ЗА ЉУБОВТА – Св. Максим Исповедник

Example Admin User · 2 years ago

    10 minutes, 22 seconds


Св. Максим Исповедник – ЗА ЉУБОВТА
СТОТИЦА ПРВА

1. Љубовта е благо расположение на душата, во кое таа ништо од постоечкото не му го претпоставува на познанието на Бога. Но, оној кој е пристрасен кон нешто земно, не е возможно да се здобие со таква љубов.

2. Љубовта се раѓа од бестрастието, бестрастието од надежта во Бога, надежта од трпението и великодушноста, тие се раѓаат од сеопфатното воздржание, воздржанието се раѓа од стравот Божји, а тој страв од верата во Господа.

3. Оној што верува во Господа стравува од вечната казна, а кој стравува од казна се воздржува од страсти. Кој се воздржува од страстите трпеливо ги поднесува неволјите, кој трпеливо ги поднесува неволјите придобива недеж во Бога, надежта во Бога го ослободува умот од секоја земна пристрасност, а умот ослободен од тоа, придобива љубов кон Бога

.4. Оној што Го љуби Бога го претпоставува познанието на Бога пред сешто е создадено од Него, и непрестано низ љубовен копнеж, се стреми кон тоа познание.

5. Ако сите нешта кои постојат се про-излезени преку Бога и заради Бога, и ако Бог е подобар од се што е створено од Него, то-гаш оној, кој Го остава неизмерно подобриот Бог и се свртува кон полоши нешта, покажува дека на Бога Му го претпоставува створеното од Него.

6. Оној на кого умот му е прикован со љубов кон Бога, тој ги презира видливите твари и самото тело, како нешто туѓо.

7. Доколку душата е подобра од телото и доколку Бог е неизмерно подобар од светот што го создал, тогаш оној кој го предпочита телото пред душата и создадениот од Бога свет пред Него Самиот по ништо не се разли-кува од идолослужителите.

8. Оној што го одделил умот од љубовта кон Бога и од усрдното обитување во молитва и се приврзал со умот кон нешто сетилно, таквиот човек го претпочита телото пред душата и созданијата на Творецот пред Него Самиот

.9. Доколку животот на умот е просветленоста од познанието, а таа просветленост се раѓа од љубовта кон Бога, тогаш правилно се вели, дека нема ништо поголемо од љубовта кон Бога.

10. Кога по љубовен поттик умот се вознесува кон Бога, тогаш тој никако не се чувствува ни самиот себе, ниту, пак, нешто од постоечкото.

Озаруван од божествената нетварна Светлост, тој престанува да чувствува се што е создадено, како што и сетилното око престанува да ги гледа ѕвездите, штом изгрее сонцето.

11. Сите добродетели му содејствуваат на умот во љубовта кон Бога, но повеќе од сите помага чистата молитва. Зашто благодарение на неа тој се вознесува кон Бога, бивајќи настрана од се створено.

12. Кога преку љубовта умот е грабнат од божественото познание и кога наоѓајќи се вон тварните нешта, ја чувствува Божествената бескрајност, тогаш, слично на божествениот Исаија, кој од восхит ја почувствувал сопствената ништожност, со сета душа ги повторува зборовите на пророкот:

Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, а очите мои го видоа Царот, Господа Саваот (Ис. 6, 5).

13. Кој го љуби Бога не може да не го сака секој човек како самиот себеси, па макар и страстите на ближниот, кои уште не се очистиле, да предизвикуваат одбивност кон него.

Ете зошто гледајќи го нивното обраќање и поправање, тој се радува со безмерна и неискажлива радост.

14. Страсната душа е нечиста и е исполнета со похотливи помисли и омраза.

15. Кој гледа во срцето свое траги од омраза кон било кој човек за било каков негов пад, потполно е туѓ за љубовта кон Бога. Зашто, љубовта кон Бога е наполно неспоива со омразата кон човекот.

16. Господ вели: ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди (Јн. 14, 15). Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг (Јн. 15, 12). Оној што не го љуби ближниот, не ја за-пазува заповедта. А кој не ја запазува заповедта не може да Го љуби Господа.

17. Блажен е оној човек, што може подеднакво да го љуби секој човек.

18. Блажен е оној човек што не е приврзан за никаква тлена или минлива творба.

19. Блажен е оној ум што ги одминал сите тварни нешта и непрестано се насладува со Божествената красота.

20. Оној кој грижата за телото ја претвора во похота (Рим. 13, 14) и има зло-памтење кон ближниот заради некакви време-ни блага, тој повеќе ислужи на тварта, отколку на Творецот.

21. Оној кој телото свое го чува од наслади и од болести стекнува сотрудник во служењето на подоброто.

22. Оној што бега од сите светски похоти се поставува себеси повисоко од секоја светска жал.

23. Оној кој Го љуби Бога неизоставно го љуби и ближниот, а таков човек не може алчно да го чува својот имот, туку со него богодолично располага, давајќи му на секого она што му треба.

24. Оној што, подражавајќи Го Бога, прави милостиња, не прави разлика меѓу добриот и лошиот човек, меѓу праведниот и неправедниот, по однос на нивните човечки потреби, туку на сите им разделува по исто, сообразно со потребите, макар да го претпочита добродетелниот пред порочниот.

25. Бидејќи по природа е благ и бестрасен, Бог ги љуби сите подеднакво како свои созданија, но го прославува добродетелниот, како некој што Му е близок по дух, а пороч-ниот го милува поради Својата благост, и казнувајќи го во овој свет, го поправа.

Така и благиот и бестрасен човек ги сака подеднакво сите луѓе: добродетелниот – по природа и по-ради добрата настроеност на волјата, а порочниот – како по природа, така и по сострадание, проштевајќи му како на неразумен што се движи во темнина.

26. Љубовта се покажува не само со раздавање на имотот, туку уште повеќе преку поучувањето со Божјите слова и со телесното служење.

27. Оној што искрено се одрекол од светските нешта и што нелицемерно и со љубов му служи на ближниот, побрзо се ослободува од секоја страст и станува причесник во Божествената љубов и познание.

28. Оној што ја придобил во себе Божествената љубов, подобно на Јеремија, не се изморува оној што оди по својот Господар (Јерем. 17, 16), храбро го поднесува секој труд, жалост и навреда, без да мисли зло за никого.

29. Кога си натажен од некого или понижен од нешто, чувај се од гневни помисли, за поради тоа оскрбување, да не те преселат во царството на омразата, откако ќе те одделат од љубовта.

30. Кога ти е тешко од укори и понижувања, знај дека си добил голема полза од тоа, затоа што со промисла, преку понижувањето од тебе е изгонета суетата.

31. Како што споменот на огнот не може да го стопли телото, така и верата без љубов не може да создаде во душата светлина на познанието.

32. Како што светлината на сонцето го привлекува кон себе здравото око, така и познанието на Бога природно го привлекува кон Себе, чистиот ум преку љубовта.

33. Чист е оној ум којшто излегол од незнаењето и којшто се просветува од Божествената светлина

34. Чистата душа што се ослободила од страстите, непрестано се весели од Божествената љубов.

35. Страста е достојна за осуда, бидејќи преставува противприродно движење на душата.

36. Бестрастието е мирна состојба на душата, која кога пребива во него, станува тешко придвижлива кон злото.

37. Оној кој преку труд ги придобил плодовите на љубовта, нема да се откаже од неа дури и кога би претрпел илјадници зла. Во тоа нека те убеди и Христовиот ученик Стефан и подобните на него, а и Самиот Спасител, Кој се Му молел на Отецот за Своите убијци, и просел од Него прошка за нив бидејќи не знаеле што прават (Лк. 23, 34).

38. Ако долготрпението и добрината се јавуваат како својства на љубовта (1 Кор. 13,4), тогаш оној што се раздразнува и кој прави зло, очигледно, и станува туѓ на љубовта.

А туѓиот на љубовта, Му станува туѓ и на Бога, бидејќи Бог е љубов (I Јн. 4, 8).

39. Не зборувајте – вели божествениот Јеремија – дека сте храм Господен (Јерем. 7, 4). Не кажувај ни ти дека само верата во нашиот Господ Исус Христос може да те спаси. Тоа е невозможно, ако не придобиеш преку дела љубов кон Него.

А што се однесува до верата, нели / бесовите веруваат, а треперат (Јак. 2, 19).

40. Делото на љубовта се состои во правење од срце добро на ближниот, великодушност, трпение и благоразумно ползување со вештествените нешта.

41. Оној што го љуби Бога никого не огорчува и од никого не се огорчува заради минливи нешта. Тој се ожалостува и ги ожалостува другите само со спасоносна жалост, со каква и самиот апостол Павле ги огорчувал и ожалостувал Коринтјаните (II Кор. 7, 8-11; II Кор. 2, 4).

42. Оној што Го љуби Бога, живее ангелски живот на земјата: пости, бдее, пее псалми, се моли и секогаш мисли добро за секој човек.

43. Ако некој сака нешто, тој засилено се труди тоа да го добие. А Божественото е неизмерно подобро и подостојно за желба од сите предмети и добра кои можe да се посакуваат.

Тогаш, колку усрдност треба да покажеме, за да го здобиеме Оној, Кој е благ и пожелен по природа.

44. Не го осквернувај телото свое со срамни дела и не ја валкај душата своја со лукави помисли – па Божјиот мир ќе слезе врз тебе и ќе ти донесе љубов.

45. Истоштувај го телото свое со пост и бдение, неуморно посветувај го целото време на молитва и псалмопеење – и осветувањето на целомудрието ќе слезе врз тебе и ќе ти донесе љубов.

46. Оној кој се удостоил со Божествено познание и преку љубовта примил просвету-вање никогаш не се превознесува преку духот на суетата. Оној, пак, кој не се удостоил со такво познание многу лесно е заробен од тој дух.

Впрочем, ако подобен човек при сите дела го насочува погледот кон Бога, правејќи се заради Него, тој со Божја помош, без труд ќе ја избегне таа суета.

47. Оној што не го достигнал Божестве-ното познание, кое делува преку љубовта, му придава големо значење на тоа што го извршува по Бога.

Но откако ќе се стекне со тоа познание, тој целосно убеден ги повторува зборовите на патријархот Авраам, кој се удостоил да го види Божественото јавување: Јас сум прав и пепел (Бит. 18, 27).

48. Оној што се бои од Господа секогаш за свој собеседник го има смиреномудрието и поучувајќи се од него стигнува до Божестве-ната љубов и благодарност. Бидејќи, тој собе-седник го потсетува оној кој се бои од Господа на претходниот негов световен живот, на разните грешки и искушенија кои му се случувале како помлад; напомнувајќи му како Господ го избавил од сите нив и дека од страсниот живот го привел кон живот по Бога.

Тогаш, заедно со стравот Божји тој човек се здобива уште и со љубов и во полнотата на смиреномудрието Му вознесува благодарност на Благодетелот и Управителот на нашиот живот.

49. Не осквернувај си го умот свој, задржувајќи ги во себе помислите на похота и гнев, та отпаѓајќи од чистата молитва да не паднеш во духот на унинието.

50. Умот се лишува од смелото општење со Бога, тогаш коа ќе стане собеседник на лукавите и скверни помисли.

51. Неразумниот човек воден од страстите се смутува гневејќи се и без да расудува брза да избега од браќата, а кога, ќе се распали со похота, жали за тоа и веднаш се враќа.

А благоразумниот човек и во двата случаи го прави обратното: за време на гнев тој ја отсекува од себе причината за смутот и го отсекува од себеси чувството на огорченост од браќата, а кога се распалува со похота, се воздржува од неразумен порив и средби со нив.

52. За време на искушение не го напуштај манастирот, туку храбро поднесувај ги брановите на помисли, особено помислите на тага и униние.

Бидејќи по промисла искушуван низ жалости, ти ќе добиеш силна надеж во Бога. А ако ја напуштиш.обителта, ќе се покажеш неопитен, малодушен и непостојан.

53. Ако не сакаш да отпаднеш од љубовта по Бога, не дозволувај братот твој да отиде да спие, огорчен од тебе, а и ти самиот не заспивај огорчен на него, туку најнапред оди и помири се со брата си (Мат. 5, 24) и со чиста совест принеси Му дар на Христа во усрдна молитва.

54. Ако оној кој ги има сите дарови на Духот нема љубов, тоа за него, согласно со зборовите на божественот апостол, нема никаква полза (I Кор. 13, 1-3) Според тоа колку само напор треба да вложиме, за да ја придобиеме!

55. Ако љубовта не му прави зло на ближниот (Рим. 13, 10), па согласно тоа, оној кој му завидува на братот, се огорчува заради неговиот напредок, со зли насмевки го валка неговиот углед или по некоја зла навика потајно работи против него, нема ли да се отуѓи себеси од љубовта предавајќи се на вечна осуда?

56. Љубовта е исполнување на законот (Рим. 13, 10), тогаш нема ли да се јави престапник, достоен за вечна осуда, оној што има злопамтење кон братот, кој му прави замки, кој го проколнува и кој се радува на неговиот пад?

57. Оној што го напаѓа братот свој или го суди, тој го напаѓа законот и го суди законот (Јак. 4, 11), а законот, пак, Христов е љубов (Јован 13, 34), тогаш нема ли клеветникот да отпадне од љубовта Христова и не станува ли тој виновник за сопствената вечна осуда?

58. Не го предавај слухот свој на јазикот на клеветникот и не си го предавај јазикот, на слухот на злоречивиот, говорејќи или слушајќи со задоволство клевети за ближниот, за да не отпаднеш од Божествената љубов и да не се покажеш туѓ на вечниот живот.

59. Не ги слушај хулите за твојот Отец и не го поттикнувај оној што Го срамоти, за да не се прогневи Господ и да ти ја истреби ду-шата од земјата на живите.

60. Затвори му ја устата на оној што клевети во ушите твои, за да не согрешиш со него грешејќи двојно, приучувајќи се и себеси на таа погубна страст и не спречувајќи го да злослови против ближниот.

61. Господ не поучува: Јас, пак, ви велам:

љубете ги непријателите свои,

благословувајте ги оние коишто ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат (Мат. 5, 44).

Зошто Тој ни го заповедал тоа? За да не ослободи од омразата, жалоста, гневот и злопамтивоста и да не удостои со најголемото богатство – совршената љубов, која не може да ја има оној, кој не ги сака сите луѓе еднакво, огледајќи се на Бога, Кој ги сака сите еднакво и сака сите луѓе да се спасат и даја познаат вистината (I Тим. 2, 4).

62. Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото.

Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две (Мат. 5, 39-41).

Зошто се тие заповеди? За тоа, за да те сочува безгневен, несмутен, неразжалостен, а непријатниот да го воспита преку твоето долготрпение, та бидејќи е благ, и двајцата да ве поведе по патот на љубовта.

63. Кон оние нешта за кои некогаш сме биле пристрасни, ги запазуваме страсните мечтаења. И затоа оној што ги победува страсните мечтаења, несомнено ги презира и предметите, кои се предзнаци на мечтите кои се јавуваат.

Затоа што борбата со спомените е многу потешка од борбата со предметите, исто колку што е полесно да се греши со мисла отколку со дело.

Source: https://pokajanie.mk/2021/08/24/32576/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Патот кон среќата

Фотиј Кондоглу Човекот во сѐ е ненаситен. Сака да ужива во сѐ, без да може да постигне сѐ. И поради тоа се мачи. Но, оној кој ќе стигне до една состојба, кога ќе се задоволува со малку, и да не сака многу, дури и ако може сето тоа да го стекне, ете тој е среќен. Луѓето...

Image Description
2 years ago

Оној што се труди да се угледа на Бога – Преподобен Нил Синајски

72. Нема никаква полза за оние што се откажуваат од светот, ако не останат при својата одлука, туку одново отстапуваат пред помислите и често мисловно се враќаат кон она што го напуштиле, покажувајќи co тоа приврзаност кон она, од што се откажале, слично на Лотовата жена, која, обѕрнувајќи се назад,...

Image Description
2 years ago

УТЕХА ДУХОВНА – УЧЕНОСТ СВЕТСКА (Св. Игнатиј Брјанчанинов)

УТЕХА ДУХОВНА • Трпезата на духовна утеха е како храна и воедно како отров! Кој ќе ја вкуси неа, го губи живото чувство за сѐ она за што копнее светот. Сето она што светот го цени, нему почнува да му дејствува како пуст и грозен прав, како смрдлива мрша. • Кога човекот ќе се удостои да почувствува б...