САМООПРАВДУВАЊЕ (дедо Наум) (17.11.2018 10:23)
Страшна е потребата на човекот да се самооправдува;
за мене, дури најпогубната појава од сите гревовни појави во човековиот душевен и ментален свет.
Самооправдувањето е главна карактеристика на паднатиот човек, на неговиот паднат ум.
И самиот пад на човекот не се случи со земањето на забранетиот плод, туку токму со самооправдувањето:
„жената, која Ти ми ја даде, ме прелажа“, како и: „змијата ме измами, и јас јадев” (види: 1 Мој. 3, 12–13).
Самооправдувањето, поврзано со осуда на другиот, а најчесто е така, е моментално отпаѓање од Бог.
Самооправдувањето го обесмислува целиот христијански психотерапевтски метод – петте контролни точки (ПКТ), преку кои се надминува секое можно искушение.
Доколку го осудиш другиот, го оневозможуваш целиот психотерапевтски процес:
не можеш ништо да прифатиш како дар Божји,
не можеш да Му заблагодариш на Бог за сè, не можеш а да не покажеш дека си во искушение, и не можеш да го искористиш искушението како подлога за молитвено всебевраќање и преобразување.
Самооправдувањето е одрекување од Богочовекот Христос како наш урнек,
одрекување од Божјата правда за себе и за светот,
и воведување нов критериум – паднатиот човек и неговата правда кои се – ништо друго, туку враќање на злото со зло.
Самооправдувањето, поврзано со осудувањето на другите, е најпрепознатлив знак на духот на антихристот.
Самооправдувањето е воведување на демонот како критериум на нашиот живот.
Самооправдувањето е привремен прекин на протокот на Божјата благодат во нас, додека осудувањето на другите е директно отпаѓање од Бог.
Самооправдувањето е патот до пеколот и врата на вечниот пад.
Митрополит струмички Наум
Source: https://pokajanie.mk/2025/03/18/samoopravduva%D1%9Ae-dedo-naum-17-11-2018-1023/