Лука 12, 16-21

Светите преведувачи, закрилници на овој наш храм, светите солунски браќа Кирил и Методиј, просветлени од благодатта Божја, премудро ги преведувале црковните книги, и при тоа, именката Бог ја ставиле во основата на два збора. Првиот случај е со именката богат, богатство, за да знаеме дека богат е оној кој го има Бога во себе, кој се богати во Бога. Богатството не е ниту услов ниту пречка за влез во Царството небесно. Оној кој е богат, не значи дека е и нечесен. Од житијата на светителите дознаваме за луѓе кои биле богати, и кои со своето богатство Му послужиле на Бога, па денес Светата Црква ги слави како светители, затоа што Бог ги прославува оние кои го прославуваат. Од друга, страна, пак, не значи дека ако некој е сиромав, и со самото тоа е и добар човек. Често пати гледаме и сосема спротивни случаи. Свети Григориј Палама вели, човек/народ кој боледува од алчност и сладострастие, неизбежно ќе заврши во сиромаштија. Значи, не е сиромаштијата причина на овие страсти, туку таа се раѓа од нив. Свети Јован Златоуст вели, „богатите да им помагаат на сиромашните, а сиромашните да се молат усрдно за богатите кои им помагаат“. Ете еден баланс, кој ќе го одржува светот во нормална состојба.

Втор термин кој го содржи поимот „Бог“, е убог, богаљ, што значи инвалид, парализиран човек. Го нарекуваме убог за да можеме во него да го видиме Бог, и да му послужиме, да му помогнеме во маката, да му посветиме време, молитви, разговор, да му дадеме мала утеха, секој според можностите.

На крајот од оваа парабола, се спомнува за крајот на животот на алчниот човек, а ова се однесува на сите нас. Во првите 3 векови од христијанството, додека тоа беше илегална вера, христијаните живееја со поинаква свест, имаа реално чувство дека смртта ги демне во секој миг, дека неделната Причест можеби им е последна, нешто што и денес се случува кај христијаните во Египет, Сирија, каде што во овие неколку години имавме убиства на христијани, и тоа во црква, на Литургија, на веронаука. Во Македонија, за разлика од другите православни земји, Црквата немаше такви репресии и измачувања, како што имаа, на пример, во Русија и Романија. Затоа, пак, денес голем дел од народот нема вера, или има само некоја површна религиозност, најчесто искривена и нездрава. Новите околности на живеење, поради смртната закана од новата болест, која покосува секојдневно многу човечки животи, треба да ги сфатиме како крст кој ни е даден од Бога за наше добро, за наше спасение. Сега ни е дадена прилика да си ја испитаме верата, дали веруваме во вечен живот, или сѐ што досега сме правеле, било за да го поткупиме Бог да ни дава здравје, пари, среќа овде на земјава. Многумина се спремни и да постат, и да се молат, и во црква редовно да доаѓаат само за да го поткупат Бог, за да живеат до крај убав и комотен живот. Сметаат дека, ако се верници, тогаш Бог ќе биде над нив како стаклено ѕвоно, кое ќе ги штити од сите болести и страдања, па дури и од смртта. Но, Самиот Христос Господ на Крст пострада, ја пролеа Својата Крв, и токму на тој Крст ја основа Светата Црква. Црквата по природа е маченичка. Денешната смртоносна закана, која нѐ демне сите нас, треба да ја сфатиме сериозно, и овој пост да го искористиме за духовна полза. Постот да ни биде патување кон Витлеем, патување за да Го сретнеме Бог, да го допреме и да се соединиме со Него. Во овој пост да се исповедаме, и со благослов од духовникот да се причестуваме почесто и поискрено. Кој да знае дали оваа Литургија ќе биде последна за некој од нас? Кој знае дали ќе бидеме живи и здрави до следната Литургија? Некои од нас ќе заминат кај Господ во овој период. Но, да не се плашиме толку од болеста и смртта, туку повеќе да се плашиме од своите гревови, со какво лице ќе застанеме пред Господ, каков одговор ќе дадеме пред Него на Неговиот суд?

Што и да се случи, да живееме со вера дека не е само овој живот, дека и после него нѐ очекува вечен живот, за оние кои уште овде се труделе да бидат со Христос. Нашите молитви не смеат да бидат насочени кон себе, кон нашите материјални потреби, туку кон барање на Господ. Светиот Јован Крстител, алудирајќи на Христос вели, се приближи до вас Царството Божјо, а Христос ни вели, Царството небесно е во вас. Кој го има Христос во себе, тој го има и рајот во срцето. Затоа е и таа секојдневна Исусова молитва, која сме повикани секојдневно да ја кажуваме, со која го бараме само Господ, бараме да нѐ помилува, а останатото што ни треба Го знае Самиот Тој. Во текот на целиот пост да го бараме Господ, да се подготвуваме за средба со Него, и дај Боже на Божик да го почувствуваме Неговото живо присуство во нашите срца. Амин.

Свештеник Јани Мулев