Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Господ во Евангелието ни вели дека треба да бидеме постојани во молитвата и во трудољубивоста. За да се промениме од грешни во добри, ние треба да бидеме упорни и постојано внимателни во нашата свест за сето она што го правиме. Секако, треба да имаме и трпение со кое, пак, смирено ќе ја исчекуваме нашата промена. Ние постојано сакаме веднаш да бидеме заштитени и помилувани, и Божјата закрила ја очекуваме веднаш по молитвата. Нештата ги доживуваме на лош начин. Сметаме дека е потребно да се обраќаме повремено и ретко кон Господ, и тоа во некои тешки моменти, во моменти на искушенија. Потполно сме оддалечени од правата љубов со која треба да се обраќаме постојано во сите моменти на нашиот живот. Уште повеќе, во моментите на радоста, треба да ги споделуваме тие прекрасни чувства со нашиот Творец и да Му благодариме за убавината која ја доживуваме поради радоста.
Трудољубивоста во добродетелноста треба да биде секојдневна. Постојано треба да бидеме свесни дека Бог исчекува од нас да Му пристапиме со молитва и подвиг за да ни одговори Тој позитивно. Сепак да внимаваме, да не постанеме исклучително толерантни кон себе во духовниот подвиг, та да се оправдуваме во својот минимален труд постојано и да се лажеме самите себе. Нашата борба треба да е вистинска и постојана, исчекувајќи ја Божјата помош, постојано надевајќи се на милоста Божја. Никогаш да не ја загубиме надежта во Бог и да не престанеме да ја докажуваме својата вера со истрајноста.
Денешната недела е посветена на раслабениот човек, на парализираниот, кој пател и боледувал триесет и осум години. Тој бил легнат на своите носила и постојано се надевал во Божјата милост. Оваа недела е посветена на трпението и надежта. После Велигден, втората недела беше посветена на маловерието, третата недела ја посветивме на храброста и љубовта, денеска четвртата недела после Велигден го споменуваме трпението заедно со надежта. Но, сепак оваа недела во себе го истакнува покајанието како фундамент во верата на човекот. Без вистинското покајание, ние не можеме да ја оствариме нашата вера и во неа сите наши подвизи. Се трудиме за да се промениме, затоа што се каеме поради нашиот грешен живот.
Во денешното Свето Евангелие се говори за исцелувањето на болен човек во бањата Витезда. Во таа ерусалимска бања, лежеле мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекувале да се раздвижи водата, зашто одвреме навреме во бањата слегувал ангел Господов и ја раздвижувал водата, та кој прв ќе влезел во водата откако ангелот ќе ја раздвижи водата, оздравувал од каква било болест да боледувал.
Божјата благодат им се подарува на луѓето и таа Божја енергија делува моќно и животворно кон светот. Господ со Својата благодат го создал светот и му го дарил животот, и единствено Господ е Тој Кој и понатаму може да оживотвори и да ја оздрави смртната и болна материја. Материјата умира и пропаѓа, но со Божјата сила може да се случи радикална промена, потполно чудесна, и да се оживотвори творбата кога е болна и кога е загрозена од смртта.
Вечната Божја идеја е создадениот свет да биде обожен и осветен, за да постане вечен и непропадлив, да постане Негов дел, да постане Негов идентитет. Светот е смртен затоа што е создаден од материја која нема вечно постоење, материјата е создадена во еден момент од Господ по Неговата пресвета волја. Светот за да постане вечен треба самостојно да посака да биде во вечноста. Човекот како единствено битие во светот, има во себе можност да биде разумен и да може да ја одбере сопствената иднина. Човекот е создаден како разумно битие, и како претставник на целиот свет, на целокупната природа. Адам е создаден од земниот прав и тој е иста природа како и светот, но со својата слободна волја, човекот треба да го насочи својот потенцијал кон вечната и совршена перспектива.
Преку човекот и целиот свет, целата останата неразумна природа, ќе биде принесена во вечноста во совршеноста. Затоа човекот уште денеска живеејќи во светот, треба постојано да се труди да ја насочи својата сила и својата волја кон својот Творец, да оствари единство со Него, за да ја наследи вечната радост во совршеноста, за да учествува свесно во остварувањето на Божјиот домострој за спасението на светот. Денеска слободно учествуваме, надевајќи се и исповедувајќи го Символот на верата, дека Господ повторно ќе дојде за да ја преобрази целата материја од смртна во вечно жива, воскреснувајќи ги сите порано упокоени, та заедно со живите, сите луѓе да добијат нови вечно живи, преобразени тела.
Гревот е деструктивен и ја разболува создадената материја, а доведува до смрт на истата творба. Болеста се појавува во светот како одговор на човечката грешност. Човекот со гревот ја промашува целта и кога разумноста постанува неразумна и грешна, природата пропаѓа затоа што таа нема сопствена сила за да може да се излечи и да биде совршена. Та човекот заедно со својата природа пропаѓа, и неговата душа ќе доживее бесконечна смрт во „анти-животот“. Господ е животот, та без Бог, се оддалечуваме дијагонално и спротивно од Бог во вечноста. Тогаш вечното постоење ќе биде вечна мака без животот, во спротивност од животот, во неживотот.
Во денешното Евангелие, слушнавме дека еден човек бил парализиран лежејќи на својата постела. Кутриот намачен човек, кој страдал триесет и осум години, чекајќи ја милоста Божја, чекајќи го својот лек. Тој постојано бил во бањата очекувајќи дека и тој ќе има среќа да влезе во водата со чудотворна моќ откако ангелот ќе ја раздвижел водата. Но ете годините поминувале, а тој чекал и се надевал. Не ја губел надежта, затоа што единствено тоа решение го имал за себе како опција во својата мака.
Во Евангелието читаме дека тој бил сам во својата мака и немало кој да му помогне за да го спушти во водата. Имало околу него многу други кои биле болни и кои исто како него го чекале реткиот момент на утехата. Многу луѓе си имале и свои луѓе за помош да можат да влезат во водата, но пак овој болен човек бил сам во својата болест. Така често луѓето, во својата мака остануваат осамени очекувајќи го спасението. Луѓето и тогаш како и денеска генерално, немаат емпатија кон другите околу себе, и ја губат човечноста и емоцијата кон другите луѓе. Никој нема интерес да биде милостив и човечен кон другиот. Секој ја гледа единствено својата корист, и не сака да има ништо добро со бесплатната доброта.
Денеска скоро секој смета дека секој труд кој го остварува треба да се материјализира во благосостојба за подобар живот на земјата. Секој ја очекува исплатата од другиот. Па така никој не сака да прави бесплатна дела. Дури и во верата, луѓето го согледуваат своето дело како прилика за промоција на своето теориско и интелектуално знаење со кое треба да ја добијат својата материјална сатисфакција која ќе им обезбеди подобар живот. Кога ќе погледнеме и денеска генерално во светот, материјализмот ја окупирал душата на поединецот и секој го гледа своето спасение во него. Секако дека ова е последица од гревовниот живот кои завладеал во светот. Луѓето минуваат еден поред друг, но никој никого не го гледа со позитивна и добра емоција со која ја докажува својата човечност кон човештвото во кое што припаѓа како дел од целокупноста.
Потресно е кога ќе ја доживееме човечката негрижа кон другиот и тоа конкретно и во болниците. Луѓето болни го чекаат својот ред за преглед кај докторите, чекајќи го својот ред, никој не го гледа другиот поред себе милостиво и сострадално. Духот на светот е потполна самољубивост и отсуство на личносен однос кон другите околу себе. Во тој лош дух луѓето ги гледаме како предмети кои немаат ништо општо со нас. Па така и тогаш како и денеска, болниот човек бил опкружен со луѓе, но секој си ја гледал својата мака и никој за никого не го интересирало.
Господ Исус Христос дошол во бањата, ја знаел болеста на овој страдалник и прво го прашал дали сака да оздрави. Се смилувал Господ над маката и му го подарил Своето исцеление после долгото човечко трпение и покајание. Долгогодишното трпение било претешко, но сепак човекот добил исцелување. Додека пак за Господ во вечноста, времето не постои, па така и овие три децении ништо не значат и немаат никаква вредност. Подобро да се трпи во времето кое е минливо, отколку да се трпи во бескрајната вечност.
„Подоцна Исус го сретна во храмот и му рече: Ете сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ (Јован 5, 14).
Господ експлицитно на ова место кажува дека гревот деструктивно делува кон природата. Благо и милостиво го укорува болниот и ни го открива проблемот на болеста. Сепак милостивиот Бог ја дарува Својата помош поради човечкото покајание и трпение.
Стариот Завет минал со својата сенка, со покривалото кое било врз луѓето, не откривајќи ја Божјата љубов на директен начин. Во Стариот Завет, Божјата помош била индиректна или пак недоволна и непостојана за секого и насекаде. Откако, пак, Бог ни се откри и дојде во светот, постана Човек, во Новиот Завет, Тој директно преку Себе ја покажува и докажува Својата милост. Љубовта Божја постојано се излева и дарува кон секого. Благодатта Божја денеска е постојана и потполна во целиот свет, во бањите на душата распространети на секаде во светот. Тогаш во минатото, постоела една бања Витезда, во Ерусалим, тука повремено се изливала милоста Божја, а денеска во Новиот Завет, црквата Божја е присутна насекаде. Христос е присутен насекаде во светот, затоа што Тој е Црквата Божја. Тој директно се подарува Себеси на светата Литургија и потоци од лековитата енергија Божја се излеваат кон светот и во светот.
Христос денеска е постојано со нас, прашувајќи нè дали сакаме да бидеме здрави? Дали внимаваме на својот живот? Дали сме милостиви кон другите, за и Тој да биде милостив кон нас? Дали имаме сочувство кон другите, за и Тој да има кон нас? Тој ни рече експлицитно во молитвата Оче Наш, да бидеме најпрво милостиви кон другите, затоа што тоа прво Господ го очекува од нас. Нашата лична милост и емпатија кон другите, за да не признае и препознае како Негови чеда.
„Прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Матеј 6, 12).
„Возљуби го својот ближен како себе си!“ (Матеј 22, 39).
Бог е денеска со нас постојано во Црквата Божја. Црквата е бањата во која се дарува Божјата милост и исцеление. Денеска во Новиот Завет потполно откриено Господ ја покажа и докажа Својата света волја да биде со нас во светот и да нè приопшти со Него засекогаш. Тој исчекува ние да се покаеме, да трпиме во своето смирение, и да не губиме надеж. Исчекува да бидеме истрајни во верата, но со голема добрина кон другите. Сепак пресудно е за нас како основа да бидеме милостиви кон луѓето, за да можеме воопшто да се обратиме кон Него, да имаме кредит на доброљубие, да се докажеме како добри, за да ја бараме добротата за нас.
„Туку вие љубете ги непријателите ваши и правете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.” (Лука 6, 35).
Господ да ве благослови со Неговата благодат и човекољубие, постојано сега и секогаш и во вечни векови! Амин.
Христос Воскресна!
Навистина Воскресна!
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-raslabeniot-2/