ЖИТИЈА НА БОЖЈИ УГОДНИЦИ, КОИ ЗАСВЕТЛИЛЕ ВО ЗЕМЈАТА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФИНАН, ЕПИСКОПОТ НА ЛИНДИСФАРН, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 17 ФЕВРУАРИ
(?-661; Finan of Lindisfarne)
Свети Финан[1] бил Ирец, кој се замонашил во манастирот на Свети Колумба во Јона, а се прославил со својот живот и дисциплина. Кога се упокоил епископот Ајдан, тогаш монасите од Линдисфарн испратиле делегација во манастирот, за да биде избран негов заменик на епископската катедра. Изборот паднал на Финан, како на најдостоен наследник.
Десетте години поминати како епископ на Нортумбрија биле одбележани со мирен период на управување, зашто кралот Освиј го сфатил својот грев, кој го направил со убиството на Освин, кралот на Дејра. Освиј ги освоил териториите на Освин, а свети Финан го поттикнал да основа нови манастири и да изгради нови цркви, како знак на покајание. Најпознат од сите нив постанал манастирот во Стриншелч (Streanshalch), на гребенот, кој се издигал над градското пристаниште. Денес тој манастир е познат како Витби (Whitby), а во текот на времето станал голем и прочуен христијански центар.
Свети Финан ги покрстил кралевите на Саксонската хептархија: Зигберт (Sigbert), кралот на источните Саксонци, и Пенда (Penda), кралот на Мерсија, а потоа испратил и проповедници во нивните кралства, за да ја утврдат Христовата вера и во тие земји. Тој го ослободил свети Сед од неговите должности во Мидлендс и го ракоположил за епископ во Весекс. За епископ во Мерсија, пак, ракоположен бил ирскиот монах Диум.
За задоволување на духовните потреби на пространата Нортумбриска епархија, која се простирала дури до Јужна Шкотска, Финан ги интензивирал градежните работи во Линдисфарнскиот манастир. Тој изградил голема црква во келтски стил, во која преовладувала дрвената конструкција, а била покриена со груба морска трева (bent grass). Во таа црква тој го пренесол и телото на својот претходник, свети Ајдан. Кога свети Финан се упокоил во 661 година, неговото тело било положено во гроб, веднаш до гробот на свети Ајдан.
Споменот на свети Финан, Православната Црква го празнува на 17 февруари според Јулијанскиот календар.
[1] Финан = белокос.
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2017/06/09/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%84%d0%b8%d0%bd%d0%b0%d0%bd-%d0%b5%d0%bf%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%bb%d0%b8%d0%b