Воведение на Пресвета Богородица

Example User · 2 years ago

    4 minutes, 57 seconds


 Воведение на Пресвета Богородица    4 декември Лето Господово

Vovedenie.Presveta2.jpgКога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот. Св. Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и Нејзе потоа Ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

 

Глас четврти:

Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите Го предвестува. Нејзе и ние велехласно и извикуваме: Радувај се исполнување на пронислата на Создателот!

Евангелие и поука за 04/12/2021

Евангелие и поука за 04/12/2021
 

Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Лука 10:38-42;11:27-28

38.     И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39.     А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40.     Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ? да ми помогне!”
41.     А Исус ? одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42.     Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ? се одземе.”
27.     А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!”
28.     А Он рече: „Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.”

Апостол на празник: Послание на светиот апостол Павле до Евреите 9:1-7

1.     Така и во првиот Завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште;
2.     оти скинијата беше направена вака: во првиот дел светилникот, трпезата и лебовото предложение; тој дел наречен „Свјатаја”
3.     А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Свјатаја Свјатих”;
4.     во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато Ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезал на Арона, како и плочите на заветот,
5.     а над него – херувими на славата што го осенуваа очистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно.
6.     При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја;
7.     а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себеси за гревовите на народот, направени поради незнаење.

Поука на денот: Свети Василиј Велики
Умот којшто преку сетилата не се расејува по светот, успева да се врати кон самиот себеси. Умот кој не се расејува кон надвор се враќа кон самиот себеси, и преку себеси се искачува кон Бог, како по пат на којшто не постои опасност од прелест.

Свети Григориј Палама

Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бога, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување - ‘безмолвие на умот', оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон Божествените откровенија, избор на ‘подобриот дел'. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку коешто би можел да се соедини со Бога. …Пресветата Дева престојувајќи во храмот се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите врски, истовремено воздигнувајќи се над сожалувањето кон сопственото тело и собирајќи го умот во сосредоточеност кон него самиот, со внимание и во непрестајна молитва. И преку неа (молитвата), Таа целата Своја стана и се воздигна над разнородното мноштво помисли, воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам ‘молчание на умот'. И предавајќи го Својот ум на ова молчание ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја и беше посветена во Божествената благодат, којашто никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание, својствено за непорочните души и умови. Бидејќи причесна на ова созерцание, Пречистата, како што пеат црковните химни, стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот. ...Оние кои така чинат, кои со свештено тихување ги очистиле срцата и на неискажлив начин Му се приближиле на Оној Којшто Е над секое чувство и мисла, во себе како во огледало Го гледаат Бога. Тихувањето е значи брз и директен патеводител, успешен и соединувачки со Бога, особено за оние коишто во сè и потполно го практикуваат. А што да кажеме за Богородица, Која од детството престојуваше во исихија? Молитвено тихувајќи натприродно, од најраните години, Таа токму затоа - не знаејќи за маж - и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос.

Друго:

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost-2/zhitija/5391-vovedenie-na-presveta-bogorodica

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Во спомен на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец

Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец Oвoј свeт чoвeк e нарeчeн Бoгoнoсeц затoа штo пoстoјанo вo свoeтo срцe и на јазикoт гo нoсeл имeтo на живиoт Бoг. А уштe, спoрeд прeданиeтo, тoј e нарeчeн Бoгoнoсeц и затoа штo бил зeмeн вo рацeтe oд Бoга oвoплoтeниoт Исус Христoс. Вo oниe дeнoви кoга Гoспoд...

Image Description
3 years ago

ПРЕПОДОБНА МАЈКА ПАРАСКЕВА СВЕТА ПЕТКА, МОЛИ СЕ ЗА НАС!

ПРЕПОДОБНА МАЈКА ПАРАСКЕВА СВЕТА ПЕТКА УТРЕНА Тропар, глас 4. Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост, молитви и капки од с...

Image Description
3 years ago

35 –та недела по Педесетница (Прогледај!)

35 –та недела по Педесетница Апостол од Послание до 1 Тимотеј (1, 15-17) 15 Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас. 16 Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, как...