Свети Тејло, епископот на Ландаф

Example User · 3 years ago

    1 minute, 48 seconds


tejloСПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ТЕЈЛО, ЕПИСКОПОТ НА ЛАНДАФ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 9 ФЕВРУАРИ

(?-580; велшки: Teilo)

Свети Тејло е роден во околината на Пенали кај Тенби (Penally by Tenby), во областа Пемброкшир.

Своето образование го стекнал под раководство на светите Дифриг и Павлин, преку кои се запознал со свети Давид. Неговите современици претпоставувале дека неговото име потекнува од некој антички збор, што означува „сонце“. И навистина, со својот живот тој се покажал како вистинско сонце за целиот Велс.

Откако го завршил своето образование, Тејло продолжил да го следи патот на неговите учители. Како центар на неговото мисионерство бил манастирот Ландејло Фавр (подоцна Ландаф), во областа Кармартеншир.

Заедно со светите Давид и Патерн, тој заминал за Ерусалим. Во времето на „жолтата чума“, (болест, која била наречена така, зашто своите жртви ги правела „жолти и бескрвни“), тој заминал за Бретанија, каде што се подвизувал со свети Самсон во Дол. Тука насадиле голем овоштарник со најразновидни дрва, кој бил долг околу три милји и се протегал од Дол до местото Ке, кое до денес го носи истото име. Откако поминал неколку години при свети Самсон, тој заминал кај бретонскиот водач Будик, кој бил женет со неговата сестра Аномеда. По седум години и седум месеци, тој се вратил во Ландаф, земајќи го со себе својот роднина Евдокиј, кој подоцна го зазел неговото место.

Не постојат пишани податоци за неговото епископствување во Ландаф. По смртта, најверојатно бил погребан во тамошната соборна црква. Неговиот гроб бил отворан во 1736 и 1850 година, а неговиот епископски жезал се чува до денес.

Постојат многу документирани и топонимски сведоштва за почитта кон свети Тејло во Јужен Велс и Бретанија. Постојат историски сведоштва дека тој го основал манастирот Familia Teilavi (Тејловото семејство).

Житијните податоци за свети Тејло биле составени во средновековието, под патронат на Ландафската епархија, која го прославува како нејзин втор епископ од основањето. Во 1130 година, свештеникот Галфрид од Ландаф, го препишал неговото житие во форма на проповед.

Свети Тејло денес е прославен како заштитник на Ландаф и Ландафската епархија, како и на Квимперската епархија во Бретанија. Особено е почитуван во Кардифската епархија во Велс, како и на островот Калдеј. Денешните англиканци го почитуваат и како покровител на Ландафската соборна црква, заедно со светите Петар, Дифриг и Евдокиј. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 9 февруари според Јулијанскиот календар.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2017/05/18/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%82%d0%b5%d1%98%d0%bb%d0%be-%d0%b5%d0%bf%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%bb%d0%b0%d0%b

Related Posts

Image Description
3 years ago

Троен празник

(Нова година – Обрезание – Свети Василиј Велики) Денес празнуваме троен празник, во кој си спомнуваме за два црковни празници, и еден секуларен. Најпрво би зборувал за Новата година, којашто по кој и да е календар, секако е секуларен празник, и уште свети Јован Златоу...

Image Description
3 years ago

Од православниот календар -Кој бил Светиот пророк Самуил

Светиот пророк Самуил Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот. Живееше илјада и сто години пред Христа. Роден е во племето Левиево, од родителите Елкан и Ана, во местото Рамат или Ариматеја, каде што подоцна се роди и благообразниот Јосиф. Бездетната Ана со солзи го измоли Самуил од Бога и што...

Image Description
3 years ago

Свети Гутлак од Кроуленд

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ГУТЛАК, ПОДВИЖНИКОТ ОД КРОУЛЕНД, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 11 АПРИЛ (673-714; Guthlac of Croyland) Преподобниот Гутлак[1] бил син на Мерсискиот кнез Пенвалд и неговата жена Тета, кои потекнувале од кралскиот дом на Иклинзите. Како мало дете се одликувал со...