Свештеник Јани Мулев

Водосвет се нарекува богослужбениот чин, составен од молитви, со кои се обраќаме кон Пресвета Богородица, барајќи од неа заштита и помош, извадоци од Апостолот и Евангелието, голема ектенија со посебни прозби за осветување на водата, и други молитви. Малиот водосвет е сличен на Богојавленскиот, кој се извршува само два пати во година. За да не бидат лишени верниците од овој голем и осветувачки благослов, во Црквата е воведен чин за мало осветување на водата. Во некои Цркви тоа се извршува во сите храмови во првиот ден од секој месец, при осветување на темели, објекти, домови, фабрики, автомобили, земјоделски посеви и насади, овоштарници, пчели, стока итн. Водосвет се извршува и во домовите на православните христијани, барем еднаш во годината. Во некои области свештениците осветуваат вода на празникот Богојавление, и со таа осветена вода поминуваат во сите домови, за да ги благословат, додека во други краишта, во текот на Велигденскиот пост свештениците одат во домовите на верниците и таму извршуваат водосвет.

За осветување на водата сведочат древните автори уште од првите векови на христијанството, како „Апостолските установи“, „Евхологион“ на свети Серапион Тмуитски, како и отците Теодорит, блажениот Јероним, Епифаниј и други. Сите говорат за осветување на водата, со повикување на Светиот Дух, и со потопување на крстот во водата и крстообразно благословување од страна на свештеникот – елементи кои се задржале до денес.

Водосвет во домот може да се направи било кога, но особено треба да повикаме свештеник кога имаме некакви проблеми во домот, неволји, немир, болести. Со осветената вода може да го попрскаме целиот наш дом, нашите ниви, полиња, плодоносни дрвја, стока (доколку чуваме) итн. На Кипар постои обичај, пред да се посее семето, земјоделците најпрво го носат во црква, за да биде осветено со света вода, и дури потоа го сеат во земја.

Кога ќе договориме да дојде свештеникот во нашиот дом, да бидеме подготвени претходно. На масата да има чист чаршав, длабока чинија со чиста вода, свеќник за свеќата, кадилниче со жар (обично во сите стари куќи домаќините имаат кадилници), и лист со имињата на живите, на домашните кои живеат во тој дом и имиња на оние кои се болни.

Во текот на Големата ектенија свештеникот се моли да дојде Светиот Дух и да ја освети водата, да ѝ даде сила за очистување, за лекување на душата и телото, за изгонување на секоја демонска сила, за да ѝ се даде благодат за избавување и благословување на водата од реката Јордан, за помош и заштита, за просветување со духовна светлина, за да станеме деца Божји со пиење и попрскување со светата вода итн.

По осветувањето, водата се собира во шише или некој друг чист сад, и се користи по потреба, а може и секојдневно да се пие по малку од неа, за да се искористи во текот на една година. Доколку остане водата непотрошена, а веќе пак доаѓа свештеник за да освети вода, старата вода да ја истуриме во бунар, или во река, или да ја истуриме во бавчата или кај цвеќињата. Никако да не се истура во канализација или на некое нечисто место.

Светата вода има голема сила, кога ја примаме со вера и доверба во Бог, но и со нашиот христијански живот. Маѓиско дејство во неа да не бараме. Осветувањето на водата треба да ни послужи и нам за осветување, за исцеление, за оздравување, но и за поправање на нашиот грешен живот. Ако пиеме света вода, а не се откажуваме од гревовите, тогаш и цело езеро со света вода да испиеме, никаква полза од неа нема да имаме. Еден современ светител, кој бил лекар-хирург, професор на медицина и епископ во Крим, имајќи искуство во телесната и во духовната медицина, ни препорачува: „Пијте почесто света вода. Таа е најефикасен лек. Не ви го велам ова само како свештеник, туку и како лекар. Од моето долгогодишно искуство во медицината“ (Свети Лука Кримски +1961 год.).

Светата вода се пие наутро, после нашите молитви. Најпрво парчето нафора (доколку имаме), па потоа пиеме по малку света вода. Да не го заборавиме и постот во среда и петок, како и четирите големи пости, кои служат за очистување на душата и телото, молитвите и читање на Светото Писмо секојдневно, како и исповедта, со која се ослободуваме од робувањето на ѓаволот. Практикувајќи го сето ова, потпомогнати од благодатта на светата вода, се подготвуваме за Причестување со Телото и Крвта Христови на празникот Воскресение Христово. Ете, затоа се врши водосвет во текот на постот.

Демонизираните луѓе не можат да ја поднесат светата вода, и затоа треба скришум да им се стави од светата вода во пијалокот или храната која ја конзумираат. Таков случај е опишан кај светиот Пајсиј Светогорец, кој на гости имал еден семејство со мало дете, кое било демонизирано. Бидејќи не сакало да пие осветена вода, светиот Пајсиј му дал поголема количина на слатки, и тоа набрзо ожеднело, па ја испило водата. И така се ослободило од тоа демонско влијание.

Често пати верниците се залажуваат по некакви „свети води“, бајачници, „баени води“, кои бајачите ги користат за манипулација и злоупотреба на наивните. Да се држиме подалеку од таквите води и да ја користиме богојавленската и осветената вода, која преку свештеникот се осветува.

Не смееме да ја сведеме православната вера само на осветување вода пред Велигден и кревање панагија за домашната слава. Тие две компоненти се дел од верата, и не треба да се отфрлаат, но не треба ниту сета вера да се сведе на само два обреда. Сите молитвословија во Црквата се добри и полезни за нас, особено кога нѐ водат кон Светата Причест. Ако сето ова го правиме, а не се причестуваме со претходна подготовка од пост, молитви и исповед – тогаш сме ја промашиле целта. Неделата и празниците се свети денови, во кои треба да отидеме на осветување – да бидеме во црква на Светата Литургија, а дури потоа да се одмориме од изминатиот труд и да собереме сила за новата седмица. Православната вера е многу повеќе од неколку ритуали кои ги знаеме, но ако не појдеме на Литургија, никогаш ништо нема да научиме, никогаш нема да пораснеме духовно. Без нашиот личен труд, без личните подвизи и борби, не можеме да добиеме никакво осветување, никаков благослов. Затоа, да не ги трошиме деновите од нашиот живот на безначајни работи.

Молитва при пиење на светата вода: Господи Исусе Христе Боже наш, Кој си еден со Твојот Отец и со Светиот Дух, Кој со Своето пречисто и свето крштение си ја осветил оваа вода, и сега освети нѐ нас, твоите недостојни слуги, кои Те повикуваат. Самиот Ти, Господи, направи и сега, оваа света вода, осветена со присуството и благодатта на Твојот Свет Дух, да биде во мене, Твојот слуга, кој од неа пие, за просветување на душата, за осветување на телото, за умртвување на страстите, за отфрлање на лукавите помисли, за отфрлање на секој сатански напад, за поправање на животот и утврдување во извршувањето на Твоите заповеди и за секоја спасителна полза. Па така, со благодатта од оваа света вода да бидам заштитен од секој сатански напад, и да останам неповреден, во слава на Твоето пресвето Име. По молитвите на света Богородица и на сите Твои светии. Амин!