Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Пресветата Богородица Марија е потомок на царот Давид, чедо на Јоаким и Ана, со молитви измолено чедо од Бог и добиено во нивната телесна старост. Марија е благословена жена, подготвувана за великата тајна над сите тајни. Марија беше пример за послушност и смирение. Нејзиното смирение било за одушевување на сите кои ја познавале. Од рана детска возраст, таа разговарала со ангелите Божји во храмовиот олтар, во кој што не смеел ниту првосвештеникот да влегува повеќе од еднашка во годината. Но таа, младата Марија, иако жена, на необјаснет начин беше воведена од првосвештеникот Захариј во олтарот Божји кога имаше само три години.
Пророкот и првосвештеник Захариј во необјаснета обземеност од Божијот Дух, ја воведе во скинијата, во олтарот каде што не смееше жена никако да влезе. Таа влегуваше во земната скинија, во олтарот Божји, во светињата на светињите, но таа ја претставуваше живата скинија Божја. Таа постана вистинска, духовно-телесна скинија. Марија е несогорливата капина која ја виде Мојсеј, капината на гората Синај која гореше од нетварниот оган, но не согореваше.
Марија како смртен создаден човек, во себе ќе го смести моќниот Господ Кој е безгранично силен. Ангелите треперат од Божјата сила, моќ и слава. Целата земја се тресе од Неговата бескрајна моќ. Марија смирено го сместува во себе безграничниот и нестворениот Бог, Оганот преку кого постанал светот. Тој бесконечно моќен Оган ќе биде сместен во утробата на малото и кревко создание, во утробата на несовршениот човек, во утробата на младата Марија, та тој Оган нема да ѝ наштети на Марија.
Додека Марија се учеше од Законот Божји, читајќи ги старозаветните пророци, често богосозерцувајќи, таа молејќи се постојано на Господа, го очекуваше и самата денот кога ќе дојде ветениот Спасител. Таа се чудеше која ли ќе биде жената која ќе го роди. И еден ден, во едно такво богосозерцување, се појави ангелот Божји, Архангел Гаврил, ја поздрави по прв пат со нов поздрав:
„Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ (Лука 1, 28). Таа се уплаши од овие зборови и се зачуди каков ли е овој поздрав. Но, Ангелот ѝ рече да не се плаши, затоа што нашла благодат во Бога, обавестувајќи ја за Божјата Волја дека таа ќе Го роди Спасителот. Слушајќи ги тие зборови, Марија беше обземена од неизмерното изненадување. Но после тоа што ѝ кажа ангелот дека таа ќе Го роди Спасителот, таа во своето смирение вели: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои!” (Лука 1, 38).
Денеска се исполнува Божјото ветување кое им го даде Бог на нашите прародители Адам и Ева. Господ се прославува Себеси преку исполнувањето на Своето ветување. Овој ден е наречен Благ ден, затоа што се објавува благата вест. Се објавува благодатта, се објавува блажината и благоста Божја. Целиот човечки род е во чудо, затоа што Господ не нè остави и не нè заборави. Денеска се објавува спасението. Денеска се објавува почетокот на остварувањето на спасителниот домострој на Божјото спасение. Ева погреши и го натера својот сопатник Адам на грев, поради тоа целиот човечки род беше истеран од рајот и беше проколнат дека нема да види повторно рај, додека не дојде спасението. Ева постана грешен субјект.
Марија е благодатниот пример, таа е Евината замена. Таа, жената, е главната карика на спасението. Жената некогаш погреши, а сега жена постанува света и пренепорочна и го спасува светот. Таа е олтарот Божји. Таа Го сместува Несместивиот Бог во себе. Тој, бесконечниот, несместивиот, неограничениот, несоздадениот, вечниот, совршениот, се унижува и се сместува во Марија, како во скинија, во олтар Божји. Та нејзиниот плод, нејзиното семе го спасува светот. Таа смирена жена, го прифати бескомпромисно и безусловно Божијот план на спасението. Таа свесно со својата човечка волја слободно прифаќа и учествува во спасението. Марија се заветувала на безмажност, на монаштво, потполно Му да служи на Бог во својот живот, единствено во заедницата со Творецот.
Таа го праша ангелот како ќе се случи тоа зачнување, кога таа не знае за маж. Но ангелот ѝ одговори дека Светиот Дух ќе ја осени, па и роденото од Неа ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Плодот се зачнува во нејзината утроба, но без машкиот принцип.
Кога би се зачнал плодот од два човечка принципа: машко и женско, тогаш плодот е единствено потполн човек со нова подарена личност од Бога. Значи таквата личност е потполно човек, создаден од Бога како нова неповторена и некопирана личност. Додека пак, Марија, таа како човечки субјект, како единствено женски принцип, бива осенета од Светиот Дух, Кој го остварува тоа оплодување, како велико несфатливо чудо за човекот. Преку Светиот Дух се вселува во Марија Синот Божји, Предвечниот Бог, Логосот Божји, се вселува Личноста Божја на Второто Лице од Светата Троица. Та затоа зачнатото во утробата на Марија е свето и Божествено. Зачнатиот плод е потполн совршен човек, и Бог со својата Божја личност. Плодот Мариин е Богочовек. Човек и Бог со Божја Личност. Потполн човек и потполн Бог.
Телото Исусово е дел од телото на Марија. Марија постанува Мајка на Богочовекот Исус Христос и таа постанува Богородица. Славната девица Марија, ја прославуваме како секогаш Дева Марија, трипати Девица, а со тоа истакнувајќи ја Божјата семоќ за остварувањето на чудата. Девица Марија пред зачнувањето, зачнува и останува Девица и после раѓањето и понатаму е Девица. Ова чудо е невидено и несфатливо, чудо на чудата.
Овој ден е чудесен ден поради многуте несфатливи нешта. Денеска е благовестувањето Божјо за нашето спасение, кога вчудоневидено го гледаме чудото во недоумица, како е тоа возможно жена да зачне без маж, а сепак е девица и после зачнувањето исто останува девица. Но, за Господа сè е возможно. Божјата семоќ ги извршува чудата. Сето ова што Бог го прави за Своите созданија, не го прави поради некаков интерес, или поради некаква потреба. Сето ова го прави само поради Неговата бесконечна љубов со која ја возљубил целата Негова творба, која ја создал единствено само поради совршената љубов.
Марија е Црквата Божја, Таа е Престолот Божји на кој седи Синот Божји. Таа блеска со Божјата слава. Таа е украсена и преукрасена во Божјата слава. Таа ја има Божјата моќ, како Мајка Божја. Таа, жената, е најголемиот човечки претставник во вечноста, во наднебесниот жртвеник. Таа е човечкото спасение и прославата на целокупната создадена творба. Таа е Мајка Божја која е овенчана со славата Божја. Таа е нашата духовна мајка. Таа е нашата молитвеница. Таа е нашата заштитница. Таа е милоста Божја. Таа е нашиот бедем.
Пресвета Богородице спаси нè.
За многу години празникот.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/blagoveshtenie-na-presvetata-bogorodica/