СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ
Поет меѓу епископите, подвижник со божествена убавина, човек, кој до богопознанието дошол преку љубовта и преку евангелскиот начин на живеење, а се издигнал на висината на духовното набљудување на несогледливите Божји тајни – ете така накусо би можела да се дефинира личноста на свети Григориј Богослов, епископот од градот Назианс, еден од тројцата првоерарси, кои Православната Црква со особено внимание ги почитува.
Елинската философија и книжевност не биле непознати за Григориј. Роден околу 328 година, во времето кога во атинската оаза на елинизмот, таа философија сè уште со љубов се негувала, младиот Григориј од малоазиската паланка Аријанз, син на епископот од Назијанз, студирал во Кесарија Кападокиска, Кесарија Палестинска, Александрија и, конечно, во Атина, каде што на студиите се запознал со свети Василиј Велики. Упатеноста во тајните на елинското философирање, му помогнала на Григориј да ја открие сета недоволност на античката мисла и сета ненадминливост на вистината за Богочовекот Христос. Како и Василиј, така и Григориј, тоа чувство го води во пустината, па заедно со него тој поминува неколку години во еден скромен манастир на брегот на малоазиската река Ирис, пребивајќи во постојана аскеза.
Сепак, потребата на Црквата го враќа Григориј назад во светот. Прво бил свештеник во родниот град Назијанз, а потоа бил ракоположен за епископ во Сасим. Како епископ, бил во постојана борба меѓу два света: меѓу светот на
осаменичкото богобарање и светот на црковната политика; распнат на крстот на љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Секое негово враќање во светот завршувало со повторно бегање од светот. Од манастирот на реката Ирис се вратил во Назијанз, и тука како свештеник му помагал на неговиот татко во епископските управни активности на епархијата, но кога свети Василиј го ракоположил за епископ Сасимски – тој побегнал во планините. Подоцна, неговото враќање во Назијанз пак не било крајно, зашто по смртта на татко му, а особено по смртта на неговата света мајка Нона, Григориј повторно не успеал да се спротивстави на новиот повик и чезнеење за осамеништво во Бога, па пак избегал во пустите исавриски планини.
Меѓутоа, смртта на свети Василиј ја нарушила утехата од ова бегство и веќе во 379 година Григориј, на повик на цариградските христијани, кои биле верни на Никејскиот символ на верата, го сретнуваме како пожртвувано беседи за Тајната на Божјото Слово. Овие беседи му носат слава како на „христијански Демостен“, дотолку повеќе што на неговата идеолошка победа над аријанците, ќе следува и политичката и државничка победа на православниот цар Теодосиј. Меѓутоа, ниту архиепископскиот чин на Цариградската катедра, која му ја доверил царот Теодосиј во грижата за православноста на византиската престолнина, за Григориј не можел да биде последен чин на неговата животна драма. На Вториот Цариградски вселенски собор во 381 година, иако веќе како сведок на убедливата победа на Православието, тој поднесол оставка. На овој акт се одлучил, зашто бил соочен со духовната беда на оние епископи, кои во своето неизмерно ситничарење, се осудиле да ја оспорат канонската оправданост на неговото поставување на катедрата на Цариградските првоерарси. И така, светителот, богословот, еден од ретките епископи, кој не бил алчен за епископскиот чин и неговите привилегии, повторно бил прогонет во самотија, и тоа од такви луѓе, на кои светите канони им се само оружје за несвета политика; од истите оние бедници, кои само дваесет години подоцна, ќе се осудат да измачуваат уште еден Христов епископ, светиот Јован Златоуст.
Оваа битка добро му дошла на Григориј за да стави крај на епизодите на неговата јавна црковна активност, која никогаш и не сакал да ја извршува. Од Цариград заминал во своето родно место, во Аријанз, па тука, во тишина и молитвени подвизи останал до крајот на својот живот во 390 година.
Главната животна мисла на вети Григориј била – обожувањето. Материјалната и, воопшто, создадената природа на човечкото битие него никогаш не го збунувала. Тој добро знаел дека божествената љубов, како суштина на Света Троица, бара потполно и целосно учество на создаденото човечко битие во вечното блаженство на несоздаденото и нетварно Божјо битие. Тоа учество на човекот во Божјиот живот, тоа соединување со Божеството, во кое човекот не престанува да биде човек, ниту Бог престанува да биде Бог, за Григориј ја формира смислата на човечкото постоење. Ова дотолку повеќе, според неговото православно мудрување, зашто на човекот му е заповедано да го достигне тоа единство со Бога, зашто му е наредено „да постане бог“, се разбира, бог по благодат, бог – доколку живее во Единиот Бог. Токму затоа, според свети Григориј, обожувањето не е само смислата на нашиот живот, туку и наша најголема обврска. А таа обврска нас нè упатува на подвиг. Преку подвижничко очистување на духот, низ катарза на нашето внатрешно битие, се постигнува искачување кон висините на богопознанието. А тука човекот веќе го „гледа“ Бога и во доживувањето на божествената убавина го открива вечното блаженство на апсолутното Битие. Затоа во своите дела тој нагласува дека духовната „пракса нè води кон созерцание“, кон набљудување, кон контемплација, која не е логично и човечко делување, туку состојба на исклучително и чувствително допирање на човечкото создадено битие и Божјото несоздадено Битие. Без ова нема вистинско богословие. Без подвижничко освојување на чистотата, без духовно „практикување“, нема и не може да има формулација на вистинското богословие.
Ете, во вакви вистини живеел свети Григориј Богослов. Тоа не е негова некаква религиско-философска теорија, туку тоа било самиот негов живот и сите негови активности, и сите негови мисли, дела и постапки. Во сите негови писма, во беседите, во песните кои неуморно ги пишувал, ја наоѓаме искрената исповед на неговото лично богопознавање и богосознание, а тоа значи преточување во дело на неговата света подвижничка пракса и искуство. Сите оние, кои одвоиле барем малку време да прочитаат по нешто од неговите скапоцени дела, кои се насладиле од неговото медоточно житие, кои го проучиле неговиот животен пат, пред себе ќе видат еден православен философ, кој постанал ученик на небесната едноставност; ќе видат еден епископ, кој никогаш не посакал да постане деспот; ќе здогледаат еден упорен бегалец од секаков светски метеж и од секое човечко недоразбирање.
Во времето на поборникот Григориј, писмата не биле само средство за лична коресподенција и службени односи, туку пред сè, тие биле модерна книжевна форма за општествена пропаганда, корист и просвета. Токму од таква природа се и писмата на свети Григориј – во нив преовладува општественото над личното. Низ вековите на патристичката историја, тие се ценети не само по своите идеолошки, историски, биографски и лични елементи, туку и од литературно гледиште. Нивната полемичка и просветна улога нникогаш не била оспорена. Воопшто, целото творештво на светителот било предмет на интересирање, разгледување и љубов од неговите современици, како и од поколенијата до наши дни. Григориј бил најсаканиот класичар, и за учените, и за неуките, во целиот христијански свет, а посебно во Византија.
По бреговите и широчините на океаните, морињата и големите реки, остроумните и човекољубиви луѓе, поставиле светилници и знаци, за да не заскитаат оние, кои пловат, за да не пропаднат низ подводните скали и во морските водортежи, како и за да бидат во безопасност човечките души и вредните предмети. А нашиот Семилостив Бог поставил патепоказатели и во животното разбранувано море, та секој еден од нас, кој го загубил компасот на времето и блудно плови во мракот на гревот, нека го земе свети Григориј Богослов за светилник. Тој ќе го упати татковски, светло и спасително кон пристаништето на покајанието, мирот и блаженството. Амин!
Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/02/07/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B3%D1%80%D0%B8%D0%B3%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%98-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B2-2/