Недела 17. по Педесетница

Example Super-Admin User · 3 months ago

    10 minutes, 0 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Во денешното Свето Евангелие, на Светата Литургија, слушнавме како Господ Исус Христос го воскреснува синот на една вдовица. Таа била тажна како вдовица, но уште потажно за неа, таа е сега неутешна мајка, која го погребува својот син единец. Навистина ова е тешка мака. Тешка трагедија за мајката, која си го погеребува својот син единец. Навистина ова се потресни трагедии во животот. Навистина ова е голема тага.

Господ човекољубецот, многумилостивиот, кога ја здогледал се сожалил на неа велејќи ѝ: „Не плачи!“ Се приближил до носилото на коешто било положено телото на мртовецот, и се допрел до носилото. И рекол Господ: „Момче, тебе ти велам, стани!“ (Лука 7, 14). Како се, навистина, чудесни овие зборови Божји.

Исус Христос говори со Божја власт! Тој Исус Христос е Бог! Тој воскреснува мртви луѓе! Тој е Господ, Словото Божјо, Логосот Божји, Синот Божји. Проговара и со Својот глас, со Својот збор го Воскреснува мртовецот.

Каде се видело и чуло, човек да воскреснува мртви луѓе? Ова е чудо над чудата! Ова е невозможно за светот! Ова чудо мора да е влијание на нешто што е неземно и трансцедентно, кое има семоќ. Моќ која не е од овој свет! Ова е надмоќ!

Исус Христос можел и само со збор да го воскресне мртовецот. Но сепак, Тој ја покажал Божјата сила во Своето Тело, во Своето целокупно Битие. Тој ја открил тајната за Неговото Тело. Тој допирајќи се со Своето Тело, го оживува мртовецот.

Телото Негово оживотворува! Телото Негово е Тело Божјо!

Земната материја на Своето Тело, Тој ја обожил во Својата Божја Личност, ја осветил, ја преобразил, ја преуредил, ја преобликувал. Телото Негово е животворната светиња која им се подарува на светите, на оние кои пристапуваат да се соединат со Господ, поточно, да се причестат со Него. Исус Христос ја покажал силата Божја, која се пројавува единствено како љубов.

Силата Божја е апсолутна семоќ, Која се пројавува во икономијата во светот. Тој, Седржителот, се Открива во историјата на светот, за да ја пројави својата Света љубовна Волја.

Душата на човекот во својот грев може да се загуби, исто како што вдовицата го загубила својот сопруг. Алегориски, пак, вдовицата може да ја претставува изгубената душа во својот огревовен живот, која го изгубила словото Божјо, која Го изгубила Бога. Таа плаче неутешно. Таа обитава во тагата на деструктивноста. Нејзиниот син го претставува умот на грешникот. Умот кој е обезбожен. Умот кој умрел. Умот без Бога, престанува да постои, престанува да биде жив! Без Бога навистина умира нашата душа, нашиот ум, нашата свест. Носилото, пак, го претставува телото на човекот. И телото умира. Целокупното создадено човечко битие, умира во отсуството на Бога.

Но, Христос се допира до телото и го воскреснува. Па така, од умрено битие, обезбожено битие, Господ, човекољубивиот, го воскреснува човекот и го обожува. Станал мртовецот и сега е веќе жив и зборува и ги подучува другите. Сега веќе тој мртовецот, станува икона Божја која го прославува Бога животот. Навистина чудесно!

Да внимаваме и ние, браќа и сестри, што правиме. Секогаш да го имаме на ум покајанието. Покајанието е нашата надеж. Преку покајанието можеме да се поправиме. Но сепак, треба искрено да се каеме и да посакуваме да се поправиме. Нема човек совршен и безгрешен, но единствено преку постојаното покајание, ние ќе бидеме постојано трезвеноумни и претпазливи во нашиот живот.

Во второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните, учителот Павле ни вели: „Не впрегнувајте се заедно со безверниците; зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината?“ (2 Кор. 6, 14). Светиот велик Павле строго нè укорува, преку посланието, да внимаваме како се однесуваме. Како ги поимаме нештата. Како живееме, со кого соработуваме духовно. Со кого ја делиме нашата вера. Со кого ја споредуваме својата вера. Со кого го поистоветуваме нашиот верски живот.

Неверниците и безбожниците воопшто немаат чист и совршен принцип по што го согледуваат животот и преку што го втемелуваат своето постоење. Неверникот кој смета дека Бог не постои, како може на добар начин да го согледува животот? Тој своето перцепирање не го втемелува на вечниот и совршен принцип. Тогаш пак, кој ќе му биде темелот за согледувањето на општиот живот? Како тој неверник, кој го живее својот личен, егоистичен, самосвесен живот, може да го дели просторот во светот со целиот свет? Како може да го објасни своето постоење, и постоењето на целиот свет? Мораме да го анализираме безверникот за да ја разбереме суштината за која што ни говори Светиот Апостол.

Оној кој мисли дека случајно се родил, тој го нема во себе општото и добро мерило на соживот со другите. Таквиот неверник смета дека овој живот е наменет само за него лично и дека во своето лично задоволство, во егоизмот, ќе создава свој индивидуален живот, според личниот интерес. Безверникот никогаш нема да го дели својот простор и својот живот со другите во заедницата со нив. Затоа што безверникот другите ги смета за конкуренција. Или, пак, воопшто не ги смета другите за достојни луѓе. Тој можеби и ќе го дели просторот со другите, но споделувањето ќе го реализира и перцепира единствено како некој општ, задолжителен кодекс во законот на општиот соживот во заедниците, или конкретно преку перцепцијата на својот авторитативен личен интерес.

Авторитарноста на индивидуалистот подразбира двојно однесување. Во првиот вид кај индивидуалистот, среќаваме потполно подаништво и лојалност кон оној кој е над него, наметнувајќи му се во неговата свест по сите критериуми на силата и моќта. Поточно, неговата лојалност ќе биде само поради доминантноста на другиот во контекст на неговата сила и моќ, во сите животни аспекти, не поради искреност и сокрушеност, туку единствено поради моменталната инфериорност. Таа униженост на индивидуалистот не е втемелена во Бога и во меѓусебниот вистински личносен однос помеѓу луѓето. Секако дека во него постои потенцијално огромна желба за промена на местото, очекувајќи го моментот на промената, од инфериорен да постане супериорен. Унижувањето ќе биде времено, во очекување на промена во улогите, потенцијално со огромно лицемерство и цинизам.

Вториот вид на авторитарноста во индивидуалистот, се пројавува како насилство и презир кон другите. Како негирање на општиот живот. Тој со суровост и презир се однесува како тиранин кон потчинетите и кон сите оние кој тој ги смета за неважни. Ќе пројавува садистички, индивидуален, обезбожен карактер кон сите други. Додека трае интересот, безверникот ќе биде дел од задолжителната заедница. Но како и да е. Неверникот ја нема во себе вечната, непроменлива и совршена вистина. Ја нема во себе благодатта Божја, Го нема во себе Бога, и на самиот крај, ја нема во себе совршената љубов Божја, преку која може да постои како човек во хармонија на соживот со другите луѓе.

Кога човекот ја нема во себе Божјата љубов, тогаш тој, не може да пројавува љубов. Човекот ја нема во себе љубовта како извор. Љубовта е дар Божји. Љубовта е круна на добродетелите. Љубовта е кралица на сите подвизи. Љубовта е дар на молитвата кон Бога. Љубовта Бог ја подарува. Подвигот колку и да е голем, доколку во себе Го нема Изворот на животот, тој нема да биде подвиг на радоста, туку ќе стане подвиг на себичноста.

Безверникот воопшто не може да ја согледа вечната вистина. Вистината е во Господа. Господ е вистината. Вистината е вечна, затоа што е Бог вечен. Вистината е во Богочовекот Исус Христос. Оној кој не верува во Бога, тој не може да го согледа својот живот на прав начин. Секако дека не може да го перцепира и сеопштиот живот во светот. Секако дека безверникот живее на свој начин, но тој ја манифестира потполно својата автономна волја и преку автосугестија, се труди да го манифестира своето убедување во својот живот. Ќе се труди да го живее својот индивидуалистички живот.

Безверникот живее во темнина, по зборовите на светиот апостол Павле. Па така, како може воопшто да ја согледува вистината, во животот на личната темнина? Кога сме во темнина, тогаш не можеме ништо да видиме. Одиме полека во темнината, можеме да кажеме и дека ползиме, затоа што сме дезориентирани. Или, пак, стоиме во место, а најстрашно е дека можеме да паднеме во провалија. Во темнината се е страшно и ужасно. Затоа треба да бегаме од темнината во која владее непознанието.

Затоа кога веќе сме ја спознале вистината во Бога, како пак повторно да се навраќаме на животот во невистината. Еднаш кога веќе сме ја откриле, тогаш нема зошто повеќе да се враќаме назад и да скитаме повторно во непознание. Колку е навистина прекрасно кога живееме во познание и во сигурност. Сигурноста е нашиот Богочовек Исус Христос, Тој ни ја дава надежта. Тој ни дава поткрепа. Тој ни дарува заштита. Тој ни дарува сигурност. И на крајот Тој ни ја подарува вечноста. И тоа вечност во радоста. А во темнината се наследува вечноста во ужасот.

Нема ништо заедничко помеѓу светлината и темнината. Светлината е Бог, Тој е вечна Моќ Кој подарува живот, а темнината е вечна мака која доведува до смрт. Светлоста онтолошки постои во името Божјо, Света Троица е светлост. Светлоста е вечен Божји атрибут. Светлоста е вечен и совршен живот. А темнината нема личносно онтолошко постоење и се пројавува како отсуство на светлоста. Темнината е недоволност, несовршеност, ограниченост, ништожност. Ужасот е во безверието. Ужасот е во недоволноста. Ужасот е во отсуството на доброто.

„Што има заедничко меѓу верник и безверник?“ (2 Кор. 6, 15). Навистина, ништо нема заедничко помеѓу нив. Верникот е просветлена Божја икона, а безверникот е обезбожен, темен, обезличен, саможив субјект. Безверникот живее во отсуство Божјо, живее без Бога. Тогаш како може да има позитивно поимање кон другиот човек? Доколку е изгубен и дезориентиран во својата лудост, тогаш како може да има нормален и позитивен однос кон другиот човек?

Во денешното послание на светиот апостол Павле кое го прочитавме, тој повторно нè укорува и вели: „Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (2 Кор. 6, 16). Светиот Павле говори за вистинскиот храм Божји кој се остварува денес во името Божјо, во Богочовекот Исус Христос.

Некогаш се принесуваа идолски жртви во соломоновиот храм. Сето тоа беше во непознание и во сенката на Стариот Завет. А денес се оствари Новиот Завет. Денес во новиот живот дојде Исус Христос, Синот Божји, се очовечи и постана свет и совршен Храм Божји. Богочовекот Исус Христос, во Себе го воздигна човекот во богодоличното достоинство, и го оствари човекот во Себе како најсвет храм Божји. Човекот стана син Божји, преку Личноста на Синот Божји. Господ го посини своето создание човекот. Та секој кој ќе посака да биде син Божји, ќе постане Негов син, преку Синот Божји, Исус Христос.

Исус Христос говореше дека доколку го срушат луѓето стариот соломонов храм, Тој ќе го подигне во Себе нов Храм Божји. Тој мислеше на Себе како на храм. Тој ја претскажуваше Својата крстовоскресна жртва и смрт. Тој говореше за Своето Воскресение. Тој е новиот Храм, Тој е новата Црква на Новиот Завет. Воскреснатиот Богочовек Исус Христос е новиот Храм. Тој е Телото на новата Црковна заедница на верниците. Тој е нашето просветление. Тој е Lumen supernaturale – натприродна светлина Која ги озарува сите. Која го озарува човекот и го прославува своето создание во Себе и преку Себе.

Секој човек со Божјо просветлување станува икона Божја. Обожен и охристовен, станува храм на Светиот Дух. Човекот станува духоносец и светлоносец. Човекот станува прекрасен храм Божји. Тоа Господ во Светото Евангелие ѝ го вели на Светата Фотина, на Самарјанката, кога ѝ вели дека од сега па натаму ќе се поклонуваме во Духот Божји. Ќе се поклонуваме на Господа во себе, во своето тело, во својата душа, служејќи трезвеноумно, свесно со својата волја.

Преку Причестувањето со нашиот Господ Исус Христос, на Светата Литургија, во Црквата Божја, ние го остваруваме вечниот сојуз со Бога. Бог се вселува во нас и Тој станува наш принцип, наш живот. Тој ќе живее во нас и ние ќе бидеме Негови чеда.

„И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот“ (2 Кор. 6, 18). Господ ја изразува Својата света Волја, преку светиот апостол Павле во своето послание, па ни вели дека Тој ќе биде нашиот Татко. Како е тоа прекрасно и чудесно. Совршениот наш Создател, нашиот Творец посакува, благопожелува да постане наш Татко. Каква радост! Каква утеха! Каква незамисливост! Та Тој нè создаде од ништо, од небитие, од непостоење. И ете сега, Господ го возљубува своето несовршено создание и Го воздигнува во совршенството.

Слава на Бога во висините! Слава на Бога човекољубецот! Слава на Бога милостивиот! Слава на Бога Совршениот! Слава на прекрасниот Бог! Слава на нашиот Вечен Татко!

Тој нè посини поради што? Зошто Господ Го воздигнува несовршениот човек во Божјото достоинство? Браќа и сестри, единствено само поради вечната љубов, Господ го обожува светот. Сè што создал, создал поради Својата љубов и поради Својата љубов посакува и вечно да сопостои со Него. Господ посакува човекот да коегзистира со Него вечно, безвременски. Е тоа е навистина совршена љубов!

Светиот апостол Павле на самиот крај од своето послание, нè поучува дека треба да ги согледаме овие дарови Божји. Да ги прифатиме со радост овие Божји ветувања. Да Го прифатиме Бога во себе и да ја изразуваме Божјата вера во заедницата на љубовта. Заедницата на верниците е Црквата Божја. Единствено преку Црквата Божја ќе ја наследиме вечноста. Во Црквата Божја, секој човек се остварува како права личност. Човекот станува човек кога го согледува другиот како свој брат со исто достоинство. Во Црквата Божја ние се остваруваме како Синови Божји и само преку Црквата ќе го наследиме Царството Божјо, ќе дочекаме да бидеме прегрнати од Бога во вечната радост и утеха.

Господи Боже, како е прекрасно ова Твое ветување!

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-17-po-pedesetnica/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Нашето оружје против стравот...

 Нашето оружје против стравотИзвршувајте ги заповедите Мои, пазете и исполнувајте ги законите Мои, и спокојно ќе живеете на земјата(Левит 25-18)Зошто се плашат сите народи? Од што се плашат луѓето на земјата? Од што се плаши човекот?Еден народ се плаши од другиот народ, еден народ трепери од другиот...

Image Description
6 months ago

Молитвата како крик...

 Молитвата како крикГосподи, кон тебе повикавКој во текот на животот не се нашол во ситуација да побара од длабочината на срцето Божја помош?Се дави, се губи и праќа СОС или за себе или за некој близок.Тоа е изразот на човечката слабост што бара од единствениот способен да интервенира, како последна...

Image Description
1 month ago

Мајка

 МајкаСекое утро стануваше и пред да направи било таа одеше кај иконите.Таа го направи крстот, полека, со почит.Со десната рака ја зела малата чаша што ја користела за свеќа, потоа ја земала со левата рака и повторно го направила крстот.Нежно ја стави на масата до неа, отвори мала кутија за накит во...