Недела 25. по Педесетница

Example Super-Admin User · 2 months ago

    8 minutes, 32 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Материјалното богатство е земна категорија, категорија која е важна за телесниот, земниот свет. Но, дали е таа категорија навистина важна? Поразително е многу важна за човекот, во висината на степенот на човечкиот живот кој треба да се манифестира во светот, преку количината на уживање, вреднувајќи го хедонизмот. Во светот е важно да имаш материјални вредности, да бидеш ситуиран, та преку тоа, да имаш лесен и подобар живот. Ситуираноста ти донесува автоматски „полесен“, земен живот. Значи денеска животот се перципира единствено преку материјализмот. Доколку немаш добра количина на материјални богатства, тогаш животот ќе постане тежок и несносен. Материјализмот го диктира „квалитетот“ на животот. Квалитет на личните, хедонистички, уживања во угодувањето на телесните потреби.

Навистина е страшно и поразувачки кога го перципираме животот преку земните, минливи вредности. Нашиот живот пак кој сме го добиле по дарот Божји, не е купен. Нашиот живот кој ни го подарил Господ, не е поврзан со земните закони. Нашиот живот нам ни е подарок од Господа, единствено поради Божјата доброта. Бог е добар и полн со љубов. Љубовта е круната на сите добрини! Доколку нема љубов, нема да има ниту добрини. Имено, нашиот живот е една мистична, таинствена, вечна Божја идеа, а таа совршена Божја идеја, Бог ја остварува единствено преку љубовта, која извира во Него, и се излива од Него кон сè друго надвор од Него.

Богатството пак на земјата, не е воопшто лошо само по себе. Ние Православните, кон материјализмот не сме негативно спротивставени. Туку, материјализмот како вредност која постои единствено во светот, во видливиот наш земен живот, го согледуваме како земна категорија, која не е вечна вредност. Богатството кое го имаме во светот, е создадено од Господа, за да биде на општа корист за сите. Богатството само по себе, треба да го вреднуваме на земјата, без да создава проблеми во светот. Проблемите пак се создаваат кога служиме единствено само на несовршениот и лажен бог на вредноста, а тоа е точно богатството. Затоа Христос во еден момент ни говори да не служиме на Мамона, кој го претставува демонот, како персонификација на материјализмот и богатството. Богатството или материјализмот, треба да остане за нас како дел од светот, како несовршена категорија. Светот е несовршен, поради својата минливост и пропадливост, па така и тоа што го нарекуваме богатство, ќе биде пропадливо и единствено вредно, само во видливиот свет.

Кога ќе говориме од Православна перспектива за богатството, ние ќе се фокусираме единствено на духовните вредности. Секако дека за нас, богат човек е оној кој во себе ја има верата во Бога, човекот кој ги има во себе добродетелите и подвигот на љубовта. Човекот е вреден тогаш кога во себе го препознава другиот човек како еднаква единка со него, вредна сама по себе, препознавајќи го другиот човек како себе, како дел од него, како дел од истата природа, како дел од заедницата на Телото Божјо. Затоа што духовната категорија на љубовта, се остварува во заедницата помеѓу луѓето. Љубовта како духовна категорија, се дели и шири помеѓу луѓето. Секој човек е еднакво вреден како и сите други луѓе, затоа што човекот е твар Божја. Бог го создава човекот и вечниот печат на љубовта е втиснат во душата на човекот. Секој човек е икона Божја, тогаш кога го пронаоѓа Бога во себе и кога постанува син Божји. Тоа значи дека секој човек е повикан да го пронајде своето богатство во себе. Богатството е кога човекот има богата душа со љубов, со добрини, со разни добродетели.

Богатството во човекот, како духовна категорија, ќе постои безвременски. Таа духовна категорија, човекот ја контемплира во себе, во својата душа, и единствено тоа богатство е вечно и неминливо. Тоа богатство на љубовта кое го има човекот во своето срце, ќе го обликува човекот во своето перцепирање уште додека е жив на земјата, а следствено и кога ќе се пресели во вечноста, ќе ја добие радоста. Радоста Божја и Царството Божјо се здобиваат единствено преку остварувањето на добродетелите во минливиот живот, а за да се оствариме како синови Божји, единствено треба да ја твориме љубовта.

Бог е љубов и сите Негови чеда ќе бидат дел на Божјата љубов. Љубовта е нашето вечно богатство. Со љубовта се остваруваме како безвременски и вечни битија. Кој ја сфаќа оваа теологија на љубовта, тој ќе биде воздигнат во Небесата и ќе ја согледа тајната Божја. Навидум толку е едноставно, но сепак толку комплицирано. Од нас зависи што сакаме да правиме, дали да се исполнуваме со минливоста и нашите срца да бидат заврзани во минливиот свет на несовршеноста, или пак сакаме да се исполниме со љубовта, за да ја наследиме вечноста на радоста.

Но секако треба да знаеме, дека љубовта е совршена тогаш кога се остварува беспрекорно, постојано, бесплатно, потполно, без мера. Љубовта во нашиот свет е често истерана од животот. Љубовта ја деградираме, понижуваме, уништуваме… љубовта во светот се остварува единствено како жртва. Единствениот и првиот пример на бесконечната љубов во нашиот свет е Богочовекот Исус Христос кои се жртвуваше за сите нас. Тој ни ја покажа бесконечната љубов како човек, како еден од нас. Тој ни го покажа Својот пример за тоа што треба да правиме, за да собереме духовно и вечно богатство, со кое ќе се претставиме еден ден пред Господа. Тој вели, дека земното богатство треба да остане на земјата, затоа што телесното останува со телесното, а додека добродетелите во нашата душа, се нашата вредност, со која ќе се претставиме пред Господа.

Божјото вреднување на нашата личност ќе биде по степенот и количината на нашите добродетели, кои сме ги втемелиле во взаемното сочувство помеѓу себе, и нашата грижа кон луѓето. Нашата вредност ќе биде поголема доколку сме се преисполниле со добрините и секако со единствената прекрасна круна на совршеноста, а тоа е љубовта. Добар е оној кои прави добрини. Добар е оној кој го познава доброто, а тоа е Господ.

Во денешното свето Евангелие, на самиот почеток слушнавме како еден управник Му се обраќа на Христос, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“ (Лука 18, 18). Овој управник, бил лицемер, навидум се правел добар и кроток, но дошол директно да Го искушува Господа. Тој Го прашува за да Го улови во зборовите, за да направи Исус некаква грешка и после тој да има материјал, за да Го осудува. Но тоа е често така и денеска, лукавите и лицемерни луѓе, се претставуваат за добри пред светот, а ги демнат луѓето како да ги навлечат во проблем.

Постојано сме опкружени со злобни и превртливи луѓе. Насекаде во светот, постојат провокатори кои едноставно сакаат да ја наметнуваат својата мисла преку провокација и негација кон другиот. Нивниот начин на живот е втемелен во негативноста и дискриминацијата кон другиот човек. Негативните злобни луѓе, константно ја негираат личноста на другиот и постојано се спремни на конфронтација. Во својот егоцентризам, се самоубедуваат дека се подарени од Бога за да бидат чувари на Божјата нива. Преку себељубивото, самобендисано однесување, ја загрозуваат слободата на другите луѓе. Доколку пак, таквите злобни и лоши луѓе, добијат некаква општа функција во општеството, тие стануваат монструми на критиката и деструкцијата со својата егоцентрична монструозност.

Лицемерниот провокатор од Евангелието, освен што бил лажен моралист, тој бил и многу материјално богат човек. Тој освен што Го прашува Учителот што да прави, Го ословува како добар, Го истакнува лажно како добар, пред светот. Мислел дека Исус ќе му го потврди неговиот живот исполнет со материјални добра за да живее долго, бесконечно. Тој се надевал во своето богатство дека тоа ќе му ја донесе сигурноста во вечното блаженство. Среброљубивите луѓе, целата своја надеж ја полагаат во богатството, сметајќи дека тоа што ја претставува мерата и нормата во светот на телесниот живот, на ист начин ќе биде вреднувано и во вечноста. На богаташот вечниот живот му е потребен во удобноста на своето богатство, доколку пак треба да се одрекне од тоа богатство, тогаш за него животот е бесмислен.

Лицемерот Го нарекува Христос Учител, но го додава и зборот „добар“. Го согледува Исуса Христа како еден од многуте луѓе и учители, па Му додава епитет дека е добар. Доаѓа да Го праша Христа, како обичен човек, со тоа што го нарекува добар. Затоа пак Господ му вели: “Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог” (Лука 18, 19). Единствено Бог е добар и во Него извира вечната доброта, со која треба да мериме и споредуваме сѐ останато во светот. Господ го укорува дека му пристапува како на обичен човек, додека го нарекува добар како Бог. Сепак му одговара Исус дека треба да ги почитува десетте Божји Заповеди, за да го наследи Царството Божјо.

Но тој лицемер, горд и фалбаџија, вели дека уште од младоста тоа го чини и што уште треба да направи, за да ја исполни формата. Секако тој го исполнувал Законот Божји онака автоматски и прецизно. Но штом почнал фалбаџијата да се фали, Господ му рекол дека уште нешто му е потребно, кое што му фали. “Продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!” (Лука 18, 22). Но ете сега управникот се нажалил, дека тоа што го бара Исус тој не може да го исполни, да го раздаде богатството на сиромаси, а не пак на некој друг. А тој, тажен и незадоволен од одговорот, неможел да се откаже од земното богатство, кое му ја обезбедувало сигурноста во животот. Сепак си отишол натажен.

„Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство!“ (Лука 18, 24). Не рекол Господ дека е невозможно да се спасат богатите луѓе, туку вели дека е тешко, затоа што тие слугуваат на богатството. Богатите се алчно заслепени со своето богатство. Тој иако е богат во материјалните вредности, сепак е осиромашен во духот Божји. Тој е богат во телесните вредности, а сиромав во духовните вредности. Тој кој е алчен, постанува слуга на таа земна вредност, која е безвредна во вечноста. Во богатството искушенијата се многу големи. Во богатството гревот е присутен.

„Оние што го чуја тоа, рекоа: Тогаш кој може да се спаси? А Тој одговори: Неможното за луѓето е можно за Бога.” (Лука 18, 26-27). Луѓето често се слабоверни и сомнежливи, па се чудат како е возможно спасението. Луѓето ги вреднуваат работите на спротивен начин, па затоа и не сфаќаат. Кога се раководат луѓето по земните принципи на живот, тогаш далеку ќе бидат од Бога, и нема да ги сфатат Божјите пораки. Постојано луѓето се сомневаат во Божјата семоќ, а за Бога сè е возможно, но секако дека и човекот треба позитивно да се труди, за да се оствари спасението. Да се труди со целото свое битие за да се насочи кон вечноста.

Господ е нашата цел кон која одиме, а за да пристигнеме треба да го живееме својот живот исполнети со вера. Во Господа треба да се надеваме во секој миг од нашиот живот. Животот е полн со искушенија, но со Божјата помош, ние ќе живееме победувајќи го ѓаволот кој постојано нè обесхрабрува во таа наша животна борба. Да внимаваме што посакуваме и што вреднуваме во нашиот живот. Доколку вреднуваме земни работи, ќе се врземе за земјата. Доколку ги вреднуваме духовните работи, ќе се поврземе со Небесата.

Човекот не е единствено само телесно битие, туку човекот има дух и душа. Човекот е свесно битие, а таа негова свест е дел од неговиот дух. Па така, она што е телесно од човекот, ќе остане во телесната минливост на светот, а она што е духовно во човекот, а тоа е неговата свест и неговиот дух, овој дел ќе премине во духовниот свет. Но пак, треба да внимаваме што ќе понесеме во духовниот свет? Дали е реално да се надеваме во духовниот свет на телесната материја која останала на земјата, во светот? Секако и да внимаваме во нашето однесување кон светот, затоа што однесувањето кон светот е во суштина, огледало на нашата перцепција кон животот.

Да се молиме на Господа, и со Божјата помош, да постане светот, свет на добри луѓе. Амин. 

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-25-po-pedesetnica/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
7 months ago

Четирите завети на Свети Наум Охридски

 Четирите завети на Свети Наум Охридски EmptyЧетирите завети на Свети Наум– составено според предание –Запис на светиот Владика НиколајЕден ден пред Божиќ, кога свети Наум ја беше завршил светата Литургија во манастирот и ги беше причестил монасите и народот, почувствувал дека му се приближува разде...

Image Description
4 months ago

Господ те гледа

 Господ те гледа„Ти си Бог, Кој милостивно погледна на мене“ ( 1. Мој. 16:13 )Душа, скапо откупена по цена на крвта Христова, постојано мисли дека Спасителот пострада и умре на крстот за твоите гревови, дека Неговата света крв е пролеана за тебе за да те ослободи од грешните врски и телесното ропств...

Image Description
7 months ago

Лош ден...

 Лош ден...Пред некој ден се чувствував лошо. Еден пријател ме виде и ме праша. „Не си во ред;“. „Добро сум“, одговорив, „Едноставно не се чувствувам добро додека зборуваме. Но, наскоро ќе помине, фала богу...“. „И што ќе правиш сега? ме праша. „Ништо... Не морам ништо да правам, исто како што небот...