Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска се сеќаваме на сретението Господово во Ерусалимскиот храм; сретнувањето на Емануил со пророците и светите Симеон и Ана. Сеќавајќи се на ова чудесно и прекрасно случување кое го спомнуваме денеска, треба да постане и наша основна потреба, да ни биде единствена и постојана цел, стремејќи се кон Господа, и ние да се сретнеме со Бога. Секој човек треба секојдневно да биде исполнет со желбата и потребата да Го сретне Богочовекот Исус Христос. Секој верник, молејќи се, посакува да биде во Божјата заедница. Секој од нас Го исчекува Господа да биде поред нас и да нè штити и крепи во тескобниот секојдневен живот. Но, треба да го поставиме прашањето: Каде треба да Го пронајдеме Господа? Каде треба да Го сретнеме Господ?
Многу луѓе талкаат, трагаат и бараат да го пронајдат местото на среќавањето. Многу луѓе талкаат по светот, на разни места, доаѓајќи во разни култури, а често влегувајќи и во други религии. Човекот постојано Го бара Господа. Талкањето на човекот е од дамнина. Луѓето Го бараат Бога на сите страни, очекувајќи да Го пронајдат дури и на сила, доколку е некаде „сокриен“. Кога ќе кажеме на сила дека луѓето сакаат да Го пронајдат Бога, тоа значи дека човекот, бескомпромисно сака да Го пронајде Господа за да може да го искористи.
Денеска човекот, навикнат во секојдневниот свет да се однесува непристојно, безобразно, насилнички, лицемерно, цинично, тој така ја поима и целокупната вистина и сака насилнички преку деструкција да Го пронајде Бога и да Го украде. Во историјата на човечката цивилизација, луѓето постојано се негирале помеѓу себе и се уништувале. Ужасот владее и денеска. И денеска луѓето преку насилството вршат геноцид над другите народи и го уништуваат споменот за другиот човек. Небаре на тој начин ќе ја пронајдат својата среќа, или пак ќе Го пронајдат Господа. А дали воопшто лошите луѓе го бараат Бога?
Преку уништувањето на другиот, насилникот посакува да живее сам, себељубиво, егоистички во самодоволноста на своето постоење. Преку уништувањето на другиот, човекот во своето лудило се поистоветува со Бога, та го одзема животот на сè што ќе му пречи по неговиот личен животен пат. Слободата која ја имаме во себе, ја користиме на сатански начин, негирајќи и уништувајќи го другиот живот. Сатанистичката фундаментална особина во човекот се изразува преку деструктивноста кон создадениот свет. Сатанизмот не подразбира љубов, туку отсуство на љубовта.
Љубовта сепак се мери, преку жртвата и количината на безрезервната љубов. А гордоста и егоизмот се вредности на сатанизмот, во кого воопшто нема љубов. Денешните вредности на човекот се искривени, потполно парадоксални. Најчесто вредностите ги темелиме на правото кое го почитува интересот. Интересот е фундаменталниот двигател на искривената човечка цивилизација. Создадени сме од Бога само поради љубов, без интерес, а ние, по личната слободна волја, го создадаваме и прифаќаме личниот интерес во општиот живот како мерило на совршеноста. Тоа значи, дека совршеноста ја мериме по интересот, колку е посилен интересот, толку е посилна совршеноста. Каков парадокс, каква агонија на лудилото.
Господ го создал човекот само поради совршената љубов, но ние со искривената перцепција постоењето го темелиме на некакви измислени форми на природни селекции и биолошки случајни промени кои се случуваат навидум под притисокот на некакви општи природни закони. На сето ова искривено поимање, уште ја имаме и модерноста на актуелната цивилизација. Во овој сегашен век на живеењето, правото на личната човечка слобода е најважниот сегмент кој долго го очекувавме да дојде после нецивилизираното и старо време на минатото. После злобата и деструктивноста пројавени во историјата, чекавме да ја здобиеме личната слобода. Но, повторно се појавува истата приказна. Повторно исто, дежа ву.
Секој секого негира и уништува. Ништо не се сменило; ништо не сме научиле од историјата. И понатаму секој има потреба да ја искаже својата негаторска мисла, без компромис кон секого, на лажен слободен начин. Слобода е без воздржување, селекција, филтрација на зборовите, без хармонични постулати на некаков меѓучовечки кодекс. Се појавува и некаков универзален морал со кодекс на животот, кој правото на слободата го изразува повторно преку деструкцијата. Слободата како морално право, се дава и на обезбожениот човек, на човекот кој го љуби концептот на сатанизмот. Преку тоа загарантирано право на лажниот слободен и модерен свет, не моралноста ја искривува перцепцијата, и повторно се изразува негирањето и уништувањето.
Ние постојано бараме и бараме, но не знаеме што бараме. Не знаеме ни кои сме ние во метежот на цивилизацијата. Честопати и верниците Го бараат Бога насекаде по разните популарни места на верските собирања. Но, талкајќи никаде не можат да го најдат својот мир и спокој. Каде е решението? Каде е мерката? Кој е примерот за сите и за сè?
Решението е во Господа Исуса Христа. Тој е вистината. Тој е решението. Тој е моралот. Тој е принципот. Човекот кој Го бара Бога во душата своја, постанува мудар човек. Местото каде што треба да Го пронајдеме Бога е во нашата душа. Тука Тој се пројавува. Светот не може да се промени кон поединецот, туку човекот се менува себеси. Господ ја преуредува душата наша, ја украсува со добродетели и дарови и ја подготвува за жртвата на правдата. Човекот постанува икона Божја преку осветувањето со Благодатта на Светиот Дух и постанува пример во светот. Пример на доброто.
Совршеното Добро е Бог, а светите добри луѓе се светилата на светот кои светат во темнината на гревот и злобата. Темнината навидум изгледа дека ќе го обземе животот, но преку Божјата сила и моќ, нема никогаш тоа да се случи. Кога ќе го пронајдеме Бога во себе, ние ја пронаоѓаме светлината, и го пронаоѓаме својот мир. Божјата светлина постојано ќе нè озарува, ќе светли во нас, и темнината нема да нѐ завладее. Кога сме умирени, облагодатени, тогаш нашиот живот ќе има суштинска смисла. Нема да имаме потреба да талкаме по белиот свет за да Го најдеме Господа, на некое специфично место, кога веќе сме Го нашле во себе.
Во Светото Евангелие каде што се говори за Сретението Божјо, се споменува светиот праведен, благочестив, богопримец Симеон. Тој живеел во Ерусалим во својата длабока старост, околу 100 години. Тој благочестив свет човек, беше еден од седумдесетторицата кој беа определени да го препишат Стариот Завет, и во текот на препишувањето, на местото каде што пророкот Исаија говори дека: „Ете Девица ќе зачне и ќе роди Син!“, ќе Го роди Месијата, тој се посомневал во вистинитоста на тоа нешто. Тој како човек се прашувал како е тоа возможно во човечката природа? Та мислејќи дека е тоа некаква грешка од претходните препишувачи, намислил да го корегира тоа место, да го избрише и да напише дека жена ќе Го роди Месијата. Но, Ангел Божји му се објавува и му вели, дека вистински се тие зборови кој се напишани, и за да биде и сведок на тоа нечуено и невидено чудо, ќе му биде продолжен животот додека навистина не Го види Месијата.
Тој молејќи се на Господа, исчекувал долги години лично да Го види определениот Месија, да го види човечкото спасение. Постојано бил во Божјиот храм, молејќи се. Тој ја имал во себе Господовата благодат, не талкал, не Го барал Господа. Тој послушно, чекал додека навистина не Го дочекал Спасителот. Во своето исчекување, деноноќно, молеќи се, огнено Го исчекувал спасението на целиот свет.
Така и ние браќа и сестри треба да постапуваме. Да бидеме послушни синови Божји, да ја исполнуваме Неговата волја. Молејќи се во себе, во својата душа која го претставува личниот олтар, тука треба да бараме да го сретнеме Господ. А Господ ќе дојде во нас. Ќе дојде во душата наша. Та тоа е суштината на нашето постоење, да се всели Господовата Благодат во нашата душа, за да нè облагодати. Господ не треба да Го бараме во материјализмот, туку на Бога ќе Му се поклонуваме во Духот, во себе, во срцето наше. Постојано треба да живееме со надежта на сретението наше со Господа. Ние треба постојано да го очекуваме тоа благодатно осветување на нашата душа, но секако живеејќи богоугоден живот, исполнет со секакви добродетели, за да ја подготвиме душата своја за духовната средба со нашиот прекрасен Творец.
Кога се навршија деновите за да се очисти Марија Богородица по Законот на Мојсеј, го донесоа малиот Исус во Ерусалимскиот храм, за да го претстават пред Господа. Сè што било напишано во Мојсеевиот закон во Стариот Завет, сето тоа Господ Исус Христос благоизволил да го исполни. Така Марија и Јосиф отишле во храмот да ја принесат потребната жртва за малото машко дете. А Духот Божји го поттикнал Симеон да отиде во храмот. Симеон го препознал светото семејство, затоа што чудесна светлост се пројавувала околу нив. Симеон тогаш пресреќен, ги пресретнал и го земал детенцето во своите раце. Благословувајќи Го Бога, Свети Симеон пророкувал.
Праведниот Јосиф и Богородица Марија се восхитувале од сето она што го слушале од Симеона. Но, и покрај славословието кое што тој го изразил, тој ѝ пророкувал и на Марија дека ќе страда во душата своја поради нејзиниот Син. Дека меч ќе ѝ ја прободе душата нејзина од тага и ужас. Во тој час и пророчицата Ана, благочестивата старица, исто така водена од Светиот Дух, дошла и Го прославувала Бога и Неговиот Спасител.
Богосозерцавањето е внатрешното поимање на нештата, преку насочувањето на мислите кон Господа, преку трудот за умственото поимање на сокриените Божји Тајни. Оросениот човечки ум со росата на благодатната Божја енергија, ја открива суштината на човечкото постоење, на тој начин исчезнува покривалото од нашиот разум, та разумот во својот телесен живот скромно ја насетува и проникнува прекрасната совршена Божја убавина. Сепак Благодатта која ни се подарува, ќе биде скромна поради човечката несовршеност. А таа несовршеност се преобразува во совршеност преку смртта, која е само почеток на вечноста и секако како конечна цел во Есхатонот на вечната радост, во новоостварената смисла на постоењето, преку воскресната целокупна природа во Воскреснатиот Исус Христос.
Конечната цел е последното доаѓање на Синот Божји во Својата слава, со Неговото второ доаѓање и остварувањето на конечниот Божји домострој на спасението. Човекот е создаден од земјата, Господ му вдахнува живот и тој постанува жива душа. Понатака преку целиот земен живот, човекот ја има потребата од живата вода, од животот. Човекот како сува земја, има потреба од влага, а влагата е Нашиот Господ. Тој нè напојува со животот и Тој ни ја дава постојано нашата насушност. Тој е Патот, Животот и Спасението.
Насушноста за нашето битисување, не е само телесната храна, туку напротив, духовната храна е суштината и вистината, духовната храна е нашата смисла. Доколку човекот не Го среќава Господа постојано, доколку не Го прегрне својот Творец, тогаш каква ли ќе биде неговата душа, без храната, без влагата, без Бога; душата наша ќе постане скаменета земја. Благодатните потоци на Божјата енергија во нашето Сретение со Бога, нè облагородуваат за вечното постоење. Сретението за нас се остварува во духовен контекст. Сретението со Господа ние го остваруваме преку молитвата.
Сретението е светотаинско остварување на благодатта Божја, во иконата на Царството Божјо. Сè е создадено за да биде обожено во Црквата и преку Црквата. Остварено и обожено во Христа и преку Христа. Светите Божји дарови, Светињите се наменети за светите, поточно за сите тие кои живеат за Господ и Го чекаат само Господ.
За крај браќа и сестри, пак и пак, да се помолиме на Господ. Молитвата никогаш не смее да престане. Повторно сега и постојано повторувајќи, да Го славиме и да Го величаме.
Твојата милост Господи е бесконечна. Ти не престана да правиш сè, додека не нè вознесе и не нè принесе на небото, за да ни го подариш Твоето Царство. За овие големи добрини и бесконечни дарови, ние грешните Ти благодариме, Те воспеваме, Те благословуваме. Ти не ги награди Ангелите со ваква голема милост, туку нас паднатите луѓе во гревот, нè воздигна, нè освети, нè обожи, нè усоврши, за да нè направиш подостојни, и пославни од Ангелите. Нашата песна и молитва кон Тебе сигурно е не потполна, поради нашата несовршеност, поради нашиот земен живот, кој уште не ја искусил Твојата слава. Нашиот славопој е непотполн во непостоењето на совршени зборови за да го искажеме Твоето Величие. Та нема зборови на земјата кои можат достојно и совршено да Те благословат и возвеличаат. Нашето земно славословие, неможе да ја воспее Твојата совршеност. Ние земните од земјата, го имаме земниот опит. Но имаме надеж и радост во нашето исчекување, та се надеваме, веруваме дека ќе бидеш милостив кон нас и дека ќе благоизволиш да дојдеш, и да посакаш да нè сретнеш, та тогаш и да нè прегрнеш со Твојата бесконечна милост.
Амин.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/sretenie-na-gospod-isus-hristos/