Во јуни 2018 година во Грција се случи една сообраќајна несреќа и оваа вест го обиколи сиот свет, особено православните медиуми. Но, по што беше толку посебна оваа несреќа? Животот го изгуби Марија Хаџитанаси, 43-годишна мајка на 10 деца, од кои најголемото имаше 22 години, а најмалото само 2 месеци! Кога се рашири оваа вест, многумина останаа шокирани. Таа била воцрковена жена, и заедно со нејзиниот сопруг, со благослов од духовникот, решиле да имаат повеќе деца. Со секое раѓање добивале желба да имаат уште едно дете, и така бројката се искачи на дури десет деца.

Веста за нејзината смрт беше објавувана низ целиот свет, и се покренаа многу прашања: Каде е Бог? Зошто Бог дозволи да загине една верничка, мајка на 10 деца? Каков е тој суров Бог што дозволил такво нешто?…

Сите овие дилеми ги разјасни нејзиниот татко, кој по 40 денови од нејзината смрт излезе јавно во една телевизиска емисија, да зборува за неговата упокоена ќерка. Прво изненадување беше фактот, што таа била ќерка на свештеник – на отецот Христодулос Хаџитанасис. Свештеникот имаше сериозен и спокоен лик, зборуваше одмерено, разумно, без да покажува тага или очај. Самиот тој објасни дека духовно растел тој и неговото семејство во близина на сега веќе преподобниот Порфириј Капсокаливит, и уште на 14-годишна возраст Марија добила некаков тумор на лицето. Сите грчки лекари потврдиле дека се работи за тумор, па затоа со сета документација заминале во Америка на операција. Пред заминување старецот ги благословил и им кажал да не се грижат, затоа што ништо опасно нема да се случи. Кога стигнале во Америка, направиле нови испитувања, и таму, по молитвите на старецот Порфириј, се покажало дека нема никаков тумор. Живи и здрави се вратиле во Грција. Потоа Марија се вклучила во мисијата на Светата Црква како вероучителка, го запознала нејзиниот сопруг и решиле да имаат 5 деца. Со благослов на нивниот духовник ја оствариле оваа желба, па дошле дури до 10 деца, и секое новородено бебе самата Марија го пресоблекувала, без да бара помош од нејзините деца. Во едно интервју самата Марија вели дека Бог е најдобар татко и воспитувач, но и покрај тоа, првосоздадените луѓе решиле да не го слушаат и отпаднале од Него, така што, родителите се должни да се борат за себе, да се подвизуваат, а за своите деца само да се молат; ако сопругот и сопругата живеат во љубов, ништо друго нема да им биде потребно на децата.

На крајот од разговорот, нејзиниот татко кажа една убава мисла која ми се врежа во срцето: „Тагувам, жалам, но не очајувам“. Ете, тоа е верата на светителите и на оние кои имаат врска со нив. На погребот на Марија се собра многуброен народ од сите страни, нејзините најблиски облечени во бело, со спокој, наместо да бидат утешувани, тие ги тешеле блиските, поздравувајќи ги сите со зборовите „Христос воскресна!“ Нејзиното опело се претвори во мал Велигден. Чесна е пред Господа смртта на Неговите праведници.

Во 2019 година во Романија, враќајќи се од поклоничко патување, загина еден млад свештеник, татко на три дечиња, и тоа токму на неговиот 34 роденден. Веднаш штом била известена неговата попадија, таа, иако скршена од болка изјавила: Бог му го даде на мојот сопруг најдобриот подарок за роденден – Царството Небесно! Ниту оплакување, ниту кукање, ниту барање виновник, ниту „зошто мене“, ниту „каде е сега Господ?“ – ништо од сето ова, туку сталожена вера и доверба во Бог и Неговата спасителна промисла.

Слушнете уште едно живо сведоштво за една жена – херој, жена светителка Аргира. Родена е на Крит во 1920 година, и како млада девојка се заљубила во еден младич, со кого сакале да се венчаат, но тој морал да замине на фронт против Италијаните. Штом се вратил се борел против Германците, но бил заробен и осуден на стрелање. Пред да биде стрелан, заедно со уште десетмина, таа истрчала пред војниците и не давала да ги стрелаат. Командантот зачудено ја прашал што бара, а таа храбро му кажала дека сака да го ослободат нејзиниот свршеник. Успеала да го ослободи и него и сите војници. Се венчале, добиле дете, и веднаш по пораѓајот таа се заразила од ужасната болест лепра, за која, во тоа време сѐ уште немало лек. Со голема болка го напуштила бебето, го оставила сопругот, а таа отишла во изолација на островот Спиналонга, на кој живееле сите „проколнати“. По неколку месеци, од желба да го види бебето, со пливање, 7 деноноќија, гладна и жедна, со искривени раце, таа стигнала во куќата на сопругот, и кога го сретнала, го прашала каде е бебето. А тој ѝ одговорил дека штотуку го погребале, токму тогаш се враќале од погребот. А таа, со маченичка храброст, рекла „Слава на Бога! Бог даде, Бог зеде“, се прекрстила, се свртила назад, и пак по морето кон Спиналонга. Ни плачење, ни кукање! Ете какви се светителите на нашата Света Црква. Животот го завршила преподобно во Атика, во одделот за лепрозни, каде што заедно со уште неколку лепрозни монахињи (Константина и Филотеја) им помагале на другите стари болни, и заедно со светиот Никифор лепрозниот, со свети Евмениј Саридакис – лепрозниот, заедно стигнале на високо духовно ниво. Нејзините мошти, како и моштите на другите светители благоухаат. Ете го целото Свето Писмо собрано во неколку современи житија! 

Овие примери ги наведов за да сфатиме дека, ако сме верници, не значи дека ќе ги избегнеме несреќите и болестите во овој живот, туку во Црквата, ако водиме правилен духовен живот, имаме можност да ги преобразиме сите несреќи во радост и во богослужење. Без носење на крст нема ни воскресение.

Втората поента е за да сфатиме дека Православната вера не е за млаки и колебливи, не е за ситни души, не е за оние кои постојано негодуваат и се жалат дека им студи, или им е жешко во црква, или Литургијата долго трае, или свеќите им биле скапи (а цигарите евтини), туку таа создава јунаци, херои, вистински великани, кои со својата вера ги поместуваат планините на тагата и очајот, и како светители и маченици со радост го носат крстот, благодарејќи и славејќи Го Бога.

Бог да нѐ вразуми и да нѐ упати кон патот на спасението. Амин.

Свештеник Јани Мулев

Текстот е објавен во Православна светлина бр. 56