаното, исцрпувачко трчање, заробени во какво б...

Image Description
4 months ago

Imagine на Џон Ленон: Православна анализа...

 Imagine  на Џон Ленон: Православна анализаОвие редови се од песната Imagine („Замисли“) на Џон Ленон, основачот на Битлси, кој беше убиен на 40-годишна возраст на прагот на својот дом. Денес тој би имал 80 години. Песната за свет без религија, каде што нема за што да се умре и сите живеат во мир, с...

Image Description
10 months ago

,,Господи, научине да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои“ (Лука 11:1)

,,Господи, научине да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои“ (Лука 11:1)А Он им рече: -  „Оче наш, Кој си на небесата“ ( Лука 11:2 )Оче наш! Колку малку разбираме што значи ова! Христос ни го даде Отецот; За време на својот земен живот, Тој често ги повторувал зборовите: „Вашиот Отец е н...