Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Во денешното Свето Евангелие кое што го прочитавме на Светата Литургија, чувме дека се говори за чудото коешто го направил нашиот Господ Исус Христос со ќерката на Јаир.
Јаир бил управник на Еврејската синагогата. Неговата ќерка била толку многу болна, што била веќе на смртна постела. Името на овој началник на синагогата се спомнува, како дополнителна потврда за вистинитоста на сведочењето за ова чудо. Со вистинското постоење на овој човек, се потврдува и вистинското чудо кое што се случило. Секако дека е важно кога се говори за нешто исклучително и големо, да има и реално паралелно сведочење кое ќе се поврзе со актуелноста и моментот со вистината. Освен што е сега во прашање еден наратив, сепак дека треба да се спореди и со историското сведоштво на постоечките луѓе кои биле дел од јавниот живот во тој период. Секако дека Јаир заземал висока положба во синагогата и бил важна личност за Еврејската вера во тој период.
Со ваквиот начин на поврзување се остварува подетална и конкретна слика на она што се случило тогаш. Секогаш се поврзуваат одредените специфични моменти во историјата со реалните и вистински историски факти. За да нема сомневање во тоа што се случило, секој кој сакал да се распраша за она што се случило, можел конкретно, за почеток, да знае дека управникот на синагогата со името Јаир, навистина постоел, а секако да се распраша и да дознае за сè друго.
„И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата, Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да влезе во домот негов“ (Лука 8, 41). Јаир бил верник, се разбира, секако е тој управник и старешина во синагогата. Но, како и секој човек, и Јаир бил маловерен. Тој паѓа пред нозете на Исуса и го моли да влезе во неговиот дом. Јаир сметал дека самото присуство на Исуса во неговиот дом, ќе биде од корист. Тој иако слушал за чудата кои ги правел Христос, тој сепак сакал, конкретно да дојде Исус кај него дома и да ја излечи неговата смртно болна ќерка.
Нашата маловерност е таква, секогаш бара конкретност и директност. Маловерноста наша секогаш очекува конкретно физичко присуство. Ние и денеска кога Му се молиме на невидливиот наш Господ, ние го очекуваме физички да дојде. Ние постојано го условуваме и го бараме Неговото конкретно физичко присуство. Па, така, како и овој управник Јаир, ние сакаме Господ да дојде, да нè посети, и да ни ја оствари молитвата. Нашиот разум го посакува физичкото Божјо присуство. Поради нашето маловерие, ние често се сомневаме во Божјата помош. Па, за да бидеме потполно сигурни, ние го условуваме Божјото присуство во нашиот живот.
Но, тука во нас може да се појави проблем. Проблемот се појавува со физичката Божја неприсутност во одредениот момент на нашата молитва. Често ние сакаме да Го видиме Господа, или пак на било кои физички начин, да Го доживееме Неговото присуство. Но, за да веруваме цврсто, воопшто не ни е потребна физичката Божја присутност. Доколку ние во нашето срце немаме искрена вера во Господа, доколку немаме вистинска доверба во нашиот Господ, тогаш, и самото Негово присуство, ништо нема да ни значи. Иако ова може да звучи шокантно што го велам, секако дека, доколку интроспекциски ја анализираме нашата желба за физичко присуство, ќе сфатиме дека е така. Емоцијата, верата и довербата кон Господа не се пројавуваат заради доказот за Господа преку нашите телесни сетила, туку нашата вера се пројавува во нашето срце во коешто се негува нашата тајна емоција. Во нашето срце се остварува нашата вера и нашата љубов. Во нашето срце се крие чувството на верата. Чувствата и емоциите се во нашето срце и во нашата душа. Затоа физичките докази не мораат нужно да влијаат на нашата вера и доверба кон Господа. Секако доколку имаме физички докази, тие ја потпомагаат нашата вера и му докажуваат на нашиот разум.
Кога се молиме, се молиме тајно во нашето срце. Кога љубиме, љубиме во себе во нашето срце. Кога жеднееме за Господа, во душата Го бараме и Го довикуваме нашиот Господ. Во душата Му служиме на нашиот Господ. Во срцето Го принесуваме нашиот дар кон Господа, а тоа е нашата вера, нашата емоција, нашата љубов кон Него.
Можеме да направиме една компарација со нашиот личен пример, кога ја изразуваме љубовта кон нашата мајка. Ние ја љубиме својата мајка и кога е блиску до нас и кога е далеку од нас. И кога не ја гледаме долги години, кога е оддалечена од нас, ние ја сакаме и ја љубиме постојано. Тоа значи, дека нашата позитивна емоција е постојана во секоја смисла. Постојана е љубовта и кога физички личноста е далеку од нас.
Затоа во овој пример со Јаир, неговата маловерност се изразува со тоа што тој Го моли Спасителот да дојде физички, лично кај него дома. Јаир сака да биде сигурен дека Господ ќе ја види неговата потреба. Секако дека Јаир слушал какви чуда правел Исус Христос, сигурно дека слушал како се исцелуваат луѓето само со зборот Христов. Сигурно дека после чудото кое што го направил Исус претходно со демонизираниот човек во Гадаринската земја и тоа само преку збор, се проширил тој глас побрзо од самото Христово враќање.
„А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа.“ (Лука 8, 40). Ете во Евангелието се говори дека народот го исчекувал Спасителот после чудото кое што го направил. Гласот за чудата кои ги правел Спасителот се пренесувал молскавично веднаш на сите страни. Многумина сакале да Го видат и да побараат помош. Многумина ја барале помошта Божја. И навистина многумина добивале помош Божја. И чудата кои ги правел Исус Христос биле безбројни, како што сведочи апостолот и евангелист Јован во Евангелието коешто тој го напишал: „А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишани книги.“ (Јован 21, 25).
Да се навратиме на Евангелскиот текст. Старешината Јаир го моли Исуса, и ја бара помошта Божја, но кога е веќе неговата ќерка на смртната постела. Тој не се сетил порано да бара помош Божја, туку сега кога веќе е критично преживувањето на неговата ќерка. И, навистина, во овој пример можеме да ја согледаме нашата секојдневница. И ние постојано Го забораваме Господа. Постојано сме окружени со земните грижи и проблеми, па забораваме да се обраќаме постојано и често кон Господа во текот на денот. Го забораваме Господа и во искушенијата, во маките и во болестите. Го забораваме и тогаш кога ние прекрасно. Забораваме да Му благодариме што ни е е добро и убаво. Но, најчесто, во болестите, на самиот крај се обраќаме кон Господа.
Трагедијата е толку голема, што луѓето често, единствено во очај се обраќаат кон Господа. Замислете, луѓето Го забораваат Бога и веќе на самиот крај од животот, се обраќаат кон Господа, но во маловерие. Не се обраќаат со цврстата вера и надеж во семоќта Божја, туку во очајот на страдањето, се обраќаат како последна инстанца за помош. Кога настанува крајот на сите краишта, тогаш ја бараме помошта Божја. Тоа навистина не е вера. Тоа навистина нема никаква смисла.
Наместо Господа да Го поставуваме секогаш како прва инстанца за сè во нашиот живот, ние Го поставувавме на последното место од нашата перцепција. Па така во тагата и неверието се обраќаме, навидум, со цврста вера, а впрочем полни со сомнеж велиме дека сè и сешто пробавме, па ништо не помогна, и ете уште Господ ни остана како евентуална можност.
Колку е мизерна оваа констатација, кога ќе сфатиме, дека луѓето и не веруваат во Бога со непоколеблива вера дека Тој е семоќен, па затоа се сомневаат во Него. Но сепак се обраќаат со надеж дека можеби ќе има некаков ефект, доколку побараат. Страшна е оваа реалност која е честа појава насекаде меѓу луѓето. Тоа е вистината за маловерните луѓе.
Но, Господ е многу милостив човекољубец, та тргнал кон домот на старешината Јаир, да ја исцели неговата ќерка. И додека одел Христос, голема толпа на луѓе, го туркале поради гужвата која се створила околу Него. Луѓето Го очекувале, молејќи Го за помош во нивните неволји и во нивните потреби. Сите сакале да го допрат и да разговараат со Него.
Една жена пак во таа толпа, се буткала исто така како би се доближила до Исуса Христа и како би се допрела до крајот на неговата облека. Нејзината вера била голема. Таа во својата тага со голема смиреност, се доближила до Спасителот, очекувајќи го своето исцеление. Таа била скрушена и смерна, не сакала да разговара со Спасителот, туку верувала дека само доколку ја допре Неговата облеката, ќе биде исцелена. Таа верувала и навистина се исцелила.
Христос, пак, за да ја открие тајната која што се случила, рекол: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене“ (Лука 8, 46). Христос ја знаел болеста на жената. Христос ја знаел верата на жената. Тоа што се случило тајно, сега сака да го обелодени. Да им го открие на сите, за сите да го чујат тоа. Затоа што сето она што е тајно, а славно, тоа ќе се открие да биде објавено и прославено. Господ секако сакал и да ја поткрепи верата на Јаир и да му докаже дека доколку верува сè ќе биде во ред со неговата ќерка. Господ сакал да ја открие пред народот силната вера на жената која ја имала во себе тајно. Дека човекот тајно се моли, тајно очекува, а Господ јавно му открива и подарува.
Но, тука Богочовекот Исус Христос сведочи пред сите, дека во Неговото Тело се наоѓаат силата и моќта. Неговото Тело е животворно. Неговото Тело има Божја сила. Силата на животот се излева преку Телото на Богочовекот Исус Христос. Телото Божјо е живот вечен. А денес сите верници и синови Божји, се причестуваат со тоа животворно Тело Божјо. Гледаме дека тоа човечко тело станало извор на вечната животворна Божја сила.
Жената паднала пред Богочовекот Исус Христос и ја раскажала целата своја мака која ја трпела долги години. А Господ ѝ рекол: „Не бој се. Ќерко, верата твоја те спаси: оди си со мир“ (Лука 8, 48). Жената многу се уплашила и треперела пред Господа. А Господ, со благи зборови, со многу љубов кон Своето создание, ѝ говори на својата ќерка, да не се плаши и да си оди со мир. Мирот Божји ѝ го дава, за да биде спокојна во својата душа после многуте пропатени години. Мирот Божји ѝ го дава, за да се насели во нејзината душа благодатта Божја. Тој со благи и утешни зборови ѝ се обраќа и ја нарекува ќерка. Тоа е навистина прекрасно.
И додека Господ уште зборувал, дошол некој и на старешината Јаир му рекол: „Ќерката ти умре; не мачи Го Учителот“ (Лука 8, 49). Исус штом го чул тоа му рекол: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена“ (Лука 8, 50). Луѓето на началникот, не сакале повеќе да Го мачат Учителот, кога веќе девојчето умрело. Не сакале да Го тормозат да доаѓа во куќата на старешината, кога веќе немало потреба, кога веќе животот престанал во девојчето. По земската логика, кога животот престанува, нема како повторно да се поврати. Тој кој умрел, тој ја завршил својата борба. За логиката е нормално да се потрудиме додека трае борбата, а борбата се завршува со смртта. А Господ му вели на Јаир да верува и да не се плаши. Секако и ова чудо коешто се случило со крвоточивата жена, требало да влијае да биде непоколеблив и верен. Секако дека во чудата се крши правилото на логиката. Логично е дека некој е мртов, но сега, пак, со чудото, оној кој беше мртов, сега е жив, и тоа е логично. За светот е секогаш актуелно прашањето: Но како е возможно? Чудото е нелогично. Но за Господа сѐ е возможно!
И кога веќе пристигнал во куќата на Јаир, тој повел само тројца најверни Апостоли. Не повел со себе многу други, за да не се прави голема гужва и за да го видат чудото малкумина, само оние кои верувале. Но, и за помалку да се разгласува. Во куќата пак сите плачеле и ридале. Сите виделе и знаеле дека девојчето умрело. Плачењето кое што е нагласено во Светото Евангелие, треба да ни го потврди фактот, дека девојчето навистина умрело. Не плачеле залудно сите луѓе. Сите тие, кои плачеле, биле очевидни сведоци на смртта на девојчето. Тоа било логично.
Исус им вели на сите луѓе, да престанат да плачат. Ги укорил зошто плачат, кога девојчето само спие. А сите тие сведоци на смртта Му се потсмевале, знаејќи дека умрело девојчето. Но, што значи, навистина, смртта за Господа? За Господа часот на смртта е како сон. Човекот со својата душа е вечно жив. Господ дојде во светот за да ја победи смртта. Со Неговото доаѓање, смртта бива истерана. Поточно, Тој е Животот, а смртта е ништожна пред Животот. Впрочем, Господ Творецот ги создава душите на човекот, и секоја душа е создадена за да постои вечно и да биде вечно жива. Душата на секој човек, треба да премине од една етапа, во друга етапа. Од еден начин на постоење, во друг начин на постоење.
Па така од создавањето во утробата на својата мајка, преку раѓањето, преку телесната смрт, душата треба да го здобие своето место во вечноста. Фазите се минуваат за да се достигне целта во вечноста. Господ се раѓа во светот за да му донесе на светот живот вечен. И преку Богочовекот Исус Христос, сите ние ќе ја здобиеме радоста и убавината во вечниот живот. Бог е Владетелот на животот!
Исус Христос, Животодавецот, откако ги истера сите, ја фати раката на девојката и рече: „Девојко, стани!“ „И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и тој заповеда да и дадат да јаде“ (Лука 8, 54-55). Господ го исцелува телото на девојчето и исто така и го враќа духот од духовниот свет каде што преминал после смртта. Заповедал да и дадат да јаде поради тоа што е сега здрава и жива и секако после долгото мачење во болеста, нејзиното тело било ослабено. Но, и за да се докаже преку јадењето, дека навистина девојчето е живо и има потреба од храна.
На самиот крај, Исус им заповедал на родителите да не разгласуваат и да не кажуваат што се случило. Господ пак сега не подучува на овој начин, да не тежнееме за земската слава и величание. Туку смирено и кротко, да деламе, да помагаме, да се трудиме и да не бараме пофалби поради тоа.
Светиот Апостол Павле во своето денешно послание до Галатјаните, на самиот почеток вели: „Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку верата во Христа“ (Гал. 2, 16). Павле ни говори, дека чистата вера во Господа е пресудна. Без вера, невозможно е спасението. Доколку го толкуваме само Законот со сите негови правила и форми, ништо нема да направиме. Без вера, невозможно е оправданието пред Христа Исуса. Така и за Јаир верата била пресудна, така и за крвоточивата жена, верата била спасителна.
Господ да ни подари спасение, да ни помогне во нашето маловерие, да не се одврати од нас поради нашиот сомнеж. А ние да се трудиме во подвигот на верата. Да се трудиме во довербата кон Господа, затоа што треба да се бориме во трудољубието. Па така да бидеме добри борци во трудољубието, да ја докажеме нашата истрајност во тешките моменти на малодушноста.
Го молиме Господа да не нè остава никогаш, и да ни помага во сè, преку целиот наш живот. Амин.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-21-po-pedesetnica/