Прилепскиот вероучител – Канадски Златоуст

Example User · 3 years ago

    13 minutes, 3 seconds


ПРИЛЕПСКИОТ ВЕРОУЧИТЕЛ – КАНАДСКИ ЗЛАТОУСТ

Проверувајќи ги архивските материјали на Прилепската гимназија меѓу двете војни, меѓу списоците на професорскиот кадар од Гимназијата, како и во извештаите од работата на Гимназијата, сретнав едно име, кое во мене предизвика љубопитност да научам нешто повеќе за неговиот живот, зашто следејќи ги новопрославените светии во Православната Црква, дојдов до сознание дека токму Винипегскиот архиепископ Арсениј (1866-1945), е токму вероучителот од Прилеп. Името на рускиот емигрант Андреј Лвович Чаговцов на малкумина им е познато, иако тоа е спомнато и во извештаите од директорот на Прилепската гимназија за поделба на предметите на наставниците и распоредот на часовите, кои своевремено биле одобрени од Министерството за просвета на Кралството СХС, како и во извештаите од министерските пратеници за извршените ревизии на работата на Прилепската гимназија.

Прилепскиот вероучител Андреј Лвович Чаговцов е роден на 10 март 1866 година, во семејство на црковен псалт. Го завршил Харковското духовно училиште и Харковската духовна семинарија. Во 1885 година се оженил, а набрзо се родил и синот Дионисиј.

Во 1887 година, идниот архиепископ, ракоположен бил во ѓаконски чин, а во 1890 година во свештенички. Својата свештеничка дејност ја извршувал во селските парохии при Харковската губернија. Во црковно-парохиското училиште предавал по предметот Закон Божји. Во 1890 година се упокоила неговата презвитера Параскева. Загубата на верната сопатничка тешко ја поднесол. Ставил врз себе железни окови, направил гроб во едно дабово дрво и тука спиел. Како што самиот подоцна раскажувал, тој бил „блиску до духовна прелест или кон целосно умно пореметување“. Во тој период одлучил да ги посетува светите места по Русија, а често пати имал можност да сослужува и со свети Јован Кронштатски, како и да има редовни контакти со Валаамските старци. Така, тој постепено излегол од длабоката депресија и очајанието, па продолжил со животот според Божјата промисла. Во ноември 1900 година, испратил молба до надлежниот архиереј за примање на монашки чин, па за брзо време на неговото барање позитивно било одговорено.

На 23 ноември бил замонашен, добивајќи го монашкото име Арсениј и бил определен да се приклучи кон монашкото братство на Курјашко-преображенскиот манастир. Во тоа време, светителот Тихон, идниот Московски и Руски патријарх, а во тоа време Северно-американски архиепископ, собирал свештеници и мирјани, кои имале желба да работат во

ширењето и зацврстувањето на Православието во Америка, па отец Арсениј со целосна подготвеност се отповикал на овој повик. Во 1902 година, согласно барањето на светителот Тихон, еромонахот Арсениј бил назначен од Светиот Синод за Американската православна мисија.

При простувањето со браќата од манастирот, Арсениј им рекол: „Јас сега тргнувам во земјите од Новиот Свет, со крстот и Евангелието во рацете и го започнувам словото на повикот, каде што умот почнува да бездејствува, каде што словото изнемоштува; ете, таму срцето свое ќе го отворам и со љубов ќе го исполнам. Но, знам дека овој пат не е лесен, туку со цветови на тага и лишувања е украсен. Подготвен за сето тоа, јас се разделувам од вас и само за едно ве молам, браќа мои: не ме заборавајте во вашите молитви, засилете ги моите немоќи со вашата братска љубов и со вашите молитви залечете ги тешкотиите во моето апостолско служење“.

Еромонахот Арсениј во САД пристигнал во јануари 1903 година и бил назначен за старешина на една од парохиите во Њујорк. Веднаш почнал да му помага на свети Алексиј (Товт) во делото на обраќањето на украинските унијати во Православието.  Во 1904 година бил назначен за старешина на парохијата во Мејфилд, во државата Пенсилванија, која само пред неколку години пред неговото назначување, преминала од унијатството во Православието. Тука отец Арсениј добил идеја за основање и градење на првиот православен манастир на Американскиот континент, која одлично била поддржана од парохијаните, како и од свети Тихон.

Во 1905 година, во државата Пенсилванија бил отворен Свето-Тихоновскиот манастир, а во негов состав и дом за сираците. Земјата била купена благодарение на пожртвуваните парохијани. За старешина на манастирот бил назначен отец Арсениј, а за заслугите, со синодска одлука бил произведен во игуменски чин. На денот на назначување во игуменски чин присуствувал уште еден прочуен мисионер во Америка – свештеномаченикот Александар Хотовицки.

На торжественото отворање на манастирот пристигнал и свети Тихон, епископот Рафаил, свети Алексиј (Товт), како и голем број на верни. Сведоците го опишале тоа торжество како необично радосен настан за сите кои присуствувале.

Во април 1907 година игуменот Арсениј добил благослов за тримесечно отсуство од манастирот, со цел да отпатува во Русија, со намера да најде искушеници за манастирот во САД, како и до собира доброволен прилог за негово одржување. За време на неговото пребивање во Русија, свети Тихон бил преместен на Ростовската епископска катедра, а на Северноамериканската бил назначен архиепископот Платон (Рождественски). Игуменот Арсениј од Русија не само што успеал да собере поголема сума на доброволен прилог за манастирот, туку добил на подарок и 50 честички од свети мошти, кои му биле отстапени од Московската синодска канцеларија за Северноамериканската епархија.

Во 1908 година, од архиепископот Платон игуменот Арсениј бил назначен за намесник и администратор на мисијата во Канада, со центар во Свето-Троичниот храм во градот Винипег. Пристигнувањето на игуменот Арсениј и неговата проповедничка дејност силно го воскреснале православниот живот во Канада. Тука, исто така, обратил многу украински унијати во Православието. Тоа му успевало, зашто одлично го познавал украинскиот јазик, на кој изговарал прекрасни проповеди, заради кои подоцна бил наречен „канадскиот Златоуст“, а светиот император Николај II, восхитен од проповедите, кои ги читал низ весниците, го наградил со златен крст и јавна благодарност. Од Синодот на Руската Црква, заради својата мисионерска активност, во 1909 година бил удостоен со чин – архимандрит.

Во Винипег, со помош на парохијаните, отец Арсениј се стекнал со имот за мисијата, каде што бил изграден дом за живеење на свештениците и студентите. Тој се надевал тука да изгради семинарија и манастир, но овие проекти не успеал да ги заврши, иако парохиското училиште кое го отворил, постои и активно е до денес. Бидејќи црквата во градот Едмонтон и парохиите од околните населени места имале потреба од свештеник, отец Арсениј се населил тука, за да ги задоволи духовните потреби на оваа парохија. Отец Арсениј го основал периодичното издание „Канадска нива“, донесол во Канада неколку свештенослужители, организирал во Едмонтон пастирски курсеви, кои се покажале како премногу важни, зашто канадските парохии страдале од недостаток за свештеници. Друг голем проблем на мисијата била сиромаштијата и презадолженоста, со која Арсениј и самиот се борел, предавајќи се на доброволно сиромаштво.

За време на служењето во Канада силно се влошила здравствената состојба на отец Арсениј. Тоа било причина да се обрати до архиепископот Платон, со молба за повлекување од активностите. Откако добил благослов, во 1910 година заминал за Русија. Со неговото заминување канадските парохијани силно тагувале и никој од нив не можел ни да претпоставува дека ова разделување е само привремено.

Архимандритот Арсениј во татковината веќе на 6 јули 1910 година бил определен да богослужи во Светогорската Успенска пустина при Харковската губернија. Во почетокот на 1911 година бил назначен за помошник на епархискиот мисионер, а во 1913 година веќе бил поставен и за епархиски мисионер.

Во ноември 1913 година, отец Арсениј бил назначен за намесник на Григориевскиот Бизјуков манастир при Херсонско-одеската епархија, како и за началник на пастирско-мисионерската семинарија при манастирот, во која од 1915 година за професор во семинаријата бил поставен свештеномаченикот Онуфриј (Гагаљук). Туа архимандритот Арсениј се подвизувал до месец февруари 1917 година, кога добил одлука за поставување како проповедник во армијата.

Под влијание на бедите и страдањата, кои ги донесла револуцијата, отец Арсениј се присоединил кон Белата армија и бил претседател на Комисијата за собирање на средства за потреба на Белата армија. Еднаш бил заробен од болшевиците, па заедно со уште неколку мина бил осуден на стрелање, кое требало да се изврши следното утро. Целата ноќ архимандритот ја поминал во молитва, па утрото се појавиле германските војници, кои ги ослободиле осудените. Потоа, отец Арсениј заминал за Србија, каде што пристигнал во 1920 година. До 1923 година богослужел како парохиски свештеник на парохијата Милановци во Македонија. Од 1923 до 1924 година бил старешина на Трескавечкиот манастир во околината на Прилеп, а од 1924 до 1926 година бил старешина на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош, а во исто време работел и како професор по предметот „Божји закон“ во прилепската Гимназија.

Во тоа време, канадската паства разбрала дека нивниот пастир е жив, па се обратила кон митрополитот Платон (Рождественски) со молба, да издејствува враќање на нивниот пастир и негово ракополагање во епископски чин. Митрополитот Платон се обратил до Синодот на Српската Црква, при што ги информирал за неговите намери. Архимандритот Арсениј добил благослов да го напушти служењето во Македонија и да замини за Америка. Во 1926 година, од Соборот на православните епископи во Америка бил избран за епископ Винипегски, а на 24 мај истата година во Белград бил ракоположен во епископски чин со благослов на Српскиот патријарх.

Во почетокот, епископот Арсениј се упатил во Њујорк, за да ја оствари средбата со митрополитот Платон, потоа го посетил возљубениот Свето-тихоновски манастир, па дури потоа заминал за Винипег. Со неговото пристигнување, православниот живот во Канада повторно заживеал. Владиката почнал да го издава епархискиот весник „Канадски православен мисионер“ и ги посетувал парохиите низ целата епархија.

Сепак, состојбата на православните во Канада, за време на неговото 16-годишно отсуство, силно се изменила. Движењето на обновленците во Русија имало силно влијание врз некои угледни луѓе во Канада, а се појавиле и различни групи на украински националисти, кои застапувале расколничка идеологија. Според зборовите на очевидци, владиката Арсениј поднесувал многу искушенија и страдања од двете непријателски групи, но и од многу други, кои го проширувале фронтот против него. Дошло до таква ситуација, што расколниците се обиделе да го убијат, пукајќи една ноќ во неговиот дом во Каноре, при што владиката бил ранет во ногата.  А во Едмонтон, расколниците дури и се степале в црква, го нападнале свештеникот Александар Кизјук, му ја соблекле свештеничката одежда, насилно го извлекле од храмот и го претепале.

Во 1928 година, епископот Арсениј напишал послание до парохиите, во кое ги повикал на зацврстување на дисциплината. Меѓу другото, во посланието тој заповедал: „За пастирите, секој парохијанин треба да му биде мил, без разлика дали тој доаѓа од Голема, Мала, Црвена, Бела, Карпатска Русија, од Буковина, Романија, Србија, Бугарија, Грција и така натака. Пред сè и над сè, треба да биде нашето мило Православие! Но, тоа не значи дека секој од нив не треба да си го сочува националниот јазик. При секоја црква задолжително да се отвори и организира парохиско училиште и да се обучуваат децата во писменоста на мајчиниот јазик, а најглавно од сè, да се воведе катихизација во секој неделен ден“.

Епископот Арсениј го основал Сифтонскиот Спасо-Вознесенски манастир, а во 1929 година тука отворил и богословски курсеви, на кои самиот држел настава, подготвувајќи кандидати за свештеници. Притоа, говорел за неопходноста од отворање на семинарија, избирајќи кандидати од бројот на локалните жители, напоменувајќи дека од Русија невозможно е било кој да биде запишан, а од САД тешко е било кој да се очекува, „така што Канада претставува Сибир, од кој луѓето се трудат да избегаат колку е можно побрзо“. Во манастирот владиката отворил и дом за сираци.

Потоа епископот врз себе зел необично послушание: испросил благослов од митрополитот Платон да збира пари низ САД за канадските северо-западни парохии. Говорејќи за причините, кои го принудиле на таков чекор, тој пишувал: „На 220-300 милји нема ни една црква, па дури ни параклис; нема гробишта; децата остануваат некрстени, а починатите без опело. Инославните мисионери, особено француските, ѕидаат храмови, каде што воопшто нема верници, па ги повикуваат нашите. Света Русија некогаш испраќаше свои мисионери при туѓи народи. Зарем во ова време, кога нашите луѓе по вера и крв просат духовен леб, нам ни е судено да ги затвориме очите и душите и рамнодушно да им кажеме: Ние сме бедни! Јас, како епископ на Црквата, откако ја согледав состојбата, се плашам од Бога и Неговиот суд, за да одмавнам со рака над сето ова. Мене ми е жал што православните души им ги предаваме на раскинување на инославните… Јас знам дека за моите 64 години, не ми прилега да земам врз себе вакво послушание, но сметам дека подобро е да го скусам својот живот во огнот на служењето на ближниот, отколку да тлеам во тивок оган…“.

Во зимата 1930 година, владиката добил благослов за ова дело од митрополитот Платон, па почнал да собира пари низ САД за потребите на канадските парохии. Почнувајќи од Њујорк, тој патувал од црква до црква, каде што богослужел, раскажувал за маките и тешкотиите во православна Канада, проповедал… И сите овие трудови се покажале корисни не само за материјалното закрепнување на канадските парохии, туку и за духовното зацврстување на православните Американци, кои како река го следеле владиката од црква до црква.

Во декември 1935 година, епископот Арсениј повторно ги посетил САД, за да учествува во Соборот на руските православни епископи, кој се одржувал во Свето-Тихоновскиот манастир, под претседателство на митрополитот Теофил (Пашковски). Тука владиката Арсениј особено се докажал во помирувањето на црковните расколи, како на Американскиот континент, така и во односите кон Руската мајка Црква.

Во 1937 година, 70-годишниот владика испратил молба за пензионирање, а во јануари 1938 година добил одговор, со кој му било определено своите пензионерски денови да ги поминува во Свето-Тихоновскиот манастир (САД) и тука да основа училиште. Во есента 1938 година, во манастирот епископот отворил пастирско училиште, кое подоцна се реформирало во семинарија, а во 1939 година, со негово активно учество, во манастирот бил отворен и дом за стари и изнемоштени свештенослужители.

Почитувајќи и ценејќи ги заслугите на епископот Арсениј во делото на зацврстувањето на Православието на Американскиот континент, Соборот на Северно-американската митрополија одлучил да го произведе во чин – архиепископ.

Иако пензионер, владиката не дозволил да мирува. Постојано ги посетувал локалните парохии, присуствувал на конференции и предања. Во 1941 година, архиепископот изработил план и пресметка за изградба на новата зграда од детскиот дом, а на 27 март добил благослов од митрополитот Теофил за почеток на тоа богоугодно дело.

Исто така, архиепископот го благословил воведувањето на англискиот јазик во богослужбите при манастирското училиште, не обрнувајќи внимание на спротивставувањето на некои доселеници. Еве самиот како го опишал тоа: „Во сабота, на 13 декември 1941 година, ероѓаконот Василиј испроси мој благослов за да ја произнесе почетната голема ектенија на сеноќното бдение на англиски јазик, која претходно беше подготвена од хорот на семинаристите, под раководство на преосвештениот епископ Алексиј. Кога по „Благословувај Го, душо моја, Господа“, отец Василиј почна да ја возгласува големата ектенија на англиски јазик, а псалтите почнаа да одговараат исто така на англиски, тогаш дежурниот свештенослужител, игуменот Варсонофиј, се возмути, па во олтарот почна силно да вика, нарушувајќи го редот на богослужбата: Какви со овие новотарии? Јас ништо не разбирам! Јас не сакам да богослужам!

Јас му одговорив на отец Варсонофиј дека, ако сака да не богослужи, тоа може да го направи, иако не му прилега таквиот чекор. Исто така, му ја објаснив можноста, па дури и желбата за употреба на англискиот јазик во нашите богослужења. Отец Варсонофиј се соблече и демонстративно го напушти олтарот. Тогаш јас врз себе ставив епитрахил и го кажав возгласот од ектенијата, предвајќи му го понатамошниот тек од богослужењето на отец Прокопиј.

Подоцна, кога јас богослужев на Литургија, игуменот Варсонофиј не се појави да сослужува со мене во црквата. Отец Василиј ја произнесе големата ектенија на англиски јазик, а и хорот одговараше на англиски. И Символот на верата се читаше на англиски јазик, но и проповедта беше на англиски и немаше никакви инциденти“.

Во 1944 година, владиката Арсениј зел активно учество во подготовките и текот на торжествата, по повод 150-годишнината од постоењето на Руската Православна Црква во Северна Америка.

Архиепископт Арсениј се упокоил на 4 октомври 1945 година во болницата во Скрентон, во државата Пенсилванија. Во своето завештание оставил скромна сума на пари за својот син. Опелото го извршиле четворица архиереи и повеќе од 50 свештеници и ѓакони. Погребан бил во Јужно-хананскиот Тихоновски манастир.

За својот прекрасен дар на проповедништво, владиката Арсениј го добил името „Канадски Златоуст“.

Во Канадската епархија при Православната Црква во Америка, се појави почит кон владиката Арсениј, како кон локален светител, а со благослов на Отавскиот архиепископ Серафим, нему му е напишана богослужба и житие, а насликана е и икона со неговиот лик.

Во октомври 2004 година, Светиот Синод на Американската Православна Црква оформил комисија за испитување на можностите за прогласување на архиепископот Серафим во светителски чин.

Архиепископот Арсениј е добитник на златен граден крст, од кабинетот на неговото величество, императорот Николај II.

Користени материјали:

Максимов Юрий, „Канадский Златоуст“, 23 март 2010;

Hainsworth John, priest, „Archbishop Arseny: A vita in process“, march, 2004;

„Канадските епископи“, официјална страна на Канадската епархија при Американската Православна Црква.

протоереј Златко Ангелески

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/03/01/%d0%bf%d1%80%d0%b8%d0%bb%d0%b5%d0%bf%d1%81%d0%ba%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b2%d0%b5%d1%80%d0%be%d1%83%d1%87%d0%b8%d1%82%d0%b5%d0%bb-%d0%ba%d0%b0%d0%bd%

Related Posts

Image Description
3 years ago

Metropolitan Methodius Christmas message

CHRIST IS BORN! GLORIFY HIM! For unto us a child is born; unto us a son is given; and the government will be upon His shoulder. And His name will be called Wonderful, Counselor, Mighty God, Everlasting Father, Prince of Peace (Isa 9:6)       My Beloved Spiritual Children,...

Image Description
3 years ago

НЕДЕЛА ПО РАЃАЊЕТО ХРИСТОВО!

НЕДЕЛА ПО РАЃАЊЕТО ХРИСТОВО Спомен на светите праведни: Јосиф свршеникот, на цар Давид и на Јаков, брат Господов. Свети цар Давид Се празнуваат во неделата после Божик. За царот Давид, синот Јесеев, може да се дознае од Книгите Царства на Стариот Завет. Свети праведен Јосиф Обручник Праведниот Јосиф...

Image Description
3 years ago

ОТСЕКУВАЊЕ НА ЧЕСНАТА ГЛАВА НА ЧЕСНИОТ, СЛАВЕН ПРОРОК, ПРЕТЕЧА И КРСТИТЕЛ ЈОВАН

ОТСЕКУВАЊЕ НА ЧЕСНАТА ГЛАВА НА ЧЕСНИОТ, СЛАВЕН ПРОРОК, ПРЕТЕЧА И КРСТИТЕЛ ЈОВАН УТРЕНА Тропар, глас 2.Споменот на праведникот е со пофалби, а тебе ти е доволно и сведоштвото на Господа, Претечо, оти навистина се покажа најпочитуван меѓу пророците, бидејќи се удостои да Го крстиш во водите Оној за Ко...