Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, почитувани браќа и сестри.
Еве нè, на самиот почеток од великиот, велигденски, благословен и спасоносен пост. светата Православна Црква се радува и ликува што дошол моментот и оваа година да го започнеме богоугодно постот. Светата Православна Црква постојано се радува на нејзиниот трудољубив подвиг кон добродетелноста, за да ја покаже, докаже и оствари својата вера во Богочовекот Исус Христос. Впрочем, самата света Црква е самото тело Божјо, а тоа значи дека, сите верници во светата заедница, се деловите на тоа пресвето, Божјо, вечно и прекрасно тело на Богочовекот Исус Христос.
Светата Црква е создадена поради пресветиот Господ Исус Христос. Тој е главата на светото тело, Тој е примерот на Црквата. Тој е Архиерејот и Владиката Кој ја возглавува Неговата света и преславна Црква, Црква Божја. Тој Единствениот се принесува како жртва на правдата и се раздава на сите верници осветувајќи ги од несовршени и пропадливи, во совршени и вечни. Сите верници причестувајќи се со својот Господ и Бог, ја остваруваат заедницата на радоста, а тоа е заедницата на совршената љубов. Господ нè љуби вечно, и ние да Го љубиме вечно. Затоа браќа и сестри, ние треба да бидеме свесни дека сме синови Божји кои веруваме во Бога Кој Самиот е љубов, та и ние се подразбира дека ќе бидеме чеда на љубовта. Вечната љубов извира во Него, од Него се раздава и се дели на сите тие кои посакуваат да бидат Негови верни чеда.
Божјата љубов која ни ја подарува Бог, не е нешто што треба да го чуваме ексклузивно само за себе, не подарувајќи ја на никој друг. Не, браќа и сестри! Љубовта Божја која ќе струи во нашата душа, во нашите тела, во целокупното наше духовно-телесно битие да биде како река, чии извор е Тој Самиот, а се излева кон секого и кон сè околу нас во светот. Ако ја пресечеме реката, ако поставиме брана за да не проистекува од нас никаде повеќе, тоа ќе значи дека нашата вера е себична и егоистична. Тоа значи дека само ние посакуваме да се спасиме, без да ги видиме другите Негови созданија во рајот заедно со нас. Ние, пак, сме должни да ја пуштиме реката на љубовта да проистекува преку нас, да се шири кон секого, и лично, трудољубиво и енергично да ја сведочиме таа љубов Божја. Затоа што, навистина, штом Господ ја сведочеше Својата љубов кон сите, и се жртвуваше за сите, тогаш и ние, неговите чеда, сме должни да ја докажеме Божјата љубов која е во нас, да ја докажеме љубовта на Творецот, Кој го создава секого од нас, без исклучок.
Денеска се сеќаваме на прогонството од рајот на Адам и Ева, нашите прародители. Тие погрешија поради својот сомнеж, погрешија, така што се оддалечија од Господ во своите срца. Помислија дека ќе можат тајно, без да знае Господ, да го вкусат забранетиот плод од рајското дрво. И поверуваа на својата помисла, дека доколку го вкусат забранетиот плод, ќе достигнат можеби некакво тајно и мистично искуство. Дека можеби тоа што ќе го откријат е некаква сокриена тајна, која внимателно ја чува Творецот од нив. Човечката помисла ги наведуваше нашите прародители, да се посомневаат во Божјата совршеност, та откако копнееја и мечтаеја во нивните души подолго време, на крајот решија да го извршат делото на погубноста, делото на гревот.
Гревот е промашена цел. Целта е Господ, а гревот е оддалечување од целта и потполно спротивно делување од вистинската и добра патека која води кон Творецот. Па, така, кога се сомневаме, во првиот стадиум, во нашата психа се појавува помислата. Помислата е вирус кој е надвор од нашето тело, но сепак тој вирус претендира да постане активен и деструктивен влегувајќи во нашето тело. Вирусот е лошата појавна помисла, која е како опозит во нашата конкретна и слободна волја. Во слободата наша, постојано се конфронтираат двете спротивности; но од нас зависи, како ќе ја остваруваме својата лична слобода. Дали на прав и добар начин, одбирајќи ја послушноста кон Творецот, или пак на лош начин, оддалечувајќи се од Творецот, преку сомнежот кон Него, негирајќи ја Неговата беспрекорност.
Доколку ја прифатиме таа појавна помисла од надвор во нашата душа, како наша „добра идеа“, ние започнуваме да копнееме. Како втор чекор, ние започнуваме да ја анализираме оваа идеа и да ја согледуваме планирајќи го последниот чекор. А последен и трет чекор е кога со делото, конкретно, го остваруваме гревот. Па така Адам и Ева, прифаќајќи ја грешната помисла, анализирајќи ја во себе, пристапиле кон последниот чекор, кон остварувањето на гревот. И погрешиле!
Многу e важно тоа што Господ го оставил човекот да ја оствари својата слободна волја. Тој не се мешал во нивната волја. Доколку би се замешал во остварувањето, така што директно би застанал пред нивната одлука да ја остварат својата намера, тогаш Господ би покажал една несовршеност, една недоследност. Доколку Господ, го создал човечкото битие, да има слободна волја, тогаш тоа подразбира вистинска слобода, а не ропска слобода каде што човекот извршува обврска и задача, поради условната слобода која му се заканува со силата и моќта на казната. Господ е доследен и совршен во сè, се подразбира и во Неговата вечна и реална одлука. Тој ни подарува слобода, а од нас очекува да ја оствариме така што безусловно ќе Му веруваме и нема да се сомневаме. Она што Тој ни заповеда, слободно да Го прифатиме во радоста, љубејќи Го својот Отец, внимавајќи никогаш да не се оддалечиме од Него, преку нашиот погрешен избор. Треба да се докажеме во вербата!
Љубовта се докажува единствено преку делото на верата. Љубовта верува! Љубовта е вечна! Љубовта не се сомнева! Љубовта подарува сè, поради сè! Бог е сè!
Гревот создава инсуфициенција на животот, човекот постанува нецелосно битие, кое има недостиг од живот. Животот е Бог, та кога разумното битие се оддалечува самоволно од Бог, тогаш Бог недостасува во битието. Тогаш се случува дефицит од животот Кој го оживотворува битието. Па така, самото живо битие, ја губи суштината и пропаѓа во неживот. Љубовта исчезнува во неживотот, во неспособноста и грешката на слободната волја.
Адам и Ева погрешиле. Нашите прародители ја искористиле својата слобода на лош начин, на крив начин. Па така сега, последицата од гревот е смртта. Штом тие ја пресекле самоволно љубовната и прекрасна нитка со Господ, тогаш веќе, молскавично се спротивно поставени од Господ, во неживотот и во смртта. Тогаш веќе, човекот ја забележува на себе голотијата и започнува да се срами. Тој се срами од гревот. Тој веќе ја чувствува страста и се срами од себе, се срами од својата половина. До пред малку, човекот не ја забележуваше голотијата како проблем, нити пак ја чувствуваше како мотив за нагон, но после гревот, откако веќе Благодатта Божја е далеку од човекот, тој во својот дефицит, ја забележува првата промена на падот.
Откако Господ доаѓа да поразговара со Адам и Ева, тие несреќни и грешни луѓе, оддалечени од љубовта Божја, се срамат од својот Творец, та се кријат од Него. За жал и денеска многу луѓе се кријат од Господа поради оттуѓеноста со Него. Или пак, се кријат поради гревовите кои ги прават. Тоа пак е повторно погрешно и опасно. Криењето значи дека човекот не сака повторно да се соедини со Бога, не сака да Го замоли Бога за прошка. Значи дека човекот, ја изгубил верата во Бог, та се крие од Бога и самосвесно, сака да отиде во спротивност, во антиживот.
Бог знае дека човекот погрешил, Тој како совршен Бог, знае сè, ништо не е сокриено и тоа уште во самиот момент на остварувањето, Тој сè гледа, и сè знае! Бог, со Својата совршена љубов го довикува човекот. Тој посакува повторно да ја оствари, да ја обнови искинатата нитка. Тој се труди повторно да стапи во личносен контакт со човекот. Но…
Адам прифаќа да разговара со Господа, Му вели дека погрешил, дека е гол, дека се срами, но, Го обвинува Бога дека Тој е крив за неговиот грев, поради тоа што ја создал неговата половина – Ева, та таа го натерала да погреши. Доколу Бог не ја создал Ева, сигурно тој не би погрешил. Ева на истиот начин, Го критикува и обвинува Господа, дека Тој е крив, затоа што ја создал змијата да ги натера да погрешат. Да не била создадена змијата, Ева не би погрешила.
На овој начин, на ваков (не)принцип се изразува свесното човечко лудило. Човекот постојано Го обвинува Господа, за сè и сешто. Човекот Го обвинува Бога затоа што Бог го создал како личност и како слободно битие. Човекот Го обвинува Бога затоа што е создаден со својата разумност, која мора да бира, дали сака слободно да ја оствари љубовта кон Бога или сака слободно да греши и да отиде во спротивноста од совршеноста. Но каде е лекот против гревот?
Покајанието е нашата нај голема добродетел. Покајанието е дар Божји, кои се здобива преку молитвата кон Бог. Покајанието е нашиот лек против гревот. Доколку не се покаеме, ќе пропаднеме, а доколку се каеме, ќе ни биде простено. Та тоа не го направија Адам и Ева, не се покајаа, туку Го обвинуваа Творецот за нивниот грев. Го обвинуваа Господа за Неговата доброта. Та затоа беа истерани од рајот, како непокајани грешници, како расипани луѓе, како деградирани битија, отпаднати од Волјата Божја.
Нашата потполна слобода е во Бога. Човекот ја остварува онтолошката премиса да биде човек, во Бог, во Волјата Божја. Совршената наша слобода се остварува во Бог, преку нашата слободна насушна потреба да го прифатиме постот, верувајќи во заповедта Божја. Преку слободното прифаќање на Божјата заповед да постиме, да се воздржуваме, ја докажуваме својата верност кон Бога.
Браќа и сестри, чеда Божји, возљубени во Господ, молете Му се на Господа да ни дарува покајание, та да ја сфатиме својата постојана грешност. Нашиот грев е нашиот прав непријател; гревот нè деградира, гревот нè обезличува; но со искрена молитвата, со пост, со трудољубивост и добродетелност, да бидат нашите молитви услишени и да нè прими назад Господ во Неговата прекрасна прегратка. Молете се еден за друг, затоа што така ќе ја докажете својата љубов кон другиот и кон Бога.
Нека ни биде благословен и спасителен велигденскиот пост!
Браќа и сестри, простете ми за сите мои грешки кои сум ги сторил кон Вас. Ја барам смирено и кротко Вашата прошка, за да можам спокојно и мирно да продолжам да се молам на Господа за мене грешниот, за да ми ги прости Господ сите мои грешки и гревови, кои што сум ги направил свесно и несвесно, јавно и тајно, со збор и со дело!
На сите им проштевам, и на никого зло не мислам!
Господи спаси нè и помилуј нè! Амин!
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/progonstvoto-na-adam-i-eva-od-rajot/