Предание за чудотворната Иверска икона на Богородица, наречена Портаитиса – Вратарница

Example User · 3 years ago

    4 minutes, 40 seconds


 Iverska.Portaitisa6.jpg


Во IX век, во времето на императорот Теофил (829-842), кој бил обземен со иконоборчка ерес, се одвивало жестоко гонење против светите икони. Православните почитувачи на светињата биле изложувани на измачувања, а иконите биле исфрлани од храмовите и спалувани. Во сите градови и села биле испратени службеници со строга наредба да ги бараат иконите и да ги спалуваат.
         Во тоа време, недалеку од Никеја, живеела една богата, благочестива и добродетелна вдовица со својот син. Таа имала чудотворна икона на Богородица, спрема која пројавувала голема вера и побожност. Откако изградила црква во својот дом, таа во неа ја поставила таа света икона и често пролевала топли солзи пред неа. Кога во нејзиниот дом дошле царските службеници и ја виделе иконата, и рекле со заплашувачки тон:

- Плати ни, или ќе ја исзвршиме царската волја и ќе те предадеме на измачување!

Вдовицата ги убедила, дека наредниот ден ќе им ја даде бараната сума. Користољупците се согласиле да почекаат. Откако си заминале, во текот на ноќта вдовицата заедно со синот отишла во црквата. Долго се молела на колена пред светата икона, издигајќи ги рацете кон небото и напојувајќи ја земјата со солзи. Потоа со трепет и со побожност ја однела иконата на морскиот брег и таму одново паднала пред неа и со умиление ì се обратила на Небесната Царица:

- Владичице на светот! Како Божја Мајка, Ти имаш власт над сета твар. Ти можеш да не избавиш од гневот на нечестивиот цар, а Својата иконата – од потонување!

Со тие зборови таа  ја спуштила иконата во морето, по што видела нешто чудно: светата икона не паднала со ликот во водата, туку останала исправена и така, носена од брановите, се оддалечила кон морската шир. Утешена од тоа видение, вдовицата Му заблагодарила на Господа и на Неговата пречиста Мајка и му рекла на синот:

- Сега нашата желба и нашата надеж ќе се исполнат. Благочестието и побожноста спрема Пресвета Богородица нема да бидат напразни. Сега сум подготвена да умрам од рацете на мачителите за љубов спрема Неа. Но не сакам и ти да загинеш. Јас не можам да заминам оттука, но тебе те молам да избегаш во Грција.

          Синот ја послушал мајка му и, откако се збогувал со неа, веднаш се упатил кон Солун. Оттаму заминал на Света Гора, на место на кое подоцна бил изграден Иверскиот манастир. Се замонашил и откако го поминал животот во подвизи на благочестие, мирно се претставил пред Господа. Се разбира, тоа негово преселуване било устроено по Божја промисла, зашто атонските пустиножители дознале од него за иконата, оставена од неговата мајка во морето.
          Само Сезнајниот Бог, Кој врши славни и прекрасни нешта, знае каде толку долго се криела чудотворната икона на Приснодева!... Но, веднаш по смртта на никејскиот дојденец на Света Гора, монасите од Иверскиот манастрир виделе во морето огнен столб, кој бил висок дури до небото. Обземени со страв и ужас, тие не можеле да се поместат од местото и само извикувале:

- Господи, помилуј!

         Тоа видение се повторило неколку дни и ноќи. Пустиножителите од сите околни манастири се собрале на брегот и виделе дека огнениот столб се издига над икона на Богородица. Но, при секој обид да се приближат до неа, светата икона се оддалечувала от нив. Монасите од Иверскиот манастир, повикани од својот игумен, се собрале во храмот и со солзи го молеле Господа на нивната обител да им ја дарува таа бесценета скапоценост – светата икона на Неговта Пречиста Мајка. И Господ милостиво ја услишил нивната молитва.
Во тоа време во Иверскиот манастир живеел еден старец по име Гавриил, Грузиец по народност. Тој се одликувал со строгост на живеење и со едноставен карактер. Летно време се искачувал на врвот од едни непристапни карпи, за да се посвети на безмолвие, а преку зимата слегувал од планините на пониски места – покрај морето или во манастирот. Секогаш бил облечен во груба облека, се хранел со треви, пиел само вода, со еден збор – живеел као земен ангел и небесен човек. Пресвета Богородица, блескајќи со небесна светлина, му се јавила на сон на тој благочестив старец и му рекла:

- Кажи му на игуменот и на браќата дека ќе благоволам да им ја дадам Мојата икона за покров и за помощ. Влези во морето и зачекори со вера по брановите. Така сите ќе разберат за Мојата љубов и благоволение кон вашиот манастир.

Старецот му го раскажал видението на игуменот. Утредента сите монаси од Иверскиот манастир, со молебно пеење, со кадилници и кандила излегле на морскиот брег. Гавриил тргнал кон морето, чудесно зачекорил по водата како по суво и бил удостоен да ја земе светата икона во своја прегратка. Монасите ја дочекале на брегот со побожна радост, изградиле на тоа место параклис и три дена и три ноќи вршеле молебени пред неа. Потоа ја внеле светата икона во соборната црква и ја поставиле во олтарот.
        Наредниот ден, монахот којшто ги палел кандилата влегол пред утрена во храмот, но таму ја немало новопоставената икона. По долго барање, монасите ја нашле на ѕидот над манастирската порта, и ја однеле на старото место. Но наредното утро повторно ја нашле над портата. Тоа пренесување на иконата во црквата и нејзиното чудесно враќање на манастирскиот ѕид се повторило неколкукратно. На крај, Пречистата Дева му се јавила на сон на истиот оној Гавриил и му рекла:
- Кажи им на браќата повеќе да не Ме искушуваат. Не сакам да бидам чувана од вас, туку сакам да бидам ваша Пазителка не само во сегашниот живот, туку и во идниот. Нека сите монаси, коишто ќе живеат на Света Гора добродетелно, со побожност и страв Божји, се надеваат на милосрдието на Мојот Син и Владика. Од Него го измолив овој дар. И ете ви знамение: додека ја гледате Мојата икона во тој манастир, до тогаш благодатта и милоста на Мојот Син кон вас нема да се намали!
         Кога слушнале од Гавриил за тоа видение, браќата се исполниле со неискажлива радост, изградиле пред манастирската порта мал храм, посветен на Пресвета Богородица и ја поставиле во него чудотворната икона. Оттогаш таа стои на тоа место, избрано од Самата Божја Мајка, поради кое и се нарекува икона на Пресвета Богородица Портаитиса, односно Вратарница, а е наречена и Иверска икона, според името на манастирот.

Iverska.Portaitisa5a.jpg

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

The Portaitissa, iconis from the monastery of Iviron

 

Друго:

http://preminportal.com.mk/paraleli

 

 Друго:

7.Vselenski.sobor

 

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost-2/zhitija/1242-predanie-za-chudotvornata-iverska-ikona-na-bogorodica-narechena-portaitisa-vratarnica

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Свети Кирил Александриски

СВЕТИ КИРИЛ АЛЕКСАНДРИСКИ ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА Многу се светилниците на верата и благочестието, на правомислието и поборништвото во православниот Исток – еден од нив е и свети Кирил, архиепископот Александриски. Животописните податоци за овој столб на православието се многу ограниче...

Image Description
3 years ago

Радувај се…! (Покров на Пресвета Богородица)

ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА Блажен е оној човекː Првиот антифон. Стихири на Господи, повикав, на 8. Глас 1. Богородице чиста, ти си голема заштита на тажните; брза помошничке, на светот поткрепа и спасение; бездна на милосрдие, на мудрост Божја извору, покров на светот; да ја воспее...